На само седум километри од центарот на градот, се наоѓа една од најеколошките општини, Сопиште, кое лежи на височина од 450 метри. Оваа територија, која се протега на планински и ридски предел, има големо историско значење. Секој што ја посетил, може да забележи недопрена убавина од шуми, ливади, полиња, карпи, но и мал број пештери. Карактеристично на прв поглед за неа е дека се наоѓа на јужната страна на планината Водно. Но, покрај природните богатства, особено големо значење за домашните и за странските туристи е древното минато на овие предели.
Под нејзина закрила се наоѓа локалитетот „Церје“ кај с. Говрлево, за кое при истражувањата е утврдено дека токму на тоа место постоела праисториска македонска држава, а денеска се смета за неолитска населба. Од неа беа утврдени нови сознанија за писменоста, јазикот и културата на древните Македонци. Доказите од материјалната култура на неолитскиот човек пред осум и седум милениуми, беа изложени во Музејот на Град Скопје. Тука е пронајдена и фигурината наречена ,,Адам од Македонија”, која е „милениумско откритие“. Датира од средината на шестиот милениум п.н.е. и претставува еден од десетте уникатни археолошки наоди во светот. Но, на оваа територија за историско значење се смета и самата населба Сопиште бидејќи датира од времето на Отоманското царство. Маркова Река и трите цркви околу неа се бесценето богатство во овој предел. Една од нив е црквата „Мина“, која во списите е забележана како древна и ѕидана од српските цареви. Старите приказни што се пренесувале од генерации на генерации, можат сѐ уште да се слушнат пред маалските продавници од жителите староседелци. Но, со текот на годините, во атарот што зафаќа речиси 10 километри, некогаш само со стари куќи, денеска полека се градат згради. Населбата Сопиште станува сѐ побројна и е дом на многу жители. Градоначалникот Стефче Трпковски, поранешен пратеник во Собранието, геодетски инженер, кој дипломирал на Градежниот факултет во Скопје, по вторпат ја доби довербата од граѓаните. Денеска општината се стреми да биде во тек со модерните времиња.
Трпковски: „Општина Сопиште ги искористува природните убавини за да развие туризам.“ | Извор: factor.mk
Општина Сопиште има големо историско значење за државата. Археолошкиот локалитет „Церје“ кај селото Говрлево е еден од оние со кои Македонија може да се пофали и да се натпреварува во рамките на светската историја. Вие повторно ја добивте довербата на граѓаните. Дали постојат проекти со кои наоѓате начин да привлечете туристи во општината?
Македонија е богата со артефакти. Многу значајни предмети, симболи на времињата што поминале, цела една историја што раскажува. Кој знае уште колку нешта се кријат под земјата и во археолошките наоѓалишта кај нас. Кој знае и колку од нив се изнесени надвор преку сомнителни канали од нашава земја на црниот пазар. И колку има што се чуваат во музеите во околните земји, а кои никако не ги даваат, наши, овде најдени. Локалитетот „Церје“ во Говрлево е заштитено подрачје од национално значење, неговото уредување и промоција мора да бидат усогласени со стратегија на Министерството за култура. Општината Сопиште нема надлежност да го уредува просторот или да ги одредува граници на локалитетот. Да напоменам дека зборуваме за подземен споменик на културата. Општината Сопиште ги искористува природните убавини за да развие туризам, имаме огромен потенцијал за планинарење, екотуризам, органско производство, лов, велосипедизам. Засега ваквите можности ги гледаат само поединци и ентузијасти што самоиницијативно вложуваат во развој и промоција на оваа убавина.
Новите времиња носат модерна архитектура и поголеми потреби за граѓаните. Во Сопиште во изминатите години може да се забележи градежна експанзија. Колку нудат инвеститорите и решенија со зелена површина кога бараат промени на деталниот урбанистички план, и колку се стремите Вие како градоначалник да ја задржите?
Стручно кажано, предмет на просторното планирање е организацијата на просторот, уредување на средината и одредувањето на условите за изградба на објекти (домување, работа, изградба, организација на луѓето и друго). Просторот како предмет вреди толку колку можат да го користат луѓето. Затоа просторот сам по себе не е предмет на просторното планирање. Предмет на просторното планирање е и времето што се појавува како динамично, изразено во минато, сегашност и иднина. Според тоа, просторното планирање има просторно-временска димензија, со движење кон иднината. Односно, означува севкупност од она што се случило, она што се случува и од она што ќе се случи. Во просторното планирање, сегашноста лесно се гледа и се оценува без некои тешкотии. Иста квалификација можеме да извлечеме и за минатото. Додека пак, планирањето на иднината е далеку потешко, па не може да примениме планирање врз визионерство. Градот Скопје е нашиот главен мотив, од него го анализираме минатото и сегашноста, и добро може да се перципира иднината. Проблемите од големите градби, соодносот помеѓу објектите, зелените површини и можностите на просторот со ресурсите се клучните параметри во нашето планирање. Едноставно, се бориме против големите градби, бараме дворови со зеленило и сооднос помеѓу објектите каде што нема да си пречат еден на друг во погледот или циркулацијата на воздухот.
На локалитетот „Церје” кај село Говрлево е утврдено дека постоела праисториска македонска држава. | Извор: Архива на општината
Која беше вашата визија за оваа општина уште во првиот, но и во овој трет мандат и колку успевате да реализирате од планираното?
Како градоначалник на Општина Сопиште, веќе сум на половина од третиот мандат. Времето и искуството ги менува луѓето, но визијата остана непроменета, Сопиште да остане убаво и мирно место за живеење. Локалната самоуправа да има функционален буџет и сите проекти и планови да бидат во согласност со очекувањата на жителите. Фокусот денес е на агилноста и на издржливоста во иста мера колку што е и на идентификување на ризиците и нивната превенција. Генерално, Општина Сопиште се наоѓа во добра позиција, но големите предизвици сѐ уште се присутни поради непромислени политики од минатото. Можностите и ризиците се директно поврзани со севкупните текови во земјава и во економијата.
Граѓаните во општината во изминатите години често се жалеа на проблеми со водоснабдувањето, а се случуваше да останат и без вода. До каде е изведбата на овој проект? Колкав дел ќе биде изграден?
Во Општина Сопиште до 1996 година немало никакво вложување во изградба на инфраструктурни проекти. Сѐ што е изградено на територијата на Општина Сопиште е од личен самопридонес, со работни акции на жителите на Општина Сопиште. Недостигот од вода сѐ уште останува главен приоритет за решавање. Во изминатите два мандата, изведовме неколку водоснабдителни проекти во повеќето населени места, но тоа не е доволно и треба уште.
Главниот проект за решавање на проблемот со водоснабдување е проектот Патишка Река. За жал, предупредувањата од научниците, кои повеќе од 50 години предупредуваат на климатски промени, веќе го живееме. Главниот проект за водоснабдување во Општина Сопиште, проектот од Патишка Река, е стопиран делумно поради прекин во финансирањето, но и делумно поради пресушувањето на Патишка Река како резултат на климатските промени, кои предизвикуваат намалени количини врнежи, особено врнежите на снег. Фокусот денес е во искористување на водниот потенцијал што е на располагање со изградба на водоснабдителни бунари, но паралелно вршиме истражувања и анализи за креирање нов генерален проект за водоснабдување, првенствено од водите на реката Треска.
Трпковски: „Недостигот на вода сѐ уште останува главен приоритет за решавање.“ | Извор: Архива на општината
Оваа општина со текот на времето станува елитна населба, но недостигаат трговски центри, и останати основни потреби на граѓаните не се задоволени. Вие веќе имавте идеја за градење трговски центар. Дали постои можност да продолжи постапката?
Во 2017 година започнавме со планирање и проектирање на идејата за изградба на трговски центар. Во 2021 година е издадена градежна дозвола за изградба на ваков комплекс што ќе ги задоволи очекувањата на жителите. Во моментов проектот е закочен во судска постапка повеќе од две години на Управен суд. Може да замислите, предмет до Управен суд две години не бил отворен и решаван, а ние очекуваме суштински промени што ќе ги решат физички потребите. Судската постапка е покрената од поединец што неодамна купил куќа во близина на паркот што ќе биде изграден во рамките на овој комплекс и ги користи сите можни начини да ја сопре изградбата на трговскиот центар. Второстепена комисија при Министерство за транспорт и врски ја одби жалбата како неоснована, и, конечно, во ноември 2023 година, Управниот суд ја одби тужбата против изградбата на трговскиот центар како неоснована. Против оваа пресуда е поднесена жалба последниот ден од истекот на рокот за поднесување жалби до Вишиот управен суд.
Некогаш оваа населба имала развиен стопанско-економски живот. Колку е денеска развиено стопанството тука и дали успевате да создадете услови компаниите да инвестираат во општината, за подобар локален економски развој?
Во минатото жителите на Општина Сопиште се занимавале со индивидуално земјоделство и сточарство. Последните две децении е актуелно производството на јагоди и одгледувањето цреши што имаат стабилен и редовен пласман во Русија. Учеството на Македонија во санкциите кон Русија го оневозможи овој пазар и земјоделците се ставени во неповолна состојба. Посериозен капацитет бил и сѐ уште е Сковин, кој повторно доживува трансформација, сега веќе од приватен сопственик. Местоположбата и релјефот на Сопиште привлекуваат инвестиции, пред сѐ во секторот домување, домовите за возрасни лица и туристичките капацитети се најчестата инвестиција во последната деценија. Тоа се должи на фактот што сме дијаметрално спротивни од општините што се наоѓаат во рамничарски места, каде што постојат железница, автопат, големи реки, па дури и аеродром. Невработеноста во Сопиште е со многу мал процент, а тоа се должи на можностите во градот Скопје, како и на квалификуваноста и талентираноста на нашите жители. Како простор за лесна и незагадувачка индустрија, Општина Сопиште го нуди делот на Варвара, односно регионалниот пат што води од Батинци кон Македонски Брод.
Колку имате соработка со властите и помош за предвидените проекти што сакате да ги реализирате?
Што и да речам на ова прашање, ќе бидам сфатен пристрасно, но еве ќе набројам неколку проекти и во каква состојба се.
Со средства од Светска банка изградивме нова детска градинка, која сѐ уште не е пуштена во употреба поради чекања согласности и решенија од надлежни институции.
Со средства од Европската инвестициона банка почнавме со изградбата на втората фаза од канализацискиот систем за населеното место Ракотинци. Иако се парите наменети за Општина Сопиште, тендерската постапка се води преку Министерството за транспорт и врски. За реализацијата на овој проект имаме бројни реакции и несогласувања од нас како институција, но и од жителите на Ракотинци до Министерството за транспорт и врски за работењето на нивниот избор за изведување на овој проект, фирмата „Коп инженеринг“.
На повик за развој на специфични подрачја и на села од Бирото за регионален развој, Општината Сопиште аплицираше за реализација на проектот за патно поврзување на с. Света Петка со регионален пат кон ХЕЦ „Света Петка“. Од Бирото за регионален развој овој проект беше рангиран помеѓу првите три приоритетни проекти од страна на Комисијата за селекција на проекти. Но, покасно, на седница на Владата, овој проект биде заменет со проект за Општина Арачиново.
Трпковски: „Водно и другите места од Општина Сопиште ги привлекуваат туристите, спортистите и велосипедистите.“ | Извор: Архива на општината
Сопиште е една од општините во кои сѐ повеќе се развиваат спортот и рекреацијата. Се спојува со југоисточните падини на планината Водно. Граѓаните имаат можност да стигнат до врвот на планината од друга страна, а исто така, преку пешачки патеки, се поврзува и со кањонот Матка. Колку вложувате во проекти што ќе привлечат што повеќе спортисти во овој крај?
Парк-шумата Водно е најзначајниот зелен појас за Град Скопје. Планината Водно со своите геолошки, геоморфолошки и биолошки вредности има посебно значење за неговите жители. Прогласена е за парк-шума во 1976 година, а пренесена под ингеренции на ЈП „Паркови и зеленило“ во 1988 година. Водно и другите места од Општина Сопиште сѐ повеќе ги привлекуваат туристите и спортистите, особено велосипедистите. Организираме спортски настани и натпреварувања, со што директно ги привлекуваме спортистите. Патеките што постојат на Водно се изградени во минатото и ги одржува ЈП „Паркови и зеленило“. Исто така, урбаната опрема што се поставува е во организација на ЈП „Паркови и зеленило“. За привлекување туристи, доволно е да се одржуваат патеките и урбаната опрема за одмор и заштита, но потребен е и систем за контрола и заштита од моторни возила, криволовство и од диво сечење на шумите на делот кон Сарај.
Јавниот превоз е еден горлив проблем за сите граѓани во главниот град. Во оваа општина, граѓаните често се жалат дека нема доволно автобуси. Дали имате план за решавање на овој проблем?
Јавниот превоз обезбедува мобилност и слобода за луѓето и е клучен за достапноста на секој град. Користењето на јавниот превоз треба да биде секојдневна практика. Како локална самоуправа, редовно ги исплаќаме фактурите кон ЈСП Скопје. До скоро, јавниот превозот се одвиваше редовно и комуникацијата со надлежните во ЈСП Скопје беше на солидно ниво. Проблемите со кои се соочува ЈСП Скопје директно влијаат врз квалитетот на живот во нашите населени места. Досега немавме потреба да размислуваме за алтернативи, но како и да е, за регулативата за овој проблем, повторно ќе одлучува градот Скопје.
Колку често ги слушате проблемите на граѓаните и остварувате средби со нив?
Денови определени за средба со граѓани се вторник и четврток, но, сепак, средбите се секојдневие и во другите денови. Се сретнуваме и преку месните заедници, каде што клучните прашања ги надминуваме заедно. Многу е мал бројот на жители што ме посетуваат во мојот кабинет, претпоставувам тоа се должи на познавањето на проблемите, можностите со кои располагаме и нашето дејствување на терен. Речиси сите посети се од сопственици на викенд-куќи што се изградени на диво во минатото на некое оддалечено место надвор од урбанистичките планови и програмите за развој и за комунално одржување.
Фигурата на Божицата-Мајка.
Многу интересно, пред една година советниците на општината изгласаа нов грб што користи хералдички симболи, а произлегуваат од македонската историја, природните реткости и географските карактеристики на општината. Од каде потекнува оваа идеја?
Досегашниот симбол на Општина Сопиште датираше од 1996 година и не содржеше никакви хералдички симболи. Новиот грб на Општина Сопиште користи хералдички симболи што произлегуваат од македонската историја, традиционалните обележја, културно наследство, природни реткости и географски карактеристики. Централниот елемент на грбот е стилизирана Божица-Мајка со особености на онаа најдената на територија на општина Сопиште во Говрлево.
Други елементи се грозд и црешов цвет. Тие ја симболизираат лозарската и овоштарската традиција на Општина Сопиште по која сме познати. Дабовото гранче под штитот ги преставува дабовите шуми во општината.
Трпковски: „Шатор поставен на планина, најблиските луѓе покрај вас, поглед и искуство што вреди.“ | Извор: Архива на општината
Колку често се рекреирате и ги посетувате пешачките патеки на планините?
Шатор поставен на планина, најблиските луѓе покрај вас, поглед и искуство што вреди. Планинарството за човекот во денешно време е најздравата физичка активност, релаксација од психичкиот напор што го доживува на работното место и, општо, од брзото темпо на животот. Општина Сопиште и Македонија изобилуваат со убавини што вредат да се запознаат со одреден физички напор што не преставува опасност за организмот ако е во разумни граници.
Во есенскиот период, во октомври и ноември, доста често пешачиме по планинските патеки, во останатиот дел од годината зависно од временските услови.