Кисела Вода која во минатото имаше лош имиџ и беше поврзувана со коруптивни скандали, беше општина пред банкрот, сега е општина привлечна за инвеститорите. Во индустриската зона, на 22 илјади метри квадратни, ќе започне изградба на една од најголемите фабрики за производство на кондиторски производи, како и логистички центар. Се работи за македонска инвестиција со странски партнер, која ќе овозможи вработување на 300 лица. Вкупната инвестиција е 20 милиони евра, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски.
Изминаа речиси три години од вашиот мандат како градоначалник на Општина Кисела Вода. Колку сте задоволен од сработеното досега?
Уште од првиот ден кога го презедов управувањето со Општина Кисела Вода, кажав дека ќе се борам за решенија и дека ништо нема да ги разниша моите планови Кисела Вода да го добие приматот што го заслужува. За неполни три години, промените се очигледни. Успеавме да реализираме повеќе од 90 проценти од мојата програма ветена пред нашите жители. Меѓу тие проекти, има и такви кои не беа претходно планирани, но ги реализиравме следејќи ги потребите на нашите граѓани и секојдневно работејќи во комуникација со нив.
Ако илустрирам со инвестициите во комуналниот сектор, во подземната и надземната инфраструктура, зборуваме за обнова на преку 50 км улици и патишта, и тоа сообраќајници кои на овој зафат чекале по 30, 40 некогаш и по 50 години. Изградена е атмосферска мрежа во должина од 5.470 метри, фекална канализациона мрежа 8.200 метри и 4.200 метри водоводна мрежа. Би сакал да го издвојам капиталниот проект за изградба на фекална и водоводна мрежа во Каменик, едно горливо прашање со кое никој порано не се осмелуваше да се зафати, и воедно да ве информирам дека досега ја завршивме изградбата на 2700 метри фекална мрежа, а преку Министерството за животна средина, ќе изградиме и околу 6.5 км водоводна мрежа со резервоар од 500 кубни метри вода и препумпна станица. Ветив дека во мојот мандат нема да остане неасфалтирана улица и тоа ќе биде реалност и порано од ветеното.
Би потсетил и на отворањето кино по 30 години, отворањето библиотека, изградбата на два пазари, поставувањето камен-темелник на училиштето во село Драчево, што се случува по точно сто години, дигитализацијата на процесите во општината, успешно реализираниот меѓународен конкурс за „Расадник“...
Со оглед на сработеното досега и темпото на работа кое го засилуваме секојдневно, жителите на Општина Кисела Вода можат да бидат сигурни во 100-процентната реализација на мојата програма.
Одлика на вашата работа е иновативноста и лидерството, пред сѐ, во имплементацијата на проекти. Од неодамна, Кисела Вода е првата општина која обезбеди бесплатни психолошки, логопедски и дефектолошки третмани за децата кои имаат ваква потреба, како и психоедукација и стручна поддршка за нивните семејства. Што значи оваа мерка за граѓаните?
Како општина потпишавме Меморандум за соработка со Центарот за психофизичко здравје „Гаспар“. Согласно договореното, во новоотворените простории на оваа институција во Припор, кои ги обезбедува Општина Кисела Вода, тим од специјалисти ќе нуди бесплатни услуги за деца од предучилишна и училишна возраст, за кои во соработка со градинките и училиштата е проценето дека имаат ваква потреба. Предност ќе имаат децата од социјално загрозените семејства. За сите останати кои нема да влезат во ова програма, договоривме да имаат повластени цени. Дополнително, договорената соработка ќе вклучува и обуки за кадрите во училиштата и градинките, со цел да се обезбеди дека сите деца добиваат соодветна и квалитетна поддршка. Сметам дека оваа мерка е корисна и потребна бидејќи ги намалува економските бариери кои често ги спречуваат семејствата да добијат стручна помош за своите деца. Раното детектирање и интервенција кај психолошки, логопедски и дефектолошки нарушувања може значително да го подобри квалитетот на животот на децата, овозможувајќи им подобри образовни и социјални резултати. Психоедукацијата и стручната поддршка за семејствата, пак, ги зајакнуваат нивните капацитети да се справуваат со предизвиците и да ги поддржат своите деца на најдобар можен начин.
Ова е само еден од многуте проекти со кои се стремиме да ги подобриме условите за живот на нашите граѓани, особено на оние кои најмногу имаат потреба од поддршка. Верувам дека ваквите мерки ќе имаат долгорочни позитивни ефекти и дека како такви ќе бидат прифатени и применети и од другите општини.
Мандатот го започнавте со наследена листа на чекање за упис во градинка, на која имаше 450 деца. Каква е состојбата сега?
Едно од моите клучни ветувања беше дека до крајот на мандатот нема да постојат листи на чекање за упис во градинка и сакам да истакнам дека сме на одличен пат целосно да го исполниме ова ветување. Кога го презедов мандатот, наследивме листа на чекање за упис во градинка со 450 деца. Во изминатите три години, отворивме две нови градинки и ги проширивме капацитетите во многу други постоечки градинки. Овие мерки значително го намалија бројот на деца кои чекаат за упис. Моментално, уште две градинки се во процес на изградба. Едната градинка е во фаза на изградба, а за втората, во Расадник, се обезбедени средства, изготвен е проектот и наскоро ќе почне градбата. Нашата Општина продолжува интензивно да работи на надминување на сите предизвици и создавање дополнителен простор за упис на деца во градинка. Ова не само што го решава проблемот со листите на чекање, туку и обезбедува подобри услови за нашите најмлади сограѓани. Градинките не се само места каде што се децата згрижени додека нивните родители се на работа. Тие се клучни институции за ран развој и образование на децата. Во градинките, децата стекнуваат основни вештини за социјализација, учат преку игра и се подготвуваат за понатамошното образование. Дополнително, градинките играат важна улога во откривањето и раната интервенција на потенцијалните развојни проблеми. Со обезбедувањето на доволно капацитети за сите деца кои имаат потреба од згрижување, не само што ги поддржуваме семејствата, туку и инвестираме во иднината на нашата заедница. Секое дете заслужува можност за квалитетно образование и грижа од најрана возраст, и ние ќе продолжиме да работиме неуморно за да го обезбедиме тоа.
Ѓоргиевски: „Досега инвестиравме во изградба или обнова на 20-тина спортско-рекреативни центри и паркови.“
Покрај инвестирањето во патната инфраструктура која интензивно се одвива во сите населби и населени места, очигледно е дека фокусот на вашата работа е насочен и кон обновата на спортската инфраструктура.
Токму така, стратегијата за постигнување на рамномерен развој која ја покажуваме со секој наш проект, се огледува во обновувањето и градењето на патната, комуналната, но и спортската инфраструктура во сите населби и населени места. Се стремиме да ги заживееме сите места во нашата општина кои во себе носат потенцијал и досега инвестиравме во изградба или обнова на 20-тина спортско-рекреативни центри и паркови. Посебно сакам да истакнам дека голем дел од овие центри се изградени на места каде што претходно имаше огромни депонии, а голем дел се места кои во минатото биле култни спортски локации кои пропаднале поради негрижа. Со нашата работа и визија, сега им е даден нов живот. Ќе ги спомнам „Оксиген“, „Феникс“ и „Бецко“ во Дупки, паркот „Иднина“, новиот спортски комплекс во Теферич и многу други локации кои граѓаните веќе интензивно ги користат. Преку спортот, и младите и повозрасните имаат можност да развијат здрави навики, да се социјализираат и да го подобрат своето физичко и ментално здравје. Покрај тоа, овие рекреативни центри се места каде што луѓето можат да се соберат, да се дружат и да се поврзат.
Говорејќи на оваа тема, неизбежно е да ја спомнам салата „Расадник“, која е некогашниот симбол на спортскиот дух на нашата општина и на градот. Имено, салата ,,Расадник“ конечно ќе биде реконструирана и вратена на користење на граѓаните. Во текот на минатата година, правно го преземавме управувањето со овој објект. Без наталожените долгови, спортската сала ,,Расадник“ беше преземена од Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт. Ова претпријатије има задача да стопанисува со државни спортски објекти, но и да инвестира во одржување на спортските комплекси, а кое поради 30-годишната негрижа салата ја претворило во руина, во демолиран, небезбеден и целосно уништен простор. Уште тогаш, по извршениот увид, утврдивме дека е неопходна темелна реконструкција и веднаш започнавме со процесот на подготовка.
Општина Кисела Вода го нарача проектот и тој е во финална фаза. Откако ќе биде готов, започнува реконструкцијата. Со оглед на тоа што се работи за исклучително скап зафат, големо е моето задоволство што можам да информирам дека средствата се обезбедени. Tој ќе се реализира преку Министерство за спорт во Владата на Република Македонија. Оваа спортска сала има посебно место во срцата на нашите граѓани. Таа беше дом на култниот тим ,,Вардар“ и e сведок на многу славни спортски моменти. За многумина од нас, таа е симбол на спортскиот дух, заедништвото и успехот, па затоа, нашата цел е да ѝ го вратиме загубениот сјај и повторно да биде место каде што ќе се пишуваат нови спортски истории.
Продолжуваме со истата динамика и посветеност за да обезбедиме уште повеќе можности за сите наши жители. Со визија и решителност, сметам дека нашата општина ќе стане уште подобро место за живеење.
Ѓоргиевски: „Во индустриската зона, на 22 илјади метри квадратни, ќе започне изградба на една од најголемите фабрики за производство на кондиторски производи.“
Неодамна најавивте старт на голема инвестиција во општина Кисела Вода. Можете ли да ни ги кажете деталите?
Многу ми е драго што Општина Кисела Вода, која во минатото имаше лош имиџ и беше поврзувана со коруптивни скандали, која беше општина пред банкрот, сега е тло кое е привлечно за инвеститорите. Во индустриската зона, на 22 илјади метри квадратни, ќе започне изградба на една од најголемите фабрики за производство на кондиторски производи, како и на логистички центар. Производството е наменето за извоз. Се работи за македонска инвестиција со странски партнер, што ќе овозможи вработување на 300 лица. Вкупната инвестиција е 20 милиони евра.
Големите инвестиции значат доверба и драго ми е што новиот начин на работа што го започнавме, новото поглавје кое подразбира почитување на законите, транспарентност, иновативност, лидерство, се препознаени. Сметам дека подобрувањето на деловната клима ќе донесе инвестиции во целата општина и дека на Кисела Вода ѝ претстои добар економски развој.
Претседател сте на ЗЕЛС и одблизу ги гледате предизвиците со кои се соочуваат општините во Македонија. Што е најгорлив заеднички проблем на единиците на локалната самоуправа и каде го гледате излезот?
Локалната власт во нашата земја е многу сиромашна и оттука наш приоритет како ЗЕЛС е обезбедување повеќе финансиски средства за општините. Општините трошат околу 4,9 % од бруто-домашниот производ. Во споредба со општините од земјите од регионот, да не зборуваме за општините од Европската Унија, ова се навистина минимални средства за локалната власт. Ако имаме предвид дека 70% од целокупното законодавство, особено она што го имплементиравме во согласност со стандардите на Европската Унија, се спроведува на локално ниво, тогаш барањето да се зголеми процентот на зафаќање од ДДВ на најмалку 10% во полза на општините, а приходот од персоналниот данок целосно да им се префрли на општините, или барем најмалку 50% од него, се надевам дека нема да биде така невозможно. Бараме и да управуваме самостојно, односно преку ЗЕЛС, со распределбата на капиталните инвестиции наменети за локалната власт, за кои се залагаме да ги добиваме од еден извор, а не како досега, расцепкано.
По промената на претходната власт со која немавме никаква соработка, сега сум навистина голем оптимист дека ќе успееме да ја продлабочиме децентрализацијата и да спроведеме соодветни реформи. Во контекст на претходното, од самиот старт, новата Влада објави дека општините ќе имаат на располагање 250 милиони евра за изградба на инфраструктурни проекти, училишта, градинки, улици, игралишта, паркови...
Се надевам дека заедно ќе работиме и на измената на законските застарени решенија, како нереформираниот Закон за даноците на имот и нееднаквиот третман на општинската даночна администрација во однос на државната даночна администрација.
Она што е многу позитивно во ЗЕЛС е работата на телата и органите на ЗЕЛС, каде што одлуките се донесуваат со консензус, во интерес на општините и на граѓани, без никакво наметнување на партиски или некои лични интереси. Единството во ЗЕЛС всушност беше и ќе остане најмоќната алатка за постигнување напредок на локалната власт. Сепак, уште едно прашање останува отворено, а тоа е немањето соработка со градоначалничката на Град Скопје, која ја кочи и ја опструира работата на сите други градоначалници од Градот.
Ѓоргиевски: „Во месец јули, кога темературите се над 40 степени, да не се собира отпадот е еднакво со обид за создавање на епидемија.“
Поднесовте тужба до ЈП „Комунална хигиена“ поради тоа што не си ги извршуваат обврските, поради нехигиената во која тоне главниот град.
Ова беше логичен след на нештата по сите наши повици, апели и обиди да се натера ова јавно претпријатие кое е под надлежност на Градот Скопје да си ја врши работата за која секој месец зема пари од граѓаните. Во месец јули, кога температурите се над 40 степени, да не се собира отпадот е еднакво со обид за создавање епидемија. Минатата година состојбата беше иста, па ние како градоначалници моравме сами да се организираме и да им ја вршиме работата. За тоа добивме прекршочни пријави од Градот Скопје, кои потоа на суд беа отфрлени. Разликата сега е во тоа што казните кои нашите инспектори ги напишаа се врз база на докази, врз база на секојдневието во кое нѐ тераат да живееме. Ние не зборуваме само за нехигиена. Зборуваме и за немање јавен превоз, за непостапување при пукнати водоводни цевки, неискосени паркови, на еден тотален застој што е резултат на неспособност и на инает од страна на актуелната градоначалничка Арсовска. Но, цената за тоа ја плаќаат граѓаните. Затоа, како градоначалник на Кисела Вода, ќе продолжам да правам сѐ што е во моја моќ да ги заштитам нашите жители.
Вашето име сѐ почесто се споменува како еден од кандидатите за иден градоначалник на Скопје. Имате ли таква амбиција и што е она што најмногу му недостига на Скопје?
Рано е да дискутираме на оваа тема, но мислам дека да се биде градоначалник на Град Скопје е голема одговорност, чест и привилегија. Да можеш да менаџираш со потребите на граѓаните и да го направиш градот во кој живееш подобар, е сериозна задача со многу предизвици на кои треба да се нафати само амбициозен и решителен човек. Секој од нас има визија за тоа во каков град сака да живее, но сметам дека пред сѐ, Скопје мора да биде функционален град. Тоа подразбира ефективно управување со инфраструктурата, обезбедување услуги и развојни проекти што ќе обезбедат подобар квалитет на живот за сите граѓани. Сите аспекти на градскиот живот треба да функционираат ефикасно и да одговараат на потребите на граѓаните. Меѓутоа, пред мене има уште повеќе од една година во која мора да се завршат проектите во Кисела Вода, со кои таа целосно го смени својот лик. Работата која ја започнавме треба да се доврши за да можеме да гледаме на овие проекти како долгорочно успешни примери на нашата посветеност и напор.
Сѐ во свое време. И на крајот, тоа ќе биде одлука на граѓаните. Тие го даваат својот глас и суд за тоа кој е најдобриот избор за следниот градоначалник на Скопје. Но, едно е сигурно, скопјани заслужуваат функционална метропола.