Спорните закони го поделија народот: МПЦ во одбрана на семејството, другите на „европските вредности“
Закон за родова еднаквост и Закон за матична евиденција. Навидум закони како и секој закон. На прв поглед, перцепцијата кај сите граѓани е носење законски решенија кои имаат за цел да ја уредат и да ја подобрат состојбата во одредена област.
Но, како гром од ведро небо, овие два закона за миг предизвикаа огромни контроверзии, драстична поделеност во општеството, навреди, лоши квалификации и погрдни зборови во јавноста и на социјалните медиуми.
Поддржувачите на законите, како и дел од претставниците на невладините организации ги нарекоа мрачни, грозни и непрогресивни оние кои застанаа против овие законски решенија, како МПЦ која е отворено против носењето на законите за родова еднаквост и матична евиденција, а која ги оквалификува како „несреќни“.
Од една страна, заговорниците на овие измени сметаат дека ќе се дадат поголеми права и еднаквост, додека противниците се на став дека се удира по семејството и даденото од Бога, мажот и жената, кои се два посебни рода и пола.
За што всушност се работи?
Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција се два посебни закони. И двата се занимаваат со човековите права.
Од предлогот кој беше претставен од владините претставници, беше кажано дека целта на Законот за родова еднаквост е унапредување на положбата на жените во општеството, како и да се зголеми видливоста и посветеноста на институциите кон прашањето за родова еднаквост.
Законот за матична евиденција, пак, го третира родовиот идентитет, односно можноста на трансродово лице да може да ја смени ознаката во матичниот број онаму каде што се обележува родот, со нотарска изјава, без услови дека мора прво да го смени полот.
Противниците на овој закон сметаат дека со овој закон прикриено се овозможува замена на терминот пол со терминот род, со цел да се дојде до крајната цел – релативизирање на половите.
Алармот за опасноста од носењето на овие закони најпрво го вклучи епископот Јаков Стобиски, кој на трибина кажа дека овие закони ни носат еден чудовишен конструкт.
„Родот како атрибут на полот, како социјален конструкт на полот, не го одвојуваме од полот и аналогно на тоа, ако има два пола, има и два рода. Овие закони ни носат еден чудовишен конструкт, отвораат една Пандорина кутија, секој ден да излегуваат разно-разни родови, секој да биде што ќе посака. Тоа е нешто на што не сме навикнати, не го сакаме и не го прифаќаме“, изјави тој.
Предлог-законот за „родовата еднаквост“ е најголемото зло и опасност за жената во нејзиниот стремеж кон рамноправноста, но и легализација на насилството врз сето она што означува и претставува жената од страна на транс-жените т.е. биолошки мажи и трансродовата идеологија, и сето тоа под превезот на некаква „борба“ против насилството врз жените, истакна епископот Стобиски Јаков, на трибината во организација на Фондацијата „Елеуса“.
„Начинот на кој овие два предлог-закона ги третираат поимите род и родов идентитет правејќи остра дистинкција помеѓу поимите пол и род, за биолошките, вистинските жени не значи изедначување, не означува социјална, политичка, економска рамноправност за која отсекогаш се залагал феминизмот, што по мене е убаво и симпатично, но и неопходно. Напротив, цел на предлог-законот за родова еднаквост е сето она што значи жена во најпозитивен контекст да го сведе на конструкт во нечија глава и на внатрешно субјективно чувство, кое што не само што не се потпира на биолошката реалност, туку целосно ја негира. Ако го прифатиме ова лудило во форма на закон и ако почнеме да ја градиме објективната реалност на основа на нечии внатрешни, субјективни чувства, ќе отвориме врата за една широка и сеопфатна психопатологија“, вели Викарениот Епископ Стобиски г. Јаков.
По жестоките реакции „про“ и „контра“ законите, невладините заедно со владините претставници се втурнаа во дообјаснување на законите, но и за тоа што е пол, а што е род.
Која е разликата помеѓу род и пол (објаснување преземено од Википедија)
Кога зборуваме за пол, зборуваме за биолошките и физиолошките разлики меѓу мажите и жените. На пример, разликите во хормоните, разликите во половите органи и секундарните полови карактеристики (брада, мустаќи и истакнато Адамово јаболко кај мажите, гради кај жените).
Кога зборуваме за род, зборуваме за општествените, културно одредените разлики меѓу мажите и жените, врските меѓу нив и различните очекувања и улоги кои им се наметнуваат на мажите и на жените. Овие разлики не се фиксни, се менувале и ќе се менуваат со текот на времето. Исто така, не се вродени. На пример, очекувањата дека жените се грижат за децата, а мажите заработуваат или дека жените се нежни, а мажите се насилни. Од овие разлики произлегуваат и родовите улоги и родовата нееднаквост. Тие се еднакво штетни за психосоцијалниот развој и на мажите и на жените.
„Да за мама и тато, не за родител 1 и 2“, порака од граѓаните. | Извор: 360 степени
Родовиот идентитет се однесува на личното чувство, на сопственото доживување како маж, жена, ниту едното или и двете. Кај повеќето луѓе личното чувство за родот се совпаѓа со полот назначен при раѓањето, т. е. повеќето биолошки мажи се чувствуваат како мажи. Овие луѓе се цисродови. Луѓето кај кои личното чувство за родот не се совпаѓа со полот назначен при раѓањето се трансродови. Некои од трансродовите луѓе сакаат медицински да го приспособат својот пол со помош на хормонска терапија и/или хируршки зафати (познати во минатото како терапии за промена на полот). Медицинското приспособување на родот не е својствено за сите трансродови луѓе, некои сакаат само делумна физичка трансформација или само промена на личните документи, стои на Википедија.
Но, црквата за овие закони беше гласна како никогаш досега. МПЦ е на став дека на ваков начин жената ќе биде сведена на поткатегорија и ќе биде изедначена со мажи кои никогаш нема да бидат жени во вистинска смисла на зборот. За да укаже на опасноста од носењето на овие закони, Македонската православна црква организираше сенароден собир, на кој доби и масовна поддршка од граѓаните од цела Македонија.
На собирот кој се одржа под мотото „Имаме должност“, присуствуваа неколку илјади граѓани од Скопје и од другите градови од земјата. „Зачувајте ја фамилијата“, „Заштитете ги децата“, „Да за мама и тато, а не за родител 1 и родител 2“, „Вера, традиција, семејство“, беа само дел од паролите кои ги истакнаа собраните граѓани на собирот, а на кој се обрати поглаварот на Македонската православна црква, г. г. Стефан.
„Еве нè ‒ чедата на Македонската православна црква, собрани заедно со претставници на сите цркви и верски заедници, за да му кажеме ,да‘ на животот, за да ја возгласиме светоста на семејството оформено од еден маж и една жена, за да кажеме дека ќе ги браниме нашите најмили ‒ децата, од неприфатливи и наградувачки нови идеологии. Собрани сме за достоинствено и радосно да го покажеме нашето прегрнување на сиот свет како Божјо творение и да кажеме дека Црквата ниту сега, ниту кога било, не протестира против некоја личност и не отфрла никого. Па, самиот нејзин живот и начин на постоење е непрестаен бунт, но не бунт против човека, туку против злото, против гревот и против смртта, во кои, за жал, пред нашите очи запаѓа светот. Единствена цел на Црквата е да го љуби и да го преобразува овој свет, но не поистоветувајќи се со него. Затоа и не се чудиме кога светот, од своја страна, не ја прима Црквата, туку ја отфрла како нешто што му е туѓо. И не само што не се чудиме, туку и не се грижиме, знаејќи дека самиот Христос рекол: „Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето, но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази“.
Затоа, не треба да нè плашат бурите кога ќе се разбранува морето на овој свет, туку, напротив, тоа треба само да нè потсетува дека овој свет не е нашата крајна цел, и да нè охрабрува за да продолжиме кон сигурното пристаниште во љубовта на нашиот Бог. Не треба да веруваме во подобар свет ако во него нема место за Христа! А новото руво на исконската измама е дека Црквата треба да го прекине своето патување кон есхатонот и да остане тука ‒ во времето и во историјата, бидејќи овој свет ќе стане рај без Бога, а човекот – бог без Бога, па ќе може да го пресоздава светов и веков согласно критериумите на својот отпаднат од Бога ум и спротивно на поредокот вграден во природата од Создателот“, истакна Архиепископ Охридски и Македонски, г. г. Стефан.
Обраќање на г.г. Стефан на собирот. | Извор: youtube
МПЦ стравува дека со усвојувањето на овие закони ќе се отвори Пандорината кутија, и секој ќе може да си го дефинира родот независно од полот. За Црквата има два пола – машки и женски и аналогно на тоа и два рода – машки и женски.
„И, кога најдобронамерно и секогаш љубовно и ненаметливо ќе кажеме нешто, се обидуваат да нè замолчат со промена на тезите за секуларниот, односно световен карактер на државата, секогаш, како по правило, толкувајќи ја секуларноста спротивно на Уставот на државата, а во кој Црквата и останатите верски заедници спомнати во него, имаат свое место и свои загарантирани права. Впрочем, секуларно општество не значи и безбожно општество! Ние немаме ништо против секуларниот менталитет на кој било поединец, па и на самото општество, но, се прашуваме: дали тоа значи да се изопшти Црквата од општествениот живот!? Имено, свесни сме за плановите, намерите и желбите на организации и движења кои до таа мера зајакнаа во нашето општество што, некои од нив, навлегоа во државните институции, та и закони ни пишуваат! Закони, токму како оние два несреќни закона за родова еднаквост и за матична евиденција, кои насила и спротивно на нашата волја не само што целат да ја секуларизираат Црквата, туку и да ја присилат да зборува и да се изразува со јазикот на некаков си светски поредок кој им е туѓ на словото и на духот на Апостолите, на светите отци и на Светото евангелие. Затоа што самата Црква е мајка која во болка ги раѓа своите чеда не за смрт и не за овој свет, туку за живот вечен и за царство небесно, ние сосема ги разбираме загриженоста и стравот на секого, а особено на родителите, од неизвесната иднина за своите деца, за децата на нашата Македонија, ако тие два закона или некакви си нови, ним слични закони, станат обврзувачка реалност“, вели архиепископот.
Според него, светот го окупира и го покорува нова идеолошка пропаганда, се подметнува поимот „род“, а жените во Македонија не сакаат лажна еднаквост.
„Ќе потсетам: Црквата живее во Духот и во Вистината! Во истиот оној Дух што слезе на неа на Педесетницата и ќе остане во неа до крајот на вековите! Нејзиниот пат, живот и вистина е самата нејзина глава ‒ Богочовекот Христос! Тој рекол: ,Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи‘. А низ историјата Црквата пресретнала и надживеала многу идеологии и многу лажни вистини кои му ветувале ослободување на човекот. Честопати Црквата својата Вистина ја сведочела со маченичка крв, наспроти времениот карактер на вистините на овој свет. Денес, светот го окупира и го покорува една нова идеолошка пропаганда, на која еве и овде, во нашето општество, ѝ го гледаме вистинското лице. Ни се подметнува поимот ,род‘, поим кој е свесно избран, поради тоа што во нашиот јазик и сфаќање има најчесто убав контекст, но во намерите на родовите теоретичари и идеолози, тој не носи ништо добро. Вистината, возљубени во Господа, секогаш ослободува! Таа никогаш не покорува и не заплашува! Вистината нема потреба да граби за морална супериорност, притоа искористувајќи ги жените и децата за да биде прифатена, како што тоа го прават некои современи конвенции, налик на Истанбулската, кои, под плаштот на заштита на жената, сакаат да ни подметнат нешта кои ќе ја загрозат и ќе ја повредат токму жената, која е столб на семејството, а со тоа и столб на општеството. Затоа и денес сме собрани тука: јасно и гласно да ја кажеме вистината, наспроти професионалните експерти за менување тези, кои се занимаваат со сѐ останато, а најмногу со тоа што мисли Црквата за жената, само не со заштита на женските права.
Со векови, во својот поглед кон жената, Црквата стои со свештен трепет. Жената, во учењето и во животот на Црквата, не само што не е немоќна, туку напротив, токму таа во Своите кревки мајчински раце Го држи Оној што ја одржува во постоење сета вселена ‒ семоќниот Бог. Пред таа сила треперат и ангелите и луѓето! Токму таа на Своите гради Го храни како мало дете Оној што му дава храна на секое тело. Токму жената, и особено жената-мајка, му ја дава надежта на светот ‒ љубовта. А љубовта секогаш е несебична, жртвено себепринесувачка, и токму поради тоа, во нашата претстава, жената е икона на љубовта, и затоа, да не дозволиме мајчинството да биде осквернето со нечии новоисковани поими. Велат дека ќе ја ослободат жената од стегите на Црквата и од прангите на патријархатот, а во реалност ја сведуваат на поткатегорија, изедначувајќи ја со мажи кои никогаш нема да бидат жени во вистинската смисла на зборот, и токму на тој начин му даваат легитимитет на насилството врз жената.
Г.г. Стефан: „Да не дозволиме мајчинството да биде осквернето со ничии новоисковани поими.“
Жените во Македонија, верувам, не сакаат таква лажна еднаквост и такви лажни права, и не сакаат да ги ослободувате од Црквата, бидејќи токму во Црквата ја живеат својата вистинска слобода. Црквата е преполна со смели, самостојни, успешни и реализирани жени, кои во Црквата доаѓаат радосно и слободно, и во ова време сè повеќе гледаат во мајката Црква сигурно засолниште од овој заразен бунт против поредокот востановен од Создателот. Впрочем, еве, голем дел од вас, жените, и вечерва сте тука, дојдени од сите краеви на Македонија, за да посведочите дека не го сакате ропството што некој го нарекува слобода ‒ ниту за себе ниту за своите деца. Па, токму во вас, возљубени баби, мајки, сопруги, сестри и ќерки, ја чуваме надежта за подобро утре, поради тоа што секогаш кога било најтешко, а тоа е тогаш кога треба да се стои стамено под крстот, жените стоеле и достојувале и во Евангелието Христово, и во историјата на нашиот македонски народ и кај сите богољубиви народи. Затоа и веста за радоста на Воскресението е дар за сиот човечки род најпрво пренесен токму преку жените. Оттаму, во свеста на Црквата жената е Богородица и апостол на Воскресението и на вистината за Христа“, порача г. г. Стефан.
Тој се осврна и за наставата во училиштата, упатувајќи критики кон родовите теми во учебниците, апелираше да престане унаказувањето на образовниот систем со родова идеологија и со сексуализација на нашите најмлади и праша до кога нашите деца ќе учат од учебници чии што содржини се диктирани од туѓи држави и од туѓи центри
„Самиот Господ Христос порачува: ,Оставете ги децата и не бранете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно‘. Но, оваа идеологија, несомнено, е една од најтоталитарните што ги видело човештвото досега, и, речиси, како ниедна друга во историјата се има насочено директно против оваа Христова заповед и против децата. Па, ако децата се иднината на светот, тогаш кој друг сака човекот да нема иднина, ако не оној за кого знаеме дека е непријател од почетокот. Но, сведоци сме, веќе неколку години, за реформите што се направија или се прават во образовниот систем и кои галопирајќи трасираат пат за таканареченото родово-сензитивно образование, кое треба да кулминира со сеопфатно сексуално образование. Во нашите училишта без согласност на родителите се делат наставни листови кои промовираат хомосексуалност и истополови бракови... Апелираме да престане унакажувањето на образовниот систем со родова идеологија и со сексуализација на нашите најмлади, да престане крајно неприфатливото лишување на родителите од нивните родителски права и на децата од нивното детство. И, конечно, до кога нашите деца ќе учат од учебници чии што содржини се диктирани од туѓи држави и од туѓи центри? А што да се каже за веронауката во нашето образование?! Дваесетина години се потценети и предметот, и предавачите, и Црквата со верските заедници и сите ние. Само во Македонија, за разлика од повеќето земји во Европа, кон која стремиме, како и од сите поранешни југословенски републики, само од македонското образование, со мали исклучоци е ,избркан‘ Господ. Ете, таков ни е односот кон верата и кон Бога!“, потенцираше г. г. Стефан.
„Од здраво семејство до здраво општество“, порака од граѓаните. | Извор: 360 степени
Робови на луѓе нема да станеме, а верата ќе опстои до крајот на вековите и силните на денот нема да ја надвладеат, порача на крај г. г. Стефан во својот говор.
„Но, најголемиот дар Божји даден на човекот е токму слободата. Во неа слободно и непринудно избравме да ги љубиме Бога и човекот, не исклучувајќи ги и непријателите, коишто, впрочем, ни се непријатели затоа што тие нас нè сметаат за свои непријатели, а не затоа што ние ги сметаме нив за наши непријатели. Ние сега сме доведени во состојба да се бориме за правото на мислење, правото на говор и правото слободно да ја браниме својата вера. Знаеме многу добро чии слуги сме и кој е нашиот Господ. Робови на луѓе не можеме и нема да станеме, особено не тогаш кога се подготвува пат за нови ,вери‘ и нови ,богови‘, кои во одредени свои постапки, како што гледаме на многу места од светот, се однесуваат тоталитаристички. Верата ќе опстои до крајот на вековите и силните на денот нема да ја надвладеат, но ние мораме да им останеме верни на учењата што ни ги пренесоа нашите предци. Затоа, возљубени присутни, чеда на Македонската православна црква, на Католичката црква, на протестантските цркви и на Еврејската заедница, ве замолувам вас и сите луѓе со добра волја, непоколебливо да опстојуваме во нашата праведна борба за одбрана на семејството и за запазување на ликот Божји во човекот. Дај Боже да опстоиме, за да постоиме!“, изјави г. г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски.
МПЦ по однос на ова прашање доби поддршка и од Исламската верска заедница.
„За Исламската верска заедница (ИВЗ) се неприфатливи законите за родова еднаквост и матична евиденција. Напоменуваат дека се за заштита на традиционалните семејни вредности и по структура и по морал. Заштитата на семејството и човечкиот ген е основен принцип од кој не можеме да се дистанцираме, бидејќи тоа е сржта на едно здраво општество“, се наведува во соопштение на ИВЗ пратено до медиумите.
На бината за време на собирот, беа присутни повеќето од високодостојниците од МПЦ-ОА, како и бискупот на македонската Католичка црква, Киро Стојанов, а на присутните им се обрати и академик Катица Ќулафкова, која рече дека Законот не е одржлив и дека се мешаат поимите пол и род.
Новиот предлог-закон за родова еднаквост се повикува на правата на жените, но суштински се фокусира на правата на трансродовите индивидуи, рече академик Катица Ќулавкова во обраќањето на протестот на МПЦ-ОА. Таа во својот говор предупреди дека приказната не е наивна и дека се прави конфузија со поимите пол и род.
Ќулавкова: „Новиот предлог закон за родова еднаквост се повикува на правата на жените, но суштински се фокусира на правата на трансродовите индивидуи.“ | Извор: 360 степени
„Се прави конфузија помеѓу поимите пол и род. И во самиот Закон за родова еднаквост се мешаат категориите пол и род, поради што законот не може да биде одржлив. Трансродовата концепција поттикнува променливост на идентитетот. Ги загрозува правата на жената. Конфликтна е и се служи со говор на омраза. Трансродовата приказна ги релативизира идентитетите до тој степен што ги укинува“, рече Ќулавкова.
Ќулавкова не разбира зошто треба да се парадира со интимата. Според неа, благородната идеја за отстранување на дискриминација поради еротизам се претвора во портал за влез во изопачен свет.
„Неолибералниот наратив на виножитото требаше да ги симболизира нијансите на идентитетот, со цел да нема дискриминација, а за жал воведува нова дискриминација. Бесконечна трансродност и нетрпеливост за хетеросексуалните идентитети“, рече Ќулавкова.
Во својот говор на собирот, академик Ќулавкова рече на Западот се случува позитивна дискриминација по трансродова основа и дека се доделуваат финансии на проекти што ги засегаат трансродовите лица. Според неа, приоритети на ЕУ стануваат трансродовите идентитети, а тоа се бара и од аспирантите за членство и земјите-членки.
И додека лидерите на петте верски заедници во земјата преку заедничко соопштение реагираа дека се неприфатливи легалното признавање на „родовиот идентитет“ во овие закони, како и збунувачкото разликување меѓу полот, родот и родовиот идентитет, во јавноста има различни информации за тоа до каде е постапката со овие закони.
Пратеници тврдат дека Законот за родова еднаквост е повлечен, а Законот за матична евиденција е во собраниска процедура, поднесен е во редовна постапка и се чека свикување на комисија. Од друга, страна владини претставници велат дека Законот за родова еднаквост е сѐ уште во консултативен процес и се водат дебати и расправи, а Законот за матична евиденција бил повлечен уште минатата година на доработка.
Министерката за труд и социјала политика, пак, Јована Тренчевска, деновиве е прилично присутна во медиумскиот простор бранејќи ги двата закона.
Инаку, Македониjа во 2019 година пред Европскиот суд за човекови права изгуби спор со трансродово лице. Во пресудата што ја доби лицето Икс против Македонија на Судот за човекови права во Стразбур, главната обврска е државата да донесе таков закон за матична евиденција.
Измените на законот се повикуваат на предлозите на Парламентарното собрание на Советот на Европа правно да се признава родот „засновано на самоопределување“ преку укинување на стерилизацијата и други задолжителни медицински третмани.
Покрај МПЦ, еднакви противници на законите за родова еднаквост и матична евиденција се ДУИ и ВМРО ДПМНЕ, а очигледно силна поддршка нема ниту од СДСМ. Во општината Струмица на пример, со 23 гласа „за“ едногласно беше изгласано дека во новата Стратегија за млади што се носи во општината се исфрла терминот „родова еднаквост“ и наместо него ќе стои „еднаквост меѓу мажите и жените“. По ваквата одлука, имаше негативни реакции од невладините поборници на овие закони.