Помина еден месец откако започна со работа, новиот скијачки центар „Михајлово“, кој пулсира во срцето на планината Кожув, оддалечен околу 35 километри од Општина Кавадарци и на 1.300 метри надморска височина. Предизборно ветување на градоначалникот Митко Јанчев, кое стана реалност и го продолжува и така брзиот развој на Кавадарци.
„Со одлуката на Советот на Општина Кавадарци, преку која нашиот град доби голема донација од 231.660,00 евра, од кои 115.00,00 евра од Комерцијална Банка и 115.000,00 евра од „Кожувчанка“ – ДОО, се означи и почетокот на развојот на зимските спортови во кои ќе уживаат сите генерации. Покрај овие донации, во изградбата на скијачкиот центарот учествуваа и уште неколкумина општествено одговорни компании и тоа: ,Ја-Ми‘, ,Ас машини‘, ,Анел Маг‘, ,Градба промет‘, ,Конти хидропласт‘, ,Мепос оператива‘ и ,Интекар‘, на кои неизмерно им благодариме“, велат од општината и дополнуваат дека кон активностите на терен се пристапи откако претходно ги добиле сите дозволи од надлежните институции.
„Кожув како планина во овој дел држи доста снег, снежна покривка има речиси преку целата зима. Патеката која во зима ќе се користи за скијање, во лето ќе може да служи за спуштање со велосипеди и други спортски и рекреативни активности. Донациите што пристигнуваат за Центарот ќе одат преку спортскиот центар ,Јасмин‘, кој стопанисува со скијачкиот комплекс и со скијачката патека“, посочуваат тие.

Кавадарци доби голема донација од 231.660 евра за изградбата на скијачкиот центар.
Првата скијачка патека, која е околу 400 метри, го доби името ,,Македонија“, а веќе во следната година, покрај оваа патека, скијачкиот центар „Михајлово“ ќе има проширување на патеката и ќе се збогати со уште две поголеми скијачки патеки.
Значаен капитален проект кој се реализираше за 100 дена, покрај другите, ја вбројува Општината во редот на најуспешните во државата.
Самиот скијачки центар располага со: ратрак, скилифт во должина од 370 метри со капацитет од 600 лица на 1 час, скијачки појас со капацитет од 800 лица, четири сезонски вртелешки, две мобилни пумпи, црево со висок притисок од 20 бари со должина на линија од 500 метри. Исто така, центарот располага и со 4 филтри, 6 хидранти, 6 машини за вештачки снег, 20 заштитни мрежи од 100 метри, скијачки тепих со должина од 90 метри, детски реквизити, 20 гуми за лизгање на деца, 25 заштитни душеци и вештачка акумулација за вода со капацитет од 3.200 м3.

Центарот располага со скилифт во должина од 370 метри со капацитет од 600 лица на 1 час.
На официјалното отворање на првиот ден од годината, своето задоволство од престојот на една од најубавите планини во Македонија го искажаа и високи претставници на Република Македонија, меѓу кои премиерот Христијан Мицкоски, министри, градоначалници, началници, како и многубројни гости.
„Инаку, на наше огромно задоволство, од самото отворање до 3 јануари бевме домаќини на над 2.500 посетители, по што за време на празниците, со оглед на временските услови и интензивните врнежи од снег кои ја зафатија Македонија, бројот опадна, меѓутоа во просек доаѓаат над 500 посетители дневно кои уживаат на нашиот дијамант и патеките покриени со снег, каде што освен кавадарчани, доаѓаат и посетители од цела Македонија, и тоа најмногу од Скопје, Велес, Неготино, Демир Капија, Прилеп, Битола и Гевгелија“, вели Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци.

Јанчев: „Од самото отворање до 3 јануари бевме домаќини на над 2.500 посетители.“
Посетители уживаат во падините облеани со сонце, топли оброци и пијалаци, зимски радости, безгрижни и незаборавни моменти, зимска авантура. Освен дневно скијање, скијачкиот центар „Михајлово“ ви нуди да доживеете и ноќно скијање по осветлената патека и уживање во ноќниот снежен сјај, под блескавото ѕвездено небо. Омилено место за собирање, спомени и уживање во природните убавини на Македонија.
Покрај детското одморалиште „Михајлово“, кое е оддалечено на само 600 метри од скијачкиот центарот, овој дел има потенцијал и за понатамошен туристички развој со ресторанско и хотелско работење и индивидуални сместувачки капацитети. Во претстојниот период следува урбанизирање на овој дел и изградба на хотел во склоп на „Михајлово“, што ќе придонесе за значително зголемување на туризмот во овој скијачки центар и издигнување на повисоко ниво.

Одлични временски услови и доволно снег за посетителите.
Одличните временски услови, доволно снег, одлично подготвена скијачка патека на скијачкиот центар ,,Михајлово“ – сето тоа е само почеток за поголем развој на овој регион во целост.
Планината Кожув е благодет за општината и за државата. Самата планина, пределите кои важат за воздушна бања и природните убавини, претставуваат реткост не само во Македонија, туку и надвор од неа.