Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, најавува нови инвестиции и нови работни места.
Втор мандат и уште поголем предизвик за раководење на најголемата општина во Македонија. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, најавува инфраструктурни проекти, спортски терени и се залага за „зелено“ Куманово. Димитриевски во интервјуто за ,,Магазинот за туризам и менаџмент“ најавува нови странски инвестиции, кои ќе донесат и нови работни места. Во однос на економската ситуација во земјата, вели дека нѐ чека тешка зима, а ние како држава ни оддалеку не сме подготвени да се справиме со ваков сериозен предизвик.
По втор пат ја добивте довербата на граѓаните во Куманово да ја менаџирате, според бројот на жители, најголемата општина во Македонија. Во минатото се залагавте за подобра иднина на младите, но дали ќе успеете овој пат, во оваа економска криза во која се наоѓа државата, да придонесете да се подигне стандардот на граѓаните во Вашата општина? Има ли на повидок компании што се заинтересирани за инвестирање и за отворање нови работни места во Куманово?
И покрај економската криза, секојдневно сме во разговори со странски компании што сакаат да инвестираат на територија на Куманово. Започната е изградба на фабрика за производство на бетонски префабрикувани елементи во индустриската развојна зона Новини и Речица. Инвеститор е грчката фирма „ARMOS Balkan“. Дополнително, разговаравме со менаџментот на компанијата од автомобилската индустрија „DRÄXLMAIER Group“ за отворање дополнителен капацитет, каде што во следните две години би се отвориле работни места за повеќе од 2000 сограѓани. Нашиот фокус е како општина да привлечеме нови компании и инвестиции што треба да обезбедат нови работни места, да го зајакнеме стопанството, а со што ќе обезбедиме и подобри економски услови за граѓаните на нашата општина.
Во првиот мандат се пофаливте со големи проекти. Кои се Вашите инвестициски потфати за овој?
Во изминатиот период реализиравме голем број проекти со кои го подобривме секојдневието на кумановци. Изминатиот мандат реализиравме над 400 проекти, а во овој планираме имплементација на повеќе од 800, во сите сегменти, вклучувајќи и инвестициски проекти за развој на градот. Продолжуваме со изградба на кружни текови на повеќе локации во градот, два нови кружни тека се веќе во завршна фаза, а планираме да изградиме уште најмалку два. Продолжуваме со изградба на нови спортски терени, целосно уредување на градскиот парк, веќе во тек, и изградба на нови паркови и зелени површини. Сите љубители на спортот ќе можат повторно да спортуваат во култните спортски објекти во градот. Предвидена е целосна реконструкција на спортската сала и на Соколаната, која ќе се одвива во неколку фази. Дел од активностите се веќе започнати. Во однос на патната инфраструктура, следува пробивање на булеварот „Октомвриска револуција“ со улицата „Братство-Единство“ и целосно уредување на ул. „Братство-Единство“ на потег од автобуска станица до градската џамија. Малиот плоштад во Куманово ќе биде реконструиран, а ќе продолжиме и со тековна изградба на улици и патишта, водоводна мрежа, канализација, како и со постојано вложување во училишните објекти на општинските основни и средни училишта, како во централното подрачје, така и во подрачните училишта. Планираме воведување пешачка зона за граѓаните во централното градско подрачје, како и дополнително поставување нова урбана опрема, детски катчиња и модерни урбани скверови.
Oтчет за 100 дена мандат
Колку често сте на терен одблиску со проблемите на граѓаните?
Заедно со претседателката на Советот и советниците од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“, секојдневно сме во контакт со граѓаните. Постојано имаме прием на граѓани во Општината, излегуваме на терен, ги посетуваме населените места, разговараме со жителите за локалните проблеми со кои се соочуваат и заеднички наоѓаме решенија за да им го олесниме животот. Вратите на Општината се отворени за сите граѓани, во кое било време можат да дојдат и да разговараат со мене или со вработените. Исто така, секојдневно телефонски комуницирам со нив, како и онлајн на социјалните мрежи, се трудам да помогнам во секој сегмент во доменот на моите надлежности. Идеите и проектите ги црпиме токму од граѓаните, затоа што самите жители најдобро знаат што е потребно за местото во кое живеат. Со ваквиот одговорен пристап кон работата ќе продолжиме и понатаму, да ги слушаме граѓаните и да спроведуваме проекти исклучиво во нивни интерес.
Економската криза коси во Македонија. Колку има оваа влада капацитет да се справи со неа и со инфлацијата?
Последиците од економската криза ги чувствуваме сите, и ние како локална самоуправа, а особено граѓаните. Цените на прехранбените производи и на енергенсите се зголемени, живејачката е поскапена, а платите се речиси исти, со благ пораст што не го следи соодветно рапидното покачување на цените на производите и на услугите. Сегашната Влада треба повеќе да се насочи кон економскиот развој на државата и кон решавање на овие проблеми што ги засегаат сите граѓани во неа. Платите мора да растат, а државата мора да биде одговорна и да не дозволи граѓаните потешко да живеат со огромен финансиски товар на грбот. Мора да се носат мерки што ќе им го олеснат живеењето, а не дополнително да ги оптоваруваат во овие тешки моменти. Стопанството стратешки мора да се стимулира со конкретни мерки за да се зголеми извозот со намалување на дефицитот – на тој начин се покачува БДП-то. Земете го само примерот со прехранбената индустрија, каде што домашните месопроизводители се во подредена положба во однос на странските или, конкретно, месната индустрија од поранешните ју-простори.
Вратите на општината се отворени за сите граѓани, во кое било време можат да дојдат и да разговараат со мене или со вработените. Исто така, секојдневно телефонски комуницирам со нив, како и онлајн на социјалните мрежи, се трудам да помогнам во секој сегмент во доменот на моите надлежности. Идеите и проектите ги црпиме токму од граѓаните, зашто самите жители најдобро знаат што е потребно за местото во кое живеат.
Како поранешен член на СДСМ, каде сметате дека ги прави владејачката партија најголемите грешки за време на преговорите со Европската Унија?
Формално-правно сè уште сум член на СДСМ, а партиското дистанцирање или таканареченото „исклучување“ беше еднострано, по желба на поединци, а поради јавните ставови што ги искажував целиот изминат период за важни процеси и проблеми во нашето општество. Сметам дека СДСМ во време на опозиција имаше јасен концепт, визија и идеја како треба да се води една држава, но по неколку години практикување власт, работите целосно се променија. Поединци во раководството на СДСМ се изедначија со режимот на Груевски, па дури и го надминаа во многу сегменти, т.е. го усовршија. Потпишаниот меѓудржавен договор за добрососедство и последниот потпишан протокол меѓу Македонија и Бугарија се штетни затоа што навлегуваат во македонските национални интереси. Нема јасна формулација и гаранција за македонскиот јазик, македонската историја, идентитет, заштита на македонските историски настани и личности. За каков успех зборуваме кога ќе се менува македонската државност и наеднаш ќе кроиме држава по бугарски терк!? Факт е дека преговорите нема да ги започнеме пред да го смениме Уставот со вметнување на Бугарите, кои гласно кажуваат дека не го признаваат нашиот македонски јазик, а со тоа ниту македонскиот народ. Како е возможно да ги задоволиме ваквите барања на Бугарите, а Македонците во бугарскиот Устав воопшто и да не се споменуваат?
Македонија се наоѓа на крстосница. На маса беше ставен и одобрен од Собранието францускиот предлог, со кој очигледно се зацврстува позицијата на Бугарија во спорот со Македонија. Каков е вашиот став по однос на ова жешко прашање?
Мојот став по однос на францускиот предлог што треба да го реши македонско-бугарскиот спор е веќе познат – тој е неприфатлив за нас Македонците поради тоа што ја урнисува нашата македонска државност за да се задоволат потребите на бугарската страна. Што да им кажеме на нашите баби и дедовци кога ќе треба да биде променета историјата дека Бугарите биле администратори, а не фашистички окупатори!? Што ќе им кажеме на нашите деца кога ќе бидат ревидирани учебниците по историја? Што ќе им кажеме, со кој образ, но и како ќе ги погледнеме во очи нашите предци кога ќе треба да бидат променети спомениците? Значи, со гласањето на ваквиот предлог, дел од политичката елита наводно манифестираше лажна надеж, а всушност државата од крстосница ја направија кружен тек каде што постојано под притисок и уцени од бугарската страна слепо ќе талкаме по членството во ЕУ, а самиот тој пат ќе биде поплочен со многу непристојни предлози, кои од билатерални станаа мултилатерални, директно со ЕУ. На крајот, постои опасност да дојдеме до нивото дека нашиот македонски народ потекнувал од бугарскиот народ, што е целосна невистина и апсурд!
Презентација на индустриска зона на претставници од бизнис секторот
Народот го крена својот глас. Секојдневно беше на улиците, се собираа илјадници граѓани што се против политиките на власта и против францускиот предлог. Силата на граѓаните не победи. Зошто го игнорираше Владата гласот на народот?
Оваа Влада одамна не го слуша гласот на граѓаните иако е избрана токму од нив за одговорно да служат и да се грижат за државата. Последните локални избори требаа да бидат аларм за оваа влада да го промени своето однесување, но повторно продолжија со истиот начин на работа. Огромен е бројот на незадоволни граѓани што не се согласуваат со чекорите што се преземаат за решавање на македонско-бугарското прашање. Од ден во ден нова криза – здравствена, економска, енергетска, егзистенцијална, имаме блокади, несреќни граѓани, сиромаштија, корупција на тони. Зошто го игнорира Владата гласот на народот? Одговорот е поради страв од губење на власта. Зошто не беше народот воопшто прашан што и како размислува за францускиот предлог е прашањето што го поставува секој граѓанин. Но, токму граѓаните се тие што ја даваат и ја одземаат власта.
Покрај народот што излезе на улица и кој е против францускиот предлог, на оваа владејачката гарнитура ѝ се случија редици други протести. По зголемување на минималната плата, синдикатите бараат рамноправност и правилно зголемување на платите во јавниот сектор. Колку може да издржи буџетот за да се реализираат сите барања?
Во услови на константен пораст на егзистенционалните трошоци, сметам дека на секој вработен треба да му биде зголемена платата, затоа што така и самите вработени ќе бидат повеќе продуктивни, помотивирани да ги завршат своите работни обврски, а ќе имаат и повеќе финансиски средства да го планираат својот живот. Верувам дека од буџетот би можело да се реализираат барањата на синдикалците и на вработените во јавниот сектор, потребно е Владата да скрати од непродуктивни трошоци и да почне вистински да се грижи за потребите на граѓаните. Потребна е рационализација на вработените во јавниот сектор, департизација и целосна професионализација. До кога со рамковисти и партиски лојалисти што седат дома а земаат плата, или, пак, со овие што на работното место им шефуваат на раководителите?
Дали Вие, како градоначалник на општина Куманово, сте побарале помош за определени проблеми од централната власт и колку сте добиле поддршка?
Во минатото имаше повисоко ниво на соработка, во одредени моменти и конкретна помош за локалните самоуправи од страна на Владата за плаќање на старите долгови, но за жал не беа еднакво третирани сите општини. Оние што враќаа најмногу и кои се обидоа да ги исплатат долговите, добија всушност најмалку, додека тие што воопшто не работеа домаќински, добиваа во континуитет најмногу врз база на претходно обезбедена политичка поддршка. Откако влеговме во енергетска криза, за жал, актуелната Влада нема слух за решавање на финансиските проблеми во кои навлегуваат јавните претпријатија поради проблемот со покачување на цената на енергенсите, кои на крајот сепак ќе мора да бидат пресметани во сметките што ги креираат кон граѓаните, бидејќи во целиот период отсуствува директна финансиска помош од Владата. Истото се однесува и во процесот на образованието, каде што според закон државата е должна да го финансира образовниот процес, а сѐ уште нема изнајдено решение и начин како да доставува средства до општините за да може да се воспостави нормален образовен процес во кој ќе бидат покриени сите трошоци на основните и на средните училишта.
Економска криза, тешка политичка ситуација. Да се биде градоначалник во ова време е вистински предизвик. Дали и колку наоѓате слободно време за себе? Како го поминувате?
Со оглед на зголемениот обем на активности, настани, средби, морам да кажам дека немам многу слободно време. Но, затоа секое слободно време за празниците или за викендите, во кои ретко сум без обврски, сакам да бидам во друштво на моите најблиски, а тоа е семејството, мојата сопруга Надица, децата и пријателите. Најчесто одиме во природа, планинариме, сакам понекогаш да возам мотор, да одам во лов на штетен дивеч, да им посветам внимание на моите домашни миленици, но и да се собереме на семеен ручек во потесниот круг на семејството. Нема ништо поубаво кога целото семејството е собрано, во убава атмосфера и со добар разговор.