Интервју со градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски
„Центарот на градот е секогаш најпосетениот дел како од странски, така и од домашни гости. Во Центар се лоцирани речиси сите државни институции, имаме изобилство од музеи, ресторани, локали, театри, концертни сали и навистина имаме со што да се пофалиме пред странските гости. Наша обврска е да им овозможиме на гостите квалитетна инфраструктура, чисти и проодни улици и функционална урбана опрема, канти за отпадоци, клупи, улично осветлување“, вели градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент. За него, културата е важен сегмент во работење и се труди да ја подигне на едно ново, повисоко локално ниво. „Од Општина Центар потекнуваат многу културни дејци, многу писатели, поети, глумци, ликовни и улични уметници, од кои голем дел од нивното творештво го врзуваат токму со Центар, а ние тоа секогаш го почитуваме“, вели Герасимовски. Првиот човек на Центар, покрај во образованието, вложува и во спортот. Ги поттикнува младите да спортуваат, а и тој самиот е пример бидејќи, како што вели, велосипедот го користи во секоја пригода.
Еден од најгорливите проблеми на речиси секоја општина во Македонија се дивоградбите. Вие поднесовте до ЗЕЛС иницијатива за конфискација на сите нелегални објекти наместо уривање. До каде е оваа идеја и постапка?
Најпрво, дозволете да Ви се заблагодарам за интересот и можноста да подискутираме за мојата, за нашата работа во Општина Центар. Иницијативата за изнаоѓање законско решение за конфискација на бесправно изградените објекти и нивна реупотреба е една добра и корисна алатка што има за цел да го подобри начинот на решавањето и на справувањето со овие објекти. Целта на оваа иницијатива е да најде и да произведе решение, да даде можност да се конфискуваат бесправно изградените објекти и да се пренаменат во функција на општината. Преку оваа иницијатива сакаме да интервенираме во две законски решенија: Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и во прекршочна постапка. Иницијативата ја претставив пред Управниот одбор на ЗЕЛС, од каде што добив голема поддршка затоа што речиси сите градоначалници се соочуваат со исти или со слични проблеми. Ја претставив и пред министрите за правда и транспорт и врски, Кренар Лога и Благој Бочварски, каде што исто така наидов на поддршка, па добивме гаранции дека дел од иницијативата ќе биде вметната во новите законски решенија што се во подготовка. Воедно, на мој предлог, ЗЕЛС формираше посебна комисија, која ќе работи на целосна имплементација на иницијативата во новите законски решенија. Членовите на комисијата во состав од пет градоначалници, кои се истовремено членови на УО на ЗЕЛС, тимови од општините и од министерствата за правда и за транспорт и врски, во периодот што претстои ќе работат заедно за да се внесе оваа иницијатива во новите закони.
Улицата „Пластичарска“ беше прва на листата за уривање на дивоградбите, но Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ѝ ги одзеде ингеренциите на општината. До каде е оваа постапка и дали општината има некаква надлежност за уривање на оваа дивоградба?
За таа локација и состојбите таму во јавноста сум разговарал повеќе пати. Издадено е решение за отстранување на објектот, досега имавме два обиди за административно да го отстраниме, но од објективни причини, акциите потфрлуваа. Пред извесно време Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам го презеде предметот и во моментов предметот е на увид кај нив. Кога ќе заврши надзорот од нивна страна, ќе знаеме точно која е фактичката состојба и како ќе постапиме понатаму.
Градбите на Водно беа трн во око на македонската јавност долго време. Што се случува со Водно во моментов? И дали во вашиот мандат можете да спречите нови градби во овој дел од градот?
Уставниот суд, поради непочитување на постапката за донесување во 2014 година, го укина ДУП-от Ј 07, кој обработува голем дел од површината на подножјето на планината Водно. Запознаени сме со тоа што се случува, го следиме развојот на настаните и чекаме да се расчисти конечно ситуацијата за да ги дознаеме следните чекори во врска со ова подрачје. Вршиме редовни контроли, инспекциите се на терен, а на моја иницијатива, формирав дополнителна стручна комисија за урбанизам која има за цел на терен да проверува дали инвеститорите градат во согласност со издадените одобренија. Проблемите со Водно се наследени, некои од нив се стари и десетици години и навистина се трудиме да ги решиме не нанесувајќи штета ниту на околината ниту пак на граѓаните. Пред одлуката на Уставниот суд, Советот донесе одлука за стопирање на градежните активности на оние осум популарни парцели на Водно. Дадов збор дека додека сум јас градоначалник, таму нема да се гради и немам намера да отстапам од тоа.
Општина Центар неодамна го доби второто општинско јавно претпријатие „Енергија Центар“ наменето за продажба и производство на енергија од обновливи извори. Кажете ни нешто повеќе за овој проект?
„Енергија Центар“ е првото вакво општинско јавно претпријатие за производство и продажба на струја. Преку „Енергија Центар“ ќе се врши набавката и инсталацијата на фотоволтаични системи на сите основни училишта, детски градинки и останати објекти во надлежност на Општина Центар. Со овој чекор, училиштата и градинките ќе имаат можност да произведуваат струја за свои потреби, а вишокот преку претпријатието да се продава на отворениот пазар за струја. Општината преку „Енергија Центар“ ќе инсталира централи со вкупна максимална инсталирана моќност од 2,44 мегавати, вкупната инвестиција за инсталирање би изнесувала околу 1.755.000 евра, а пресметаниот период за поврат на инвестиција е околу 4,5 години. Задоволство ми е да кажам дека ова е првиот чекор на Општина Центар кон целосна енергетска независност и кон промовирање во прва енергетски независна општина во државата.
Колку е доволен општинскиот буџет да инвестирате во образованието и во објектите? Особено бидејќи секоја година се бара место повеќе и во градинките и во училиштата.
Навистина се грижиме нашите деца и ученици да ги имаат најдобрите услови за правилен развој. Секојдневно инвестираме во училиштата и имаме навистина многу активности во тој дел. Редовно се одржуваат училишните дворови, детските игралишта, но и самите училишта, затоа што дел од нив се навистина стари и имаат потреба од реконструкции. Во тек е изградбата на првата детска градинка во населба „Пролет“, реконструиран е покривот и поставена е енергетски ефикасна фасада на детската градинка на објектот „Јасмин“ на детската градинка „13 Ноември“, а во континуитет инвестираме и во останатите детски градинки и основни училишта. Вложуваме и во воспитно-наставниот кадар, се трудиме секогаш нашите деца да го добиваат најдоброто образование и нашите училишта да бидат пример за сите општини во земјата. Тоа се инвестиции кои се сигурни и преку тие инвестиции, вложуваме и во нашата иднина.
Општината им помага и парично на граѓаните во повеќе сегменти. Покрај тоа што доделувате финансиски средства за новороденчиња, направивте и измени во Правилникот со што право на парични средства ќе имаат поголем број граѓани, но и самохраните родители. За што друго одвојувате финансии од општинскиот буџет за да им помогнете на жителите на вашата Општина?
Дозволете да дополнам само дека Општина Центар дава 7000 денари за секое новороденче, која е една од највисоките суми од сите општини во државата, а тековно имаме и проекти кои ги засегнуваат сите социјално ранливи групи. Она што го ветив во предизборието, го остварив и пензионерите во Центар добија 3 нови пензионерски клубови. Им помагаме и на нашите сограѓани кои живеат во социјално загрозени семејства со пакети со храна и основни хигиенски производи, кои исто ги доставуваме и до малите групни домови и до згрижувачки семејства на деца без родители во Општина Центар. За сите првачиња обезбедивме бесплатни стоматолошки и офталмолошки прегледи, но и училишни ранци со прибори за безгрижен почеток на учебната година. Во функција е и сервисот „Нега на стари лица во домашни услови“, со кој 90 пензионери во Општина Центар добиваат 3 пати по 2 часа домашна нега од стручни лица. Тука е КСП „Јадро“, функционира и младинскиот центар „Матично“, на кој сме особено горди. Задоволство ми е да кажам дека навистина има голем интерес за користење на овие два простори. Севкупно, се трудиме да помогнеме секаде онаму каде што можеме и морам да кажам дека сум задоволен од постигнатото досега. Ние продолжуваме понатаму, затоа што сметам дека секогаш можеме подобро.
Како се обидувате да ги задржите туристите во центарот на Скопје, особено бидејќи секојпат тој е прв на листата при посета на странски гости во една метропола?
Центарот на градот е секогаш најпосетениот дел како од странски, така и од домашни гости. Во Центар се лоцирани речиси сите државни институции, имаме изобилство на музеи, ресторани, локали, театри, концертни сали и навистина имаме со што да се пофалиме пред странските гости. Наша обврска е да им овозможиме на гостите квалитетна инфраструктура, чисти и проодни улици и функционална урбана опрема, канти за отпадоци, клупи, улично осветлување. Ги детектираме оние улици кои се оштетени, предвидуваме нивни реконструкции во нашите програми и ги реконструираме. Секојдневно вршиме замена на оштетената урбана опрема, поставуваме безбедносни столпчиња на критичните точки на улиците и редовно го одржуваме зеленилото кое е во наша надлежност. Голем дел од уличното осветлување е веќе обновено со ЛЕД-светилки кои се енергетски ефикасни. Наша цел, освен подобрувањето на секојдневието на нашите жители, е и да им оставиме добар впечаток и на гостите и на туристите од странство.
Скопското Кале е еден од објектите на културното наследство што официјално се под Општина Центар иако ингеренциите за владеење се кај Министерството за култура. Дали може да ни кажете што се случува со овој симбол на нашата држава и кога ќе биде повторно отворен за посетители? Ќе го врати ли својот сјај?
Калето е еден од симболите на Општина Центар, но и обележје на градот Скопје. За делот околу тврдината Кале, донесовме нов детален урбанистички план, со кој решивме многу проблеми на жителите од овој дел на Центар, особено во делот на легализацијата на објекти и намалувањето на нивната катност. Со донесувањето на ДУП-от, благодарение на нашите стручни служби, успеавме да зачуваме и зелени површини од над 30.000 метри квадратни. За повеќе зеленило, успеавме да избришеме згради, катни гаражи и хотели кои биле вцртани во минатото, а додадовме изградба на нова детска градинка, која ќе биде прва во оваа населба. Тврдината Кале, како заштитен споменик на културата, е во надлежност на Министерството за култура, и таму веќе извесен период, колку што ми е познато, се вршат археолошки ископи. Тоа е дел од градот кој е богат со историја и со историски артефакти од нашето минато. Убеден сум дека штом ќе се овозможат услови за отворање кон јавноста на Калето, тоа и ќе биде направено.
Македонија е една од државите во која не се наплаќа влез во сите објекти кои се културно наследство. Во вашата Општина има голем број објекти што се од големо значење за нашата историја. Дали сте размислувале за договор со надлежните институции да направите поголема промоција на историското наследство, а воедно и нов начин на полнење на општинската каса, пари кои ќе може да ги искористите за други цели?
Сметам дека е добра идејата да не се плаќа влез во сите објекти на културното наследство. Се надевам дека и нашите колеги од Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство го делат ова мое мислење. Во редовна комуникација сум со моите колеги и од локалната и од централната власт, даваме предлози, размислуваме за одредени идеи и работиме на нивна реализација. Онаму каде што наидуваме на разбирање, секогаш брзо и ефикасно ја реализираме активноста. Културата е важен сегмент во нашето работење и се трудиме да ја подигнеме на едно ново, повисоко локално ниво. Од Општина Центар потекнуваат многу културни дејци, многу писатели, поети, глумци, ликовни и улични уметници, од кои голем дел од нивното творештво го врзуваат токму со Центар, а ние тоа секогаш го почитуваме. Само како пример ќе го наведам тука нашиот Горан Стефановски, за чие значење е излишно да се трошат зборови. Освен што неговите дела и писанија се секаде наоколу нас, секоја година, заедно со Фондацијата на семејството Стефановски, на 27 април го одбележуваме неговиот роденден, најчесто на плоштадот „Јас и ти“ во Дебар Маало, каде што е засаден чинар во негова чест и е поставено неговото спомен обележје. Покрај ова, секоја година им доделуваме средства од општинскиот буџет на културните работници, уметници и здруженија на граѓани, за уметнички перформанси, настапи и останати нивни активности, пари кои им се од голема помош во реализацијата на нивните цели.
Да се најде место за паркинг во Центар е сериозен проблем. Дали планирате промени во тарифникот на ПОЦ?
Се согласувам дека е проблем, но верувајте ми, поголем проблем им е на самите жители кои живеат во општината. Главно, од причина што не се внимавало во минатото при издавањето на одобренијата за градба, каде што сте обврзани да имате места за паркинг. Во новите одобренија, инвеститорите се обврзани да обезбедат задолжителен број места за паркинг. За полесно справување со проблемите, во наредниот период планираме продолжување на монтажната катна гаража на улицата „Народен фронт“ во Капиштец, со што значително ќе се зголеми капацитетот. Жителите од нас бараат воведување резидентни паркинзи, па онаму каде што имаме можност, дел по дел ги реализираме. Внимаваме онаму каде што е можно да воведеме пешачки зони, да изведуваме велосипедски патеки и да го заштитиме јавниот простор, затоа што од тоа корист имаме сите ние.
„Цел Центар на точак“, субвенции за 30 отсто од цената за купување велосипед, електричен велосипед или електричен тротинет.
Неодамна беше објавен јавниот повик за проектот „Цел Центар на велосипед“, за субвенционирање на 30 отсто од цената за купување нов велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет. Дали имаше голем интерес од граѓаните?
Оние што ме познаваат подобро, знаат дека сум голем вљубеник во рекреативниот велосипедизам. Велосипедот ми е главно превозно средство и го користам секаде и во секоја можност. Во Центар веќе 9 години успешно го спроведуваме проектот „Цел Центар на велосипед“, кој резултираше со над 5.000 субвенционирани велосипеди и многу задоволни деца, мајки и татковци. Во последните повици ги додадовме и субвенциите за електрични велосипеди и електрични тротинети, и навистина интересот за субвенционирање е голем. Од година во година се намалува бројката, затоа што имаме навистина голем број субвенционирани велосипеди и електрични тротинети. Доказ за атрактивноста на проектот е и фактот дека оваа година квотата за субвенции се пополни во првите две недели.
Колку е спортот важен сегмент во вашата Општина и колку инвестирате во него?
Големо внимание им посветуваме на спортот, на здравите навики и на здравиот развој, особено на нашите најмлади жители. Секоја година ги организираме училишните спортски игри „Лига Центар“, каде што децата од општинските основни училишта се натпреваруваат во фудбал, кошарка, ракомет, шах и одбојка за девојки, а на крајот на учебната година се прогласуваат најдобрите. Во општинска сопственост е гордоста на Центар, КК „Работнички“, најтрофејниот кошаркарски клуб во државата. КК „Работнички“ од неодамна има нови спонзори „М-ТЕЛ“ и „Виделотарија касинос Австрија“, кои ќе ни помогнат да го вратиме клубот на старите победнички патеки. Секоја година распишуваме јавен повик за поддршка на спортски работници, спортисти и спортски клубови кои работат на територијата на Општина Центар. Навистина сме горди на она што досега сме го реализирале, но не застануваме тука. Продолжуваме да работиме, со уште позасилено темпо, со повеќе проекти, уште повеќе активности и единствена цел – овозможување подобар живот за сите во Општината Центар.