Државна матура или државна свест и совест

Државна матура или државна свест и совест

На група на Вибер со речиси 7.000 членови се споделуваа точните одговори од испитот по мајчин јазик. Доказ за тоа беа фотографиите кои се појавија во јавноста. Учениците уште пред почетокот на испитот го фотографирале тестот, а неколку часа подоцна почнале да се споделуваат и одговорите.

 Од тие причини Државниот испитен центар за првпат формира 10 комисии по еден за секој предмет од матурата, кои утврдуваа евентуални неправилности и препишувачи.  Исто така за ова формираше комисија составена од експерти со задача да откријат кои матуранти препишувале. Тестовите на препишувачите беа поништени и тие ќе полагаат во августовскиот рок.

Иако изминаа петнаесетина години од воведувањето на Државната матура, вакви пропусти сеуште се случуваат. Кој е виновникот, беше најчесто поставуваното прашање на оваа тема изминатиов период. 

Причини кои ја креираат матурата како „невозможна мисија“

За имплементирање на секој нов проект потребна е подготовка, создавање  услови за квалитетно одвивање на процесот. Според м-р Соња Здравковска-Андоновиќ, професорка по македонски јазик и литература и  магистер по културологија во книжевноста, после толку години не само што не успеавме да се подготвиме туку и сè полошо се претставуваме кон матурантите кои се нашите идни академски граѓани и граѓани на ова општество, иднината на нашата земја.

„Последните пет години доброволно се пријавувам од моето училиште да бидам тестатор на Државната матура, за да можам да видам што точно се случува на денот на полагањето. Откако учениците ја завршија четвртата година, ги направија матурските прослави, нормално, се опуштија, треба повторно да седнат да учат и да дојдат да полагаат. Што да полагаат? Предметот кој четири години, четири дена, речиси секој ден, го имаат како час во училиште. Учениците се оценети по овој предмет, оценките им се заклучени, ама некој треба дополнително да им го провери знаењето!? И сè ќе биде во ред ако на соодветен начин се случува проверката на знаењето. После толку години анализа на состојбата, доаѓаме до заклучок која е главна причина за лошата состојба во врска со матурата. Имено, најголемиот проблем доаѓа од несоодветно поставените прашања и задачи во тестовите односно несоодветен Концепт и Испитна програма на Државната матура“ вели Здравковска-Андоновиќ и дополнува дека ако тестот е соодветен, со правилно поставени прашања, добро осмислени испитни програми, тогаш учениците без поголем проблем ќе го решат тестот.

„Но, создавањето тест прашања е цела една наука и ретко кој од креаторите на прашањата ја имаат совладано оваа проблематика. Исто така, најчесто „експертите“ кои ги креираат прашањата се далеку од наставниот процес во Средното образование, како и од Наставните програми, па дури и од светот на младите луѓе. Имено, предметот македонски јазик и литература се состои од два дела: Македонски јазик, дел во кој се проучува граматиката на македонскиот литературен јазик и Литература, дел во кој се проучуваат македонските и светските литературни дела. Има огромна разлика меѓу овие два дела. Јазикот е наука и дозволува до некаде да се проверуваат знаењата низ тест прашања. Но, литературата е уметност, таа е плуралност, таа е емоција, чувство, идеја, доживување, размислување, впечатоци и како таква, и знаењата за литературата и љубовта кон неа, не може да се проверат низ тест прашања. Оттука многу ученици, кои со љубов, четири години, работеле и создавале на часовите по македонски јазик и литература и сакале да студираат книжевност или македонски јазик, по матурата, потполно разочарани, не се запишуваат на Филолошкиот факултет. За ова постојат и релевантни статистички податоци кои укажуваат на драстично намалениот број на запишани студенти по македонски јазик и книжевност, откако се воведе Државната матура“, посочува професорката.

„Но, зачудува фактот како колегите, почитуваните  професори, не го согледуваат овој факт и како ниеднаш факултетот на излезе со реакција!? Што се случува на денот на испитот? Паника, стрес, нееднакви услови за полагање за сите ученици. Имено, некои се во релативно нормални  простории за работа, училници, а, по ново, ходници или сали, а некои полагаат во простории во кои нема воздух, не се дише, претопло е. Потоа, некои тестатори се однесуваат доблесно и со почит кон учениците, некои се непријателски расположени и со непочитување, некои креираат соработка, но и претеруваат итн. што создава и нееднаква работна атмосфера за учениците.  Но, најстрашно од сè е сознанието дека се создава мислење или се креира впечаток дека сме ги собрале и еве сега, ќе видат тие, ќе ги фатиме како не знаат. А, кого понижуваме? Сопствените деца? Децата кои треба да ги охрабриме да живеат во оваа земја, да создаваат, да се чувствуваат убаво. А, ние што правиме? Им покажуваме дека сега „ние“ ќе провериме колку навистина знаат, колку навистина научиле во овие тринаесет години, односно толку години го изучуваат јазикот, девет години Основно и четири години Средно образование. А, научиле онолку колку што целокупното образование ги мотивирало да научат. А што треба да ги мотивира нашите ученици? Добро да размислиме“, открива Здравковска-Андоновиќ и додава дека прегледувањето на тестовите е посебна тема. Тука, секако има исто така разлика од прегледувач до прегледувач.

„Замислете колку само се оштетени децата на овој начин. И заради оваа состојба на неправедност, се откажав од прегледувач. Не е веќе тајна дека во една од „елитните“ гимназии во Скопје, каде повеќето од учениците се оценети со петка по предметите кои полагаат матура (македонски јазик и литература и англиски јазик или  математика) за време на испитот влегува лице кое го има клучот од тестот и на учениците јавно, транспарентно им ги чита точните одговори. Ова го кажуваат ученици, колеги и е јавна тајна, со години. Детето на мојата пријателка разочарано по испитот прашуваше зошто толку учев и се трудев кога некои без учење си ги добија точните одговори. Е, па? Што да кажеме по ова? Токму овие деца, ученици, ја напуштаат земјава. Разочарани, понижени, соочени со лага и со сознанието дека треба да сснајдеш, дека не е важно колку си учел туку како си се снашол“, вели професорката.

Потребно е учениците да полагаат Државна матура за да се запишат на студии во странство. На ова Здравковска-Андоновиќ реплицира „Ме интересера колку на тоа странство му е потребно  децата да го владеат македонскиот јазик?“

„Тогаш нека полагаат Државна матура само тие ученици кои треба да студираат во странство и кои  треба да покажат колку го владеат македонскиот и англискиот јазик. Инаку, ние секако ја имаме просечната оценка на учениците од целата држава по предметот македонски јазик и литература и по предметот англиски јазик или математика. Со Државната матура го добиваме исто така просекот по овие предмети. Зошто ја повторуваме истата работа, кога веќе тој просек го имаме по завршувањето на средното образование“, посочува професорката и резимира:

„Несоодветно и неправилно поставени прашања односно несоодветен Концепт или Испитна програма за Државна матура, особено, организирање на Државна матура единствено  низ концептот на тест-прашања, неусогласеност со Наставните програми и Испитната програма за Државна матура, несоодветни услови, несоодветни простории при одржување на матурата, тестатори со неединствен начин на работење, прегледувачи со неединствен начин на прегледување, односно оценување и на крај,  ученици кои мораат да добијат високи оценки за да се запишат на посакуваниот факултет, па заради тоа и мора да се снајдат. Сите овие причини ја креираат матурата како невозможна мисија. Да не се лажеме, за да имаме Државна матура од калибарот на Европа, потребна е повисока свест и совест. Потребно е секој учесник во овој проект совесно, човечно и одговорно да пристапи кон креирање на Државната матура. А, ние што направивме? Ја покажавме целата наша несовршеност пред штотуку навршените полнолетници и уште сме подготвени и да ги казниме заради тоа. Не можеме да ги казнуваме учениците, впрочем тие се нашето „огледало“. Тие се однесуваат така како што се однесуваме ние возрасните, наставниците, родителите, политичарите. Каков пример сме им дале, таков начин на однесување ќе прифатат“ вели Здравковска-Андоновиќ.

Пoради овие причини, предлага да се спроведуваат приемни испити на факултетите кои соодветно ќе создадат тестови според потребите и политиките на факултетот или да се разгледа идејата за Државна матура која нема да го вреднува ученикот единствено низ тест-прашања, туку ќе се  разгледува можноста кај ученикот да се вреднува неговата креативност, вештини, хуманизмот, толеранцијата, кои како концепт се применуваат во Меѓународната матура.

„Еве што се вреднува кај ученикот кој е приклучен кон Програмата за Меѓународна матура (https://josipbroztito.edu.mk/megjunarodna-matura/: Учениците имаат можност да развијат систем на вредности, хуманост, толеранција и разбирање за другите, интернационализам и свест за плурикултурализам и мултикултурната природа на општеството и светот. (https://josipbroztito.edu.mk/megjunarodna-matura/). Да размислиме, дали е подобро да ги охрабриме учениците во индивидуалната способност и моќ која ја поседуваат како млади луѓе или да ги убедуваме дека треба да го исконтролираме нивното знаење стекнато по македонски јазик и литература и англиски јазик или математика, единствено низ тест-прашања за кои истражувањата покажуваат дека се масовен атак на индивидуалните квалитети на ученикот“,заклучува професорката..

Да не заборавиме дека децата се под континуиран стрес на постојано испитување проверка на знаењата

Проф. д-р Мирослав Пендароски, психолог, Универзитетски професор: Анксиозноста и стравот произлезен од очекувањата на резултатите, од кои, да не заборавиме зависи иднината на младите, дополнително ја „забиберува“ сета стресна и постстресна ситуација

ПРОФ. Д-Р МИРОСЛАВ ПЕНДАРОСКИ, ПСИХОЛОГ, УНИВЕРЗИТЕТСКИ ПРОФЕСОР

Проф. д-р Мирослав Пендароски, психолог, Универзитетски професор

Како се чувствуваат полнолетни деца, адолесценти, кои се оценети, со заклучени оценки и повикани повторно и одново да го покажат своето знаење низ тест прашања кои не се најсоодветен начин за проверка на знаењето, особено не од областа на литературата која постои за развивање на потполно други вредности, креативност, емоции, чувства, размислувања, доживувања, идеи, дискусија, дебата, а не меморирање на податоци.

Според проф. д-р Мирослав Пендароски, психолог, Универзитетски професор секоја форма на испитување, тестирање, било каква проверка на знаењата, особено во повеќе наврати на истото градиво, само по себе е стресно и непријатно.

„Да не заборавиме дека тие деца веќе неколку години се под континуиран стрес на постојано испитување, проверка на знаењата, посета на часови, тестови, писмени и сл. По тој долг период, а пред настапот на следното важно ниво на животот, без разлика дали тоа ќе биде одење на факултет за средношколците или влегување на пазарот на трудот, да не заборавиме дека на овие млади луѓе им треба позитивна пауза, релаксација, време за консолидирање на сопствените перцепции, желби, потреби итн. На крај на краиштата, како е можно еден млад човек да одлучи на најдобриот можен начин доколку тој сеуште не е излезен од долгиот воспитно-образовен процес, веднаш се става на нови и паралелни испити кои оневозможуваат позитивна дистанца од веќе поминатото, соземање пред новите одлуки и конечно, носење на зрела и автентична одлука каде понатаму. Според мене, литературата, како што убаво посочивте, служи за ширење на хоризонтите на младиот ум, негово освестување и зголемување на животната мудрост и егзистенцијалистичките неопходности. И надвор од темата на матурските испити, литературата изнудува поинакви форми на учење, развој и креација, т.е. постојат низа форми на испитување на таквите знаења не преку класични испитувања, туку преку креативни форми на изразување, дискусија, анализа, понадворешнување на импресиите од делата и една општо психолошко-експресивна форма на изразување. Целиот концепт на современото образование треба да го следи моментот на промена на социо-културните и општествените текови кои, и тоа како се видоизменија последниве 2-3 декади“, вели професорот кој на констатацијата како се чувствуваат учениците дека тестирањата се вршат во спортски сали и холови од училиштата, па дури и полагање во друго училиште.

„Видете, ако содржината е оправдана, тогаш условите се релативна работа! Да речеме дека една таква позитивистичка макевијалистичка филозофија е оправдано, само и само ако целите се навистина вистински и суштински! Сакам да кажам дека самиот факт на проблематичноста на целиот концепт на екстерно оценување, матурски испит и што и да е слично, сам по себе е проблематичен па со самото тоа. На младите луѓе се што е дополнително проблематично им создава уште покомплексни чувства и специфични тешкотии, од просторно-еколошки и здравствен аспект. Се разбира дека одржување на испит од 3-4 часови, под присмотра на оценувачи кои и самите се под голем стрес  и тоа како е проблематично нешто. Згора на тоа и анксиозноста и стравот произлезен од очекувањата на резултатите, од кои, да не заборавиме зависи иднината на младите, дополнително ја забиберува сета стресна и постстресна ситуација. А,  каде е заслужениот летен одмор на младите, кој здраво, релаксирачки и олеснувачко-освежувачки дејствуваат на младата психа и тело. Како се чувствуваат по сето кажано, можете само да претпоставите. И дури полагале, дури добијат резултати, дури се обидат да се запишат на факултет, ете, одморот поминал и тие млади луѓе влегуваат во нов сложен процес на себедокажување а ниту се доволни излезени од претходниот стрес и соодветно рехабилитирани, ниту пак се спремни за новите предизвици“, посочува професорот.

И покрај тоа што успехот или неуспехот на учениците не влијае и не ја вреднува работата на професорите, се поставува прашањето дали самиот чин на „преоценување“ на учениците влијае на почитувањето односно непочитувањето  на наставникот и неговата работа, системот на вредности на оценување на ученикот, како се чувствуваат и наставниците.

„Ах, наставниците се само уште една колатерална штета на сиот стресен процес.Како да ви кажам, замислете дека цела година, четири години сте се труделе да пренесете знаења, вештини, да останете на средето од легитимноста на еден и онака сложен и комплексен процес, и, по тие години, некој ви вели: повели, да видиме колку добро си работел/а. Далеку е од умот дека сите наставници се на ниво на задачата, се чини дека многу е опаднат квалитетот на нивната спрема, но, сепак, повеќето од нив си ја вршат својата работа како што треба. Се разбира, дека од психолошки аспект и тоа како сиот процес влијае на нивниот процес на само-оцена, себе-ефикасност и чувството на самодоверба во сопствените капацитет и кадарности. И најдобри да сте, секоја година ако сте (пре)испитувани и преформулирани, природно е да се чувствувате збунето, несигурно и анксиозно. Од друга страна пак, самиот факт дека наставниците учествуваат во процесот на претходно оценување кое е меродавно за екстерното, кај учениците создава аверзија кон наставникот, колку и тој да бил и е почитуван од ученикот. Од трета страна тука се и родителите, и се создава една непријатна тријада која и онака сите тие четири години била во взаемен меѓуоднос, и вие сега повторно тие страни на процесот ги изложувате едни наспроти други“, вели Пендаровски, кој на  прашањето поврзано со истражувањата кои покажуваат дека вреднувањето на успехот на ученикот единствено низ тест прашања влијае негативно на самодовербата, себепочитувањето и себевреднувањето кај учениците. Зошто тоа им го правиме на нашите деца и зошто дозволуваме да се вреднувани единствено низ тест прашања? Какви наставници и родители сме ние кои го дозволуваме тоа?

„Секако дека многу истражувања покажале и покажуваат дека тест-вреднувањето на нечие знаење влијае на само-чувството кај младиот човек. Во време на либерализам и интелектуална демократија, во време на интернет и сеопшта достапност ан се и сешто, трагично е, жално е, иронично е да останеме во 19-от век. Од една страна, примаме од западот сѐ што е модерно, тренди, ново и светкаво, а токму во процесот на осовременување на воспитно-образовниот систем, не применуваме новитети кои и тоа како се позитивни! Се разбира, одговорни сме сите: родители, наставници, директори, министри, целата држава и пошироката човекова активност на најшироко, глобално светско ниво. За жал, живееме во атмосфера во која мора да бидеме гласни за нештата да се променат. Со промените во нашата средина, очекувам дека и овие нешта ќе бидат променети“, заклучува проф. д-р Мирослав Пендароски

БЕТИ ТРАЈКОВСКА : Секогаш сум за нешто ново, да се менуваме кон подобро, но со голема почит  и внимателност секако кон добрите практики од минатото.

Бети Трајковска, пратеничка во Собранието од редовите на ВМРО –ДПМНЕ

Бети Трајковска, пратеничка во Собранието од редовите на ВМРО –ДПМНЕ

Бети Трајковска, пратеничка во Собранието од редовите на ВМРО –ДПМНЕ: Образованието не е проблем, образованието е можност, можност да научите нешто, а јас имам научено дека со многу работа и упорност сѐ се надминува.

Бети Трајковска, пратеничка во Собранието од редовите на  ВМРО–ДПМНЕ, дава свое размислување за Државната матура, од лично искуство и од континуирано следење на настаните поврзани со неа. Според Трајковска покрај личната корист која учениците ја имаат за проценка на сопственото знаење, корист има и државата. Резултатите од матурата ни даваат можност за сериозни анализи од кои може да се влечат заклучоци за подобрување на образовниот систем.  

Што вреднуваме со Државната матура? Ја имаме просечната оценка по македонски јазик и литература и англиски јазик или математика на ниво на Македонија, секоја година. Дали се дуплираат добиените податоци од Државната матура?

„Со испитите по јазик и литература се проверуваат знаења и способности на учениците од две програмски подрачја: јазик и литература. Од подрачјето јазик, се проверуваат способностите за правилна употреба на избраниот јазик, додека од подрачјето литература се проверуваат способностите на учениците за аналитички и критички пристап кон литературни дела, самостојно пишување на текст од определена област. Истото се провлекува и со останатите предмети што се дел од Државната матура, со испитите се проверуваат стекнатите знаења и способности во различни подрачја од предметот на различен број тежински нивоа. Доколку навлеземе во анализа на резултатите од Државната матура би истакнала едно мое размислување. Резултатите глобално се движат околу 75% просечниот процент на решеност на испитите, но истите се разликуваат по територијални области и структурни карактеристики на населението. Уште една дополнителна разлика е големата дискрепанција која постои меѓу оценките добиени во училиштето и остварениот резултат на матурскиот испит. Минатата година средната оценка на матурата била 3,6 додека во училиштата е поинаку.

Оттука, покрај личната корист која учениците ја имаат за проценка на сопственото знаење, корист има и државата. Резултатите од матурата ни даваат можност за сериозни анализи од кои може да се влечат заклучоци за подобрување на образовниот систем.  

Откако се воведе Државната матура, се намали бројот на запишани студенти на Катедрата по македонски јазик и македонска книжевност. Разочараните ученици не се запишуваат на Филолошкиот факултет по полагањето на Матурата. Зошто не реагираат професорите од факултетите? Чиј заклучок или теза е дека се намалил бројот на катедрата за македонски јазик поради државната матура? 

Во цел свет се знае дека познавањето на јазикот на државата е примарно. Децата го изучуваат и го говорат уште од мали нозе. Но, проблемите започнуваат со третманот на јазикот во основното образование, па средното и понатаму.

Имено, колку што мене ми е познато, а има и точни податоци дека за вработување во училиште дипломираните чекаат по 6-7 години. Дополнително, незадоволството од професорскиот третман и платен труд расте секој ден.  

Со дипломата која ја стекнуваат студентите, намалена е можноста и изборот за примена на наученото од факултетот. Има голем број фактори кои влијаат, но не сметам дека поради полагањето на државната матура се намалува бројот на запишани матуранти на Филолошкиот факултет.

Според мене, убаво би било да се анкетираат матурантите кои пак ќе дадат некои показатели што треба да се менува и дипломираните на катедрата по македонски јазик со кои предизвици се соочуваат. Има многу работа за професорите од Катедрата за македонски јазик, тие да бидат уште повеќе проактивни во промовирање на можностите и придобивките од студиите, но и студентите да се стимулираат за дефицитарни професии.

Едно е повеќе од јасно, овие катедри треба да се реформираат, затоа што новото време бара иноватовен методички пристсп. А, каков професорски кадар ќе произведете, таков наставнички кадар ќе ги воспитува и учи децата.

Дали треба да размислуваме за менување на концептот на Државната матура и Испитните програми. Има ли можност да размислуваме за прифаќање на Наставни програми и планови од  концептот на Меѓународната матура? 

Еве дел од нивниот концепт: наставата и учењето се изведуваат во согласност со најсовремен наставен план и програма  кои се насочени кон стекнување на знаење, развој на вештини во голем број на области, оспособување за пишување на различни видови текстови, семинарски работи, портфолија и матурски задачи. Учениците развиваат одговорност за своето образование,  самодисциплина и  академски вештини за понатамошно образование и доживотно учење. Учениците имаат можност да развијат систем на вредности, хуманост, толеранција и разбирање за другите, интернационализам и свест за плурикултурализам и мултикултурната природа на општеството и светот“.

„Секогаш сум за нешто ново, да се менуваме кон подобро, но со голема почит  и внимателност секако кон добрите практики од минатото. Сум имала можност да работам по концептот на Меѓународна матура и искрено многу ми се допаѓа. Она што како искуство би го издвоила и сакам да се применува и имплементира во идните промени во образованието е тоа учениците да имаат добри услови, во училиштата и надвор од нив,  каде на креативен начин би ги презентирале стекнатите знаења, а на наставниците повеќе да им се вреднува трудот вложен во реализација на оваа крајна цел.

Верувам дека ќе се случат промени на наставните планови и програми. Верувам дека во иднина ќе се стави фокус на развивање на демократијата и базните човекови права, но и стекнување на многу други животни и општествени вештини.“

Дали има начин матурата да не се изведува единствено низ тест прашања кои ја исцрпуваат само меморијата на учениците или во најголема мера? Постои ли начин да се проверува и вреднува креативноста на учениците, како и гореспоменатите вредности кои се развиваат со Меѓународната матура: креативност, хуманост, толеранција и разбирање за другите, интернационализам, мултикултурализам, а не само познавање на македонски и англиски јазик?

„Начини за промени секогаш постојат. Матурскиот испит во Македонија се спроведува многу слично како матурските испити во многу земји во ЕУ. Овој проект доби позитивни оценки од ЕУ, а за содржината на испитните прашање секогаш може да се дискутира. Верувам дека со нови наставни програми и содржината на матурскиот испит ќе биде поинаква.“

 Во една скопска гимназија, „јавна тајна“ е дека секоја година, на учениците им се диктираат точните одговори од тестот. Станува збор за „елитна“ гимназија и повеќето ученици се оценети со петка, па затоа и на сите им се диктираат точните одговори. Кој „замижува“ пред оваа вистина и зошто? И до кога?

„Јас оваа  јавна тајна сум ја слушнала, но не била поврзана со елита гимназија туку со нешто друго. Да зборуваме за факти, а факт е дека се потребни промени. Дека одредени активности треба да се менуваат со цел севкупно подобрување на овој вид испит треба, потребни се промени во Правилникот за начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците на екстерните испити, потребни се промени во делот на наставните програми, потребно е да се раздвои државната матура според видот на образование, потребни се промени со цел да се намалат препишувањата, потребно е многу работа.“

Дали Македонија добива финансии од европските фондови за имплементација на Државната матура?

„Не, не добива. Македонија добива поддршка од Светска банка за државните тестирања, но имам сознанија дека таа поддршка би можела да биде посилна, односно повисока.“

Зошто нема кривична постапка за пробиените тестови?

„Ова прашање е повеќе за надлежните институции. Она на кое јас сакам да укажам е дека е потребно правилникот да се збогати со уште неколку правни норми кои најстрого ќе ја санкционираат употребата на мобилните телефони и другите електронски уреди за време на испитите. Тоа значи, без претходна опомена, отстранување на учениците од испит, забрана за полагање на преостанатите испити во наредната испитна сесија и забрана за стекнување друг вид диплома за завршено средно образование во годината во која се пријавиле да ги полагаат екстерните испити.

Би надополнила и да се забрани користењето мобилни телефони на тестаторите за време на испитите, но и тестаторите да бидат стимулирани за професионално да си ја вршат својата работа.

Како и кој го прави изборот за составувачи на тестовите, конкурс, критериуми, и дали има ревидирање на веќе изготвените прашања и кој го прави тоа ревидирање? Постои цела наука за составување на тестови. Составување на тестови од несоодветни индивидуи секако ќе создадат и забуна и несоодветен начин на проверка на знаењето на учениците.

„Вистина е дека составувањето на тестови е многу сериозна, одговорна, но и стручна работа. Државниот испитен центар е потребно да се зајакнува со човечки потенцијал, во него има стручни лица на кои им е потребно поддршка во креирањето на прашањата. За спроведувањето на матурата се формираат повеќе комисии и секако Државна матурска комисија. Во сите комисии учествуваат стручни и компетентни личности.

Образованието не е проблем, образованието е можност, можност да научите нешто, а јас имам научено дека со многу работа и упорност сѐ се надминува.“

Image
Newsletter