Претстојните локални избори – клучен момент за заедниците во Македонија

Претстојните локални избори – клучен момент за заедниците во Македонија

Македонија се подготвува за уште еден важен демократски процес – локалните избори кои ќе го одредат патот на општините за следните четири години. Изборите, планирани за наредната година, ќе бидат можност граѓаните да го изразат својот став и да изберат локални лидери кои ќе ги адресираат нивните потреби и визии.

Локалната самоуправа е срцето на секојдневниот живот – од инфраструктурата, водоснабдувањето, образованието и урбаното планирање, до животната средина и јавните услуги. Затоа, овие избори се од витално значење за секојдневните проблеми на граѓаните.

Кампањите веќе се загреваат, а кандидатите од различни политички партии пополека ги претставуваат своите програми. Главни теми се економскиот развој, создавањето нови работни места, намалувањето на загадувањето, решавањето на сообраќајните проблеми и подобрување на условите за образование и здравство.

Овие избори исто така претставуваат тест за демократијата и зајакнување на довербата во институциите. Меѓу другото, ќе се види дали граѓаните ќе се одлучат за континуитет или промена, а политичките партии ќе добијат сигнал за нивната работа и довербата која ја уживаат.

Граѓаните имаат можност активно да учествуваат во изборниот процес преку информирање за програмите на кандидатите, поставување прашања и секако – излегување на гласање. Вашиот глас е вашата моќ да влијаете врз иднината на вашата заедница.

Македонија ќе покаже дека преку транспарентен и фер изборен процес може да продолжи патот кон зајакнување на демократијата и локалниот развој.

За локалните проблеми и предизвици, идни планови, за проектите од унгарскиот кредит, на што најмногу се гордеат од она што го направиле – поразговараме со градоначалниците на Битола, Тони Коњановски, и на Гази Баба, Бобан Стефковски. А на тема локална самоуправа разговаравме и со министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.

Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.

За тоа колку досега оствариле од својата изборна програма, односно од она што го ветиле пред граѓаните, за Магазинот за туризам и менаџмент одговараат Коњановски и Стефковски.

„Многу често на вакво прашање, мојот одговор е дека секогаш може повеќе, но ако треба да направам едно кратко резиме изразено во проценти, реално можам да речам дека реализиравме над 75% од она што како програма го претставивме и го ветивме пред граѓаните. Решивме многу инфраструктурни проблеми, реконструиравме и изградивме патна инфраструктура над 50 километри, започнавме капитални проекти, како изградба на нова противпожарна зграда, детска градинка, обнова на Планинарскиот дом Копанки, реконструкција на влезот во Битола, реконструиравме спортски игралишта, паркинг-простори, изградивме нов парк, градиме велосипедски патеки во должина од над 5 километри, по 23 години работиме на нов Генерален урбанистички план и многу други проекти, чии резултати се видливи, го менуваат ликот на Битола и повторно го враќаат интересот на инвеститорите за нашата општина,“ вели за Магазинот за туризам и менџмент, Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола. 

Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба.

Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба.

„Изборната програма врз основа на која граѓаните на општина Гази Баба ми ја дадоа довербата да бидам градоначалник, по стапувањето на функцијата ја преточив во програма за работа на општината. Имајќи го тоа предвид, секој сектор во рамките на општинската администрација изготви акциски план со јасно утврдени рокови за реализација на секој проект кој произлегува од програмата, а е во надлежност на Општината. Денес, по три години и еден месец од мандатот, со задоволство можам да констатирам дека реализацијата на изборната програма изнесува близу 90%“, ни изјави Бобан Стефковски, градоначалник на Гази Баба. 

Двајцата градоначалници се најмногу горди на тоа што граѓаните се задоволни, а општините напредуваат.

„Горд сум пред сѐ на позитивните реакции од граѓаните при реализација на секој проект, затоа што повратниот одговор од нив е потврда колку е локалната самоуправа успешна или неуспешна во својата работа. Токму затоа, тешко е да издвојам одреден проект, но можам да истакнам дека започнавме со дигитализација на процесите во општината, воведуваме нови дигитални алатки, ги мотивираме младите преку партиципативност да дадат придонес во работата на општината, работиме на енергетската ефикасност, поставивме фотоволтаици на шест училишта, засадивме над 1.500 садници за подобрување на квалитетот на животната средина, ја ставивме во употреба северната трибина на Стадионот ,Петар Милошевски‘, го осветливме стадионот и се одиграа првите натпревари под рефлектори, овозможивме културно раздвижување на градот во текот на целата година, за што потврда на крајот на годината е и нашиот нов бренд ,Зимска приказна‘, која ја реализираме годинава по четврти пат и која претставува значајна манифестација за зголемување на посетеноста од туристи и граѓани, што има директно позитивно влијание врз локалната економија. Во оваа област, инвестирајќи во инфраструктурата, овозможивме Битола да го добие трговскиот центар ,БЛИСС‘, наскоро и ,ЛИДЛ‘, а веќе се најавени и нови инвестиции. Горд сум што со добро планирање и инвестиции, успеавме да ги надминеме сите предизвици и да вложуваме и во урбаниот и во руралниот дел на општината. Накратко: Ме радува што Битола повторно напредува“, изјави Коњановски, градоначалник на општина Битола. 

„Секој реализиран проект е подеднакво важен за мене бидејќи произлегува од реалните потреби кои ги имаат граѓаните и носи решавање на одреден проблем. Работевме одговорно, чесно и посветено, а кога нешто работиш од срце, тогаш резултатот загарантирано доаѓа. Реализирани се многу проекти. Решивме многу децениски проблеми кои ги имаа граѓаните. Денес, за разлика од пред три години, во Гази Баба нема населено место кое нема вода за пиење. Градиме ново училиште во Ченто, нова градинка во Трубарево, нова сала во Црешево. Изградивме нови спортски сали во Булачани и Стајковци. Многу спортски центри, спортски терени, детски катчиња, асфалтирани улици и многу други проекти. Се гордеам со секој проект подеднакво“, изјави Бобан Стефковски,  градоначалник на општина Гази Баба. 

Сепак колку и да се работи, секогаш има нешто што останува недовршено, па така и градоначалниците со полни раце работа ги планираат следните чекори со цел подобрување на животот на граѓаните. Коњановски и Стефковски одговараат што ќе работат по последната година од својот мандат

„Последната година од мандатот секако претставува заокружување на она што е започнато, односно завршување на започнатите проекти на терен, но и отпочнување на нови постапки за понатамошен развој на општината. Никогаш не смее да се размислува дека со започнување на еден мандат на градоначалник треба да се размислува и да се делува само за тие четири години. Напротив, треба да се има визија за напредок и развој на општината за следните најмалку пет години. Затоа, ги изготвивме сите тие стратешки документи, околу 20 на број, кои веќе беа претходно истечени околу пет години. Тоа значи, дека не само што не се планирало пет години напред, туку планирањето закочило за исто толку години наназад. Затоа, ќе речам дека во оваа година, очекувам проектите да финишираат според планирањето во годишните програми и во развојната програма на Општината, односно планирам да ја опремиме и да отпочне со работа новата противпожарна зграда, еден од нашите капитални проекти, да ја завршиме реконструкцијата на влезот од Скопје, да ставиме во функција најмалку една од трите започнати детски градинки, на 11 локации да ја подобриме спортската инфраструктура преку изградба на тартан-патека, спортски игралишта и спортски сали, да ја отпочнеме изградбата на новиот спортски комплекс и да продолжиме да инвестираме во патната инфраструктура, која сѐ уште претставува горлив проблем за Битола, имајќи предвид дека покрај градот, кон општината гравитираат уште 65 села. Ќе нагласам дека тука, посебно е важно и проектирањето и проектната подготвеност, а како општина подготвени сме со проектна документација за уште многу инвестиции, во интерес на Битола“, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Битола

„Годината пред нас ќе донесе реализација на многу нови проекти. Наскоро започнуваме со изградба на нова детска градинка во Инџиково, комплетна реконструкција на културниот дом во Ченто, нова мрежа на фекална канализација за жителите од Гоце Делчев и Чукур Маало, асфалтирање на повеќе од 40 локални улици и уште многу проекти на чија реализација секојдневно посветено работиме“, изјави Бобан Стефковски, градоначалник на Гази Баба.

 

Дополнителна финансиска инјекција општините ќе добијат и со парите од унгарскиот кредит, за кој тие аплицираа со свои проекти. И двете општини ќе добијат средства за повеќе проекти. 

Велопатеки на булевар „Васко Карангелевски“ во Битола.

Велопатеки на булевар „Васко Карангелевски“ во Битола.

„Општина Битола, доби поддршка од Владата во висина од 230.000.000 за 16 проекти аплицирани со комплетна документација на Јавниот повик за изразување интерес од страна на општините за финансирање на инфраструктурни проекти од Потпрограмата АА - Инфраструктурни проекти во општините. Ваквата поддршка е од огромно значење за комплетно подобрување на дел од инфраструктурата во урбаниот и руралниот дел на општината, како и за изградба и реконструкција на објекти од високоградба. Меѓу овие проекти се вбројува и изградба на центар за спорт и рекреативни активности, Јужната трибина од фудбалски стадион ,Петар Милошевски‘, изведба на нова енергетски ефикасна фасада на ООУ ,Стив Наумов‘, изградба на атмосферска, фекална канализација, водовод и коловоз на повеќе улици“, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Битола. 

„Општина Гази Баба подготвено го дочека Јавниот повик кој го објави Владата на Република Македонија за доделување на финансиска поддршка за реализација на инфраструктурни проекти во општините. Аплициравме со четири проекти и тоа: изградба на детска градинка во Инџиково, изградба на училишна спортска сала во Црешево, комплетна реконструкција на културниот дом во Ченто и изградба на нова улица помеѓу Маџари и Керамидница, која е последен услов за изградба на нова детска градинка на тој простор. Сакам да ја нагласам важноста на овој проект со кој Владата доделува 250 милиони евра за инфраструктурни проекти во општините, кој се реализира за прв пат во Македонија. Овој проект ќе донесе силен развој на општините, а истовремено ќе придонесе да се постигне рамномерен регионален развој насекаде низ државата, бидејќи во минатото бевме сведоци на селективно доделување средства од Владата, а тоа значеше значителен напредок и развој на одредени општини на штета на други општини, кои заостануваа во развојот поради тоа што немаат финансиски средства за реализација на капитални проекти“, изјави Бобан Стефковски, градоначалник на Гази Баба 

2025 година ќе биде година на локални избори, па ги прашавме актуелните градоначалници дали размислуваат да се кандидираат за нов мандат 

„Граѓаните ги препознаваат промените и за тоа јавно говорат, потврдувајќи дека во Битола интензивно се работи и се гради. Тоа е причина повеќе да се остане мотивиран и ангажиран во реализацијата на многу нови проекти. Иако во овој момент не размислувам од аспект на тоа што би се случувало наредната година во октомври, верувам во поддршката од граѓаните, со кои заедно и во следните четири години, ќе продолжиме да работиме за економски, инфраструктурен, културен и спортски напредок на Битола“, изјави Коњановски. 

„Сѐ уште е рано да се зборува за амбициите во пресрет на локалните избори кои треба да се одржат следната година. Мојот фокус во овој момент не се изборите, туку реализацијата на што повеќе проекти со кои општина Гази Баба ќе стане подобро и поубаво место за живеење“, изјави Стефковски. 

Обнова на планинарскиот дом „Копанки.“

Обнова на планинарскиот дом „Копанки.“

За локалните проблеми, за градот Скопје, за рамномерниот регионален развој, поразговаравме и со првиот човек на министерството за локална самоуправа,  Златко Перински. Тој вели дека руралните средини се соочуваат со недостиг од основна инфраструктура, немаат соодветна  патна и водоводна мрежа, па затоа за надминување на ваквата состојба ќе се вложува со директна финансиска поддршка  

„Генерално, помалку развиени се руралните средини во речиси сите плански региони. Иако има исклучоци меѓу нив, сепак се ретки. Руралните средини се соочуваат со недостиг од основна инфраструктура, немаат соодветна патна, водоводна мрежа, имаат слаба покриеност со улично осветлување.

Токму за надминување на овие недостатоци, оваа Влада одлучи да ја смени таа слика со директната финансиска поддршка за капитални инфраструктурни проекти. Во оваа насока, сакам да нагласам дека заедно со Владата го направивме првиот голем исчекор со кој ќе придонесеме за развој на локалната самоуправа. Преку јавниот повик и догодина ќе продолжиме стратешки да ги поддржуваме општините, со што ќе им помогнеме на сите региони за нивен развој.

Преку оваа мерка, ќе овозможиме и тие општини кои досега заостануваа во поглед на основата инфраструктура, да можат да ги надминат тие проблеми и да фатат чекор кон понатамошниот развој. Можеби се работи за долг процес, но сигурен сум дека ќе успееме да ги намалиме разликите и да постигнеме рамномерен регионален развој.

Во таа насока ќе придонесат и мерките кои ги преземаме за дигитализација на општините, проектите за нивна поголема отчетност, транспарентност, отворањето на Ресурсниот центар, а значајна придобивка за целиот систем на функционирање на локалните единици, ќе постигнеме и со планираните измени на Законот за локална самоуправа“, изјави Златко Перински, министер за локална самоуправа. 

Со сите мерки кои го презема владата, Перински уверува дека ќе се создадат  подобри услови младите да останат дома, но и можност да се вратат оние кои заминале.

Златко Перински, министер за локална самоуправа.

Златко Перински, министер за локална самоуправа.

„Со мерките кои веќе ги презедовме со Владата за финансирање на инфраструктурни капитални проекти, значително ќе придонесеме кон создавање и на подобри услови за младите да останат во Македонија, но и можности и да се вратат оние кои заминале. Реализацијата на проектите ќе значи модернизација на патната и на комуналната инфраструктура во сите региони, а со инвестиции во проекти од областа на образованието ќе им се понуди на младите квалитетно образование и можности за личен и професионален развој и напредок. Дополнително, ќе се изградат нови градинки, што ќе го олеснат родителството и ќе создадат поволни услови младите да се одлучат да останат и да живеат во својата земја. Сето ова ќе придонесе и за создавање услови за отворање нови работни места. Впрочем, ова се дел и од стратешките мерки кои на долг рок гарантираат подобрување на условите за живот и на младите генерации. Верувам дека со овие мерки ќе создадеме нови можности за да можат младите да создаваат иднина дома, во својата држава. Тоа е нашата одговорност“, изјави Перински. 

Со оглед на тоталната нефункционалност на градот Скопје и незадоволството на сите граѓани, Перински ја најавува можноста преку референдум да се отповика градоначалник. 

„Да, верувам дека може да се постигне консензус кај партиите за ова прашање и дека ќе има поддршка во Собранието. Очекувам од сите парламентарни партии да ја препознаат важноста на давањето на повеќе овластувања на граѓаните и зајакнувањето на демократските процеси во локалните самоуправи. Ова е клучно за развојот на локалната демократија и обезбедување поефикасно и транспарентно управување на локалните власти, а ќе овозможи и поголема отчетност и ќе ја зголеми одговорноста на избраните функционери пред граѓаните, кои ќе имаат директно влијание врз одлуките што се однесуваат на нивните општини.

Со можноста за отповик на градоначалник, значително ќе придонесеме и за зголемување на довербата во институциите, бидејќи ќе ги поттикне градоначалниците да работат во интерес на јавноста, знаејќи дека постои механизам за контрола врз нивната работа од страна на самите граѓани кои им ја дале довербата. Впрочем, целта ни е да го подобриме системот на локалните власти, а не да ја загрозиме нивната независност, бидејќи тоа никому не му е во корист“, изјави Перински. 

На прашањето кога би бил градоначалник, како би го решил хаосот во главниот град, Перински одговара дека Скопје ќе заживее единствено со долгорочни, системски и координирани решенија. 

„За да ги решиме проблемите на градот, потребно е да создадеме јасна и амбициозна визија за неговиот развој, која ќе вклучува долгорочни стратегии и иновативни решенија. Скопје треба да ја усогласи својата урбана политика со највисоките меѓународни стандарди, со акцент на модернизација на јавниот превоз, намалување на загадувањето, подобрување на патната инфраструктура, оптимизација на паркирањето, неопходно е да се зајакнат капацитетите за одржување на хигиената и урбанизирање на јавните простори, за да се обезбеди квалитетен живот за сите граѓани. Впрочем, системски пристап е клучен за проблемите се кои се соочува градот. Тој треба да ги опфати сите аспекти на животот во урбаното опкружување. Клучно е да се обезбедат долгорочни и координирани решенија, а не краткорочни и парцијални мерки. На пример, проблемот со загадувањето не може да се реши ако не го решиме јавниот превоз. Неопходен е и добар менаџмент на јавните претпријатија, кој ќе обезбеди ефикасно функционирање на тој систем кој резултира со квалитетот на јавните услуги кои им се испорачуваат на граѓаните. Единствено така Скопје ќе стане функционален и урбан град“, изјави Перински. 

Image
Newsletter