Се очекува жешко политичко лето - Ѓорѓиевски кандидат за Скопје, Костадинов разочаран од СДСМ

Се очекува жешко политичко лето - Ѓорѓиевски кандидат за Скопје, Костадинов разочаран од СДСМ

Имате ли слушнато за еден предизборен настан, помалку или повеќе комичен кога кандидат за градоначалник пред селаните ветува изградба на пат. Насобраните луѓе со негодување реагирале дека нема кој да оди по тој пат, затоа што сите избегале и дека нема ни деца, на што кандидатот во занес на својот говор кажал, „ако треба, и деца ќе ви направиме“

Оваа комична изјава со години се прераскажува во земјите од бившите ју-простори. И на некој начин ја одразува вистинската слика на нивото на настапот на нашите политичари, пред сѐ кандидатите за градоначалници. Нивните ветувања многу често не се реализираат, a граѓаните многу пати биле излажани. Не за џабе се вели дека најмногу се лаже пред избори, за време на војна или по лов. Но, секоја чест и на исклучоците, постојат и градоначалници за кои граѓаните велат дека не би ги менувале ни за 100 години, затоа што се покажало дека работат за доброто на народот и за создавање на подобри услови за живот на сите граѓани. 

Токму оваа 2025 година во Македонија наесен ќе се одржат осми по ред локални избори. Според најавите на надлежните, изборите треба да се распишат кон крајот на јули или почетокот на август. Планирано е да се одржат во октомври 2025 година со цел избирање советници и градоначалници во 80 општини во Македонија и во градот Скопје. Вториот круг на Локалните избори е предвидено да се одржи 2 недели после првиот круг. 

Најмногу се лаже пред избори, за време на војна или по лов. | Извор: Билјана Камчева

Најмногу се лаже пред избори, за време на војна или по лов. | Извор: Билјана Камчева

Можен датум за локалните избори е 19 октомври!?

Загадувањето на воздухот, автобускиот или јавниот превоз, зеленилото, убавите и прегледни улици, канализацијата, чистотата, состојбата во училиштата, градинките, урбанизацијата, би требало да бидат главните прашања и на овие избори.

Она што може да ги засени локалните избори е трагедијата во Кочани. Опозициските партии сигурно ќе сакаат да го искористат пожарот како една од темите за кои ќе се зборува во Кочани. Многу е веројатно ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ да не излезат со кандидати за градоначалник во овој град. Тоа ќе биде можност за другите партии и независните кандидати да изберат прв човек на градот на кого во овој период не му е ниту до избори, ниту до политика.

СДСМ во изборната кампања за градоначалник на Скопје сигурно ќе го предочува лошото владеење на досегашната градоначалничка Данела Арсовска, која беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Подоцна, партијата и Арсовска се разидоа, а таа ќе остане запаметена како градоначалничка со најлоши резултати досега во однос на нејзините претходници. Тоа секако ќе биде можност за критика од страна на СДСМ во кампањата, а ВМРО-ДПМНЕ ја научи лекцијата и на овие избори ќе оди со свој кандидат. 

Во Македонија наесен ќе се одржат осми по ред локални избори.

Во Македонија наесен ќе се одржат осми по ред локални избори.

Кои се главните адути за локалните избори?

Иако до локалните избори има повеќе од три месеци, дел од партиите почнаа да ги објавуваат имињата на кандидатите за први луѓе на општините.

Главната битка на теренот ќе ја водат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно со коалициските партнери, а во оние средини каде што има албанско население, граѓаните ќе ја очекуваат помошта од ВРЕДИ и ДУИ. 

Зачудувачки, партиите од албанскиот блок сѐ уште не излегуваат со кандидати и тактизираат во изборот.

ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ во дел од општините излегуваат со актуелните градоначалници, но во некои места и со сосема нови, непознати кадри.

Она што најмногу се чекаше е кандидатурата за прв човек на Скопје. Орце Ѓорѓиевски е кандидатот за главниот град од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е актуелен градоначалник на Кисела Вода, а како што објасни лидерот на партијата Христијан Мицкоски, се решиле за Ѓорѓиевски бидејќи сите анкети покажувале дека тој ужива најголема поддршка кај скопјани.

СДСМ сѐ уште не го промовирале својот кандидат. Главниот град ќе добие нов прв човек, а актуелната градоначалничка Данела Арсовска реши да не се кандидира за нов мандат.

Од останатите скопски општини, ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Карпош го промовираше Сотир Лукровски, менаџер во приватниот сектор, а за Општина Гази Баба – актуелниот Бобан Стефковски.

Што се однесува до другите општини низ Македонија, ВМРО-ДПМНЕ кандидира актуелни градоначалници, и тоа за Лозово – Бошко Цветковски; за Пехчево – Александар Китански, во Ресен – Јован Тозиевски и во Зрновци – Борчо Коцев.

Во Куманово и во Центар се очекува ВМРО-ДПМНЕ да не кандидира свој кандидат, туку да го поддржи кандидатот на коалицискиот партнер ЗНАМ.

Во Струга, Гостивар и во Тетово се очекува ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да не кандидираат свои кандидати, туку да ги поддржат тие на ВРЕДИ и ДУИ. 

Орце Ѓорѓиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје.

Орце Ѓорѓиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје.

Не е познато и кој ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Прилеп, а се споменува името на поранешниот прв човек – Марјан Ристески, актуелен заменик-министер за економија и труд. 

Арбен Таравари, лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, од Гостивар, посочи дека Ваљбон Лимани, актуелниот в.д. градоначалник на Општина Гостивар, ќе биде кандидатот за уште еден мандат.

СДСМ објави дел од кандидатите на партијата за градоначалници на претстојните локални избори. Во Куманово кандидат на СДСМ ќе биде Мартин Костовски, а во Охрид, партијата ќе настапи со д-р Асен Шајн, додека, пак, за градоначалник на Дебрца ќе биде кандидат Љупчо Паунковски. Меѓу општините за кои беа соопштени имињата се Карбинци, Сопиште, Дебарца, Демир Хисар и Струмица. 

За изненадување или разочарување, за Струмица која важи за бастион на СДСМ, изостана досегашниот градоначалник Костадин Костадинов. 

Наместо Костадинов, кандидат на СДСМ за Струмица ќе биде Марјан Даскаловски, претседател на општинската организација на партијата.

Ова предизвика голем револт од страна на Костадинов. Тој соопшти дека го замрзнува своето членство во СДСМ нагласувајќи дека не прифаќа да биде дел од партијата под актуелното раководство.

Во Тетово се очекува довербата од ВРЕДИ да ја добие актуелниот градоначалник Билал Касами, додека ДУИ сѐ уште нема излезено со свој предлог.

Слична е ситуацијата со Струга, каде што аспирации покажува Зијадин Села, додека СДСМ нема да има свој кандидат и ќе го поддржи кандидатот од Европскиот фронт.

Во Центар, СДСМ го номинираше актуелниот градоначалник Горан Герасимовски.

За Бутел, кадар на ВМРО-ДПМНЕ е актуелниот Дарко Костовски, додека СДСМ сѐ уште се нема изјаснето.

За Општина Аеродром, СДСМ го номинираше д-р Александар Трајановски, додека ВМРО-ДПМНЕ – актуелниот Дејан Митески.

За Општина Ѓорче Петров, СДСМ го предложи претседателот на општинската организација, Костадин Ацески, а ВМРО-ДПМНЕ – актуелниот Александар Стојковски. 

Во Општина Гази Баба, СДСМ го номинираше Влатко Митовски. 

За Општина Крива Паланка, СДСМ го предлага актуелниот градоначалник Сашо Митовски, додека ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште нема излезено со предлог.

Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ одлучи за Македонски Брод кандидат да биде Жарко Ристески, кој е и актуелен градоначалник на оваа општина, а во Општина Могила да биде актуелниот градоначалник, Драганчо Саботковски. За Општина Пробиштип кандидат за градоначалник е Тони Тоневски, за Богданци ВМРО-ДПМНЕ го предлага Марјан Пеев, за Општина Демир Капија ја предлага Наталија Димитриева, за Општина Росоман предлог за кандидат за градоначалник е Ѓорги Крстевски, за Општина Новаци е Стевче Стевановски и за Општина Дебарца е Златко Силјановски.

Освен погоре споменатите, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ излезе и со останати предлози за кандидати за градоначалници кои ќе се тркаат на претстојните локални избори. За Чучер-Сандево е Зоран Бајовски, за Штип е Иван Јорданов, за Велес е Марко Колев, за Свети Николе е Дејан Владев, за Карбинци е Виктор Паунов, за Градско е Киро Нацков, за Кавадарци е Митко Јанчев, за Гевгелија е Андон Сарамандов, за Зелениково е Коста Маневски, за Илинден е Александар Ѓоргиевски, за Конче – Златко Ристов, за Делчево – Иван Гоцевски, за Ново Село е Ѓорге Божинов, а за Василево е Славе Андонов.

Дополнително, за Босилово е избран Ристо Манчев, за Берово е Петар Ружински, за Петровец е Борче Митевски, за Битола е Тони Коњановски, за Охрид е Кирил Пецаков, за Вевчани е Спасе Кочовски, за Брвеница е Јовица Илиевски и за Јегуновце е избран Димитар Костадиновски.

Од СДСМ, пак, познати се кандидатите на дваесеттина општини: за Општина Чучер-Сандево – актуелниот градоначалник Сашо Комненовиќ, за Берово – актуелниот претседател на општинската организација Илија Рунтевски, за Крива Паланка – актуелниот градоначалник Сашо Митовски, за Општина Лозово – Ацо Велковски, за Општина Чешиново-Облешево – Горанчо Крстев, за Општина Богданци – Блаже Шопов, за Дојран – Ристо Џинев, за Општина Могила – Зоран Ристевски, за Општина Неготино – Петар Мантев, за Општина Новаци – Љубе Кузманоски, за Росоман – Стојанче Николов, актуелниот градоначалник, за Општина Вевчани – претседателот на општинската организација Стефан Радиноски.

Во Крушево, СДСМ ќе го кандидира актуелниот градоначалник Томе Христовски, а во Ресен – претседателот на општинската организација Александар Бузлевски. Во Штип, исто така, ќе се кандидира претседателот на општинската организација Павел Иванов, а во Општина Гази Баба – Влатко Митовски.

Image
Newsletter