Информатичката индустрија е најперспективна гранка во нашето општество

Илија Господинов, Претседател на МАСИТ

Државата мора стратешки да вложува во ИКТ-индустријата, вели првиот човек на МАСИТ, Илија Господинов во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент. „Во нашата земја практично не постои слободен ИКТ-кадар, на потег се надлежните институции да ги намалат неконкурентноста на македонските фирми и миграцијата на работната сила“, порачуваат од оваа фела. 

ИKT-индустријата е убедливо неколку години по ред на врвот на најплатени професии во земјава. Колку изнесува моменталната плата во секторот?

Како секторска комора што ги претставува исклучиво ИКТ-компаниите во нашата држава, особено сме горди на нашите членки што се пример за силен економски раст, кој се чувствува во целото општество воопшто. Оваа индустрија бележи пораст по сите параметри (остварени приходи, број на вработени, извоз) дури и во услови на пандемија и на сериозна економска криза и значајно придонесува во државниот буџет од аспект на платени даноци и придонеси. Вработените во ИКТ-секторот се најплатените работници во нашата држава, за што зборуваат и самите бројки согласно со последните официјални податоци објавени од Државен завод за статистика. Просечната исплатена месечна бруто-плата по вработен за ИТ-секторот (компјутерско програмирање) за месец април 2022 изнесувала 124.719 денари, која е за 2,6 пати поголема од просечната исплатена месечна бруто-плата за сите сектори – 47.092 денари. Споредувајќи ги месец април 2021 година и месец април 2022 година, платата во ИТ-секторот е зголемена за 13%. Ова дава на знаење дека државата мора стратешки да вложува во ИКТ-индустријата, при што стимулацијата на овој сектор води кон дополнителен развој на сите други сектори во нашата економија во развој.

Колку ИТ-компании има во Македонија и каков е односот на понудата и на побарувачката на ИТ-кадри ?
Во нашата држава моментално има околу 2.000 ИТ-компании и сите ние имаме предизвик да обезбедиме соодветен ИТ-кадар. Како најперспективна гранка во нашето општество, секако и во светот, базирано на континуитетот и капацитетот на работата, го зголемивме обемот на вработувања кај сите ИКТ-профили. Низ изминатите години увидовме дека ИТ-кадрите се дефицитарни, и ова константно им се посочува на сите надлежни институции со цел стратешко решавање на овој проблем. ИКТ-индустријата треба да биде стратешки фокус на државата за да се намали неконкурентноста на македонските фирми и миграцијата на работната сила. На пример, преку намалувањето на трошоците за даноци, во доменот на персоналниот данок, и дел од придонесите, може да се ослободат финансиски средства што работодавачите би ги инвестирале во нови вработувања, поголеми плати или научноистражувачки активности, а токму тоа е дополнителен мотив за ИКТ-кадрите да останат во земјата и да работат дома. Токму на оваа тема Комората МАСИТ, преку константна комуникација со надлежните институции, во континуитет работи на подобрување на условите за ИКТ-компаниите во Македонија и се стреми кон подобра и прогресивна индустрија.

Дали се кадрите дефицитарни и колку имаат младите интерес за оваа професија?
Во нашата земја практично не постои ИКТ-кадар што не е ангажиран. Спречувањето на одливот на работна сила и на мозоци, попознатиот „brain drain“, е стратешки приоритет на Комората на кој му посветуваме особено внимание. Спроведуваме разни активности, проекти и обуки што на компаниите-членки на Комората им се од огромна помош, како на пример: анализа на понудата и на побарувачката на ИКТ-работна сила, преквалификација на лица од други профили кон ИТ-профили, дополнителни сертификации и квалификации за ИКТ-професионалците вработени во компаниите-членки итн. Трендот во изминатите години е во нагорна линија и интересот на младите да работат во одреден сегмент од ИКТ-индустријата се зголемува секојдневно. Секоја година има евидентен пораст на новозапишани млади лица на ИКТ-факултетите низ државава, а МАСИТ и нејзините членки имаат успешна соработка практично со сите ИКТ-факултети. Компаниите работат кон приближување на ИКТ-индустријата до секој млад човек, со цел тие подобро да ја разберат функцијата на самата индустрија и што нуди таа како предности и можности за кариерен развој. МАСИТ е активен поддржувач на формалното образование за ИТ, но и на неформалните образовни програми. Високо професионален и стратешки поставен образовен процес продуцира квалитетна работна сила со одлична иднина. 
Илија Господинов, Претседател на МАСИТ

Илија Господинов, Претседател на МАСИТ

Дали имаат сѐ уште желба кадрите од овој сектор да работат во странство, со истата професија, или има тренд на работа од дома за странство односно за компании што се во земјава?

 Повеќето од компаниите-членки во Комората се извозно ориентирани, односно работат од Македонија за клиенти во странство. Нашите домашни ИКТ-компании воспоставуваат добри практики и механизми преку кои им овозможуваат на вработените подобрен баланс помеѓу работно и слободното време. Исто така, дополнителните привилегии како приватното здравствено осигурување, кариерен раст за вработените, постојаната инвестиција во нивна доградба преку финансирање дополнителни тренинзи и сертификација, се лична бенефиција за секој вработен во ИКТ-секторот. За крај, и како најважна бенефиција што компаниите им ја овозможуваат на своите вработени е споделувањето дел од сопственичката структура со нив, во форма на процент на косопствеништво, или доделување акции ако котираат компаниите на берзата. Ова се само дел од бенефициите што ги имаат вработените во ИКТ-секторот во нашата држава, и поради тоа евидентираме намален број на кадар што заминува да работи во странство.


Колкав е извозот од ова индустрија, дали има простор за зголемување?
 Вложувањето во ИКТ-индустријата треба да биде стратешка цел на нашата држава. Ова го нагласуваме поради фактот што овој сектор во време на светската економска криза предизвикана од Ковид-19, во нашата економија во 2020 година генерираше повеќе од 230 милиони евра. Дополнително на ова е данокот што го платиле овие компании, а кој е резултат на профитот што го оствариле (околу 12,5 милиони евра), што претставува сериозен финансиски придонес во буџетот на државата. Во 2022 година, ИКТ-компаниите веќе го надминуваат и овој праг, со оглед на тоа што во 2021 година извозот што го направиле ИКТ-компаниите во нашата држава е околу 330 милиони евра.

Какви се прогнозите за развој на индустријата во иднина?
Имајќи ги предвид сите расположливи податоци и гледајќи го трендот на раст на ИКТ-индустријата во нашата држава, несомнено е дека таа сѐ повеќе ќе се развива по нагорна линија. Дали ќе расте спонтано или стратешки е прашање на кое треба заедно да одговориме – државните институции, образованието и приватниот сектор.

Како МАСИТ баравте определени мерки од владата. Кои беа тие и дали ги прифати Владата?
Во изминатите години, ние како МАСИТ секојдневно се залагаме и придонесуваме кон тоа ИКТ-секторот да биде препознаен од страна на Владата. Тоа го правиме преку давање конкретни и инклузивни предлози за подобрување на условите и за зголемување на конкурентноста. Како главен сегмент што би имал значаен придонес во подобрување на условите во ИКТ-индустријата се даноците. Сметаме дека треба да бидат преземени и регулирани три даночни стапки и тоа: 
• намалување на даночната стапка кај данокот на личен доход за вработени во ИКТ-секторот, 
• намалување на данок на добивка, и 
• лимитирање на износот за основицата на кој се плаќаат придонесите за социјално осигурување за вработените во ИКТ-секторот. 

Дополнително, МАСИТ во изминатите години активно се залага за ревизија на Законот за работни односи во делот на работа од дома или т.н. работа од далечина. ИКТ-компаниите од Македонија имаат голема потреба од ефикасен закон лесно спроведлив во практиката, а кој ќе им овозможи полесно деловно функционирање и склучување на договори од ваков тип. Работата од далечина односно од дома неопходно треба да се дефинира како правна рамка што на вработените непречено и лесно ќе им дозволи ваков начин на работа. Во моментов не постои можност за слободно договарање помеѓу работникот и работодавачот во начинот на организирањето на работата од дома, користењето на средствата за работа, условите за работење дома, контрола на работното време, флексибилност на работното време и работните денови.

Барањата на МАСИТ се теми што се континуирано отворени за дискусија, но се прифатени и препознаени од страна на Владата и од надлежните институции како добри практики за зголемување на целокупната продуктивност на ИКТ-индустријата. Ги поздравуваме сите иницијативи што придонесуваат кон зголемен економски раст и кон подобрување на квалитетот на животот за сите.
Image
Newsletter