„Млади, направете анализа која професија ќе биде барана на пазарот на трудот и дали со идната заработувачка ќе си ги задоволите своите потреби“
Дали Македонија сѐ уште страда од синдромот на изреката популарна уште од времето на Југославија „учи сине, за да не работиш“. Веројатно нејзината „примена“ полека бледнее низ годините, но она што останува како проблем е генерирањето кадри што малку или воопшто не му се потребни на бизнисот, додека од друга страна, има постојана јагма за одредени професии што недостигаат на пазарот. Парадоксална е состојба на пазарот на трудот: на компаниите постојано им недостигаат вработени наспроти „армијата“ невработени, а тоа се лица не само без образование, туку и лица со високо образование или доктори на науки. На овие контрадикторности, по малку чудно е и барањето од бизнис-заедницата, како и најавата на Владата за можноста да се дозволи увоз на работа сила.
Од тука се поставува прашањето каков образовен кадар навистина му е потребен на бизнис-секторот. На оваа тема ексклузивно ни говори Герт Рабов, новиот директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава, кој испрати едноставна, но силна порака. Тој посочува дека младите луѓе од земјава треба да направат анализа кои се потребите на стопанството, кои се оние работни позиции од кои сега и во иднина ќе има потреба на пазарот на трудот. Тој ексклузивно за Магазинот за туризам и менаџмент вели дека при носењето на одлуката за идната професија, многу е важно младите да се запрашаат дали со идната заработувачка ќе може да си ги задоволат своите потреби.
„Од една страна сметам дека е важно кога ќе се носи одлука за идната професија, да се следат своите соништа и таленти, но од друга страна мислам дека младите луѓе треба да направат анализа на потребите на стопанството, кои се оние работни позиции од кои сега и во иднина ќе има потреба пазарот на трудот. При донесувањето на одлуката за идната професија, помеѓу овие гледишта, балансот и перспективата се особено важни. Втор аспект се и примањата, младите луѓе треба да се запрашаат дали со месечната заработувачка во иднина ќе може да ги задоволат своите потреби, како и потребите ако планираат семејство“, вели Рабов.
Голем број ИТ-фирми се во постојана потрага по квалификуван кадар, а она што им недостига на компаниите од автомобилската индустрија се стручни кадри како машински инженери, техничари, електроничари, мехатроничари, констатира Рабов.
„Како Делегација на германското стопанство, ги застапуваме пред сѐ интересите на германските инвеститори во земјата. Најголемиот дел од нив работат во автомобилската индустрија, каде што се потребни стручни кадри што умеат да ракуваат и да работат со машини. Дел од инвестициите се високо софистицирани и користат автоматски машини и роботи. Со оглед на тоа што германските компании се најголеми работодавачи во земјата, тие имаат потреба пред сѐ од машински инженери, техничари, електроничари, мехатроничари, алатничари. Но покрај германски инвеститори, во земјата има и голем број ИТ-компании за кои сум информиран дека се во постојана потрага по квалификуван кадар“, вели Рабов.
Во изминатите десет години дојдоа инвеститори што почнаа да градат фабрики, да инвестираат милионски суми и да вработуваат многу луѓе. Тие компаниите се извозно ориентирани и од тука се очекува беспрекорен квалитет, вели Рабов и додава дека тоа е тесно поврзано и со стручноста на кадарот.
„Како Делегација на германското стопанство, работиме повеќе од 22 години во земјата. Имаме искуство од времето кога Германија беше најголем трговски партнер на земјата и кога помеѓу нашите две земји имаше само трговска размена. Потоа се соочивме со првите инвестиции кои срамежливо почнаа да доаѓаат во средината на деведесеттите, но тоа беа претежно претставништва. Изминатите 10 години дојдоа инвеститори во земјата што почнаа да градат фабрики, да инвестираат милионски суми, да вработуваат илјадници лица. Тука се сменија очекувањата. Овие фабрики произведуваат за клиенти во Германија и тука се очекува беспрекорен квалитет, а тоа е тесно поврзано и со стручноста на кадарот. Ова беше моментот кога заедно со германските инвеститори ја препознавме потребата од дуално стручно образование по германски модел. Соработуваме тесно со македонското Министерство за образование и наука и со македонската Влада. Тие ја препознаа нашата идеја и нѐ поддржаа да воведеме два нови образовни профили, техничар за индустриска мехатроника и техничар за производно машинство. Со нашиот проект за дуално стручно образование, партнери сме со 13 компании во 7 градови, кои вложуваат со цел да се задржат млади образувани кадри во земјата“, вели Рабов.
Рабов е дециден дека само со инвестиција во квалитетен стручен кадар компаниите може да постигнат успех.
„Проектот дуално образование по германски стандарди веќе шест години успешно се реализира во земјата. Од самиот почеток имавме поддршка од Владата при измената на законската рамка, воведувањето на новите наставни програми, воведувањето практична обука во образованието, која се одвива два дена во неделата во самите компании. Ја користам оваа можност да ги поканам сите компании што имаат софистицирано производство и потреба од профилите техничар за индустриска мехатроника и техничар за производно машинство да се обратат до нашата канцеларија. Со овој повик сакаме да ги охрабриме и македонските компании да ѝ се приклучат на оваа иницијатива. Само со инвестиција во квалитетен стручен кадар, компаниите може да постигнат успех“, вели Рабов во изјава за Магазинот за туризам и менаџмент.
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија
АЛАРМ И ОД ОСТАНАТАТА БИЗНИС-ЗАЕДНИЦА: Проблемите со недостиг од квалификувана работна сила се изразени повеќе од кога било
Работодавачите и стопанствениците години наназад го потенцираат проблемот со дисбалансот меѓу она што му е потребно на бизнис-секторот и образовниот кадар, односно меѓу понудата и побарувачката, и бараат да се надмине проблемот со недостигот од работна сила. Ова, според Стопанската комора на Македонија е еден од детектираните економски предизвици за годинава.
Проблемот со недостиг од квалификувана работна сила е фактор што исто така битно влијае врз конкурентноста на компаниите. Со тој проблем сѐ повеќе се соочува македонската економија. Тоа е резултат на интензивниот процес на флуктуација и на заминување на кадарот од нашата земја во европските држави. Бројката уште повеќе ќе се зголемува со новите најави на некои европски земји за олеснување на процедурите за прием на странски работници во своите земји. Во изминатите години е проценето дека од Македонија околу 700 илјади луѓе заминале на привремена работа во странство или трајно се отселиле, велат од Стопанската Комора на Македонија.
Според економските анализи на Стопанската комора, дури 63 отсто од компаниите бараат работници со стручни вештини што ги нема на пазарот на трудот. Причината е забележана во отсуството на стабилни и ефикасни институции, високата корупција и големата политичка нестабилност, отсуството на соодветна инфраструктура и економски структурни реформи, несоодветните услови за водење бизнис, инвестициската нестабилност, неквалитетниот образовен и здравствен систем, како и желбата за подобар животен стандард.
„Затоа се потребни реформски зафати за подобрување на квалитетот, особено во стручното образование, бидејќи 53 отсто од новите работни места се поврзани со стручното образование, а само 10 отсто се поврзани со високото образование. Се прави обид недостигот од квалификуван кадар да се надмине преку системот на дуално образование. Овој модел на образование не значи само учење стручни вештини што му се потребни на пазарот на трудот, туку овозможува компаниите сами да го обликуваат кадарот по своја мера, кој ќе биде обучен и квалификуван веднаш да се вклучи во работниот процес. Нашите податоци покажуваат дека сме успешни во тоа. Почнавме со 16, а сега имаме речиси 500 компании што се вклучени во дуалното образование. Обучивме околу 500 ментори од компаниите за реализација на практичната обука, а околу 50 компании се верификувани за практична обука на ученици“, вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Од организацијата на работодавците во Македонија, во пакетот мерки за излез од економската криза, предлагаат воспоставување поголема флексибилност на пазарот на трудот, односно можност за работно ангажирање млади лица над 16 години заради „задоволување на потребите од пониско квалификувана работна сила“. Со искористувањето на дел од овој работен потенцијал, може да се намали дефицитот од работници, пред сѐ во услужниот и во туристичкиот сектор, како и во земјоделството и во трговијата, во кои може полесно да се вклучат лицата што немаат стекнато работни навики.
Фактот дека на оваа тема постојано има конференции и дебати, укажува дека постојат многу противречности на пазарот на труд. Дури и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја назначи оваа година како „Европска година на вештините“, а тоа би значело подобрување на дигиталните вештини и понатамошни инвестиции во образованието и во усовршувањето. Таа пред пратениците во Европскиот парламент минатата година го истакна недостигот од вештини во цела Европа. Насоките се дека е потребно многу повеќе да се фокусираме на инвестиција во професионално образование и усовршување.
Во контекст на оваа изјава пред неколку недели во „Европската куќа Скопје“ се организираше дебата на тема „Вештините на младите и потребите на пазарот на трудот“, каде што беа истакнати неколку факти за неповолната состојба на пазарот на трудот. Согласно со Извештајот за прогресот, забележано е дека вештините на младите во Македонија се за десет пати пониски во споредба со тие во земјите од ЕУ и дека 80 отсто од долгорочно невработените немаат доволно развиени вештини.
За бизнис-заедницата, најголем проблем е огромното стареење на населението и иселувањето на младите, вели Бојан Тодоровски од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Бојан Тодоровски, Бизнис конфедерација на Македонија
Секаде во светот младите се под големо влијание на дигитализацијата и на интернет-технологиите. Со недостиг од кадар компаниите се соочуваат секој ден, без оглед на големината или на видот на претпријатието, до моментот кога веќе не бараат диплома, туку исклучиво вештини. Според Тодоровски, комотни се само големите компании што имаат пари и технологија да вложуваат во наградување на своите вработени. Од друга страна, огромна е бројката на микропретпријатија кои се оставени сами на себе и немаат можност за развој. Кај нив мора да има самоиницијатива за растење и надградба, вели Тодоровски.
Тодоровски ја потенцира Програмата за млади претприемачи што се имплементира со помош на ЕУ. Тој вели дека бизнис-секторот е консултиран и инволвиран во креирањето политики, но треба да се поттикне комуникација помеѓу државните институции, бизнис-секторот и образовните институции.
„Во моментов најмногу трпат образовните институции. Не навлегуваме во тоа дали е тоа така поради погрешните политики ниту посочуваме со прст. Но, за состојбата со невработеноста не можеме да ги обвиниме јавните образовни институции. Има перцепција на неатрактивност на формалното образование, за сметка на скапите неформални образовни институции. За бизнис-секторот не треба да се доведе во прашање дали воопшто вреди средното образование да се остави задолжително“, дециден е Тодоровски.
Инаку, Согласно податоците од Агенцијата за вработување на Македонија, вкупниот број на невработени лица заклучно со декември во изминатата година изнесува 112.733 лица. Поголем број невработени има во градските средини, и тој изнесува 67.939 лица, а невработени во руралните средини се 44.794 лица. Ако се погледне статистиката за невработените според образование, ќе се види дека најголем број од невработените се без образование или со основно образование и нивниот број изнесува 65.663, невработени со завршено средно образование се 27.505 лица, невработени со завршено високо образование се 7.658 лица, 595 магистри на наука се исто така без работа, а 15 доктори на науки не можат да најдат работа.