Животот е сплет од различни видови комуникација. Од секојдневни разговори, преговори, состаноци, па дури до пишување, сликање, пеење и танцување, човекот комуницира постојано, непрестајно, секојдневно, свесно или несвесно. Комуникацијата е акцијата и реакцијата на постоењето. Нашето битие и битисување, и сите успеси и неуспеси, се резултат на острината и диверзитетот на нашата комуникација и со себеси и со сите околу нас.
Проширувањето на личното знаење е можеби највредното нешто што може да си го подарите себеси. Тоа е вградено во темелите на идентитетот на една индивидуа и ја открива убавината на размислувањето и карактерот на човекот. Знаењето е најубавиот аксесоар на една личност. Без него, сите би биле исти, празнина, табула раса.
Анчевска: „Каналите на комуникации се осудени вечно да се менуваат, но, токму тука факултетското образование и диплома се отскочната штица и клучниот фактор за трансформација на еден млад човек во вистинска едуцирана личност.“
Воедно, знаењето и личниот развој не придонесуваат само за лични, туку и за колективни придобивки. Сепак, секоја индивидуа може да послужи како инспирација и извор на мотивација за околината, а истовремено и да влијае врз квалитетот на колективното размислување на многубројни теми во општеството, како и во бизнис-опкружувањето.
Да се биде дел од големото алумни-семејство на Универзитетот Скопје, едноставно е бесценето. Како успешна едукативна установа, УТМС на некој начин е и „модерен рудник“ на едуцирани „капацитети“ што го подобруваат општеството, личниот живот и кариера во различни сегменти.
Ема Анчевска, дипломец при УТМС, а воедно и коосновач и косопственик на агенцијата за маркетинг и односи со јавност, ИДЕА ЛАБ, која постои речиси 11 години, е професионалец и експерт за односи со јавност и комуникации.
Настојувајќи секојдневно да се надградува со изучување нови јазици, комуникациски вештини и размислувајќи постојано во претприемачката зона, Ема е вистинска инспирација за тоа како може, па и треба да се направи и да се одржува балансот помеѓу личниот и кариерниот развој со позитивен став, желба за нови искуства и високо ниво на емпатија.
Оскар Вајлд рекол, „Никогаш не можете да бидете претерано облечени и едуцирани“. А пак Махатма Ганди рекол, „Живеј како да ќе умреш утре, а учи како да ќе живееш вечно“. Дали сте согласни со овие мотивирачки мисли од овие легендарни светски умови? Колку е факултетското образование дел од процесот на градење на личниот идентитет и размислување?
Да се каже и да се научи, се два различни поими, како што се и двата различни света живот – со и без факултетско образование. Тоа е стартна и појдовна точна во личното откривање на желбата што сакаме да бидеме во животот, што сакаме да осознаеме и како сакаме да го подобриме светот, а и своето секојдневие низ годините кои следуваат. Факултетското образование е „умствено брусење“ на капацитетот на секоја млада личност да се осознае и себеси, како и струката што се нашла како број еден избор во листата на „што сакам да бидам во животот“. Факултетското образование е темелот врз кој со секое предавање, положен испит, ново знаење и пријателства во студентските денови, сме надградени и подобри личности. Квалитетот на факултетското образование природно го збогатува животното искуство на секој студент низ универзитетските ходници. Да се прими знаење од искусен кадар и професорска фела, каков што е случајот во УТМС, е незаменливо затоа што влијае врз тоа колку ќе бидат проширени хоризонтите на младите генерации и колку голема ќе биде љубовта кон струката и во моментот и во иднина. Факултетот, покрај класичното, сепак овозможува едно поинакво „дипломирање“ и на себеси и на личниот идентитет.
Анчевска: „Храброста за нови искуства и реномето на УТМС како образовна институција беа главните причини да се запишам на Универзитетот, каде што стекнав дел од највредните пријателства и знаења во животот.“
Новите познанства и стекнувањето нови знаења во факултетските денови е неспоредливо искуство и доволна причина за многумина да се одлучат за факултетско образование, покрај квалитетот на програмите и едукативната установа. Но, како друга паралела, во модерното доба во кое се наоѓаме, со достапноста на различен вид информации, дефиницијата на „образованието“ како поим е мултикратно трансформирана, осовено со дигиталните алатки и платформи. Дали може да се пронајде баланс за овие вредности кај новите генерации? Зошто факултетската диплома сѐ уште ја има својата незаменлива улога и вредност?
Да, дефинитивно може. Светот моментално живее и дише преку социјалните мрежи. Тие станаа едни од најважните комуникациски канали на човештвото. Миксот од факултетска диплома и дигиталното присуство како креатори на мислења, можеби е новиот интелигентен рецепт за модерната млада индивидуа, која е спремна да ги поткова своето знаење и идентитет со помош на присуството на дигиталните платформи, но и на формалното образование. Сепак, вниманието на очите на светот не може да се задржи ако не знаеме на кој начин и колку добро да го пренесеме и да го комуницираме она што сакаме да го кажеме. Каналите на комуникации се осудени вечно да се менуваат, но, токму тука факултетското образование и диплома се отскочната штица и клучниот фактор за трансформација на еден млад човек во вистински едуцирана личност, која има што да каже и да пренесе, личност која кажува, а не личност што само зборува.
Професорите за време на вашето образование на УТМС, беа главниот канал за восприемање нови знаења и професионални искуства. Секој студент е на прагот на создавање и формирање на своето вистинско и автентично „јас“ кога започнува со своите студии. Според вас, која е висината на квалитетот на професионалниот пристап на кадарот во УТМС, а воедно и на начинот на пренесување на знаење од професор на кој било студент?
Само еден професор може да направи разлика дали еден студент ќе ги засака или ќе ги замрази универзитетските денови, како и струката и насоката што ги одбрал на почетокот. Речиси секогаш, многу малку е потребно за да се создаде, дознае, пренесе и научи нешто ново. Нова желба, ново знаење, нови искуства. УТМС е пионер на национално ниво за квалитетот на образовниот кадар, без кој самиот Универзитет немаше да прерасне во тоа што е денес. Квалитетното ниво на образование и искуство на кадарот, но и психолошки правилниот пристап од професор кон студент, најпрвин како пријател, е она што го издвојува УТМС од останатите. Моите студии и кариера ме научија дека најважно пред сѐ е да се биде човек, а потоа сѐ друго. Уникатната мешавина на кадарот, но и нивото на акредитациите на установата, како и програмите, се причината зошто многумина се одлучуваат своето образование да му го доверат и да го изградат во УТМС.
Анчевска: „Најубавите години од младоста вредат да се инвестираат во образовна установа со историја на успеси, реноме и иновативност, каква што е УТМС.“
Колку Ви помогнаа стекнатите комуникациски вештини и познавања во вашата образовна струка, во вашето бизнис-секојдневие и стартување на сопствена агенција?
Комуникациските вештини се неизоставен дел од мојот идентитет. Факт што од моето детство до сегашноста се докажува сѐ повеќе како точен. Во 2013 година ја основав агенцијата ИДЕА ЛАБ, заедно со мојот бизнис-партнер, Димитар Атанасовски. Заедничкиот интересен микс на упорност и комуникациски вештини, само ја надополнија мојата отвореност, храброст и желба дека секој може сѐ, секој може да се запознае со кого било и секој може да создаде што и да замисли во животот. Ако се плашев и минимално од неуспех во ерата пред ИДЕА ЛАБ, Димитар дефинитивно ги оттргна сите мои сомнежи дека и дома може да се успее, како и дека ако не се праша, одговорот секогаш ќе биде „не“, ако не се проба, ништо никогаш нема да се промени. За да има успех, страв од неуспех мора да има, но тоа не мора да значи дека тој страв треба да победи. Она што го научив за време на моите универзитетски студии, а и практичното искуство кога бев студент, ми помогнаа значително во моите први бизнис и практични искуства. Работење во агенција, водење на пиарот на пејачот Ѓоко Танески на Евровизија во Осло, водење клиенти од различни индустрии, креирање кампањи, снимање спотови, организирање пресови, менаџирање тимови, стартување своја агенција, зачленување на ИДЕА ЛАБ во најголемата мрежа на комуникациски агенции во светот, надградување на себеси.
Зошто вреди високото образование да се стекне „дома“, во татковината, во земјата каде што секој се чувствува свој? Дали запишување на Универзитет дома, а не во странство, беше една од причините зошто се запишавте, а воедно и дипломиравте на УТМС? Дали ќе познававме малку поинаква Ема, со поразлични размислувања, перцепции и вредности ако студиравте некаде во странство?
Ако студирав во странство, сигурно ќе постоеше ризик да не се вратам назад, како и да размислувам во малку поинаква насока за многу нешта во животот. Сметам дека да се впие знаење, факултетско знаење, од професионален кадар во својата земја, од наше поднебје, е незаменливо. Причината зошто е што тоа нѐ подготвува за реалните предизвици во кариерата и во животот токму во нашата околина и општество.
Анчевска: „Одлуката да продолжам да го негувам својот личен развој е нишката што носи поголема самодоверба и сигурност да се ценам повеќе, затоа што колку што повеќе знам и осознавам, толку сум подобра личност, пријател, менаџер, партнер, претприемач, мајка, сопруга, ќерка.“
Да се комуницира е навидум можеби доста лесно. Но, нивото на добра комуникација може да направи разлика помеѓу нови успеси и неуспеси, помеѓу прифаќање на пичирана понуда на нови клиенти до нејзино одбивање, помеѓу разбирање и недоразбирање. Сето тоа е клучно во бизнис-сферата, особено во дигиталниот свет што нѐ опкружува, во кој комуникацијата има 1001 форма. Колку се трудевте да ја „изострите“ вашата комуникација низ годините додека ја градевте вашата кариера?
Комуникацијата е некаков вид лична домашна што треба да ја пишуваме постојано одново и одново. Одговорот лежи во шансата со начинот на кој комуницираме да станеме подобри личности и комуникатори, без разлика дали ја имаме кренато на ниво на експертиза, а и без разлика дали комуницираме со пишана порака, мејл, писмо, говор на телото, дигитален коментар, емоџи, кажан збор, песна, боење со четка. Добрата комуникација се трансформира секојдневно и таа може да се разликува во случаите кога комуницираме со една или друга индивидуа. Она што гарантирано ја подобрува, е трпението и умешноста да се сослушува соговорникот пред да одлучиме и да кажеме каков било одговор или реплика. Во тоа и се крие тајната на комуникациските експерти и на добрите лидери.
УТМС беше дел од Вашето факултетско образование и Ваш избор. Дали постои разлика во нивото на тоа колку би го препорачале како образовна установа и за додипломски и за постдипломски студии пред стартот на вашето факултетско образование и сега?
Ако го препорачував секому тогаш, колку го препорачувам и сега е одговор што може автоматски да се извлече од тоа што значи и што симболизира УТМС за мене. Најубавите години од младоста вредат да се инвестираат во образовна установа со историја на успеси, реноме и иновативност, каква што е УТМС.
Во што лежи иднината на квалитетното факултетско образование?
Трансформирање на начините на како треба кадарот во секоја образовна установа да ги привлече вниманието и интересот на младите студенти, а воедно и практичниот пристап на пренесување и впивање на знаењето за време на студиите, во многу блиска иднина ќе прераснат во најглавните алки за тоа дали некој воопшто ќе се одлучи за формално факултетско образование или ќе се потпре на моќта на лесната дигитална достапност на информациите.
Дали е голема разликата помеѓу Ема што се запишуваше на УТМС во минатото и Ема од сегашноста? Дали сте задоволни од својот личен развој и личноста што ја имате изградено?
Ема како нов запишан студент на УТМС тогаш и Ема сега, се истовремено истата, но сепак две драстично поразлични личности. Тврдам дека се разликуваат во поглед на искуството и знаењето – и факултетското, а и она другото, практичното, кое ми го доградува животот со секој изминат ден. Одлуката да продолжам да го негувам својот личен развој е нишката што носи поголема самодоверба и сигурност да се ценам повеќе, затоа што колку што повеќе знам и осознавам, толку сум подобра личност, пријател, менаџер, партнер, претприемач, мајка, сопруга, ќерка. А зарем е возможно тогаш да не се влијае позитивно и на светот околу нас? Едноставно е. Љубовта кон знаењето ќе го спаси светот. Со развојот на моето знаење во сите сфери на мојот професионален и личен живот, го негувам личниот бренд-идентитет, нешто што ме носи до сопствената експоненцијална градација на лични и професионални успеси.