Кратово е општина која се наоѓа во североисточниот дел на Македонија и ги опфаќа градот и 30 села. За градот Кратово е познато дека е еден од најстарите градови во Европа, а за регионот дека изобилува со рудно богатство кое било експлоатирано уште од далечната антика, со многу културно наследство и со огромен потенцијал за туризам. Во општината редовно се одржуваат активности за промоција на туристичкиот потенцијал, привлекување инвеститори за отворање нови работни места, културни настани, но и инфраструктурни зафати за поврзување на населените места и за подобрување на квалитетот на живот во населението. Старите кули и мостови, цркви, археолошки локалитети, воодушевувачката архитектура, огромните стари дрва се само дел од богатото културно наследство на овој регион. Градоначалникот Тодорче Николовски во интервју за Магазинот за туризам менаџмент порачува дека еден од најстарите градови на Балканот треба да се посети.
Панорама на Кратово.
Со какви предизвици сте соочени за време на Вашиот мандат?
Од аспект на туризмот во Општина Кратово, во изминатите две години од мојот мандат како градоначалник, еден од главните предизвици ми беше анализирање на постојната состојба во оваа област, а воедно и изготвување стратешки план со цел да се овозможи унапредување на туризмот, како и правилно насочување и искористување на потенцијалите за развој, позиционирање и брендирање на градот како препознатлива туристичка дестинација во национални и во меѓународни рамки. Со цел подигање на туризмот на еден повисок пиедестал, како македонскиот Дубровник и музеј на отворено, моментално се изработува интегрирана туристичка понуда во која ќе бидат опфатени сите природни реткости и културни знаменитости, кои ќе се надополнуваат меѓусeбно и беспрекорно плански ќе функционираат. Најголем предизвик се плановите и идеите кои одат во насока на отворање на подземните тунели односно отпочнување со истражување, пробивање, заштита, конзервација, реставрација и ставање во функција на тунелите и подземните ходници со кои се поврзуваат кулите и другите локации.
Кратово е прочуено како еден од најстарите градови во Европа. Што прави локалната самоуправа за популаризирање на туристичкиот потенцијал?
Со цел зголемување на публицитетот на туристичкиот потенцијал на градот, Општината напорно работи околу подобрување на инфраструктурата и нејзино одржување, потоа спроведува активности во насока на реконструкција и на реставрација на историските споменици, како и рекламирање на туристичките атракции преку социјалните мрежи, ТВ-медиумите, преку соработката со угостителскиот сектор, комуникација со туристички агенции, туристички водичи итн.
Со колку сместувачки капацитети и со колку легла располага Општина Кратово?
Еден од поголемите проблеми кои негативно влијаат врз развојот на туризмот во Општина Кратово е малиот број легла со кој располага. Всушност целта општина располага со не повеќе од 80 легла. Пред околу пет години оваа аномалија исто така беше нотирана од страна на Светска Банка како главен предуслов за унапредување на туризмот во Општина Кратово. Би сакал да додадам дека моментално работиме на проекти за прекугранична соработка со Република Бугарија и со Република Србија, кои предвидуваат реконструкција, адаптација и пренамена на простори во младински хостел и апартмани, а со кои би се зголемил бројот на легла.
Чаршиски мост.
Кои локации се најатрактивни за посетителите?
Кратово е град на средновековни кули и мостови, град на подземни ходници, Стара ајдучка чаршија и староградски куќи, град на прекрасни цркви и манастири изградени уште во 14 век. Кратово е еден од ретките градови што имаат свој светител и патрон Св. Горѓи Кратовски, кој е роден и живеел во Кратово. Исто така Кратово го има и Стариот турски затвор, кој како импозантен објект и несекојдневна архитектура и визура, конечно беше саниран и адаптиран во изминатите неколку месеци, по што ќе следи и официјално отворање и ставање во функција на ова парче од културното наследство. Кратово исто така поседува и бројни археолошки наоѓалишта, заштитени природни реткости и локалитети како: Големо Градиште и Ротондата во с. Коњух, Плоче Литотелми во с.Страцин, Старите борови во Карши бавча, локалитетот Камени кукли во с. Куклица, како и мегалитската опсерваторија „Цоцев камен“.
Овие атракции зачинети со нечепнатата природа, чистиот воздух, староградската архитектура, културно-историските знаменитости, гостопримството и традиционалната кратовска трпеза, го вбројуваат оваа гратче во една од најпосакуваните и најпосетувани туристички дестинации во Македонија.
Камени кукли.
Кратово е посетено од многу патници и туристи. Од кои земји имавте посети во текот на оваа година?
Во текот на годината Кратово го посетуваат туристи буквално од целиот свет.
Најпрвин започнувајќи од соседството, односно Бугарија, Србија, потоа следуваат Турција, речиси сите земјите од Европа со акцент на Полска, Германија, Шпанија, па сѐ до прекуокеанските земји, како што се Австралија и Америка.
Дали доаѓа времето во кое во Кратово и во регионот би можело да се живее од туризам?
Би било идеално да може да се живее од туризам, меѓутоа искуствата покажуваат дека тоа е апсолутно невозможно без присуството на индустријата за производство на сунѓер, текстил и без прехранбената индустрија како главен двигател на локалната економија во Кратово. Туризмот во општината Кратово претставува секундарна гранка која влијае на нејзиниот економски перформанс. Туристичкиот потенцијал на градот значително влијае врз подобрување на социо-економската и културна состојба во општината, и тоа преку одржлив развој на туризмот кој носи бенефит како за локалното население, така и за бизнис-секторот.
Ајдучка чаршија.
Какви настани и манифестации организирате во текот на годината?
Во текот на секоја година општината организира бројни манифестации и настани со цел унапредување на културниот живот и туризмот во Кратово. Дефинитивно најголема манифестација која всушност се организираше во изминатиот викенд е фестивалот „Златни денови“, потоа во текот на годината се реализираат поетската средба „Лесновски ѕвона“, фестивалот „Коритон“, Кратовското културно лето, „Шопска свадба“, Меѓународниот фестивал на етнолошки документарни филмови, „Кратовска компиријада“, „Денови на архитектура“, Детската ликовна колонија „Лазар Софијанов“, „Св. Ѓорѓи Кратовски – Патронен празник на градот“, како и редовни театарски претстави, стендап-комедии и кино-проекции, работилници, базари итн.
„Златните денови“ ги надминаа очекувањата.
Како помина манифестацијата „Златни денови“ во Кратово?
Големата заинтересираност и еуфорија за најомилената летна музичка манифестација „Златни Денови“ ги надминаа очекувањата на организаторите во однос на посетеноста, така што освен македонските посетители, присутни беа и љубителите на убавата музика од целиот Балкан. Богатата музичка програма и настапот на најпознатите музички имиња од македонската естрада го одбележаа овој фестивал како настан на годината, не само во Кратово туку и пошироко. Преполниот плоштад, улички, локали и сместувачки капацитети зборуваа за илјадниците посетители. Спектакуларните настапи на сите изведувачи, Кратовските тамбураши, распеаните и разиграни Мераклии од Мерак меана и Скопските боеми, Браќа Нуне, Драган Темелков-Џони, сензационалните Ламбе Алабаковски и „Некст тајм“, како и енергичните изведби на фантастичните „Нокаут“, „Суперхикс“, и „Д’фендерс“, направија Кратово да биде голема музичка арена исполнета со многу љубов, радост и задоволство. Новост во овогодинешното издание на „Златни денови“ во Кратово е концептот на присуство и настапи исклучиво на македонски изведувачи, сѐ со цел да се стават во фокус македонската музика и македонските ѕвезди, да се потсетиме на нивната безвременската вредност и важност. Почнувајќи од 2014 година, овој настан прерасна во една од најубавите културни манифестации во земјава.
Овие денови за паметење кои беа исполнети со многу дружење, добра музика, забава и еуфорија со најпознатите македонски музички ѕвезди од народната и од забавната музичка сцена приредија незаборавно искуство и богата музичка програма за гости од сите возрасти. Манифестацијата беше одлична можност публиката да се запознае и со историјата на градот, а воедно и да уживаат во прекрасната музика, кратовските гурмански специјалитети и во одличната забава.
Симиќева Кула.
Турски затвор.
Дали Ви се потребни поддршка и помош за промовирање на туристичките атракции?
Апсолутно! Мислам дека промоцијата на туристичките потенцијали и атракции во општината Кратово никогаш не е доволна. Сето тоа се должи на богатото природно, културно и историско богатство на еден од најстарите градови на Балканот.
Уникатноста на ова гратче беше препознаена од страна на многу релевантни меѓународни организации и институции, како што е и УНЕСКО.
Соработката и помошта која ја добиваме од централната власт, како и од институциите од полето на културата, на пример Управата за заштита на културното наследство, Националниот конзерваторски центар, Министерство за култура, за жал е на многу ниско ниво. Длабоко сум уверен и сакам искрено да верувам дека оваа соработка ќе се подобрува во периодот што следува.
Во секој случај, каков било вид помош и поддршка околу промоцијата на туристичките атракции, би биле повеќе од добредојдени.
Што би им порачале на читателите на нашиот Магазин за туризам и менаџмент?
На читателите на вашето списание би сакал да им порачам барем еднаш во своите животи го посетат еден од најстарите живи градови на Балканот, да се запознаат со неговата историјата и импозантната архитектура, а воедно и да уживаат во кратовските гурмански специјалитети и во одличната забава.