Миленковска: Столб и движечка сила на едно општество е образованието

Миленковска: Столб и движечка сила на едно општество е образованието

Образованието е еден од најважните столбови во секое општество, a тоа почнува уште од мали нозе. Во Македонија веќе втора година, учениците наместо од учебници, учат од скрипти. Годината речиси е при крај, а книги недостигаат по многу предмети. Ковид-кризата го промени светот по многу основи, а донесе и поголема застапеност на онлајн-настава. Колку донесе новото време наместо поголемо знаење, осакатено образование за младите? Проф. д-р Виолета Миленковска, која предава предмети од областа на менаџментот на Универзитетот Скопје, смета дека само образована нација може да ги следи светските трендови и да се справи соодветно со сите предизвици.

„Најважен столб во едно општество и движечка сила како предуслов за развојот на секоја држава е, секако, образованието. Само образована нација може да ги следи трендовите во светската економија и брзо да реагира на сите предизвици кои секојдневно се случуваат на сите полиња. Не можете да очекувате развој на економски, научен, културен или кој било друг план ако немате развиено и модерно образование компатибилно на образовните системи во развиените држави“, вели проф. д-р Миленковска. 

Проф. д-р Виолета Миленковска, која 30 години има искуство во воспитно-образовниот процес во основното образование и во наставно-научната работа во високото образование, потсетува дека со политиките кои се спроведуваат подолг период, образованието не оди напред, а дека со секоја промена на политичката гарнитура одиме чекор поназад, со што денеска овој ресор стигна до колапс. 

„Не велам дека немаше позитивни примери или идеи како понатаму до реформирано образование, но тие се несуштински кога ќе се земе предвид тоа што ни се случува денес. Резултатот од сите реформски зафати, особено последните со избрзаната Концепција за основно образование, нестручна и изготвена без аналитички приод, се збунети ученици, немотивирани наставници и разочарани родители. Тука е и недостигот од задолжителната и законски пропишана литература. Иако постојано се ветува од страна на ресорното министерство, и понатаму недостигаат учебници по одредени предмети, не навлегувајќи во квалитетот на постојните“, вели проф. д-р Миленковска. 

Непоправливата штета и последиците од пандемјата допрва ќе следуваат, смета проф. д-р Миленковска. Според неа, она што се случува во образованието ги надминало и најпесимистичките очекувања. Последиците од изгубеното учење за време на пандемијата допрва ќе  следуваат, пред сѐ преку образовно осакатени генерации кои наместо да учат од печатени учебници со нивна паралелна дигитална верзија на товар на државата, учат од скрипти што електронски ги печатат нивните родители, а што претставува дополнително оптоварување на домашниот буџет, посочува проф. д-р Миленковска.  

„Вака еродиран образовен систем немало досега, а пандемијата со ковидот која го зафати сиот свет, кај нас предизвика уште поголеми проблеми и го покажа вистинското лице на еден целосно неподготвен, заборавен или поточно уништен сектор кој многу тешко се справува со непланирани состојби. Иако надлежните постојано нѐ убедуваат дека македонското образование успешно ја надмина ковид-кризата, во реалноста и на секој кој е вклучен во овој процес, јасно му е дека ниту е, ниту беше така. Повторно ќе кажам дека последиците од тоа ќе следуваат и ќе не чинат многу во иднина. Како доказ на моето тврдење ќе наведам дека од една страна, ние како држава немавме ниту законски прописи за онлајн-настава и настава во слични состојби. Од друга страна, лошата материјално-техничка подготовка и набрзина подготвените планови и програми за работа во вакви услови, по што мораше да следува и брза реорганизација на наставата во услови на пандемија, доведоа до незадоволство и неквалитет во наставата, па дури и до дискриминација на одредена категорија деца“, вели проф. д-р Миленковска.  

„Во истражувањата објавени од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и други, наведено е дека децата кои посетувале настава со физичко присуство во текот на учебната 2020/2021 година доживеале помалку тешкотии и покрај пократкото време на настава. Во извештајот се наведува дека  над 70% од родителите на децата кои учеле на далечина, се изјасниле дека нивните деца никогаш не добиле никаква поддршка или ресурси за справување со социјалната изолација и дека никогаш не биле контактирани од службите. Наставниците, пак, за првата година од пандемијата велат дека не биле во можност да контактираат со некои од своите ученици во одреден момент од учебната година и јасно ги чувствуваат ефектите од исцрпеноста бидејќи морале да работат во слободното време само за да ги исполнат основните барања. Ова посочува дека додека учењето на далечина не е никаква новина и пречка во светот, кај нас стана проблем поради неподготвеноста и немањето визија како се планира и како се организира еден образовен систем во овој милениум, како потврда на мојата теза за еродираниот образовен систем“, вели проф. д-р Миленковска. 

Миленковска потенцира дека преку националната платформа и методот за учење од далечина се придонесе за унифицирање на наставата само за оние ученици што имаа пристап до интернет, но ранливите категории и одредена група ученици беа дискриминирани и покрај тоа што правото на квалитетно образование како составен и неизбежен дел од животот на секој човек е зацртано во Универзалната декларација за човекови права уште од 1948 година. Таа потсетува дек во нашиот законодавен систем, правото на образование е уредено во член 44 од Уставот, кој предвидува дека секој има право на образование кое е достапно за секого под еднакви услови. 

,,Морам да потенцирам дека вината за сите пропусти и за вака осакатено образование не е во реализаторите на наставата, односно наставниците, туку повторно во оние што се задолжени да креираат и да ја контролираат имплементацијата на образовните програми, да создаваат услови, но и да предвидуваат работа во изменети состојби како што беше ковид-кризата. Несредениот и колабиран образовен систем како клучна алка во општеството е само една од мноштвото причини за одлив на младите кадри надвор од татковината. Затоа, образованието треба да биде приоритет во сите идни владини политики за закрепнување и поправка на штетата предизвикана од пандемијата, но и од досегашните последици од експерименталните реформски зафати“, појаснува проф. д-р Миленковска.

Габриел Ескобар - Заменик-помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања

Габриел Ескобар - Заменик-помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања

Иако во минатото реформите беа постојани во изјавите на политичарите, во последно време ги нема ниту на зборови ниту во реализација. Кои реформи се потребни во овој ресор и дали се повеќе неопходни во основното или во средното образование? 

„Иако станавме алергични на зборот реформа, сепак e неопходно вистинско реформирање на веќе „реформираното“ образование на сите нивоа. Да, реформите во образованието се потребни на секое ниво, почнувајќи од високото, па потоа во средното и најпосле во основното образование. Не можете да реформирате еден закочен и уништен образовен систем ако не почнете да креирате кадар кој ќе биде подготвен да ги спроведе тие реформи. Тука мислам и на добри филтри за тоа кој може да работи со деца во училиштата, па дури и на некаков психолошки тест за нивна подобност. Таквите реформи што би го придвижиле напред македонското образование треба да бидат од политичка гарнитура подготвена да го стави образованието на заслуженото место, која ќе вложува во него и која ќе се грижи за неговиот развој. Пред сѐ, оној што го води ресорното министерство треба да биде докажана и стручна личност која ги поминала речиси сите скалила во образовниот процес и има јасна визија за значењето на овој столб во општеството. До сега имавме примери кога исти министри беа експерти и водеа секакви ресори, па и ресорот образование“, вели проф. д-р Миленковска. 

Професор Миленковска смета дека целата образовна стратегија и клучни цели во реформирањето на еден образовен систем треба да предвидат добро осмислен и организиран реформски процес предводен од главните актери во одлучувањето, подготовката, изготвувањето и имплементирањето на реформите.  

„Пред сѐ, секаде во светот на реформите во образованието им се пристапува стратешки и со исклучителна внимателност со вклучување на сите засегнати страни и на експерти од сите области. Затоа, во одредувањето на правецот и на целта на образовните промени во тие реформски зафати треба да се водиме од искуствата на земјите кои се докажани и далеку пред нас во развојот на своите образовни системи, но приспособени и во интерес на нашите услови и потреби“, потенцира проф. д-р Миленковска.

Еден од проблемите со кои се соочува нашата земја, според проф. д-р Миленковска, е тоа што таа отсекогаш била миграциско подрачје, а трендот на отселување на младите луѓе не само што продолжува и денеска, туку значително се зголемува. Според неа, тоа е поразителен факт на кој треба да му се стави крај. Смета дека еден од начините е образование што ќе обезбеди сите млади луѓе целосно да се оспособат за исполнување на својата улога како активни граѓани во нашето општеството. Од друга страна, младите треба да го сфатат своето образование како единствен и неизбежен начин кој дава можност за подобрување на сопствениот интелект, како мотивација и можност за изградба на подобра иднина за себе и за своето окружување, вели проф. д-р Миленковска. 

Жосеп Борел - Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност

Жосеп Борел - Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност

Но, покрај учебниците, колку е важна и практиката? Стопанството постојано апелира до образовните власти да воведат поголема практика во образованието, да ги подготват младите за пазарот на труд. Дополнително, материјата подобро ќе ја совладаат. 

„На вашето прашање ќе одговорам со една реченица или  со исто прашање: кој е постар, јајцето или кокошката? Секако дека одговорот лежи во подеднакво третирање на двата елемента како составен дел на еден успешен образовен систем. Онолку колку што е важно учењето, теоретската подготовка за изградување на здрава образована индивидуа, исто толку е важна и практиката, која треба да биде континуирана и да ја следи наставата во текот на целиот образовен процес. Производ на тој процес треба да биде млад човек кој ќе биде квалификуван, ќе се стекне со знаење, вештини и компетенции за работа во струката или полето што го избрал како свое занимање и е предмет на неговиот интерес. Само добро подготвена и едуцирана личност може да биде конкурентна на секој пазар на трудот и да не се грижи за својата егзистенција. Мојата генерација памети кога покрај наставата, имаше задолжителна практика за секој ученик под менторство на професор и вработен во организацијата каде што одвива практичната обука“, објаснува проф. д-р Миленковска. 

На тој начин, потсетува професор Миленковска, опстојуваа и старите занаети кои, за жал, полека изумираат иако се одлика и белег на традиционалните вредности на еден народ. Денес, постои законска одредба за практика на секој ученик или студент, но вели, сведоци сме на тоа дека таа се сведува само на формалности и на неефикасни процеси, а некои училишта не се ниту приближно подготвени да им ја обезбедат на своите ученици.

„За разлика од тоа, во мојата матична институција Универзитетот Скопје, уште од првиот ден на неговото основање практиката е задолжителна и континуирана за сите студенти, во компании со кои имаме склучено договори. Практичното образование во работна средина е задолжително за сите студенти и како дел од професионалната практика, тие извршуваат задачи од областа за која се образуваат. Тоа е посебен дел од програмата за професионално образование, каде што студентите стекнуваат практично искуство за работа со клиенти, под надзор на квалификуван практичар. Практикумот со планираниот и интегриран пристап, гарантира дека практичното образование може да им обезбеди на студентите практично искуство и да ги зајакне и да ги консолидира аспектите на академскиот статус“, вели проф. д-р Миленковска. 

„Професионалните едукатори се витален извор на информации, и овој процес вклучува високо ниво на соработка помеѓу универзитетите и компаниите во кои се одвива практиката за да се обезбеди дека квалитетот на практичното образование ги задоволува потребите на сите засегнати страни. Преку вклучувањето во практичната работа, голем дел од студентите продолжуваат понатаму со основање на работен однос во истите компании“, појаснува проф. д-р Миленковска. 

Миленковска во својата кариера има искуство со младите во образованието од своите почетоци, од основното каде што треба да се зацврстат навиките за учење, до денеска, во високото, во Универзитетот Скопје, каде што предава предмети од областа на менаџментот и на човечките ресурси. Какви политики за младите ни се потребни денеска? 

„Секоја сериозна држава невозможно е да ја игнорира сложеноста и важноста на  прашањето со образованието и животот на младите и треба своите политики да ги насочи кон иднината, која несомнено ѝ припаѓа на младата популација. Интересот на општеството за младите и за значењето што го има нивното образование за целото општество е присутен во сите држави во светот, без исклучок. Но, кај нас на проблемот со образованието на децата и на младата личност многу често ѝ се пристапува парцијално, недоволно и експериментално, па дури понекогаш се сведува само на еден пилот-проект и моментален тренд. Аспектот на образованието сам по себе задолжително содржи и некои други прашања, како што е прашањето за иднината или подготовка за професија со реална перспектива за вработување. Државните власти и институциите на системот кои се најдиректно одговорни за тоа, треба да обезбедат и да гарантираат пристап до социјалните права на младите, особено во области како што се: образование, избор на професија, вработување, домување, здравство, информации и слично“, вели проф. д-р Миленковска.

Еден од проблемите со кои се соочува нашата земја, според проф. д-р Миленковска, е тоа што таа отсекогаш била миграциско подрачје, а трендот на отселување на младите луѓе не само што продолжува и денеска, туку значително се зголемува. Според неа, тоа е поразителен факт на кој треба да му се стави крај. Смета дека еден од начините е образование што ќе обезбеди сите млади луѓе целосно да се оспособат за исполнување на својата улога како активни граѓани во нашето општеството. Од друга страна, младите треба да го сфатат своето образование како единствен и неизбежен начин кој дава можност за подобрување на сопствениот интелект, како мотивација и можност за изградба на подобра иднина за себе и за своето окружување, вели проф. д-р Миленковска. 

,,Знаењето е најмоќното оружје на секој човек во секоја животна битка, кое никој не може да му го одземе. Преку образованието, покрај знаење и вештини, се стекнуваат и многу пријатели и убави искуства, и пред сѐ, повеќе можности за занимање и за сигурна егзистенција. Иако можностите да се работи во земјите на Европската Унија и да се заработи повеќе се многу поголеми, важно е да се разбере дека само дома среќата е поголема и само дома си свој на своето. Позитивната порака што сакам да им ја упатам на младите се однесува на тоа дека треба да ги издржат овие тешки времиња, да ги совладаат пречките што им се на патот и да се подготват за градење силно и здраво општество во иднина. Останете тука, едуцирајте се и работете во својата татковина помагајќи и нејзе, но и себеси. Со тоа ќе придонесете за развој на македонската економија, за подобрување на животот во Македонија. Бидете активен чинител во сите сфери на општеството и на општественото живеење, зашто само така ќе успеете да го остварите својот сон, со луѓето кои ви значат и на кои им значите“, порачува проф. д-р Миленковска.

Image
Newsletter