„Марковите кули се нашата гордост и симболика на градот по кои нѐ препознава Балканот. Тие остануваат во централното средиште меѓу доцносредновековните градови од Балканскиот Полуостров. Како Општина, заедно со надлежните институциите за зачувување на културното наследство, целиме Марковите кули како целина да влезат на постојаната листа и под заштита на УНЕСКО“, вели градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент. Општината со која раководи нема езеро или море и затоа развива алтернативен и културен туризам бидејќи Прилеп има големо културно и природно богатство. Градот под Марковите кули има богата историја. Овој предел поминал и низ најголемите балкански и светски војни и до денешен ден токму тврдината, планините и најголемата котлина Пелагонија ги раскажуваат големите вистини и приказни кои ги имаат зад себе.
Господине Јовчевски, колку општината успева да ја пренесе историјата пред туристите и да се пофали со сето богатство кое го поседува градот?
Прилеп и Пелагонија се познати како одлична туристичка дестинација за авантура. На посетителите им нудиме природно богатство, спектакуларен планински пејзаж во комбинација со уживање во добра храна, културно наследство и во македонски традиции. Преку квалитетот на можностите за авантури, заедно со одличниот број сончеви часови и автентичното гостопримство, Прилеп успева да привлече патници од Европа и од пошироко кои ги сакаат авантуризмот, одличната храна, музиката и кои го препознаваат нашето гостопримство. Имаме огромен туристички потенцијал, одлични локалитети од археолошки, културен и од историски аспект, за поинаков вид туризам. Марковите кули се нашата гордост и симболика на градот по кои нѐ препознава Балканот. Тие остануваат во централното средиште меѓу доцносредновековните градови од Балканскиот Полуостров. Еве, неколку години работиме како Општина, заедно со институциите надлежни за зачувување на културното наследство, тоа место, Марковите кули како целина, да влезат на постојаната листа и под заштита на УНЕСКО. Поради ова, неколку години се работи на планско уредување и управување со овој простор, кој е прогласен за споменик на културата. Во таа насока, традиционално, Општина Прилеп ја организира и манифестација „Денови на Крали Марко“, која се одржа оваа година во мај, а со која се одбележува годишнината од загинувањето на легендарниот крал. Но, Прилеп се промовира и со манастирскиот и со црковниот туризам. Го имаме најубавиот манастир „Трескавец“, во кој вложуваме три милиони денари за изградба на водоводна и на канализациона мрежа. Се гордееме и со манастирот Св. Архангел Михаел во Варош, најстарата населба во Прилеп со 77 цркви, која е во подножјето на Марковите кули. Гордост ни е црквата „Св. Никола“ од XIII век, итн.
Бидејќи, немаме езеро или море, мора да развиваме алтернативен туризам, фестивалски и културен туризам, зашто Прилеп се одликува со големо културно и природно богатство. Организираме и низа спортски настани од алтернативниот туризам и секогаш како локална самоуправа, сакаме да привлечеме повеќе посетители за да се запознаат со нашето културно богатство, црквите, манастирите, археолошките локалитети на Прилеп и неговата околина, кои се посебни и на државно, но и на балканско ниво. Таков е, на пример, локалитетот „Стибера“, каде што за првпат оваа година ќе се прави геоскенирање на целиот терен на кој се наоѓа овој антички град, од кој се откриени само 5%. Останатиот дел е сѐ уште затрупан под земја. Археолозите велат дека затрупани под земја остануваат голем број палати, театарот и најзначајниот дел, некрополата на градот. Стибера е на ранг на градовите Стоби, Хераклеа, Скупи. Затоа настојуваме како локална самоуправа да бидеме повеќе застапени во програмите кои ги имаат нашите туроператори. Прилеп има развиено повеќе фестивали – Прочка, Пивофест, МТФ „Војдан Чернодрински“, има голем број споменици на културата, како што се Саат кулата во центарот на градот од 1826 година, Могилата на непобедените, меморијален комплекс во Спомен-паркот на Револуцијата во Прилеп, Участакот, Куќата на Бектешовци. Одлични сме домаќини и гастрономи, познати надалеку по одличната кујна, ширденот и прилепската скара. Работиме како локална самоуправа на подигнување на свеста за важноста на заштитата на животната средина и подобро управување со природните и со културните ресурси. За нас е најважно да го зголемиме бројот на туристички пристигнувања и времетраењето на престојот во нашиот град. Во селото Небрегово се наоѓа родната куќа на великанот на македонската култура, јазик и книжевност, Блаже Конески.
Природното богатство и спектакуларните планински пејзажи овозможуваат развој на Прилеп како туристичка дестинација за авантура
Колку Вие како градоначалник вложувате во промоција на корените на амбасадорот на македонската книжевност?
Општина Прилеп и нејзините граѓани имаат голема почит кон кодификаторот на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Точно, Спомен-домот на Блаже Конески се наоѓа во селото Небрегово. Тоа е во Општина Долнени. Но, великанот на македонската култура, јазик и книжевност, секогаш бил наша, прилепска гордост. Нашите гости, амбасадори, книжевници, филолози, академци, претставници од политичкиот кор од земјава и од странство, знаеме често да ги однесеме и да им го покажеме Спомен-домот на Блаже Конески. Родната куќа на Конески, која припаѓа на руралната архитектура, претставува значаен споменик на македонската култура, а токму од тоа место можеме имплицитно да пренесеме порака за важноста на македонскиот јазик, кој е одлика на нашиот идентитет. Таму се потсетуваме и им укажуваме и ним, на нашите гости, за аманет на Конески, да го чуваме и да негуваме македонскиот јазик, затоа што, како што кажал Конески, „тој е нашата единствена татковина“. Родната куќа на академик Конески е средиште на културни настани во текот на целата година, со особен акцент на денот на неговото раѓање, 19 декември (1921), и на неговата смрт, 7 декември (1993). Како локална самоуправа, во рамките на нашите можности, даваме секогаш несебичен придонес во одржувањето и во зачувувањето на родната куќа на Блаже Конески како културен споменик.
Прилеп, покрај својата богата историја, може да се гордее и со својата економија. Во градот се наоѓаат повеќе од четириесетина домашни и странски компании кои остваруваат голем профит. Ова значи дека Прилеп е значаен економски центар во нашата држава. Колкав е процентот на невработеноста во градот и во околината?
Прилеп има неколку економски индустриски зона. Само во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ-Прилеп), каде што се наоѓаат неколку странски компании, само во една фабрика се вработени над 2.000 луѓе од градот и од околината. Покрај традиционално успешните домашни компании, во индустриските зони Металец, Прилеп 1 и Алинци, има уште дузина објекти на домашни инвеститори кои успешно работат, и каде што се ангажирани голем број работници во текстилната, градежната и во прехранбено-преработувачката индустрија. Нашите ингеренции како локална самоуправа и цели, се разбира, се да создадеме подобри инфраструктурни услови за компаниите, да помогнеме во урбанистичкото планирање, во ефикасноста на донесувањето на Деталните урбанистички планови за потребите и за развојот на компаниите, во подобрување на комуналните услуги, заштита на животната средина, со цел поквалитетни и поефективни услуги за бизнис-заедницата. Во рамките на тој дел, како локална самоуправа имаме добра соработка со Регионалната стопанска комора – Прилеп и бизнис-секторот. Формиравме Економски совет, во кој членуваат претставници од бизнис-заедницата, со цел да го слушнеме гласот на бизнисмените и заедно да создадеме проекти за подобрување на условите за работа и на животниот стандард на граѓаните на Прилеп. За подобра бизнис-клима, Општина Прилеп неодамна стана и членка во Мрежата на балкански градови В40. Со членувањето во оваа мрежа, како локална самоуправа, создадовме услови за соработка меѓу градовите од Балканот и можност за размена на позитивни искуства за решавање на урбани проблеми. Тоа за бизнис-заедницата во Прилеп значи одлична можност за креирање економска соработка со градови од Балканот, воспоставување бизнис-односи и освојување нови пазари. Што се однесува до невработеноста, сметам дека Прилеп процентуално не се разликува од другите градови во Македонија по бројот на невработени лица, со оглед на економската криза, која е глобален проблем. Компаниите во Прилеп бараат работници, особено во текстилниот и во градежниот сектор, но се чини дека младите не ја согледуваат својата шанса да работат тука. Едноставно, можеби треба да се менува нешто стратешки на централно ниво за да ги задржиме младите и за да ја промениме оваа настаната пасивизација на пазарот на труд. Мора државата да има стратегија за оваа појава! Се чини дека во овој момент сѐ е „безглаво“, оставено да се движи кон надолна линија.
Општина Прилеп постојано обновува или реконструира спортски сали и спортски училишни игралишта.
Овој град нуди широк спектар на струки што се учат во средното образование. Се изучуваат медицинската, козметичката, геолошко-рударската, текстилната и дрвно-преработувачката и со тоа, секоја нова генерација има можност за идна професија. Но, со оглед на фактот дека занаетчиството како гранка полека изумира, колкав е интересот на ученици за упис во стручните училишта?
Вложуваме во образованието и во подобрување на условите за работа. Нема училиште во кое не сме обновиле или реконструирале училници, ходници, училишни тоалети, наставнички канцеларии, кабинети, спортски сали, спортски училишни игралишта, хортикултурно уредување на училишните дворови, набавка на компјутери, телевизори, паметни табли. Извршивме и адаптација на сензорни соби во две основни училишта. Досега имаме издвоено над 35 милиони денари за подобрување на условите за работа во сите училишта во Прилеп, основни и средни. Во такви услови, многу поефективно е изучувањето на стручните предмети и задоволството е огромно, и кај наставниот кадар и кај учениците, кои сега имаат квалитетни услови за изведување на настава. Во Прилеп имаме пет средни училишта: гимназија и четири училишта, стручни образовни институции. Младите тука можат да изучуваат разни струки, од полето на медицината, хемијата, ИТ-технологијата, енергетиката, електрониката, рударството, преработката на дрво, економијата, правото, менаџирањето во земјоделството, градежништвото, до разни струки од прехранбената дејност. Сето тоа се профили кои се барани на пазарот на трудот. Знаејќи го ова, интересот на ученици за упис во средното стручно образование е солиден. Велам солиден, со оглед на намалениот наталитет и иселувањето од кои не е изземен ниту Прилеп, како и со оглед на бројот на деветтоодделенци во Општина Прилеп, кој изнесува околу 600/650 ученици. Сите средни училишта, со поддршка на локалната самоуправа, деновиве пред уписите правеа промоции на своите профили со цел да ги доближат струките до учениците. Сметам дека со тоа создадоа поле за размислување и го привлекоа вниманието на идните средношколци да изберат стручно образование бидејќи иднината сепак е во стручно подготвени кадри. Квалификуван кадар, со стручни вештини и компетенции, кој одговара на потребите на реалниот сектор, може веднаш да најде работа на пазарот на трудот.
Кој стручен профил на работници недостига во вашиот град и колку успевате како градоначалник да ги задржите младите во своето родно место?
Недостигаат кадри од сите профили, и во текстилната, и во градежната, во угостителството, во прехранбената индустрија, во рударството, занаетчиството. Проблемот со недостиг од стручни кадри е национален проблем, не само локален, но особено е изразен во заедниците од внатрешноста како Прилеп, Ресен, Демир Хисар, за разлика од Скопје. Факт е дека популацијата се намалува, а иселувањето на работоспособното население се зголемува сѐ повеќе, особено на младата популација. Тоа е негативен тренд кој, како што реков и погоре, не го одминува ниту Прилеп. Мотивите за заминување во странство се ниските плати, лошиот животен стандард во Македонија, за што државата ќе мора да најде мерки и да прави стратегии за спечување на ваквиот одлив на кадри. Тоа не може да го направи локалната самоуправа во заедница со ниту една мерка. Ние можеме да ги подобриме условите во заедницата, патната инфраструктурата во градот, да направиме паркови, зеленила, но не можеме да го подобриме животниот стандард на граѓаните. Ние како локална власт можеме да изнаоѓаме еднократни мерки на субвенционирање, тоа и го правиме, даваме еднократна помош за секое новородено дете, субвенционираме набавка на велосипеди за подобра животна средина, ги поддржуваме со еднократна помош најдобрите ученици, спортисти, помагаме со еднократна помош кога му е потребна на некој наш сограѓани поради болест или настаната материјална штета од природни непогоди, но не можеме да ја намалиме инфлацијата или да влијаеме врз пад на цените на основните прехранбени продукти или на енергенсите. Сето тоа ги притиска граѓаните и ги тера младите да бараат подобар живот. Се чини дека за ова Власта не е свесна или не сака да ги спречи економската миграција и одливот на млади кадри.
Ние како дејствуваме? Општина Прилеп формира Младински совет за прашања што се однесуваат на младите со цел нивно активно вклучување во општественото живеење и креирање програми за нивните потреби и идеи. Во таа насока, наскоро ќе отвориме и Младински центар, кој ќе преставува место, простор за едукативни работилници на млади, за креирање и реализирање на нивните идеи, за спортски активности, простории каде што ќе можат да бидат креативни. Младински центри се и обврска на сите општини согласно законот за младинско учество и младински политики. Тоа е она што можеме да го направиме за младите да бидат тука и да творат, да си ја сакаат својата заедница. Тука да вложуваат и тука да останат. Патем, донесовме и одлука да доделиме десет комплетни студентски стипендии на студенти што се жители на Општина Прилеп и во моментов работиме на реализација. Тоа е она што го правиме за младите да останат во нашиот град и тука да ја развиваат својата кариера.
Градоначланикот Јовчевски на терен со својот работен тим
Инфраструктурата е од особено значење за привлекување туристи. Дали е доволна буџетската каса за реализација на предвидените проекти?
Покрај економската и енергетската криза, кои ни се рефлектираа и врз буџетот на општината, минатата година успеавме да реализираме голем дел од проектите. Реализиравме проекти од витално значење за градот и за населените места. Со пари од општинскиот буџет асфалтиравме, реконструиравме и саниравме голем дел од локалните улици и инфраструктурно го уредувавме градот, домаќински и со многу штедење на секој денар. Годинава, веднаш штом ни дозволија временските услови, стартувавме со најавената пролетна градежна офанзива. Рехабилитација и асфалтирање на над шеесет улици на територија на општина Прилеп, на кои не било интервенирано години наназад. Целта ни е да ги подобриме инфраструктурните услови во нашата општина, за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот, да ја подобриме патната инфраструктура во градот и во населените места, за да имаме пристапни, добри улици и патишта, да не посетуваат поголем број гости, бидејќи инфраструктурата на еден град е важна за туризмот. Преку нашето работење, создаваме услови за почиста животна средина. Исчистивме над 50 диви депонии, ги обновивме постојните паркови и детските игралишта, изградивме и нови онаму каде што имаше барања од граѓаните и потреба за тоа, а во моментов работиме на проекти за комплетна реконструкција и поставување нови реквизити на неколку локации во градот.
Колку има централната власт слух за проектите на локалната власт?
За жал, како што изгледа, за голем број проекти, било тоа да се тековни или во фаза на аплицирање, стекнуваме едно мислење дека централната власт не сака да биде агилна и навремено да ги спроведува процедурите за проектите, кои најчесто заглавуваат по бирократските патишта. Фактот што во многу општини во Република Македонија, вклучувајќи го и Прилеп, имаме градоначалници кои што се опозиција на централната власт, нѐ води до заклучок дека проектите што потекнуваат од овие општини и ние самите градоначалници за многу други работи сме опструирани од централната власт. Дефинитивно, тоа не смее да биде така и мора да има соработка помеѓу власта и општините, сѐ со цел да можеме да обезбедиме подобар живот за сите наши граѓани.
Прилеп е познат по организирање различни културни манифестации. Тука е најпознатата, а веројатно и најмасовната организација „Пивофест“, потоа „Прилеп фест“, „Прилепски карневал“ кој за Прочка прерасна во традиција, како и театарски фестивали и изложби во домот на културата „Марко Цепенков“. Колкав е интересот на странските и на домашните гости во текот на целата година во градот?
Во последно време, бројот на домашни туристи во Прилеп е во подем, кои еднодневно или повеќе дена ќе се задржат во градот или околината, но стагнира бројот на странски посетители. Тоа си го направи и пандемијата. Конкретно, на фестивалските манифестации кои ги имаме во текот на годината, доаѓале голем број странски посетители. На пример, на Прочка сме имале 300/400 странски учесници и посетители, на фестивалот „Пеце Атанасоски“ доаѓале посетители од соседните земји и од Балканот, на манифестацијата „Пивофест“ преку 2.000/3.000 посетители од соседните земји го посетувале градот. Пред пандемијата, голем број странски посетители доаѓаа на организираните планински трки и болдеринг-натпревари посетувајќи ги релјефно интересните места на Маркови Кули или Мариово. Но, работите се променија. Еве, на пример, на фестивалот „Прочка 2023“ немавме странски групи, иако беа поканети. Организиравме аутлет-шопинг викенд, но дојдоа само домашни туристи, немавме гости од соседните држави. Се обидуваме да го вратиме оној сјај кој го имаше Прилеп пред пандемијата, но за тоа ни треба време и повторна промоција и актуелизирање на туристичката понуда со која Прилеп располага.
Колку успевате да го развиете етнотуризмот во градот?
Во овој контекст би рекол дека ни недостига туристичка мапа за лоцирање на етнопросторот и на локалитетите во Прилеп. Прилеп има голем потенцијал за развивање на етнотуризмот. Имаме прекрасна недопрена природа, со медитеранска клима и услови за развој на етнотуризмот во Мариово. Тоа е најеколошката средина во Македонија, простор со голем број природни убавини и растителни реткости, релјефни површини одлични за болдеринг, предел за лов и риболов, за планински туризам и за планински велосипедизам. Но, мора да направиме адаптација на некои селски предели, да направиме подобра инфраструктура, да создадеме туристички населби кои би понудиле поинаков вид сместување од хотелско сместување за посетители кои уживаат во недопрената природа, а такви луѓе во светот има сѐ повеќе. Имаме локални производители на здрава еколошка храна, зачини, чаеви, пијалаци, мед, семејни сточарски фарми и други мали земјоделски стопанства кои произведуваат здрава храна. Како локална самоуправа ќе направиме една мапа на сите тие локални производители, за да може да го брендираме потеклото на квалитетот и нивните производи да стигнат до крајните потрошувачи, односно посетители на Прилеп.
Кои се идните планови за градот што планирате да ги реализирате за време на вашето владеење?
Во текот на мојот мандат како градоначалник, и претходно сум кажувал, ќе се потрудиме да ја реализираме зацртаната програма што ја понудивме пред прилепчани и добивме доверба за тоа, заедно со мнозинството советници и претседателот на Советот на Општина Прилеп. Се разбира дека за тоа ни е потребна поддршка од сите институции, и локални и национални, како и од граѓаните на Прилеп. Соочени со економска и со енергетска криза, најдовме начин како да обезбедиме дополнителни финансиски средства за реализација на капитални проекти, а тоа е преку општинска обврзница. Но, сепак за тоа ни е потребна поддршка во процедурата од страна на власта, сѐ е поврзано, како што гледате. Затоа велам ние како локална самоуправа имаме доволно проекти кои што доправа ќе ги реализираме, а од кои ќе имаат голем бенефит за сите наши сограѓани, за враќање на сјајот на градот и за подобрување на условите за живот за сите нас.