- Грандиозна промоција на Универзитетот за туризам и менаџмент на новата генерација дипломци и магистри
„Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“. Овој цитат на Нелсон Мандела е една од најпознатите изреки за вредноста на образованието. Убавата страна на учењето е тоа што никој не може да ви го одземе. Токму во исполнувањето на овие цели, Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје ја исполнува својата мисија – мисија за создавање, спроведување и одржување највисок квалитет во образованието. Подготовка на високостручни кадри, кои ќе умеат да се соочат со предизвиците што во иднина ќе им ги постават нивните професионални кариери.
Во оваа насока, Универзитетот за туризам и менаџмент создаде уште една генерација дипломци и магистри. Во Македонската опера и балет се одржа еден од најграндиозните настани на годината. Вака нескромно може да се оцени промоцијата на четиринаесеттата генерација дипломци и на дванаесеттата генерација магистри на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
Настанот во преполната сала на МОБ започна со интонирање на химната и поздрав кон државното знаме, а во присуство на амбасадори, градоначалници, претставници на државните институции, родители, студенти и останати гости.
Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент, проф. д-р Аце Миленковски, кој им се заблагодари на присутните за одвоеното време, во својот говор откри како се родила идејата за Универзитетот, кој денес е една од најреномираните образовни институции.
„Почна од нескротливата желба во мене да создадам нешто ново, иновативно, различно, корисно, светско, квалитетно, уникатно, најдобро. Почна од мојата љубов кон двајца стари верни животни пријатели, пријатели што никогаш никого не изневериле, пријатели моќни да придвижуваат и да менуваат светови, волшебници што отвораат нови хоризонти пред видикот и кои создаваат нови универзуми, двајца моќни пријатели што ја создале цивилизацијата, светот во кој живееме денеска, љубов што длабоко ја всадија во мене моите родители, пред сѐ татко ми, академик проф. д-р Љубе Миленковски, љубов кон книгата и знаењето! Почна од уште една друга голема љубов, љубовта кон татковината, кон Македонија. Љубов што во мене постојано раѓа нескротлива желба, мир што не дава, да направам, да создадам нешто, па макар и малку, толку колку што можам и умеам, ова парче земја да стане пристојно место за живеење. Да стане светско, за мојот внук, за вашите внуци, за идните поколенија, зашто тие не заслужуваат ништо помалку - од светско. Таа приказна, што започна вдахновена од љубов, во едно дождливо есенско октомвриско утро, создадена со многу труд и пот, приказна во која е вградена секоја клетка од моето битие, со која се будам и си легнувам секој ден, таа приказна што ќе беше невозможно да стане реалност без секој од вас тука поединечно, таа приказна чиј успех го славиме уште една година, заедно со успехот на уште една генерација студенти, се нарекува Универзитет за туризам и менаџмент во Скопје“, раскажа Миленковски.
Ректорот истакна дека Универзитетот со кој раководи седумнаесет години создава знаења и генерира успешни кадри во областа на туризмот и менаџментот, а дипломците се врвни професионалци што работат во реномирани компании на менаџерски позиции.
Ректорот Миленковски со длабока почит и поклон кон државното знаме на овогодишната Промоција
„Седумнаесет години сме посветени на знаењето. Години посветени на создавање знаење за две многу важни области за развојот на ова земја – туризам и менаџмент. Знаење за тоа како да се управува – како да се вгради минатото во иднината преку правилно управување со тоа што сме го наследиле и со тоа што ќе го иновираме за да создадеме подобро утре. Зашто тоа е природата на нештата, да се движат напред, да создаваат минато, кое повторно во сегашноста ќе го преточиме во иднина! Тоа е циклусот на развојот, тоа е циклусот на животот! Без минато нема иднина! Без традиција нема креација! Без работа нема напредок! Тоа сме ние, Универзитетот за туризам и менаџмент! Традиција, креација и работа, многу работа“, порача Миленковски во својот искрен говор.
Оваа земја може да ја придвижи напред само споделеното знаење, само тоа има моќ да создава нови светови, нова реалност порача Миленковски.
„Но знаењето само по себе не вреди ништо ако не е споделено! Само споделеното знаење ја има моќта да создава нови светови, нова реалност. Само споделено знаење може да ја придвижи оваа земја напред! Тоа е нашата мисија, да создаваме и да споделуваме знаење. Да пишуваме книги со кои знаењето на нашите професори ќе им го пренесеме на нашите студенти. Да држиме часови на кои заедно со нив ќе создадеме ново знаење. Да учиме едни од други, студентите од своите професори, професорите од своите студенти. Впрочем, ние и постоиме за нашите студенти. Чуму ќе ни е знаењето ако не го вградиме во нашата иднина, а како да го сториме тоа без нашите студенти? Тие се нашите знаменосци, тие се тие што знаењето што сме го создале ќе го преточат, во практика, ќе го преточат во развој. Тие се тие што ќе нѐ остават запаметени, може не како име и презиме, но сигурно како промена, како новина, како придвижување, како наш прилог кон една поубава иднина за нашите внуци“, истакна Миленковски.
Проф. д-р Сашко Граматниковски и доц. д-р Ангела Миленковска Климоска во улога на водители на настанот
Први и единствени сме во многу нешта, кажа Миленковски. Универзитетот се стреми кон одличност во образованието, за што има добиено и диплома за квалитет од Светската туристичка организација при Обединетите нации.
„Просечноста не е наша опција. Не сакаме просечен квалитет, не сакаме просечно знаење, не сакаме ништо што е просечно. Сакаме да сме број еден, сакаме да сме најдобри, бидејќи нашите внуци не заслужуваат ништо помалку од тоа, напротив тие го очекуваат тоа од нас. Сакаме одличност во образованието – и тоа го постигнавме! Добивме диплома за квалитет во високото образование на Светската туристичка организација при Обединетите нации. И не само квалитетни, туку сме први и единствени со ваква диплома. Бевме први и единствени и пред 17 години кога почнавме. Први и единствени и во доследно спроведување на кредит-трансфер системот, но и први и единствени што обезбедивме и сѐ уште обезбедуваме објективна мерливост на знаењето. Први и единствени што се грижиме за нашите студенти – рамноправно се однесуваме кон нив, тие се наши колеги. Први и единствени сме во сѐ и тоа го бараме и од нашите студенти – да бидат секогаш и секаде одлични, први и единствени, во учењето, во животот, во општеството! Зашто не просечните, туку првите, одличните и единствените го менуваат светот! Тие што овие вредности ќе ги вградат во своето секојдневно работење, што ќе станат одлични во менаџирањето на финансиите на своите работни места, или во управувањето со таленти, или одлични и успешни менаџери на туристички ресорти, или агенции, или имиња што стојат зад одлични брендови, или одлични програмери. Нашите дипломци и магистри се секогаш во најдобрите компании, најдобри работници, на најдобри работни места. И горди сме на нив, зашто тие се нашиот залог за иднината на оваа земја!
И сметаме дека секој треба да добие шанса во животот! Шанса да направи нешто од себе, за себе и за другите! А има ли подобра и повредна карта во играта наречена живот од таа на образованието? Има ли нешто што може да обезбеди подобра стартна позиција во животот од одлично образование? Затоа, го формиравме Фондот за стипендирање ‚Проф. д-р Љубе Миленковски', за да обезбедиме можност за сите. Зашто најважно од сѐ за нас е човекот. Ако не си човек, не си ништо. Зашто кога се грижиме за другите, се грижиме за сите нас, за општеството, за земјата, за иднината, а нашите внуци, повторно, не заслужуваат ништо помалку од тоа“, изјави тој.
Ректорот Миленковски во своето обраќање ги повика младите да останат дома
На крајот од својот говор Миленковски испрати силна порака до сите присутни и им се заблагодари на студентите без кои, како што рече немаше да бидеме тука денес.
„Не е лесно да се биде најдобар! Тоа е привилегија, но и тежок товар! Товар што тешко ќе го износев сам во годините што изминаа, да не беа до мене и со мене сите мои соработници. Тие што дошле и заминале, тие што дошле и останале. На овој свечен чин, сакам да им заблагодарам на сите членови на мојот тим, деканите, професорите, проректорите, за сите непроспиени ноќи во градењето на оваа приказна, за сите статии и конференции низ светот со кои ни го обелиле образот, за сите книги и учебници што ги напишале, за сите денови поминати во предавалните со нашите студенти, за сите кафиња испиени со нив. На тимот во администрацијата на Универзитетот, без кој тешко дека ќе можевме да си ја вршиме работата, но најголема благодарност сепак Ви должам Вам, наши студенти, и Вам, нивни родители, зашто без вас немаше да биде денеска тука“, изјави на крај Миленковски.
На свечената промоција беа прогласени и најдобрите дипломци и магистри, а истовремено им беа доделени признанија и награди. Најдобрата дипломка на Универзитетот, Марија Спиркоска, во својот говор пред присутните во името на сите дипломци нагласи дека Универзитетот е уникатен по многу нешта, а дипломите се признаени во целиот свет.
„Требаше многу труд, упорност и трпение да се стигне до тука. Но тоа не ќе беше возможно ако не беа до нас нашите професори и асистенти, да нѐ бодрат во тешките моменти, да ги слават заедно со нас среќните моменти. Универзитетот за туризам и менаџмент е уникатен по многу нешта, но токму поддршката на нашите професори за нас, студентите, го прави овој Универзитет единствен. Од името на сите нас, сакам да изразам длабока благодарност до ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски, и до целиот негов тим – нашите професори и асистенти – за нивната упорност, посветеност во работата и вербата во нас. Без нив немаше да стигнеме до тука. Ќе се покажеме достојни за нашите дипломи на нашите работни места. Секогаш и секаде ќе покажеме етичност и професионалност во работата, така како што нѐ подучувавте вие! Убедени сме дека нашиот Универзитет ќе остане да биде лидер и синоним за квалитет во високото образование. Горди сме што нашите дипломи ги стекнавме токму тука“, изјави Спиркоска.
Обраќање на Марија Спиркоска, најдобрата дипломка на УТМС
За најдобрата магистерка Марија Стоилковска – Божиноска, Универзитетот е бренд синоним за иновативност и квалитет, лидер во високото образование. Таа им се заблагодари на ректорот и на професорите на Универзитетот за исполнетите очекувања на студентите.
„Преку квалитетни предавања, возбудливи проекти и ред други активности ни ги откривте тајните на пробивот и успехот во деловниот свет. Го поттикнавте лидерството во нас и нѐ инспириравте да бидеме најдобри, секогаш да се држиме до највисоки стандарди. Нѐ направивте луѓе, професионалци желни да грабаат напред во животот, желни да придонесат кон развојот на општеството, да работат за доброто на сите. Имаме визија за животот, имаме верба во себе дека ќе успееме, имаме сила да тргнеме напред, и тоа е сѐ благодарение на вас, на вашиот труд и верба во нас. Горди сме на нашите дипломи, уникатни и препознатливи во целиот свет. Знаеме дека ќе не препознаат секаде, зашто нашиот Универзитет е препознаен бренд, синоним за иновативност и за квалитет. Ние сме вашата успешна приказна и ќе ве направиме да бидете горди на нас. Така како што се гордееме ние со Вас, со нашите дипломи, со знаењето и вештините што ги стекнавме низ годините поминати на најдобриот Универзитет“, нагласи најдобрата магистерка.
Најдобрата магистерка Марија Стоилковска - Божиновска со своето семејство
„Денешниот ден не е последен ден кога се гледаме. Врските меѓу Универзитетот и нас, создадени низ годините поминат заедно, се нераскинливи. Вечерва е почеток на нашата нова соработка, како професионалци и како дел од асоцијацијата на алумни на Универзитетот. На крајот, во името на сите магистри сакам да порачам да ги негуваме и да дејствуваме во согласност со вредностите што ги стекнавме на Универзитетот. Да сме вредни, лојални, единствени, успешни и професионални – секогаш и секаде. На Универзитетот за туризам и менаџмент му посакуваме уште многу генерации успешни дипломци и магистри“, изјави Стоилковска – Божиноска.
Да биде промоцијата комплетна, меѓу говорите беше изведена и балетската претстава „Simply the best“ во кореографија на Олга Панго, која во седум слики ги претстави моментите што се помнат од образовниот процес – да се биде прваче, матурант и дипломец.