ГОРАЧИНОВА: Да не заборавиме и тоа дека денешниве генерации се израснати со компјутери, па природно е да си ја проектираат својата професија во сферата на софтверското инженерство. Младите се гледаат себеси како програмери, вебдизајнери, креатори на компјутерски игри, многу повеќе отколку во другите професии што не им се блиски и со кои не можат да се поистоветат.
Технолошкиот развој и модернизацијата се причините поради кои бројот на компании во ИТ-секторот забрзано се зголемува, а со тоа расте и побарувачката на квалификувана работна сила. Неодамна, социјалната мрежа „Линкдин“ објави список со 15 најбрзорастечки професии, а очекувано, на листата доминира токму ИТ-професијата. Сето ова, ги прави студиите по компјутерски науки едни од најбараните, како во светски рамки така и кај нас.
Деканот на Факултетот за информатика при УТМС, проф. д-р Лидија Горачинова - Илиева смета дека интересот за студиите по информатика се должи на повеќе фактори, но пред сѐ на високите плати во информатичкиот сектор и на можностите за кариерен развој што младите ги препознаваат, а кои не се лимитирани со физичките граници на нашата држава.
„Да не заборавиме и тоа дека денешниве генерации се израснати со компјутери, па природно е да си ја проектираат својата професија во сферата на софтверското инженерство. Младите се гледаат себеси како програмери, вебдизајнери, креатори на компјутерски игри, многу повеќе отколку во другите професии што не им се блиски и со кои не можат да се поистоветат. Работењето на далечина е дополнителна поволност за многу програмери, особено имајќи предвид дека промената на средината на живеење заради промена на работното место е предизвик сам по себе, не секогаш едноставен за реализација, особено ако значи трајно иселување од државата. Јас лично познавам доста млади луѓе што работат за компании чие седиште е во странство, остваруваат одлични примања, а имаат многу помали трошоци за живеење споредено со трошоците во тие држави“, вели професор Горачинова-Илиева. Таа додава дека Македонија, со својата поволна клима, географска позиција и можноста да се живее квалитетен живот со ниски трошоци, може да биде рај за новите „дигитални“ номади, кои би живееле овде, а би работеле за странски ИТ-компании.
Факултетот за информатика е најмладиот факултет на УТМС, но наставата на него ја реализира искусен академски кадар што претходно има работено на државните и на други приватни факултети за информатика. Академската 2018/19 година на овој факултет почна скромно, со само тројца студенти. Но бројот на запишани студенти од година во година расте, и денес факултетот има над педесет студенти. Дел од нив високото образование го имаат започнато на УТМС, а дел се студенти дојдени со трансфер од други информатички факултети, кои од одредени причини биле незадоволни од тамошните студии.
Проф. д-р Лидија Горачинова, Деканка на факултетот за информатика на УТМС
„Релативно малиот број на студенти ни овозможува на секој студент да му пристапиме индивидуално, односно да дадеме персонализирана поддршка во учењето, нешто што не е својствено за факултетите што имаат голем број студенти. Студентите што се запишани на втор циклус (последипломски студии) на нашиот факултет, речиси без исклучок се вработени. Студентите на прв циклус (додипломски студии), на почетокот на студиите се стекнуваат со основите од различни дисциплини од компјутерските науки, а во секоја студиска година се предвидени и по 30 дена практична настава. Покрај ова, во наставата се вклучуваат и софтверски инженери од практиката, а имаме соработка и со компании и институции во кои нашите студенти имаат можност да учат, но и да ги покажат своите компетенции и да се вработат“, додава професорката.
Според Горачинова-Илиева, информатичкиот сектор е брзорастечки, но не толку поради новите технолошки откритија во сферата на компјутерските науки, туку повеќе како резултат на сè поголемата дигитализација на општеството. Денес, вели таа, практично и да не постои дејност во која не се применуваат компјутерските алатки, а сè поприсутна е и „автоматизацијата“ на многу процедури и процеси, со што се олеснува човековото работење и живеење.
„Од друга страна, пак, повисокиот степен на технолошки развој води кон намалување на бројот на вработени. За сметка на тоа, се зголемува потребата од кадри во ИТ-компаниите, со цел да се задоволат ваквите барања на останатите дејности. Пазарот на труд во информатичкиот сектор опфаќа широк дијапазон на квалификации, од оние што се стекнуваат преку неколкумесечни обуки, па сè до компетенции што се резултат на повеќегодишно академско образование проследено со соодветна практика, за изработка на комплексни програмски решенија. Се разбира, од видот на работните задачи што ги извршуваат, зависи и висината на платите на вработените во информатичката индустрија, па најдобро платените позиции сепак ги држат високообразованите софтверски инженери“, вели проф. д-р Лидија Горачинова-Илиева, декан на Факултетот за информатика при УТМС.
Ивана Трифунова, студентка во прва година на Факултетот за информатика при УТМС
За Ивана Трифунова, студентка во прва година на Факултетот за информатика на УТМС, желбата да студира информатика се појавила во средношколските денови. Задоволна е од наставата на УТМС, но пред сѐ од професорите и од нивниот начин на предавање.
„Исто така сум среќна што нашата настава се одвива со физичко присуство бидејќи знаењата што ќе ги стекнеме лично на универзитетот не може да се стекнат преку онлајн настава, не особено за областа на компјутерските науки. Освен изучување на теоретскиот дел, постојано правиме вежби со нашите професори, кои мене лично ми се од голема полза“, вели Трифунова.
Во време кога светот технолошки забрзано се развива, а побарувачката за ИТ-инженерите е голема во светски рамки, за Трифунова семејството и пријателите се многу важни, па затоа својата професионална иднина засега ја гледа во Македонија.
„Постојат многу насоки во компјутерскиот свет, и сѐ уште е рано да зборувам што би работела конкретно. Би можела да ги издвојам вебдизајнот и креирањето вебстрани, бидејќи тоа покрај знаењето, бара и многу креативност и посветеност. Јас на некој начин се трудам секоја моја задача да ја извршам онака многу прецизно и концизно, па сметам дека би била максимално посветена во тој сегмент“, вели студентката Ивана Трифунова, додавајќи дека во професионалната надоградба, важно за секој млад човек е да работи со многу труд и желба.
Боро Ситниковски, магистер по информатика на УТМС
Раскажувајќи за своето невообичаено образовно искуство, Боро Ситниковски, дипломец и магистер на Факултетот за информатика при УТМС, вели дека како програмер почнал да работи на 20-годишна возраст, но дипломирал кога имал 25, а магистрирал на 32 години.
„Отсекогаш ја чувствував потребата за надополнување на теоретскиот дел, иако веќе имав долгогодишно искуство во индустријата. Со изучувањето на теоретскиот дел станав уште подобар програмер. Имав одлично искуство на магистерските студии по информатика на УТМС. Професорите секогаш беа достапни за мене и ми даваа точни насоки. Со нивна помош и насока, по прв пат издадов научен труд признат на меѓународна ИТ-конференција. Најмногу ми се допаѓаше пристапноста на професорите. На други факултети не секогаш било лесно да се дојде до контакт со нив“, вели Ситниковски.
Интересот за компјутерските науки почнал уште од мали нозе, а како и секое друго дете, најмногу го привлекувале компјутерските игри.
„Прво започнав со играње, а потоа и со правење игри. Потоа почнав да се интересирам како функционираат, зашто функционираат така, и во еден момент стигате до математика и сфаќате дека сѐ се врти околу математиката. Целиот процес беше органички, немав некаков план дека морам да бидам програмер бидејќи е добро платено. Едноставно, цел живот сум чувствувал дека е тоа вистинската професија за мене“, вели Ситниковски, кој во моментов работи како програмер во странска фирма.
Математика и програмирање му се двата омилени сегменти во кои ја гледа својата иднина.
„Тие две лежат во сржта на информатиката, и според мене се неодделни компоненти. Со тие две се стекнува критично размислување и може да се работи речиси секаква работа во ИТ-индустријата“, завршува Боро Ситниковски, магистер по компјутерски науки.