Македонско образование: Заврши годината без учебници – наместо знаење, учениците и наставниците добија конфузија

М-р Ристов: „Со вакви реформи, само ќе го уназадиме образованието.“

Критиките од УНИЦЕФ треба Владата на Македонија и ресорното министерство сериозно да ги сфатат, бидејќи ако сакаме да имаме квалитетно образование, треба сериозно да вложиме во него. Развиените држави издвојуваат меѓу 3% и 6% од БДП за образованието, а нашите вложувања не можат ниту да се измерат. Со вакви реформи нема ништо да направиме, само ќе го уназадиме образованието. Едно мора да им биде јасно на сите политичари, дека со образование, здравство и судство не треба да се импровизира, порачува м-р Мите Ристов, професор по географија во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.

Дојде и крајот на првото полугодие, а на училишните клупи сѐ уште ги нема сите учебници. Најголем недостиг имаат шестите одделенија, но во некои училишта учебници немаат и другите одделенија. Менаџерите на училиштата и професорите велат дека немаат повеќе оправдување пред родителите за, како што велат, безредието кое владее во образованието. Ресорниот министер на секојдневните обвинувања вели дека директорите на училиштата не доставиле точен број на ученици кои треба да добијат учебници, па затоа има недостиг по одредени предмети во одредени училишта. Но, сето ова, почнувајќи од пандемијата поради која наставата се одвиваше од дома наместо во училишните клупи, донесе и лоши резултати на ПИСА-тестирањето. Тоа ја загрижи јавноста, која го поставува прашањето каков образовен систем има Македонија и какво знаење добиваат учениците. Еве што покажува најновиот извештај од ПИСА-тестот за 2022 година:   

Македонските ученици постигнаа пониски резултати од просекот на меѓународното ПИСА-тестирање на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), и тоа во сите три области – читање, математика и наука.

Просечните резултати за минатата година се полоши од оние во 2018 година во сите три тестирани области. Подобри резултати во 2022 година има по математика за разлика од оние во 2015 година, додека резултатите по читање и наука се на нивото кое последен пат било забележано во 2015 година.

Учениците под нивото на ОЕЦД. | Извор: fakulteti.mk

Учениците под нивото на ОЕЦД. | Извор: fakulteti.mk

Триесет и четири отсто од учениците во Македонија постигнале ниво 2 по математика, што е далеку од просекот на ОЕЦД од 69%. Дваесет и шест отсто од учениците во земјава постигнале ниво 2 или повисоко во читање, а просекот на ОЕЦД е 74%.

Триесет и пет отсто од учениците во Македонија постигнале ниво 2 или повисоко во областа на науката, а просекот на ОЕЦД е 76%.

Во земјава, според извештајот, речиси и да нема ученици со врвни резултати во наука, односно ученици кои достигнале ниво 5 или 6, а просекот на ОЕЦД е 7%.

Професорот по географија м-р Мите Ристов од гимназијата ,,Јосип Броз Тито“ во Битола смета дека промените треба да се случат во сите сегменти. Но, дали ја научивме лекцијата за време на пандемијата или се вративме години наназад?

„Сите се согласуваме дека реформи се потребни во образованието, но не на овој начин. Оставете ги реформите да ги прават заедно наставниците, универзитетските професори, односно фелата, која најдобро знае кои се проблемите и потребите на наставниците, но и на учениците. Пандемијата со Ковид-19 само покажа колку образовниот процес зависи од наставниците и колку се тие важна алка за успешен воспитно-образовен процес. Но, политичарите и административците во Министерството за образование и наука и во Бирото за развој на образованието, кои немаат никакво искуство со работа во директна настава, не го препознаа тоа. Наместо заеднички да ги надминеме проблемите и предизвиците, сакаа сами да го сторат тоа.

Промените во образованието треба да се случат во сите сегменти. Почнувајќи од наставните програми, учебници, промена на начинот на оценување, подобрување на условите за работа, повисока плата за наставниците, додатоци на плата, кои ќе го издвојат квалитетниот наставник пред останатите, но ќе ги мотивира и останатите, заштита на наставниците од надворешни влијанија, како ургенции за оценка и сл. Промените не можат да се случат наеднаш, но е потребна визија која ќе ги води сите наредни министри и директори кон исполнување на целта“, вели професорот по географија м-р Мите Ристов.  

M-р Ристов: „Потребна е визија која ќе ги води сите наредни министри и директори кон исполнување на целта

M-р Ристов: „Потребна е визија која ќе ги води сите наредни министри и директори кон исполнување на целта".

Причините за лошите резултати од ПИСА-тестот треба да се бараат на повеќе нивоа во образовниот систем, смета професорот м-р Мите Ристов. А тоа го потврди и УНИЦЕФ, од каде имаше критики и порачаа дека државата треба да биде сериозно загрижена за лошите резултати, кои покажуваат до каде е образованието во нашата земја.

„Проблемите се евидентни. Лоши наставни програми, уште полоши учебници, недоволно обучен наставен кадар, користење стари методи на работа, систем на сто проценти одлични ученици, учење напамет без логичко и критичко поврзување на наставните содржини, влијание врз оценувањето на наставниците итн. Нема една квалитетна работа која би можел да ја наведам во овој случај. Ќе треба многу да се работи за да се искачиме некое место повисоко на овие или слични тестирања“, вели професорот по географија м-р Мите Ристов.

И додека меѓународните тестирања констатираат дека Македонија има лоши резултати во образованието, државата сѐ уште нема испорачано учебник по историја и географија. Причината според министерот за образование е бидејќи никој не се пријавил за рецензент на учебникот на објавениот тендер. Професорската фела не се согласува со владината одлука два предмети по историја и географија да бидат споени во еден учебник. Професорите сметаат дека наместо знаење, се добива само конфузија.

„Квалитетните учебници се една од алката за градење на квалитетно образование. Но, учебниците претставуваат последното скалило на образованието. Претходно треба да се изработат квалитетни наставни програми по соодветниот предмет, со кои ќе треба да ги придобиете наставниците на своја страна бидејќи тие се имплементаторите на програмата, и на крајот, да им овозможите на наставниците и на учениците достоинствени услови и средства за работа и поучување. За жал, во нашиот случај, ниту имаме квалитетни наставни програми, ниту квалитетни учебници, а условите за работа во некои училишта се полоши од оние по Втората светска војна.

Спојувањето на историјата, географијата и граѓанското образование во еден предмет, не само што прави конфузија кај учениците туку прави конфузија и кај наставниците. Целта на Министерството за образование и наука со спојувањето на предметите беше да се интегрираат овие предмети меѓу себе, но со предложената наставна програма не гледаме никаква интеграција, туку конфузија“, вели м-р Мите Ристов, професор по географија.

М-р Ристов: „Квалитетните учебници се една од алката за градење на квалитетно образование“ | Извор: Слободен печат

М-р Ристов: „Квалитетните учебници се една од алката за градење на квалитетно образование“ | Извор: Слободен печат

Го прашавме професорот дали смета дека со помошните материјали, како што се одвива во моментов наставата, учениците добиваат доволно знаење?

„Помошните материјали се само извадоци од некој учебник, и сето ова личи на една голема игра во која сите си играат образование. Кога образовна реформа правите стихијно, без поддршка од базата, со еден куп недоречености и недоумици во имплементацијата, не може да произлезе квалитетна реформа. Со помошните материјали само се крпат празнините кои произлегоа од новата Концепција во образованието. Времето ќе покаже колку сме ги осакатиле учениците со т.н. квалитетни знаења“, вели професорот по географија м-р Мите Ристов.

Како се одвива наставата во моментов по предметот Географија?

„Наставата по предметот Историја и општество за шесто одделение се одвива хаотично. За организација на наставата по овој предмет, каде што е и географијата, БРО испрати до сите училишта насоки за постапување, па во моментот наставата се одвива противзаконски. Според член 14 од Законот за наставници и стручни соработници, работното време на наставникот е дефинирано на максимум 23 наставни часа неделно. БРО, со еден допис, ги обврзува наставниците кои ќе го предаваат новиот предмет Историја и општество во шесто одделение да држат повеќе часови неделно. На пример, географ кој би предавал на 5 класа, ќе треба да чека да дојде модулот географија, кој треба да се предава 3 часа неделно, што се 15 часа, плус постојните 15 часа, се доаѓа до вкупно 30 часа неделно во тој период. Ниту физички, ниту ментално е возможно секој ден да имате по 6 часа. Каде се гледа овде интеграцијата на предметите? Историчарите си предаваат за стари цивилизации, географите за ориентација во просторот, каква глупост! И на крајот на учебната година, секој наставник си пишува своја оценка! Само дезинтеграција! Ќе оставиме да помине оваа учебна година и да видиме со што всушност ќе се справуваме како наставници“, вели професорот по географија м-р Мите Ристов.

М-р Ристов: „Времето ќе покаже колку сме ги осакатиле учениците со т.н. квалитетни знаења.“ | Извор: MARCUS BRANDT

М-р Ристов: „Времето ќе покаже колку сме ги осакатиле учениците со т.н. квалитетни знаења.“ | Извор: MARCUS BRANDT

Колку и зошто е важен предметот Географија за нас, како општество?

„Секој предмет си има свое значење, но географијата е наука која им е блиска на учениците, наука со која лесно можат да се поврзат и да го спознаат светот. Географските вештини се основни вештини кои ви го отвораат прозорецот кон светот. Преку нив ги спознавате најзначајните карактеристики на планетата Земја, различните народи и култури, влијанието на човекот врз природата и врз нејзиното загадување. Всушност, географски неписмен човек не знае ништо за светот, тој не може да се вклопи во општествените текови и е целосно дезориентиран. Токму тоа ги учи учениците на толеранција, прифаќање на различности, хуманист, екологија, нешта што му се неопходни на едно општество“, вели професорот по географија м-р Мите Ристов.  

Со секое кроење на буџетот во изминатите години, се намалува ставката во образованието. Колку се унапредува или се уназадува позицијата на образованието?

„Токму критиките од УНИЦЕФ треба Владата на Македонија и ресорното министерство сериозно да ги сфатат, бидејќи ако сакаме да имаме квалитетно образование, треба сериозно да вложиме во него. Развиените држави издвојуваат меѓу 3% и 6% од БДП за образованието, а нашите вложувања не можат ниту да се измерат. Со вакви реформи нема ништо да направиме, само ќе го уназадиме образованието. Едно мора да им биде јасно на сите политичари: со образование, здравство и судство не смее да се импровизира. Едните правеа екстерно оценување со казни, другите ги измешаа лончињата со предметите. Оставете ја фелата да донесе стратегија за развој на образованието, да направи коренити реформи, а потоа вие, политичарите, натпреварувајте се меѓусебно кој ќе успее да имплементира повеќе од таа програма. Само така образованието ќе оди напред и ќе се унапредува“, смета професорот по географија м-р Мите Ристов.  

Image
Newsletter