Масовно иселување на младите – каде потфрли државата?

Масовно иселување на младите – каде потфрли државата?

Завршување на задолжителното средно образование, упис на факултет во Бугарија и вадење бугарски пасош. Или, пак, завршување на студии во Македонија и упис на магистерски студии во некоја европска држава. Или пак „Work and travel“ и останување во САД. Или, пак, сезонска работа во странство, работа на брод итн. Бројни варијанти на осмислување на сопствената иднина со само еден резултат – билет во еден правец и напуштање на државата. На прсти се бројат младите што сакаат да останат во земјава. Каде „затаи“ системот? Каде потфрли државниот апарат? Зошто ретко кој млад човек својата иднина ја гледа во Македонија?

Сите претпоставуваат, но никој не знае со сигурност. Многубројни анкети се трудат да дадат одговор на ова прашање. Податоците укажуваат на фрапантно незадоволство кај младите луѓе. Секој трет млад човек сака да се исели од државата – покажува последното истражување на Агенцијата за млади и спорт спроведено во периодот од јануари до март 2022 година на примерок од 1.200 испитаници. Две третини од младите едвај чекаат шанса да си заминат бидејќи се незадоволни од образованието, не гледаат можности за развој, песимисти се да отворат сопствен бизнис. Едноставно, излезот за достоинствен живот го гледаат надвор од границите на земјата. Притоа, „со една нога надвор“ се најчесто младите од источниот регион. Најмала желба да се иселат имаат младите од Полошкиот Регион.

Како главна причина се посочуваат незадоволството од квалитетот на образовниот систем и недостигот од практична настава. Младите сметаат дека ако се подобри квалитетот на образованието, односно ако трите образовни столба ги подготват за она што ги чека при работните активности по завршување на едукацијата, квалитетот на живеење може да се подобри. Исто така бараат подобри можности за вработување и намалување на корупцијата, како во образовниот сектор, така и во цел административен апарат. Според младите, корупцијата царува насекаде и од неа зависат сите области на животот.

Невработеноста и ниските плати - главна причина за незадоволство

Невработеноста и ниските плати - главна причина за незадоволство | извор: mia.mk

„Кога би се намалила корупцијата, лесно би можеле да се запишеме на факултет, да се вработиме според струката, но и да живееме во почист град“, образложил еден испитаник.
Дури 68,4% од анкетираните имаат негативен став кон образованието, за речиси 30% проблемот е во наставниците и во професорите, за кои сметаат дека немаат доволно квалификации и не се заинтересирани соодветно да ги едуцираат учениците и студентите.

Според податоците, 30% од младите испитаници сметаат дека немаат доволно можности за развој во државава. Една третина од испитаниците одговориле дека имаат желба за развивање сопствен бизнис, но дека немаат доволно можности за тоа. 24,4% од испитанциите би барале работа во странство, а само 23,3% од младите сакаат да работат во приватниот сектор, односно го преферираат пред јавната администрација.

Слични податоци за причините за иселување кај младите покажува и истражувањето на Фондацијата за демократија Вестминстер. 83% од младите не им веруваат на институциите поради високиот степен на корупција, а би се иселиле поради неквалитетното образование, големата стапка на невработеност кај младите и ниските примања.

Македонското население старее

Резултатите од последниот попис се поразителни и се доказ за она на што младинските организации алармираа со години. За две децении, бројот на жители во земјата е намален за 185.834 лица или за 9,2%. Три четвртини од вкупниот број општини во земјава изгубиле голем процент од своето население. Некои се преселиле во околните места, во поголемите градови или во Скопје, но добар дел ја напуштиле државата. Најлоша е состојбата во Центар Жупа, Маврово и Ростуша и Ново Село, кои изгубиле од 39% до 42% од последниот попис од пред 20 години. Според возрасната структура, најголем процент од населението – 7% – се во возрасната група од 40 до 44 години. Притоа, ако сочинувале младите во 2002 година 23,8% од вкупното население, сега има 17,8% млади од вкупниот број граѓани. Се работи за 150.000 лица. Дури 10.5% од младите на возраст од 15 до 29 години заминале од државата и повеќе не се дел од резидентното население. Вкупно 53.900 млади не се повеќе во земјата.

19 илјади целосно неписмени лица

19 илјади целосно неписмени лица

19.000 целосно неписмени лица

Според последниот попис на населението, во Македонија има речиси 19 илјади целосно неписмени лица, кои сочинуваат 1,2% од вкупното население. Од нив, 5.517 се мажи и 13.380 се жени. Голем е бројот, околу 45.000 луѓе, за кои не се знае степенот на школска подготовка. Над 95% од резидентното население на возраст од над 15 години во државата се писмени. Притоа поголемиот дел од писменото население се жени, но и над две третини од тие што се неписмени.

Според највисокиот степен на школска подготовка што го достигнале, во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, регистрирани се: 23.192 лица или 1.5% без образование, 62.129 лица или 4.1% со незавршено основно образование, 423.456 лица или 27,8% со основно образование, 672.375 лица или 44,1% со средно образование, 263.349 лица или 17,3% со високо образование, 29.654 лица или 1,9% се со магистратура, 6.037 лица или 0,4% со докторат, а 45.174 лица или 3,0% со непозната школска подготовка.

Проф. д-р Благица Новковска

Проф. д-р Благица Новковска

За 45.000 лица не се знае степенот на писменост

Универзитетската професорка Благица Новковска, своевремено директорка на Државниот завод за статистика, вели дека во земјава не можат да се креираат соодветни образовни политики за зголемување на писменоста без релевантни, целосни и квалитетни податоци. Статистичките податоци регистрирале раст на нивото на писменост од 96,1% во 2002 на 98,8% во минатата година, што е зголемување за 2,7 процентни поени. Според неа, треба да се направи споредба со нивото на писменост во другите држави. Со целосна писменост од 100% можат да се пофалат единствено скандинавските држави како Финска и Норвешка. По нив следуваат Луксембург (100%) и Швајцарија и Исланд (99%). Ако се анализираат податоците, се заклучува дека Македонија се наоѓа на средина на регионот според степенот на писменост, што воопшто не е загрижувачки податок, но Новковска укажува на еден сериозен пропуст при пописот. Податокот дека за 45.000 лица не се знае степенот на писменост, води кон тоа дека добиените статистички податоци не се репрезентативни.

„По објавените податоци од пописот во 2021 година, сериозно се поставува прашањето за релевантноста на податокот за нивото на неписменост на населението, поради тоа што за 45.174 лица е непознато дали се писмени или неписмени. Тоа изразено ја загрозува точноста на податокот добиен со попис во кој непознатото е многу поголемо од познатото. Таквите грешки во податоците сериозно ја загрозуваат можноста да се оценуваат состојбите и да се креираат соодветни политики“, вели Новковска.

Досегашните политики не дадоа резултати

Економските и образовните политики досега не понудија некое значајно подобрување на економската и социјалната состојба на младите луѓе. Сѐ уште е предолг „празниот период“ во кој младите што го завршиле образованието чекаат да се вработат. Неможноста веднаш да најдат работа, која може да им обезбеди пријавување на определено или на неопределено време и сигурни, навремени и солидни примања ги принудуваат или да се иселат или, пак, да продолжат со повисок степен на образование, во надеж дека по стекнувањето на квалификациите, полесно ќе се вработат и за поголема плата поради повисокиот степен на стручна подготовка. Токму тоа е и проблемот: многу млади со високо образование додека фабриките кубурат со кадар. Недостигот од општи работници, мајстори, занаетчии почна да ја подига цената на нивниот труд, но и покрај тоа, ретко кој сака да работи во овие струки. Само за пример, работник-надзорник на едно помало одделение во фабрика (надвор од зоните) има плата од околу 25.000 денари, а со разните додатоци за работа во смени, во недела, за празник, може месечно да заработи и до 35.000 денари. Од друга страна, сметководител со високо образование едвај добива просечна плата. Сепак, повторно сите избираат канцелариска работа, по можност да е во некоја државна институција.

Неизбалансираноста на пазарот на труд (квалификациите на работниците наспроти барањата на фирмите), како и лимитираните можности за вработување на младите соодветно на нивните потенцијали и капацитети, водат до висока долгорочна невработеност и многу високо учество на младите во вкупната миграција, привремена или трајна. Ова е долгорочен проблем што не може да се промени преку ноќ, особено мотивацијата на младите луѓе. Затоа професорката Благица Новковска вели дека се неопходни добро дизајнирани демографски, образовни, социјални и економски политики, не само во делот на формалното туку и во неформалното образование.
„Во средиштето на овие политики треба да бидат младите, кои треба низ образовниот процес да се стекнуваат со знаења и со вештини што му се потребни на бизнис-секторот и кои се веднаш применливи. Но, од друга страна, потребни се и добро дизајнирани обуки, како и програми за доквалификација и за преквалификација на младите што го завршиле формалното образование и кои се невработени. Ваквите програми мора да се подготвуваат во заемна соработка со бизнис-секторот и да обезбедуваат вработливост“, потенцира Новковска.

Според неа, основен предуслов за креирање соодветни политики е да се имаат точни податоци за населението што живее во земјата, како и за она што се иселило. Бидејќи пописот не обезбедил такви податоци, силно е загрозена ефективноста на политиките што ќе се креираат и ќе се спроведуваат во иднина.

Како да се подобри македонското образование?

Кој и да прашате какви се македонските работници на работа во странство, ќе добиете најдобри препораки за нивните перформанси. Па зошто тогаш македонските компании се жалат дека не можат да најдат квалитетен и квалификуван кадар меѓу 122.000 невработени лица во земјава што активно бараат работа? Дали луѓето намерно „си ги кријат вештините“ поради ниските плати за да не бидат „натоварени“ со дополнителни обврски или пак навистина немаат вештини и знаења?
На недостиг од кадар, освен домашните фирми, се пожалија и странските фабрики што работат во зоните. И директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, во една од своите последни прес-конференции посочи дека е ова константен проблем. Дотолку што фирмите бараат работници од странство да работат во фабриките кај нас. Дел од нив (Маркарт, Кромберг и Шуберт, Костал, Киел, Дрекселмаер, Вик, ОДВ Електрик, Гентерм) соработуваат со повеќе средни стручни училишта во Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Тетово, Куманово и Кавадарци за да ги оспособат учениците за работа во нивните капацитети. Комбинираното дуално образование опфаќа класична настава во училиштето, проследена со пратика во некоја од компаниите. Во соработка со Делегацијата на германското стопанство, се спроведува програма по германски модел и стандарди за различни профили на кадри како на пример „техничар за индустриска мехатроника“ и „техничар за производно машинство“. Проектот е поддржан од Министерството за економија на СР Германија и се спроведува во шест држави, а Македонија е една од нив. Целта е да им се помогне на компаниите што работат во индустријата да обезбедат стручен кадар, со тоа што учениците уште за време на своето средно образование ќе бидат подготвувани за работа во конкретна компанија. Притоа, компаниите од една страна нема да губат време и финансии во едукација на новиот кадар, а од друга страна учениците може да се чувствуваат сигурно дека по завршувањето на нивното средно образование ќе се вработат во компанијата во која се стекнале со практика за време на своето средно образование.

Новковска вели дека се големи очекувањата од спроведувањето на дуалното образование во земјава, но и дека тоа има ограничен опфат.

„Се очекуваат многу позитивни ефекти од развојот на дуалното образование кај нас. Во прв ред, тоа се однесува на младите што се изложени на ризикот од сиромаштија поради послабата економска состојба на домаќинствата во кои живеат. Дуалното образование на овие млaди им обезбедува олеснет премин кон вработеност, што помага суштински во подобрувањето на нивната економска состојба. Сепак, опфатот се очекува да биде ограничен поради традицијата на образовниот систем што не вклучувал таков модел“, вели Новковска.

Не е само средното стручно образование. Ниту универзитетите не можат да се пофалат со силни врски со бизнис-секторот. Додека во некои поразвиени држави студентите уште во текот на студиите се обучуваат или работат кај некој иден работодавач, кај нас по дипломирањето се губи целосно врската на факултетот со завршените дипломци. Иако има одредени компании што соработуваат со факултетите и ги вработуваат студентите со највисок просек, сѐ се сведува на тоа. Некои приватни компании уште одамна го регистрирале недостигот од кадар, па така, на пример, фармацевтскиот гигант „Алкалоид“ со години стипендира студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет, со отворени работни позиции во компанијата по дипломирањето. И покрај ретките позитивни примери за ваквите начини на регрутирање нови кадри, најголем дел од завршените студенти се оставени сами на себе да бараат работа. Не е тајна дека на оглас во Македонија ретко се наоѓа работа, па речиси сите одат на варијантата препорака или – народски кажано – „вработување преку врски“. Тоа важи и за приватниот и за јавниот сектор, со додавка дека за вработување во администрацијата важни се и политичките определби.

„Големата невработеност кај високообразованите кадри и тешкотијата тие да најдат пристојна работа ја потврдува неусогласеноста на наставните програми со потребите на компаниите“, вели Новковска. Клучно е да се обезбедат многу посилни врски меѓу универзитетите и бизнисите.

„Во тоа треба да бидат подеднакво вклучени и факултетите што ја изведуваат наставата и претпријатијата што имаат интерес за идните кадри. Моделирањето на наставните програми треба да се извршува врз основа на конкретни доставени барања за вештини од страна на бизнисот до соодветните високообразовни институции што ги реализираат тие програми. Голема улога во таа поврзаност треба да одиграат изборните предмети, кои треба да бидат избирани од студентите врз основа на барањата на компаниите во кои се очекува да се вработат, посебно во случај кога се тие студенти стипендисти на дадените компании. На краток рок компаниите треба да вложат во преквалификација и доквалификација на веќе оформените профили преку образовниот процес“, потенцира Новковска.

Според последните податоци обезбедени од државната статистика, на крајот од март, во земјава имало 120.000 невработени, од кои дури 21.000 имаат завршено високо образование.

Image
Newsletter