Еден од најголемите проблеми за развој на општината и за реализација на капитални проекти е немањето детални урбанистички планови и урбанистички планови за селата. Токму поради тоа, му посветивме максимално внимание на тој дел. Веќе се донесени неколку планови за блокови за индивидуално домување и за блокови за мало стопанство, со што се создаде можност за изградба на вакви објекти. За некои од нив се издадени одобренија за градба и тие веќе се градат, вели градоначалникот на Виница, Миле Петков. Тој од октомври 2021 година успешно ја извршува функцијата градоначалник на Општина Виница. Во интервјуто за Магазинот за туризам и менаџмент, Петков најавува нова туристичка населба за изградба на викенд-куќи и хотелски комплекси.
Кога стапивте на функцијата градоначалник на Општина Виница, затекнавте вкупен долг од 55 милиони денари и неплатени обврски за извршени услуги што секојдневно достасуваа за наплата, како и нефункционално јавно претпријатие со долг од 23 милиони денари. Како успеавте да се справите со овие предизвици? Во каква состојба се сега општината и јавното комунално претпријатие?
Кога стапив на функцијата градоначалник, Општина Виница и ЈКП „Солидарност“ беа во исклучително лоша финансиска состојба. Дополнително отежнувачка околност за нас, како и за сите локални самоуправи, беше големата енергетска и економска криза со кои се соочивме и чии последици сѐ уште ги чувствуваме. И покрај тоа, со исклучително домаќинско, дисциплинирано и чесно работење, успеавме да се справиме со притисокот од напливот на побарувањата, и не само тоа, туку успеавме и долгот на Општина Виница да го намалиме за речиси 20 милиони денари. Ситуацијата во ЈКП „Солидарност“, како и во многу комунални претпријатија во Македонија, морам да бидам искрен, сѐ уште не е финансиски стабилизирана и не сум задоволен од тоа. Сепак, ударот од кризата, особено во делот на енормното зголемување на сметките за електрична енергија на јавното претпријатие, како и растот на платите на вработените како резултат на законските обврски и, секако, катастрофалната состојба што ја затекнавме, беа преголем товар за јавното претпријатие за да можеме да го доведеме на нивото што го посакуваме. Сепак сум убеден дека за краток временски период, финансиската ситуација ќе биде значително подобрена.
Панорама на Виница. | Извор: macedoniafromabove.mk
Најавивте реални проекти наместо празни ветувања и тоа го остваривте. На кои проекти сте особено горди?
Ако гледаме од аспект на тоа што можеби најмногу ги мачеше и што претставуваше особена директна опасност по здравјето на граѓаните на Општина Виница, тоа е сигурно затворањето на општинската депонија во с. Лески, проект за кој особено се ангажиравме. Ја подготвивме комплетната планско-урбанистичката документација, што беше предуслов да се почне процесот за затворање на депонијата. И откако претходно беа исчистени и затворени дивите депонии во с. Блатец, с. Истибања и с. Виничка Кршла, Општина Виница стана првата општина во Република Македонија што на својата територија нема ниту една депонија. По подолг временски период, извршивме реконструкција на сината сала во Домот на културата „Тошо Арсов“ како култно место во кое се одржуваат голем број културни настани од домашен и од меѓународен карактер.
Водоводна и канализациона мрежа се основни услови за живот на граѓаните. Какви беа, а како изгледаат денеска во Виница?
Како и во сите области што се во надлежност на локалната самоуправа, така и во делот на комуналната инфраструктура работевме посветено и плански. Реконструирана е водоводната мрежа, односно заменети се штетните азбест-цементни цевки со полиетиленски цевки на улиците „Партизанска“, „Христо Узунов“, „Григор Прличев“, дел од ул. „Маршал Тито“, ул. „Ванчо Прќе“ и ул. „11 Октомври“, а во завршна фаза е реконструкцијата на дел од улиците „Иво Лола Рибар“ и „Н. Н. Борче“ во Виница. Реконструиравме и дел од водоводната мрежа во с. Блатец. Изградена е надворешна фекална канализација на ул. „Крушевска Република“ во Виница, а за првпат и во единственото село од збиен тип во Општина Виница, с. Липец, кое немаше ниту еден метар канализациона мрежа, започнавме и изградивме дел од канализационата мрежа.
Истовремено работиме на изработка на проектно-техничка документација за изградба на канализациона мрежа на делови од град Виница, и тоа дел од улиците „Моша Пијаде“, ул. „Маршал Тито“, ул. „Браќа Миладинови“, Кеј „30 Август“, ул. „Ванчо Прќе“ и ул. „Братство Единство“, како и за населените места односно за краци во с. Блатец, с. Пекљани и с. Градец. Работиме на изработка на документација и за реконструкција или изградба на водоводна мрежа на ул. „Пиринска“, ул. „Ванчо Прќе“, ул. „Видео Смилевски Бато“, дел од ул. „Илинденска“, Кеј „30 Август“ во град Виница и во с. Истибања. Кога станав градоначалник, ако имав наследено изработено документација за изградба на водоводни и канализациони системи за погоре наведените делови од градот и населени места, голем дел од нив досега ќе ги изградевме.
Реконструкција на водоводната мрежа во Виница.
Не можат да се градат нови индивидуални и стопански објекти затоа што нема урбанистички планови, но вие постигнавте успех и во тој дел. Со кои планови и објекти го разубавивте градот?
Еден од најголемите проблеми за развој на општината и за реализација на капитални проекти е немањето детални урбанистички планови и урбанистички планови за селата. Токму поради тоа, ние му посветивме максимално внимание на тој дел и веќе се донесени неколку ДУП-ови за блокови за индивидуално домување и за блокови за мало стопанство. Со тоа се создаде можност за изградба на вакви објекти, и тие за кои се издадени одобренија за градба, веќе се градат. Во завршна фаза на донесување се неколку ДУП-ови и урбанистички планови за 3 села, со што ќе има можност за изградба на објекти за семејни куќи, станбени згради за колективно домување и објекти за мало стопанство, како и изградба на објекти во овие села. Освен тоа, започната е постапка за донесување нови ДУП-ови во градот, УПВНМ за изградба на индустриска зона за мало стопанство и урбанистички планови за уште 3 села, но, за жал, овие постапки предолго траат. Се надевам дека новата влада ќе предложи законско решение со кое овие постапки ќе се скратат, сѐ со цел побрз развој на општините.
Со вашето долгогодишно професионално работно искуство од речиси 30 години и поради природата на Вашата работа како геодет, изјавивте дека сте влегле буквално во секој дом и дека ги знаете проблемите со кои се соочуваат граѓаните, а и нивните очекувања од локалната власт. Кои нивни очекувања ќе ги остварите во следниот период?
Потребите на граѓаните за кои сме надлежни ние како локална самоуправа се секако проблемите што ги наведов погоре во делот на комуналната инфраструктура, особено во делот на водоводната и на канализационата мрежа, но голем дел од граѓаните очекуваат и бараат и подобрување на сообраќајната инфраструктура.
Токму поради тоа, веќе започнавме со асфалтирање и со реконструкција на многу улици во градот и во населените места, рекорден број вакви зафати во историјата на Општина Виница. Во рок од 8 месеци, нов асфалт или реконструкција ќе добијат над 20 улици на кои не било интервенирано над 30-40 години, а, исто така, предвидовме дополнителни 14 милиони денари за рехабилитација на други улици и темелно крпење на ударни дупки. За ова, Општината склучи договор во вредност од 45 милиони денари, средства што во целост се обезбедени од нашиот буџет.
Во завршна фаза е и изградбата на спортски терен за кошарка и теретана на отворено, што за неколку ден ќе биде завршено. За краток временски период ќе биде завршена и реконструкцијата на киносалата во Виница. Продолживме со изградбата на покриениот градски пазар во Виница и очекувам до крајот на годината да биде завршен и овој капитален проект.
Во рамките на програмата за прекугранична соработка со Р. Бугарија е одобрен проектот за уредување на кејот на Градечка Река, и веќе сме во фаза на потпишување договор, кој ќе биде реализиран во следниот период.
Петков на терен за време на реконструкција на патниот правец Блатец - Детлово.
Изградба на спортски терен во Виница.
Да се биде градоначалник значи да се работи за граѓаните. Како Ви успева да воспоставите комуникација со вашите сожители? Кои проекти се ваше заедничко дело?
Без исклучок сум отворен и комуницирам буквално со сите граѓани што ќе побараат средба. Соработката со граѓаните, невладини организации и со здруженијата на граѓани е на одлично ниво. Како плод на нашата заедничка соработка, конкретно можам да ја издвојам набавката на 2 противпожарни возила за потребите на ТППЕ Виница. Исто така, на форум на заедницата е избран проектот за набавка на комунално возило за собирање отпад, за кое е во тек е преттендерска постапка. Има уште многу примери за соработка на проекти што ги реализиравме во интерес на сите граѓани.
Виница е позната по термалните води, тука е Плачковица. Дали реализиравте дел од планот за развој на туризмот?
Да, за Топлички Рид во с. Истибање имаме комплетна техничка документација за изградба на хотелски комплекс и спортски терени на површина од 25 хектари. На овој простор има големи количества геотермални води што не се доволно искористени. Моментално има приватен концесионер за ова подрачје, што е пречка за реализација на овој проект. Јас се надевам дека новата влада ќе изнајде начин дел од овие геотермални води да се искористат за новопланираниот хотелски комплекс, но и за веќе постојните хотели на ова подрачје. На планината Плачковица во м.в. Маринково планираме изградба на туристичка и викенд-населба со викенд-куќи и хотелски комплекси. За реализација на овој проект е потребно да биде изграден локалниот пат од с. Градец до м.в. Маринково, за што имаме изработено проектна документација. Јас се надевам дека со помош на новата влада ќе го изградиме овој пат, па ќе се отвори можност за реализација и на овој проект.
Петков избран за претседател на Советот за развој на Источниот плански регион
Избрани сте за нов претседател на Советот за развој на Источниот плански регион. Мандат од една година, сметано од 21 ноември 2023 година. Што претставува За Вас оваа функција и кои се првите резултати од вашето работење?
Во Источниот плански регион има 11 општини. Претседателот е прв меѓу еднаквите, и можам да кажам дека имам одлична соработка и коректна комуникација со сите градоначалници, во интерес на сите општини. Од Програмата за рамномерен регионален развој за 2024 година, утврдивме заедничка предлог-листа на проекти, во која се опфатени сите 11 општини од регионот. Тоа се проекти од интерес на граѓаните, избрани преку форуми на заедниците.
Манифестациите, особено тие што се поврзани со традиционалните обичаи, најмногу допираат до народот, ја будат колективната свест, го креваат заедничкиот дух. Со оваа парола, Виница во изминативе години го стави акцентот врз културното наследство. Неодамна се одржаа „Тодоровите трки“ . Што сѐ организиравте во време на вашиот мандат и колкава беше посетеноста?
За поддршка на културата и за настаните како што се прославите по повод празникот на градот Павловден, ослободувањето на Виница на 30 август, меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“, меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, „Тодоровите трки“ и уште многу други, како општина издвоивме над 4.000.000 денари.
На сите настани посетеноста е голема бидејќи се работи за традиционални настани. Дел од нив се и со меѓународен карактер, но и тие се одлично прифатени од граѓаните.
Колку имавте поддршка од централната власт? Имаа ли слух за Вашите проблеми или фактот што сте градоначалник од опозицијата беше бариера меѓу неа и Вас?
Ние како општина аплицираме на сите можни повици за реализација на проекти од надворешни извори на финансирање. Иако имаме добиено некои проекти за реализација од централната власт, сепак сметам дека има селективен пристап во доделувањето финансиски средства во зависност од политичката припадност. Додека на општините блиски на централната власт им се доделуваат огромни финансиски средства, за општините од опозицијата тие се сведени на минимум.
За разлика од нив, новата влада, за која се надевам дека ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ, предвидува подеднаква помош за реализација на проекти за сите општини во Република Македонија без разлика на политичката припадност, а во зависност од бројот на жители во општините. Тоа е единствениот исправен начин за помош на општините, и мислам дека со тоа сите општини во Република Македонија ќе бидат препородени.
Петков со семејството на фамилијарна прослава.
Колку Ви се смени животот како градоначалник? Имате ли класичен работен ден од 8 часа и викенд во кој му се посветувате само на семејството?
Дефинитивно не само јас, мислам дека и секој градоначалник нема или не треба да има работен ден од 8 часа. Постојано сум во контакт со граѓаните, како и со обврски поврзани со работата и по работното време. Сепак, секогаш наоѓам време и за семејството. Со добра организација, има време за сѐ.
Во кој дел од градот живеете? Колку членови брои Вашето најблиско семејство?
Живеам на влезот во Виница, во семејна куќа што ја изградив во 2001 година. Имам сопруга и две деца – ќерка и син, кои засноваа свои семејства, па веќе имам 3 внуки и 1 внук.
Што очекувате од претседателските и од парламентарни избори?
Ги очекувам промените што ги бараат и мнозинството граѓани, за доброто на Македонија и на македонскиот народ. Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на парламентарните избори и избор на стабилна влада за економски развој на општините и државата. За претседател на Република Македонија, очекувам победа на професорката Гордана Силјановска-Давкова, за да завладее конечно правната држава во Република Македонија.
Потпишување Меморандум за соработка помеѓу Универзитеот Скопје и Општина Виница
Имате одлична соработка со Универзитетот Скопје. Кога почна и на кој начин се реализира?
Со Универзитетот Скопје соработката започна во месец мај во 2022 година со потпишување на Меморандум за соработка со ректорот проф. д-р Аце Миленковски.
Со потпишувањето на овој Меморандум, се договоривме за наша понатамошна соработка и партнерство во аплицирањето за проекти што се од заеднички интерес, организација на настани од заеднички интерес, подобрување на капацитетите на вработените во општината со реализација на обуки, работилници и семинари од Универзитетот и експертска поддршка во сферата на градењето и креирањето атрактивни туристички брендови на ниво на општина Виница.
Исто така, со потпишувањето на овој меморандум општина Виница доби 15 стипендии за упис на додипломски студии во академската 2022/23 година, за четиригодишни студии, со целосно покриени трошоци за студирање на Универзитетот, кој нуди студии во атрактивни области: економски факултет, факултет за туризам, меѓународен маркетинг, човечки ресурси, информатика и претприемништво.
На покана на Универзитетот, присуствував и на првиот Меѓународниот форум за градоначалници на УТМС, каде што чувме многу позитивните практики од градоначалници од светските метрополи, а кои се применливи и потребни кај нас за да станат и нашите општини модерни и европски.