„Во локалната самоуправа можете да им излезете побрзо во пресрет на граѓаните, затоа што тоа е всушност првиот праг преку кој тие ги остваруваат своите права. Мора да работиме на внесување промени што треба да ги почувствуваат сите граѓани на Македонија“, вели во ексклузивно интервју за Магазинот за туризам и менаџмент градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Тој вели дека со својот тим и со општинската администрација секојдневно работи со силно темпо и е максимално вложен во реализација на идните проекти. Во општината во која се негуваат спортскиот дух и традиција, ќе се гради и нов репрезентативен стадион со капацитет од 12.000 гледачи.
Господине Муцунски, ја добивте довербата на граѓаните да раководите со најголемата општина на територијата на Град Скопје, која со години наназад се соочуваше со низа комунални проблеми и со слаба реализација на проекти. Како се снајдовте со овој предизвик, да ги засукате ракавите и веднаш да се фрлите на работа?
Самото тоа што огромен број аеродромци на изборите ми ја дадоа довербата да ја водам нашата општина е доволен мотив да се соочам со предизвикот што го носи градоначалничката функција. Станува збор за една политичка позиција што бара уште од првиот ден да се фатите за сериозна работа бидејќи во спротивно би можеле да ја изгубите довербата на граѓаните и уште поважно – да потфрлите во реализацијата на ветеното. Оттаму, со самото тоа што многу често се движам помеѓу народот, ги сослушувам граѓаните и нивните потреби, гледам дека тие се желни за промени, за подобра и попосветена работа, а тоа е токму она што јас и мојот тим го понудивме во првите седум месеци од мандатот.
Она што беше прво забележително, уште при Вашето стапување на функција, беше решавањето на комуналните проблеми што ги мачат жителите на општината. Изградба на велосипедски и на пешачки патеки, ослободување на тротоарите односно нивно враќање во функција на пешаците. Но, пред сѐ, го решивте проблемот со сметот, нешто што навистина беше грда слика за една толку голема и економски значајна општина.
Уште од првиот ден се зафативме токму со оние работи што ги евидентиравме дека најмногу ги мачат аеродромци, а кои истовремено не бараат огромна инвестиција за нивно решавање. Потребна беше само политичка волја од нас како носители на највисоките функции на локално ниво и токму тоа го нарпавивме. Како што е евидентно дека наследив општина што тонеше во ѓубре и отпад, евидентни се и промените остварени како преку неколку големи акции за чистење на депониите и на критичните точки, така и во постепената промена на начинот на кој се управува со отпадот. Од огромно значење во сите овие процеси на чистење и на зазеленување на општината, на справувањето со сообраќајниот хаос и со узурпацијата на тротоарите и на велосипедските патеки, е соработката со службите на Град Скопје, со кои постојано ја интензивираме соработката.
Заедно со градоначалничката на Град Скопје, најавивте изградба на Мегапарк, проект кој со нетрпение го очекуваат жителите на Општина Аеродром, но и сите други скопјани. Како течат подготовките за реализација на овој навистина голем потфат?
Локацијата на овој мегапарк што го изработуваме заеднички со Градот Скопје е на потегот од паркот „Авион“, па сѐ до Рајскиот парк на последна петка. Вкупната површина што ќе ја опфаќа изнесува околу 100.000 квадратни метри. Меѓу првите чекори што ги презедовме по стапувањето на нашите функции беше чистењето на овој потег, загаден со години од оние што незаконски истураа ѓубре, при што беа изречени голем број санкции. Со тоа, докажавме дека во Аеродром нема толеранција за диви депонии и загрозување на животот на граѓаните, туку напротив, дека сме фокусирани на инвестиции во зелени површини и во нови места за релаксација и за рекреација. Координација меѓу нас и Градот Скопје како најзасегнати страни се остварува на редовно ниво, па се преземаат сите чекори за што поскоро да се започне со работа. Како најубава новост во целиот наш план дојде и веста од Фудбалската федерација на Македонија, од каде што е обезбедена донација за изградба на нов репрезентативен стадион во непосредна близина, со капацитет од 12.000 гледачи.
Развојот на општините е во подем, расте бројот на жители, што е од една страна добро за општинскиот буџет, но тоа отвора и други прашања, на пример оној горлив проблем на мајките со недостиг од места во градинките. На самиот почеток од Вашиот мандат најавивте изградба на нови детски градинки. До каде се овие проекти?
Подготовките за изградба на нови детски градинки се одвиваат во најдобар ред, дури и покрај тоа што дотациите и трансферите од страна на Министерството за образование и наука и на Министерството за труд и социјална политика се помали за 20 милиони денари од претходната година. Во време на светска енергетска криза, при што и Општината чувствува огромен товар врз буџетот од зголемените трошоци за струја, помош од централната власт за општините речиси и да не постои. Сепак, нашиот дел од обврските ќе биде завршен, па до крајот на 2022 година ќе биде пуштена во употреба една детска градинка со капацитет од неколку стотици дечиња. Дополнително на тоа, презедовме конкретни чекори во дворот на ОУ „Блаже Конески“ повеќе да нема кафеана, а на нејзино место ќе се гради детска градинка. Со проширување на капацитетите на постојните и со силна заложба за исполнување на ветените четири детски градинки, сигурен сум дека до крајот на мандатот ќе го решиме овој проблем што најмногу ги засега родителите.
Тимчо Муцунски, Градоначалник на Општина Аеродром
Воспоставивте практика на редовни средби со граѓаните – на какви локални проблеми се жалат и со какви барања доаѓаат на средба со градоначалникот?
Жителите на Аеродром, да бидам искрен не бараат ништо премногу и нешто нереално. Станува збор за прашања на кои ако им се посветите доволно, може да се решат многу брзо. Тоа што многу ме радува е што аеродромци ми пристапуваат и со многу креативни идеи и решенија за тоа како заедно можеме нашата Општина да ја направиме уште поубаво место за живеење. Она што е важно е дека секој еден од нас треба да влезе во политичките процеси со максимална мотивација и да даде добар пример во воспоставувањето вистински европски стандарди во политиката. Сметам дека за сега во Општина Аеродром даваме доволно добар пример за посветена работа, со тоа што ќе ги вложиме сите напори за позитивните примери да ги отсликаме и на централно ниво. Доколку направам паралела меѓу локалната и централната власт, би истакнал дека во локалната самоуправа може да им излезете побрзо пресрет на граѓаните, затоа што тоа е всушност првиот праг преку кој тие ги остваруваат своите права. Мора да работиме на внесување промени што треба да ги почувствуваат сите граѓани на Македонија.
Во Вашата програма ставивте акцент на проекти за развој на младите, меѓу кои и ХАБ за млади претприемачи. За што поконкретно станува збор?
Аеродром е една од најмладите општини во Скопје и воедно е место за престој на илјадници студенти од сите делови на Македонија. Затоа, од клучно значење е да ја обезбедиме потребната инфраструктура и да создадеме услови во кои младите луѓе ќе имаат доволно можности и ќе можат да ги остваруваат сите свои цели. Станува збор за таканаречен мултимедијален центар, кој ќe обезбеди простории за развој на старт-ап бизниси, читална за младите студенти, но и за оние работи што ѝ недостигаат на најголемата општина во Скопје како кино, театар, простор за изложби, галерија и ред други содржини. Со овој и многу други проекти, ќе ги сконцентрираме сите потребни работи на територијата на Општина Аеродром и ќе ги направиме достапни за жителите во секое време.
Вие сте страстен спортски навивач, но и преку Вашата работа е евидентно дека вложувате и во спортот. За тоа сведочат повеќе проекти за изградба на спортски терени за рекреација на младите. Ќе продолжите ли со ваквата практика и во иднина?
Секако дека ваквата практика ќе продолжи и во идниот период бидејќи инвестицијата во младите и во нивниот здрав и правилен раст и развој треба да биде врвен приоритет за сите. Како општина во која живеат претежно млади лица и која има извадено врвни професионални спортисти, можеме да констатираме дека спортската инфраструктура заслужува сериозна инвестиција. Од проектите што ги спроведовме би ги навел инвестицијата во спортскиот центар и во спортското игралиште во Ново Лисиче, кои сега ги носат имињата на прерано починатите спортисти Марко Божиновски и Никола Христовски – Кољо. Со инвестиција во овие терени, со одржување и санација на огромен број детски и спортски игралишта, како и со изведба на нови спортско-рекреативни површини и објекти низ целата општина, сметаме дека ќе да дадеме сериозен придонес и одличен пример за тоа кој е начинот на кој треба да се градат здрави млади личности.
По седум месеци на оваа функција, кога ќе погледнете наназад, дали сте задоволен од сработеното досега?
Ова е прашање кое би сакал да го одговорат самите граѓани, а не јас како градоначалник. Ако ме прашате мене, задоволен ќе бидам кога на крајот на мандатот ќе видам капитални проекти зад нас и среќни граѓани што уживаат во секојдневието во Аеродром. Она што можам да го гарантирам и од што сум многу задоволен е енергијата што заедно со мојот тим и со општинската администрација секојдневно ја вложуваме во работата. Сега е потребно да се задржи тој позитивен моментум и да се продолжи со засилено темпо.
Важите за пример како треба да работи еден државен функционер избран од народот. Активен сте на социјалните мрежи, а од објавите што ги споделувате, жителите на општината може да забележат дека секојдневно сте на терен. Честопати во текот на целиот работен ден имате многубројни активности. Како ги менаџирате сите обврски и како Ви тече еден работен ден?
Токму да се биде меѓу народот и секогаш достапен за народот претставува и една од главните задачи на секој носител на каква било политичка функција. Агендата многу често е интензивна, но тоа е она што е најпотребно со цел сите ветувања и сите започнати работи да бидат завршени. И претходно, како професор на Правниот факултет и како пратеник во Собранието сум имал работни денови со огромен број обврски, но локалната самоуправа има еден поинаков карактер, кој ви дозволува да откриете способности што не сте знаеле дека ги поседувате. Се водам според принципот дека кога нешто се сака, може да се исполни и да се оствари, па оттаму работниот ден ми е обликуван според потребите на граѓаните, увидот во работата на различни локации низ општината и сите други обврски што произлегуваат од градоначалничката функција.
„Жителите на Аеродром, да бидам искрен, не бараат ништо премногу и нешто нереално. Станува збор за прашања на кои ако им се посветите доволно, може да се решат многу брзо. Тоа што многу ме радува е што аеродромци ми пристапуваат и со многу креативни идеи и решенија за тоа како заедно можеме нашата општина да ја направиме уште поубаво место за живеење. Она што е важно е дека секој еден од нас треба да влезе во политичките процеси со максимална мотивација и да даде добар пример во воспоставувањето вистински европски стандарди во политиката.“
Ќе се надоврзам на ова, па ќе кажам дека Вашите вработени Ве посочуваат како еден позитивен пример на човек на висока функција што на работното место доаѓа со електричен тротинет. Дали се ова навики што ги имате стекнато за време на вашиот престој во Канада или едноставно, тоа е во вашата природа, да бидете рационален?
Користењето на алтернативни средства за превоз како што се електричните тротинети, особено на помали и секојдневни дистанци, е нешто што треба да го поседува секој поединец кој би сакал да придонесе кон здрава и чиста животна средина. Како политичар и носител на јавна функција, можам да изразам задоволство што токму во оваа моја навика граѓаните гледаат позитивен пример што станува сѐ поголем тренд низ Скопје и низ цела Македонија. Во оваа прилика, би сакал да напоменам и дека од моето стапување на функција, Општина Аеродром за првпат покрај средства предвидени за купување велосипеди, ќе исплаќа субвенции и за електрични тротинети. На овој начин ја поттикнуваме токму оваа рационалност за која зборувате, а со што секој еден граѓанин ќе може да придонесе за околината во која функционира.
Вие сте и сопруг и татко, често со Вашиот син знаете да посетите некоја културна манифестација или спортски настан во рамки на општината. Како балансирате помеѓу работните обврски и семејството?
Често на ова прашање се одговара со тоа дека, ако се сака, можно е да се успее и да се избалансираат повеќе нешта. Но, јас би бил потполно искрен и би додал дека без поддршка на семејството, особено без поддршката и помошта што ја добивам од мојата сопруга, потешко би успеал во остварувањето на моите зацртани цели. Мојата посветеност на работата и на политиката, максимално се обидувам да не се одрази врз мојот семеен живот. Секој слободен миг им го посветувам на моите најблиски, особено на мојот четиригодишен син. Тој е едно активно и весело дете, кое сака да се дружи и да биде опкружено со луѓе. Наоѓаме време и за семејни патувања, културни настани, а на спортските случувања секогаш го земам мојот Иан.
Раководите со општина што е економски јака и во која егзистираат голем број мали и средни бизниси, па оттука, каква е соработката со бизнис-заедницата?
Соработката со малите и со средните претпријатија и воедно со бизнис заедницата во Општина Аеродром би ја оценил со највисока оцена. Благодарение на општествено-одговорните компании, успеавме да излеземе од рамките на предизборната програма и на дадените ветувања и да реализираме проекти од огромно значење за аеродромци што претходно не биле предвидени. Бидејќи тие функционираат на територијата на Аеродром, овие претпријатија воедно претставуваат и еден од најголемите извори на приходи за општината, што значи дека добрата комуникација и подобрување на општите услови за нивна работа се од витално значење за нас. Очекувам добриот однос што го имаме да продолжи и во наредниот период и заеднички да придонесеме кон подобрување на секојдневието на аеродромци.
И за крај, покрај во економска, Македонија е и во длабока политичка криза. Вие, сте градоначалник, но и потпретседател на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ. Како ја оценувате актуелната состојба во земјава и каде го гледате излезот од кризата?
Излезот од оваа исклучително тешка ситуација во која се наоѓаат Република Македонија и нејзините граѓани го гледам во што побрзо одржување на предвремени парламентарни избори. Од преземањето на најголем дел од општините низ цела држава, докажавме дека ВМРО-ДПМНЕ поседува капацитети и има една нова генерација политичари што се докажува како способна да донесе вистински промени во животот на граѓаните. Оваа свежина, надеж и енергија што ги донесовме во рамки на локалната самоуправа, можеме да ги пренесеме и на централно ниво, па Македонија да осети вистинска промена. На граѓаните им е доста од тапкање во место и од економска стагнација, а ние како најголема опозициска сила имаме план, програма и желба да ги донесеме тие промени. Македонија го заслужува тоа.