Направивме град со душа кој сите посетители повторно го гледаат со љубов

Интервју со Томе Христоски, градоначалник на Крушево

Интервју со Томе Христоски, градоначалник на Крушево

Крушево, градот на Карев, на Питу, на Даме и на илјадниците борци за национална и самостојна македонска држава, подготвено го дочекува Илинден, најголемиот национален празник. Крушево годинава одбележува значајни јубилеи: 120 години од дигањето на востанието и 70 години од носењето на моштите на Никола Карев во овој град, а со тоа и од отворањето на Крушевскиот музеј во 1953 година. 

Илинденскиот марш е најголемата симболика на Илинденското востание. Над 40 коњаници го изодеа патот на црешовото топче до славното Крушево. Традиција стара скоро пет децении, секој Илинден, коњскиот ôд низ различни краишта од земјава потсетува на почетокот на револуцијата за слободна Македонија.

Илинденски марш

Илинденски марш

Граѓаните на Македонија ја прославија 120-годишнината од Илинденското востание и од Крушевската Република. Овој празник за Крушево претставува гордост, но за вас како градоначалник и обврска да се одбележи достоинствено како што доликува. Кога започнаа подготовките и колку луѓе беа вклучени во тимот?

Точно пред 120 години нашите славни предци од Илинденското востание и од заседанието на АСНОМ, ги поведоа граѓаните кон слобода, независност и единство и ги поставија темелите на современата, независна и суверена македонска држава, признаена од целиот свет. Оваа година е јубилејна за нас, се подготвуваме постојано, од почетокот на тековната година. Општина Крушево ги стави во функција сите свои инфраструктурни и човечки капацитети за да овозможиме реализација на богати културни содржини во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во рамките на културата.

Инцидентите беа неизбежен дел од прославата на празникот во изминативе години. Од таа причина, преку соопштение баравте достоинствено одбележување на Илинден потенцирајќи дека е наша одговорност да го славиме и да го чуваме споменот на илинденците, создавањето на нашата држава. Истовремено е и наша должност, која треба да им ја пренесеме на помладите генерации. Зошто на прославата некој заборава на достоинството? Дали е тоа резултат на индивидуални убедувања на поединецот или на сѐ поголемиот јаз помеѓу политичките партии и нивната реторика?

Кога зборуваме за Крушево, зборуваме за сопствената историја, традиција и култура. Затоа, имаме обврска да се однесуваме одговорно кон нашата култура и традиција, да го чуваме и да го заштитиме нашето богато културно наследство и да придонесуваме кон одржлив културен развој на земјата, насекаде и за сите граѓани еднакво.

Извор: kultura.gov.mk

Извор: kultura.gov.mk

Во пресрет на илинденските чествувања и одбележувањето на 120-годишнината од Илинденското востание и од првата Република на Балканот, со Министерство за култура потпишавте договор со кој го поддржавте здружението „Илинденски марш“ на коњаницата која традиционално секоја година тргнува од Лисиче до Крушево. Здружението оваа година слави 45-годишнина. Коњаницата се пропратен и неминовен дел од манифестацијата НКС „10 дена Крушевска Република“. Може ли да ни опишете дел од традицијата и атмосферата кои ја создаваат тие во градот?

Коњаницата за Крушево има огромно значење. Тие се хероите на новото време во кое живееме, личности кои со својата храброст секоја година на автентичен начин ја пренесува пораката за издржливоста и упорноста на борците за слободна, независна и самостојна Македонија. Имајќи ја предвид нивната важност и значење за македонската култура и традиција, таа поддршка за здружението ќе продолжи и во иднина.

Крушево официјално е прогласен за Град на културата за 2023 година. Најавивте дека тоа ќе биде целогодишната прослава на уметноста, историјата и на живите традиции. Кои активности од агендата ги реализиравте, а кои допрва следуваат?

Направивме град со душа кој сите посетители повторно го гледаат со љубов. Во програмата на манифестацијата „Крушево – град на културата“, во текот на целата година планирани се 60 сценско-музички, ликовни, поетски и други културни манифестации.

Нѐ очекуваат голем број спортски, културни, музички настани и манифестации во текот на целата година. Реализиравме доста настани, во програмата имавме вклучено театарски претстави за деца, со дрвени столици, черги, чаршафи, староградска музика, детска игроорна група. Во центарот на Крушево имавме настан „Звукот на старата крушевска чаршија“, за кој добивме многу позитивни коментари, прославивме 10-годишнина од театарот во Крушево, отворање етносаем, проекции на филмови, саем за храна и пијалаци, презентација на мултимедијален проект „Керамикум во мермер“, концерт посветен на нашиот Тоше Проески, претстава на македонски знаковен јазик, детски музички фестивал.

Извор: wheninkrusevo.mk

Извор: wheninkrusevo.mk

„When in Krusevo“ е синоним за летна адреналинска авантура, фестивал кој на едно место обединува музика, спорт и култура. Целта на манифестацијата е промовирање на крушевскиот живопис полн со природни убавини и спортски атракции. Колку сте задоволни од реализацијата и кој е бенефитот од настанот?

Во Крушево по седми пат, од 30 јуни до 2 јули се одржа фестивалот „When in Krusevo“, кој обединува музика, спорт и култура. Целта на фестивалот е промовирање на крушевските убавини преку поттикнување на адреналинот и желбата за слободно дружење, каде што живописната култура на градот го зазема главното место за гостопримство и чувство на топлина.

Спомен куќата на Тоше Проески, неговото вечно почивалиште и манастирот Преображение, се причина за раст на посетеноста на Крушево од страна на туристите. Дали во план се активности поврзани со зачувување на ликот и делото на легендарниот пејач?

Оваа година успешно се завршени 13-тиот меморијален меѓународен турнир во мал фудбал „Тоше Проески 2023“ и пливачкиот маратон во далечинско пливање „Тоше Проески“, кој се одржува на Крушевското Езеро. Исто така, во Крушево се одржа настан со кој го означивме 23 јуни – ден кој е особено значаен за Тоше. Посебен ден во неговата кариера. Ден на кој е запишан неговиот втор голем концерт кој се одржа на 23 јуни 2006 на Градски стадион, а кој сега е именуван по неговото име, арена „Тодор Проески“. Во август нѐ очекува меѓународниот натпревар на ФИС ролер-ски купот „Тоше Проески“, со што во знак на хуманоста го одбележуваме секој роденден на Тоше. Тоше има само датум на раѓање, а ние ќе апелираме овој ден на хуманоста да се одбележува на ниво на цела држава, а не само во Крушево. Секоја година ги пречекуваме ултра маратонците кои трчаат во чест на Тоше од Нова Градишка до Крушево. Одржуваме низа музички настани и постојано ја уредуваме улицата Тодор Тоше Проески во Крушево на потегот од кафулето „Планет“ до главната транзитна улица. Со 24-часовно слушање прекрасна музика на нашата поп-икона, која доаѓа од канделабрите по уличката и од одличниот амбиент, покрај цвеќето секој би се почувствувал божествено.

Спомен куќа на Тодор Проески

Спомен куќа на Тодор Проески

Прв пат во историјата на Македонија една општина доби признание во областа туризам како „Супербренд Општина за 2017/2018“. За да се сочува тој епитет, потребни се идеи, планови, проекти, многу работа, но и пари. Каква е соработката со централната власт? Има ли шанса да се стигне до европски грантови?

Ние сме првата општина која го доби приматот „Супербрендс“, а тоа значи поефикасна промоција на потенцијалите на Крушево преку употребата на логото на „Супербрендс“. Одликувањето со „Супербрендс“ ќе придонесе за поголема видливост и подобар впечаток кај потенцијалните туристи. Општина Крушево ја има централна власт за свој партнер и пријател. Постојано ни даваат поддршка во однос на финансирање проекти, стимулација, преку законски решенија и преку проекти, да продолжиме по правиот правец.

Проблем за градот е и водоснабдувањето. Од кои причини и постои ли начин да го санирате?

Водоснабдувањето е горчлив проблем за крушевчани, затоа постојано се трудиме и работиме на зафаќање на дополнителни извори на вода и нови каптажи, како и реконструкција на постојната линија и постојните каптажи за потребите на населението.

Имате индустриска зона, но нема инвеститори. Како да се дојде до нив, со чија помош и на кој начин?

Во индустриската зона Опаленик има индустриски комбинат за откуп и преработка на тутун „Секе“, потоа има фабрика „Еуропрофил“. Преку силната поддршка на компаниите, придонесовме за раст на инвестициите, намалување на невработеноста и отворање нови и добро платени работни места во Крушево. Но, сепак, постојано како локална самоуправа праќаме барања до домашни и странски инвеститори за отворање нови фабрики и проширување на постојните. Преку планираните активности, проекти и реализацијата на конкретни чекори за инвестирање и дополнителен развој на туризмот, нашата Општина сигурно чекори кон мапата на популарни туристички дестинации во земјата, но и пошироко!

Христоски: „Kако локална самоуправа праќаме барања до домашни и странски инвеститори за отворање нови фабрики и проширување на постојните.“

Христоски: „Kако локална самоуправа праќаме барања до домашни и странски инвеститори за отворање нови фабрики и проширување на постојните.“

Како би го опишале животот во Крушево и секојдневието на крушевчанецот?

Крушево е македонски бисер. Кој го посетил нашиот град, знае за мирот и убавините кои само тука може да се почувствуваат. Иако е работен ден, луѓето се раздвижени, има и доста туристи кои од раните утрински часови поаѓаат во разгледување на градот. 

Крушево со своите природни убавини, планинската поставеност, спомениците како сведоци на богата историја, традиционална кујна и гостољубивоста на крушевчани, секојдневно привлекува како домашни, така и странски туристи. Освен уживањето на скијачките терени во зима, велосипедските стази преку целата година, риболовот на езерото, шетањето по коријата и низ улиците на градот, планинската позиција за еден екстремен спорт го издигна на трето место во светот како центар за параглајдинг.

Крушево има многу нешта по кое е препознатливо – од специфичната македонска архитектура, чистиот воздух, богатата традиционална трпеза, локумот и целувките и, секако, историјата вткаена на секој чекор во бројните споменици.

Ве покануваме да нѐ посетите и да уживате во убавините на нашиот град!

Image
Newsletter