Лука Циндриќ на Универзитетот Скопје го одбрани својот дипломски труд „Спортот и спортските настани во функција на туризмот“

Лука Циндриќ на Универзитетот Скопје го одбрани својот дипломски труд „Спортот и спортските настани во функција на туризмот“

Брз, пробивен, бескомпромисен, со одличен силен и отсечен шут, роден победник. Ноќна мора за сите голмани против кои играл, и од дистанца, и од 6 метри и од белата точка. Вака во кратки црти би ги опишале ракометните перформанси на  Лука Циндриќ, кој речиси цела деценија е миленик на публиката во Македонија (каде и да игра) и перјаница и главен креатор на играта на хрватската репрезентација. Постојано се враќа во Македонија и постојано наоѓа време да се види со своите стари пријатели во Скопје, да се фотографира со армијата верни фанови и да се потсети на најубавите мигови во Вардар и на освоената титула во Лигата на шампионите, за која вели дека му е најдрага од повеќе причини. Иако е на излезна врата од Барселона, која годинава одлучила да го стегне ременот и малку да штеди, тој е свесен за своите потврдени вонсериски квалитети и воопшто не се грижи за својата иднина. И додека навивачите на Вардар веќе неколку години се надеваат дека повторно ќе го видат во клубот, тој во средината на јули повторно го посети омиленото Скопје за да го заокружи своето образование и за да стане академски граѓанин. Тој го избра токму Скопје и Универзитетот Скопје за место каде што ќе ја реализираа оваа цел.

Лука Циндриќ на 21 јули годинава го одбрани својот дипломски труд со наслов „Спортот и спортските настани во функција на туризмот“ под менторство на проф. д-р Мијалче Ѓоргиевски. Додека настапуваше за РК Вардар од Скопје, тој размислувал за својата иднина и тоа што би правел по завршувањето на спортската кариера. Затоа се одлучил да се запише на Факултетот за туризам при тогашниот УТМС, а сега Универзитет Скопје. Бидејќи Лука Циндриќ потекнува од Огулин, едно мало место во Република Хрватска кое не е многу далеку од морскиот брег, тој има планови во иднина да инвестира  во хотелски бизнис и како голем број хрватски граѓани, да се бави со туризам. Токму од тие причини и го избрал  Факултетот за туризам на Универзитетот Скопје, кој е еден од водечките во регионот според својата студиска програма и квалитетната настава, а со цел да се стекне со основните познавања за туризмот. Како учесник на голем број спортски настани (светски и европски првенства, олимписки игри) кои се посетени од голем број гледачи, Лука Циндриќ го искористил тоа свое искуство да го преточи во дипломски труд. Притоа, од голема помош му биле и методологијата и начинот на студирање на Универзитетот Скопје.  Особено во периодот кога се појави короната и кога се премина на учење на далечина, тоа многу му олеснило да ги заврши своите студентски обврски навреме додека неколку години настапува во РК Барселона и е еден од најдобрите ракометари во светот.

Лука Циндриќ е 30-годишен хрватски ракометар со блескава кариера. Кариерата ја започнал во младинските екипи на РК Огулин и РК Сењ, а во 2012 година станал дел од сениорскиот тим на РК Карловац. Успешните игри и постигнатите 243 голови за Карловац во првата своја сезона биле препорака за РК Металург од Скопје да потпише со него договор во јануари во 2014 година. Одличното вклопување на Циндриќ во тогашниот моќен тим на Металург значеше освојување на македонското ракометно првенство во 2014 година, како и пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Игра на позицијата централен бек, висок е 181 цм, а тежок е 91 кг. Во 2015 година преминува во лутиот ривал на Металург, РК Вардар, и за кратко време станува вистински миленик на Комитите. Во Вардар настапува сѐ до сезоната 2017/18, и во овој период освои сѐ што еден ракометар може да освои на клупско ниво: Сеха-лигата, македонското првенство и секако, Лигата на шампиони, кога сите предвреме го отпишаа Вардар од борбата за вредната титула.

На незаборавниот полуфинален меч во Келн во 2017 година, при резултат 25:25, Циндриќ постигна  прекрасен гол на четири секунди пред крајот. Тој гол значеше елиминација на моќната Барселона и пласман на Вардар во финалето од Лигата на шампионите. Два дена подоцна, Лука Циндриќ го подигна и вредниот пехар на ЕХФ за освоената Лига на шампиони во преполната арена во Келн и долго прославуваше со македонските верни навивачи, кои не жалеа време и пари за да отпатуваат до Германија и да го бодрат својот Вардар.

Ментор на Циндриќ беше проф. д-р Мијалче Ѓоргиевски.

Ментор на Циндриќ беше проф. д-р Мијалче Ѓоргиевски.

Лука Циндриќ со Вардар во 2017 година освои пет трофеи, беше избран за ракометар на годината во Хрватска, а беше избран и за најдобар ракометар во Европа за 2017 година во изборот што го спроведе Европската ракометна федерација (ЕХФ). По разделбата со Вардар, Лука Циндриќ настапуваше една година за полскиот тим Киелце, а од 2019 година до денес настапува за Барселона, со која повторно уште двапати успеа да се искачи на европскиот трон. Во меѓувреме, даваше целосен придонес во сите настапи на ракометната репрезентација на Хрватска на сите светски и европски првенства и постојано беше еден од креаторите на нејзините успешни резултати.

За годините поминати во Скопје, Лука изјави: „Во 2013 година преминав во Металург и тогаш започна мојата вистинска авантура, а во 2015 година останав во Скопје, но му се приклучив на Вардар. Тоа беше нешто сосема поразлично, и таму ги поминав најубавите денови од мојата кариера. Тие три години во Вардар беа неверојатни, а најсветол момент беше освојувањето на Лигата на шампиони во 2017 година, кога никој не го очекуваше тоа, но нашиот тимски дух беше посебен.“

Во јули во 2022 година Лука се ожени со долгогодишната партнерка Лара Стипетиќ, со која е заедно од средношколските денови.  Парот во јули 2020 година ја доби ќерката Алиса. Тогаш, за време на ковид-кризата, пресреќен од добиената можност да стане родител, Циндриќ напиша на социјалните мрежи: „Вакви тестови вселената им дава само на најсилните. Алиса, добро ни дојде на овој убав свет.“

Интересно е што на свадбата, за забавата на присутните била задолжена хрватската поп-ѕвезда Маја Шупут, која имаше свое шоу, а Циндриќ во текот на свадбата, во свој елемент, фрлил кон неженетите гости ракометна топка.

Од ракометните легенди на свадбата присуствувале: Марино Мариќ, Јуре Доленец, Марин Шипиќ, Блаж Јанц, Марко Мамиќ, Филип Ивиќ и многу други.

По многу нешта јули е магичен месец за хрватскиот ракометен ас. Во јули е роден, во јули ја доби ќерката Алиса, во јули се ожени за жената на својот живот, а во јули и дипломира на Универзитетот Скопје.

А навивачите на РК Вардар и понатаму сонуваат повторно да го видат во своите редови убиствениот среден бек, па низ насмевка коментираат: „Лука, Лука, црвено-црниот дрес најдобро ти стои.“

При секоја посета на Скопје, Лука издвојува време да се фотографира и да им подели автограми на најверните млади фанови, за кои вели дека имаат голема улога во сите негови спортски успеси.

„Енергијата во Вардар, измешана со неверојатните навивачи, испиша историја. Да се биде дел од тоа е навистина големо богатство во животот. Имав среќа што во секој клуб каде што играв, имаше одлични навивачи. Поддршка која ве турка и е дополнителен ветер во грбот.“

А ние му посакуваме, со дипломата на Универзитет Скопје во џеб, еден ден да стане врвен хотелиер и туристички магнат и да биде еднакво успешен како и кога ги тресеше голманските мрежи од сите можни позиции.

Image
Newsletter