Како да ги задржиме младите дома?

Како да ги задржиме младите дома?

Крајно време е младите во оваа држава да станат приоритет. Алармот веќе одамна е вклучен. Дали ќе понудат партиите предизборно реална програма во која младите ќе бидат приоритет? 

„ВИКЕНДОВ 11 ИЛЈАДИ ПЕЧАЛБАРИ СИ ЗАМИНАЛЕ ОД ГОСТИВАР“.

Овој тажен наслов осамна во медиумите по новогодишните и завршувањето на божикните празници. Авторите на текстот, оваа бројка ја добиле по направените груби пресметки од заминатите автобуси, без да се земат предвид оние што можеби дошле и заминале со автомобили и авиони. Гостивар е само еден  пример како масовно се празнат македонските градови. Меѓу оние граѓани кои заминале со автобусите, најголем дел се работоспособно население што се враќа назад на работа во западноевропските земји.   

Најголем дел од населението кое си заминува од цела Македонија се млади луѓе, млади, а веќе истоштени од разурнатиот систем на државата. Наместо да чекаат подобри времиња во земјава, свесни дека можеби нема ништо да се промени, сфатиле дека во моментов сакаат да имаат подобра егзистенција, подобри услови за живот, еднакви шанси за сите, вработување според квалитет а не според партиска или друга припадност, владеење на правото. 

На тема демографија, поточно иселување на граѓаните од сопствената држава,  потфрлија сите влади досега. Ниту една не успеа да го спречи ниту да го намали одливот на младите лица и на работоспособното население. 

За ова, доказ се и поразителните статистички податоци. Пописните резултати укажуваат на многу јасен тренд на мигрирање на младите во изминатите 20 години. 

Од 2002 до 2021 година, вкупниот број млади на возраст од 15 до 29 години е намален за 150.000. Во 2001 бројот на млади на возраст од 19 до 29 години бил 480.828 или 24% од вкупното население, додека во 2021 година тој број е  326.733 односно 18% од вкупниот број на населението.

Ваквиот тренд укажува на тоа дека населението во земјава старее.

Загрижува и добро познатиот тренд на заминување на младите, при што според пописот од 2021 година, околу 100.000 граѓани кои во 2002 година биле на возраст од 15 до 29 години, а денес би имале 29 до 35 години, не живеат во државата. 

Досега сите изјави на владините претставници дека целта е да ги задржат младите дома се само декларативни. Во реалноста, многу тешко или речиси ништо не се менува. За ова сведочат и многуте примери на млади што студирале надвор од земјава, а кои сакале својот работен век да го продолжат во Македонија. Најчесто тие кои имале најмногу квалификации се одбивани на конкурсите од државните институции. 

Иселувањето не може да се искорени во целост, но досега освен зборови и празни активности, нема ништо конкретно. Доказ за тоа се и студиите од странски невладини организации, како на пример ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој), во која се посочува дека стапките на емиграција од регионот на Западен Балкан се зголемиле за десет отсто во последната деценија и дека Македонија е на врвот на листата по одлив на мозоци. 

Во земјава во минатата година беше презентиран и документ посветен за младите, наречен „Национална стратегија за млади 2023 – 2027“, но прашање е дали ќе се имплементира и реализира или ќе остане само на хартија. 

Две третини од младите едвај чекаат шанса да си заминат бидејќи се незадоволни од образованието. | Извор: fokus.mk

Две третини од младите едвај чекаат шанса да си заминат бидејќи се незадоволни од образованието. | Извор: fokus.mk

Анкетите покажуваат дека две третини од младите едвај чекаат можност да си заминат, бидејќи се незадоволни од образованието и не гледаат перспективи за развој. Едноставно, излезот за достоинствен живот го гледаат надвор од границите на земјата. Како главна причина се посочуваат незадоволството од квалитетот на образовниот систем и недостигот од практична настава. Младите сметаат дека ако се подобри квалитетот на образованието, може да се подобри и квалитетот на живот. Исто така, бараат подобри можности за вработување и намалување на корупцијата, како во образовниот сектор, така и во цел административен апарат. 

Овие со години наталожени проблеми не може да се решат ниту лесно ниту брзо. Треба да се започне со реформи во образованието, кои ќе можат да дадат резултат најрано за десетина години.

Дека промените и реформите треба да започнат токму од високото образование, постојано алармира и ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски. Според него, реформите во високото образование се неопходни, а за една ефикасна образовна реформа, потребна е исклучителна посветеност на Министерството за образование и на целата академска заедница, како и вклучување на сите високообразовни институции и главни актери во стопанството, во сите фази на креирањето и на спроведувањето на реформата.

Здраво образование е гаранција за здрав и силен развој на општеството. Но, какво е нашето? Дали е навистина реформирано онака како што се вели? Зборот реформа, сосема спротивно на своето значење, во последно време стана синоним за брзи краткотрајни бесцелни промени, без да се навлегува во самата суштината на проблемот што треба да се решава. Ова е особено штетно за образовниот процес, зашто грешките што ги правиме при образованието на генерациите денес, стануваат видливи дури по неколку децении, кога тие генерации ќе станат носители на економскиот, политичкиот и на општествениот живот во државата. Затоа, секаде во светот на реформите во образованието им се пристапува со исклучителна внимателност, стратешки и плански, со градење на широк консензус на сите општествени чинители за правецот и за целта на образовните промени. Кај нас, за жал, се однесуваме сосема спротивно од тоа што изгледа здраворазумно и од тоа што е практика надвор од границите на државата“,  истакнува Миленковски. 

„Експериментите што министрите ги правеа за брзи политички поени, од осамостојувањето на државата, па сè до денес, го доведоа образованието до ова дереџе“, констатира Миленковски. 

Миленковски: „Здраво образование е гаранција за здрав и силен развој на општеството.“

Миленковски: „Здраво образование е гаранција за здрав и силен развој на општеството.“

„Сведоци сме се дека се изработија голем број стратегии за образованието во земјава. Меѓутоа, ниедна не е прифатена од целокупната научна и образовна јавност, а уште помалку е доследно имплементирана. Зошто? Прво, затоа што во нивното креирање најчесто учествуваат парцијално одбрани луѓе што не се секогаш најповикани за изработка на државна стратегија за образованието. Второ, при спроведувањето на стратегиите, најчесто брзоплето преку проекти и без соодветно пилотирање на теренот, наставниот кадар не се подготвува соодветно за нив. Експериментите што министрите ги правеа за брзи политички поени, од осамостојувањето на државата, па сè до денес, го доведоа образованието до ова дереџе. Тоа особено се однесува на високото образование, каде што сите решенија содржани во правните рамки се донесени набрзина, без концепт и без поткрепа во емпириските сознанија. Со други зборови, тоа се лоши потези на носителите на тие промени. Во реформите во високото образование, клучно прашање треба да биде целосната имплементација на Болоњската декларација и усогласувањето на нашиот образовен систем со образовните системи на развиените земји во Европа и во светот. Кога велам целосно, мислам на примена на Болоњската декларација како европски стандард без импровизирање, лично толкување и примена. Недоследната примена на ЕКТС во високото образование доведе до наметнување на мислење кај јавноста дека ЕКТС не функционира добро. Па, ако не се применува како што треба, нормално е дека нема да ги даде очекуваните резултати. И замислете, во сите развиени држави тој одлично функционира и произведува квалитетни високообразовани кадри, а само кај нас не чини. Не е до системот, туку до нашето произволно толкување и недоследна примена на стандардите“, констатира Миленковски. 

Според Миленковски, првата работа што треба да се направи е да се донесе нов закон кој ќе биде позитивен во смисла на изедначување на македонското високо образование со европското, закон што ќе воспостави еднакви критериуми и рамноправен третман на сите приватни и државни високообразовни институции.

„Многу политичари често пати знаат да се пофалат дека нивните деца студираат во Солун. Моите деца останаа во Македонија и се образуваа на Универзитетот Скопје. Да ги задржиме младите дома значи да ја сочуваме татковината, бидејќи децата се нашата иднина“, истакнува ректорот Миленковски.

Младите гледаат подобра иднина надвор од државата. | Извор: marketingmag.com

Младите гледаат подобра иднина надвор од државата. | Извор: marketingmag.com

Крајно време е младите во оваа држава да станат приоритет. Алармот е веќе одамна вклучен. Младите заминуваат, училиштата се празнат и нема кој да работи. Во последните години, драстично е зголемен интересот за студирање на младите во странство, со цел тие да останат да работат во земјата во која го завршиле своето образование. Затоа, експертите апелираат дека покрај нова образовна политика, нужна е и демографска стратегија. За одливот на кадрите постојано алармира и стопанството. Оттаму велат дека состојбата станува неиздржлива и ако не се најде ефикасно решение, ќе биде погубно за домашната економија, која од ден на ден станува сè послаба. 

Оваа година е и година на двојни избори, претседателски и парламентарни. Но, дали ќе креираат партиите конечно вистински и квалитетни проекти за младите, ќе се знае откако ќе ги презентираат своите изборни програми.

Image
Newsletter