Во општина Петровец речиси да нема невработени. Градоначалникот Борче Митевски во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент вели дека е горд што раководи со општина која е на врвот по влез на странски и на домашни инвестиции. Двете индустриски зони, Чојлија и ’Ржаничино, се седиште на многу домашни и странски инвеститори. Од неодамна администрацијата во општина Петровец работи во нова модерна зграда изградена од општински средства. Првиот човек на општината најавува нови инфраструктурни проекти и изградба на нова градинка.
Општинската администрација во Петровец од септември работи во нова модерна зграда. Колку време и средства беа потребни за новиот изглед?
За новата општинска зграда беа издвоени 34.000.000 денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Петровец, а објектот беше изграден само за една година.
Во изминативе месеци нов лик добија и неколку училишта во вашата Општина. Ќе има ли подобри услови за воспитно-образовниот процес на најмладите?
Општина Петровец секогаш се грижи за жителите на општината, а посебно за најмладите. Една од работите што ги правиме како општина е и обезбедување услови за солидно и непречено изведување на воспитно-образовниот процес, со реконструкција и санација на училиштата и на нивните училници, како и со изградба на спортски сали.
Општината со која раководите е на врвот по влез на странски и на домашни инвестиции. Што се гради во Петровец и кои се новите инвеститори?
Нашите две индустриски зони, Чојлија и ’Ржаничино, се седиште на многу домашни и странски инвеститори бидејќи нудиме најповолни локациски услови, комуналии и ажурна општинска администрација. Со околу 170 градежни парцели определени со урбанистичките планови, се стремиме и се надеваме дека ќе бидеме водечка општина во делот на индустриските зони со намена Г-2, лесна преработувачка помалку загадувачка индустрија.
Во Петровец се градат многу производни хали, разни магацини и царински складови, а дом сме и на многу фотоволтаични централи.
Меѓу последните инвеститори што дојдоа кај нас се следните фирми: НОВАПОР од Охрид, кои ќе воспостават производство на леснобетонски производи, ПРОСПЕРА од Куманово, кои ќе произведуваа прозорци и врати (столарија), АДРОИТ- производство, НОМАГАС, НОВТРЕНД, УНИВЕРЗАЛ КОМЕРЦ, САЈБОГРУП, ЕЛЕКТРОЛАБ, фотоволтаични електрани на 3 парцели по 16.000 квадратни метри, 5 фирми за преработка на канабис (меѓу кои и НЈСК Холдинг, која штотуку доби награда за најмодерна фабрика од таа област), ТИНЕКС, МЕТРО, КИПЕР МАРКЕТ, ТИКВЕШ, БРУТИ за производство на алуминиумски профили, СЛАБИНК од металната индустрија, ВОЛВО, КВЕНБЕРГЕР во областа на логистиката и на царината, ЈУГОЕКСПОРТ, ТЕРАФРЕШ, ЛИФТАС, СЕЗАЛ, МЛАБ, Г-ФЛАУЕРС за прехранбени бои, МАД ДИЗАЈН за обработка на дрво, и уште многу други фирми и физички лица кои го организираат своето производство во границите на нашата општина, а кои своите производи ги пласираат на домашниот и на меѓународниот пазар.
Борче Митевски, градоначалник на Општина Петровец.
„Секако, за целосно реализирање на предвидените проекти, потребна ни е поголема помош и од централната власт. Но, за жал, покрај минималната соработка со неколку министерства, не можеме многу да се пофалиме со соработката со поголемиот дел од надлежните министерства, како и со актуелната влада, кога станува збор за финансирањето на одредени проекти“.
Изградбата на нови објекти ќе отвори и нови работни места за жителите. Има ли локален кадар и колку успевате како градоначалник да ги задржите младите во своето родно место?
Се отворија голем број работни места особено во мултифункционалната зона во Ќојлија. Може слободно да кажам дека не постои работоспособен човек во општината Петровец што има желба да се вработи, а да не е вработен во зоната. Со проширувањето на зоната и со отворањето нови фирми, се јавува и недостиг од работна сила, па се вработуваат лица и од околните општини.
Инфраструктурата е од особено значење за секоја општина. Дали е доволна буџетската каса за реализација на предвидените проекти?
Точно е тоа дека инфраструктурата има особено значење за секоја општина. Затоа ние како Општина, голем дел од буџетот, ако не и најголемиот, го издвојуваме за инвестиции во инфраструктурата. Буџетот до некоја граница ги задоволува потребните средства за дел од предвидените проекти, но не за сите. Сепак, со домаќинско работење изнаоѓаме начини за реализирање на предвидените проекти, па досега реализиравме или се во тек на реализација високи 90% од предвидените проекти.
Градоначалникот на Петровец на терен.
Колку има централната власт слух за проектите на локалната власт?
Секако, за целосно реализирање на предвидените проекти ни е потребна поголема помош и од централната власт. Но, за жал, покрај минималната соработка со неколку министерства, не можеме многу да се пофалиме со соработката со поголемиот дел од надлежните министерства, како и со актуелната влада, кога станува збор за финансирањето на одредени проекти.
Како градоначалник, остварувате средби со граѓаните и на терен ги воочувате нивните проблеми. Колку успевате да најдете решение?
Секојдневно остварувам средби со граѓаните, како во општината, така и на терен. Ги слушам проблемите со кои се соочуваат, нивните барања и потреби и, секако, правиме сѐ за да им ги олесниме животот и функционирањето во местото на живеење и пошироко.
Камен-темелник за изградба на нова градинка во Петровец.
Кои се идните планови што на Општина Петровец планира да ги реализирате за време на Вашето владеење?
Во најкраток период треба да изградиме уште една градинка во населеното место Петровец со капацитет од 70 дечиња, со што ќе го решиле проблемот на младите брачни парови со згрижување на дечињата. Планираме да завршиме и со поставувањето на патната инфраструктурата, како и со одводната канализациона мрежа, толку колку што ни дозволуваат финансиските можности.