Покрај сите проблеми во високото образование, Македонија брои уште еден неславен податок. Земјава драстично заостанува од високоразвиените земји по однос на бројот на лица кои се стекнале со звање „доктор на науки“, што е највисок академски степен што се доделува од страна на Универзитетите во повеќето земји во светот. На оваа тема експертите го споделуваат податокот дека во Македонија само 0,4% од возрасните помеѓу 25 и 64 години имаат стекнато степен „доктор на наука“. Ако оваа бројка се спореди со таа во развиените земји, можеме да констатираме дека Македонија е далеку под просекот. Оваа фактичка состојба не ѝ оди во прилог на земјава затоа што забрзаниот економски и општествен развој што ѝ е неопходен на Македонија, според експертите, бара голема концентрација на знаење, а тоа неопходно вклучува голем процент на лица со степен доктор на науки.
„Во Македонија само околу 0,4% од возрасните помеѓу 25 и 64 години имаат стекнато степен доктор на наука. Тоа е многу ниско ниво во споредба со развиените земји. Така, во Словенија процентот е 5%, во Швајцарија 3%, во Луксембург, САД, Шведска и во Велика Британија 2%, итн. Забрзаниот економски и општествен развој што ѝ е неопходен на Македонија, бара голема концентрација на знаење, а тоа неопходно вклучува голем процент на лица со степен доктор на науки. Оттука, во наредниот период се бара од високообразовните институции во земјата да оформат многу поголем број доктори на науки“, изјави професор доктор Благица Новковска од Универзитетот Скопје за Магазинот за туризам и менаџмент.
Професорката Новковска на оваа тема забележува дека Законот за високо образование е обременет со премногу недоречености во делот со докторските студии и на тој начин се попречува ефикасното реализирање на студиите.
„Општо, состојбата со докторските студии се карактеризира со пренормираноста внесена со Законот за високото образование, што претставува непотребно усложнување кое го попречува ефикасното реализирање на студиите. Така, според важечката регулатива, постојат само структурирани докторски студии, а традиционалните докторски студии коишто беа целосно во примена претходно, сега се целосно исклучени. Тоа создава непотребни усложнувања за помалите високообразoвни институции, коишто можат да имаат исклучителни ментори, но пречка ќе претставува организирањето на цела структурирана студиска програма. Покрај тоа, со сегашново решение се ограничува флексибилноста за прифаќање студенти и докторски тези за најнови актуелни проблематики. Докторски студии во Македонија се организираат во принцип за сите научни полиња. Она што е ограничување беше напоменато погоре, а е поврзано со малата флексибилност на законското решение, ги ограничува можностите да се прават докторски тези на најнови значајни проблематики. Мора да бидат овозможени повеќе флексибилни решенија што ќе доведат до покривање на многу специфични дисциплини“, изјави професор доктор Благица Новковска од Универзитетот Скопје.
Ако се анализираат податоците достапни од Државниот завод за статистика, може да се констатира дека во 2022 година, звањето доктор на науки го стекнале 197 лица, што претставува намалување за 2% во споредба со 2021 година. Тоа покажува дека за разлика од развиените земји, кај нас докторските студии не се посебно интересни.
„За разлика од развиените земји, кај нас докторските студии не се посебно интересни ако се анализира бројот на запишани и завршени студенти на докторски студии. Според податоците за 2021 и 2022 година, само околу една десетина од оние што завршуваат втор циклус студии се запишуваат на докторски студии. Најмногу интерес за докторски студии има во областа на здравството и на социјалната заштита (застапени со околу 30% од успешно завршените студии), за бизнис, администрација и право (17%), а потоа за општествените науки, новинарството и информирањето (околу 15%). Полето инженерство, производство и градежништво учествува со само 9%, а информатичко-комуникациски технологии (ИКТ) со околу 8%. Полето природни науки, математика и статистика учествува со помалку од 5%“, анализира Новковска.
За жал, не можат да се обезбедат прецизни податоци за тоа колку лица од Македонија се на докторски студии во странство, но според Новковска, интересот за студирање во странство е сѐ поголем поради далеку подобрите услови кои се нудат во странските земји
„Не може да се обезбедат прецизни податоци за тоа колку лица од Македонија студираат на трет циклус во странство, затоа што тие одат по различни канали: дел заминуваат со стипендии коишто се објавуваат од Министерството за образование и наука, но дел си аплицираат независно на странски фондови и воопшто не се евидентираат кај нашите институции. Според посредни сознанија, има голем број што се запишуваат на докторски студии во странство, не само поради повисокиот квалитет, туку и поради подобрите услови за студирање и живот, со платени школарини, добри стипендии и сместување во домови со висок стандард. Така, во Македонија докторираат приближно 200 лица на годишно ниво, додека само во Швајцарија по конкурс распишан преку МОН се запишуваат 20 до 30 кандидати. Кандидатите не се испраќаат врз основа на потреби дефинирани според национална политика, туку според барањата на земјите каде што ќе студираат“, вели Новковска.
За да се смени ваквата неповолна состојба, државата треба да помогне со олеснување на административниот товар, како и со финансирање на соодветни научно-истражувачки проекти и стипендии за докторандите, вели Новковска. Во моментов на Агенцијата за вработување има 15 доктори на науки кои се невработени, но според неа таа бројка или е преодна или во моментов не постои толкава потреба на пазарот на труд за тие профили.
„Во Македонија годишно докторираат околу 200 лица, па бројката од 15 лица може да биде преодна, до наоѓање на новото вработување, или на профили за коишто не постои во моментот толкава потреба. Најголемиот дел се вработени, зашто потребите за кадри со највисок степен во Македонија се далеку од тоа да бидат задоволени. Има и лица што завршиле докторски студии што се вратиле во земјата иако не биле финансирани од наши извори. Може да се утврди дека потребата од кадри со завршени докторски студии во земјата е уште голема. Со развојот на многу нови економски дејности, ќе има уште поголеми потреби, што ќе бара раст на бројот на понуди на докторски студии од државните и од приватните високообразовни институции во Македонија. Државата треба да помогне со олеснување на административниот товар, како и со финансирање соодветни научно-истражувачки проекти и стипендии за докторандите. Одредени чекори во таа насока почнуваат да се прават. Така, од академската 2021/2022 година, Министерството за образование и наука за првпат воведува стипендии за докторски студии во Македонија. Овој тренд треба да продолжи и да се забрзува во наредниот период“, изјави Новковска.
Инаку, според последните податоци од Државниот завод за статистика, за 2022 година вкупно 197 лица се стекнале со звање доктори на науки, но интересно е да се спомене дека 64 од нив се странци. Тоа значи дека дури третина од сите кои станале доктори на науки се странци, покажуваат податоците на ДЗР.
Извор: Државен завод за статистика
Според истите податоци, дури 99 жени одбраниле докторска дисертација во текот на 2022 година, што претставува 50.3% од вкупниот број лица што докторирале во таа година. Најмногу или 61 лице докторирале во областа здравство и социјална заштита. Во бизнис, администрација и право докторирале 35 лица, а само 9 лица во природните науки, математика и статистика, во ИКТ-сектор 16, а во инженерство, производство и градежништво 14, во општествени науки, новинарство и информирање вкупно докторирале 20, во уметност и хуманистички науки докторирале 20, а во образование 9 лица станале доктори на науки.