Нова генерација лидери – Свечена промоција на дипломци и магистри на Универзитетот „Скопје“

Свечена промоција на дипломци и магистри на Универзитетот Скопје

Традицијата на Универзитетот „Скопје“ продолжува со стил. Во Македонската опера и балет и годинава се одржа свечената промоција на седумнаесеттата генерација дипломирани студенти и петнаесеттата генерација магистри на Универзитетот „Скопје“. Во исполнета сала и во присуство на родители, семејства, професори, дипломати, реномирани гости и претставници од јавниот живот, Универзитетот „Скопје“ им ги додели дипломите на новата генерација лидери и носители на развојот на државата. Настанот, со долгогодишна традиција, и оваа година претставува потврда за континуираниот развој и посветеноста на институцијата кон висококвалитетно образование. Свеченоста започна со интонирање на државната химна и официјален поздрав кон знамињата на Република Македонија и универзитетот. Со овој протоколарен сегмент беше потенцирана важноста на националниот идентитет и образованието како темел на општествениот развој.

Универзитетот „Скопје“ речиси две децении е симбол за квалитетно високо образование, препознатлив по своите современи студиски програми, меѓународните акредитации и посветениот кадар.

Публиката имаше можност да ужива во перформансот „Simply the best“ во кореографија на Олга Панго, кој низ музика и игра ги доловува сите важни мигови во образованието на една личност.

Присутните гости беа поздравени од ректорот на Универзитетот „Скопје“, проф. д-р Аце Миленковски, кој во својот говор го истакна значењето на континуираната посветеност на младите во процесот на учење.

Од редот на приватните универзитети, слободно можам да кажам дека квалитетот на нашето високо образование е на највисоко ниво. Имено, по трет пат ја добиваме дипломата од Обединетите нации којашто е носител на квалитет во високото туристичко образование, овој пат со високи 91 процент усвоеност на квалитет на знаењето кај нашите студенти. Вие, драги студенти, ни покажавте како да ве слушаме внимателно и како да формираме универзитетско искуство кое навистина ги подготвува студентите за светот полн со предизвици. И дозволете да ве уверам сега дека нашиот универзитет ќе продолжи да расте преку соработка со вас, не заборавајте, преку поврзаност со вас и партнерство со вас, со вашата работа, на вашите работни места со нашиот и ваш Универзитет ‘Скопје’. Сите сме свесни дека големите достигнувања и иновации кои нашиот универзитет ги постигнал од своето основање до денес, сите достигнувања ги направивме со вашата укажана доверба. Навистина, почитувани и драги родители, јас ви благодарам за довербата што ја укажавте, да им го пренесеме нашето знаење на вашите деца. Благодарение на тоа што вие се запишавте кај нас, станавте дел од нашето големо семејство коешто се нарекува универзитетско семејство ‘Скопје’“, изјави Аце Миленковски, ректор на Универзитетот „Скопје“.

Со своите зборови исполнети со инспирација и мудрост, Миленковски ги поттикна дипломците и магистрите да размислуваат за својата иднина, не само како професионалци, туку и како активни членови на општеството.

Миленковски: „Ве повикувам – кој и да е патот што ќе го изберете – одете напред со доверба во себе.

Миленковски: „Ве повикувам – кој и да е патот што ќе го изберете – одете напред со доверба во себе.

„Уверени сме дека вашите деца, почитувани родители, ќе станат почитувани членови на нашето општество и ќе ги инспирираат другите да бараат знаење и да ги поддржуваат позитивните вредности, гордо застанувајќи меѓу интелектуалната елита. Други, пак, значајно ќе доживеат достигнувања во ограничениот број високообразовни институции. Ние успешно го добиваме правото да им издаваме државни признанија и признати дипломи на нашите дипломци и магистри, но исто така морам и сакам да подвлечам дека нашите дипломи се признати во рамките на Европската Унија, во рамките на северноамериканскиот континент, во рамките на Средниот и Далечниот Исток или, со други зборови, ширум целиот свет. Животот не е сцена со еден чин. Вие ќе се движите низ животот, ќе доживувате, ќе чувствувате притисок да одлучите по која кариера да тргнете, да изберете и каде ќе се вработите и дали ќе доживеете унапредување на своите работни места, и тоа е сосема природно, сите сме го доживеале тоа. Прво и најважно, ви потенцирам, да не се двоумите во ништо. Првата мисла, првата одлука да ја донесете слободно и да не отстапувате од неа. Не плашете се да направите грешка, грешките се составен дел на секого од нас и од нашите животи. Тоа што ќе го направите денес воопшто не е апсолутно низ целиот ваш живот, она што ќе го сторите во следната деценија не е фиксирано засекогаш“, кажа Миленковски.

Ректорот на Универзитетот упати охрабрувачка и инспиративна порака до дипломираните студенти. Имајте самодоверба, правете добро, не плашете се од предизвиците, опкружете се со паметни луѓе – беа моќните пораки на Миленковски до студентите.

Ве повикувам – кој и да е патот што ќе го изберете – одете напред со доверба во себе, имајте ја самодовербата на максимално ниво, секој чекор што ќе го направите ќе ви биде извор на вашето искуство, само запаметете една работа, нека вашиот пат секогаш води кон добро. Ова значи дека вашите идеи за кариера ќе се развиваат, но вашата повисока цел е да им донесете добро на луѓето. Мора да останете постојани во носењето добрини на луѓето што ве опкружуваат, но и на сите луѓе во нашето општество. Еве уште еден совет – во некој момент од вашиот професионален живот, ќе се соочите со предизвици кои нема да може да ги решавате сами, но кога ќе ви се случи тоа, немојте да паничите, да не ве фаќаат паника и страв; земете длабок здив, размислете и консултирајте се со нас. Ние, вашите професори, до крајот на нашите животи ќе стоиме покрај вас и ќе ви ги даваме нашите мислења и совети. Кога ќе сакате да нè прашате за што било, па и тогаш кога нема да нè прашате, ние ќе ви кажеме колку сте успешни во вашите животи. Имено, имаме безброј такви успешни приказни на наши дипломци, на наши магистри, но да не набројувам. Опкружете се со паметни луѓе, колеги или доверливи пријатели. Немојте да се фрустрирате ако некој е попаметен од вас, ако некој знае повеќе од вас, ако некој има поголемо знаење од вас, ако некој има поголеми вештини од вас, учете секој ден. Во исто време, не престанувајте да ги водите тие околу вас, кои можеби се во заблуда или тргнале на погрешниот пат. Нашата мисија, вашата мисија, мојата мисија е да ги водиме другите луѓе кон вистинскиот пат. Ако не знаете нешто, слободно прашајте, на крајот на краиштата, како што вели поговорката, оној што прашува – учи, а тој што не сака да праша – талка и стои во место. Сега завршивте уште една фаза од вашето образование. Некои од вас ќе продолжат со студии, вие, дипломци, на магистерски студии; а вие, магистри, на докторски студии, но најголемиот број од вас ќе се фатат во костец со работните обврски. Од овој ден натаму вашите патишта може многу да се разликуваат. Уште еден совет – секогаш трудете се да ги решите проблемите кои се важни за општеството, кога ќе придонесете за решавање на вистинските проблеми, тоа вас ќе ве зајакне. Кога ќе ја завршите работата многу подобро од кој било друг ваш колега, тоа ќе ве направи пофокусирани и поориентирани кон целта. И еден од моите најважни совети е да го цените искреното пријателство“, апелира Миленковски до студентите на Универзитетот „Скопје“.

Притоа, беше нагласено дека стекнатите знаење и компетенции ќе им овозможат активно да се вклучат во професионалната средина, која постојано се трансформира и бара нови вештини. Современиот развој, особено преку новите технологии, создава нови можности, но бара и постојано надградување.

„Иднината ви припаѓа вам. Навистина верувам дека вие ќе станете поединци кои ќе продолжат да ја водат нашата земја, но не само неа, туку и пошироко во регионот, а зошто да не и во светот. Замислете свет во кој машините ќе можат да размислуваат, да учат и да донесуваат одлуки независно. За оваа работа посебно се заинтересирани инженерите по информатика и софтверско инженерство. Ова е ветување на вештачката интелигенција, поле на технологијата кое не само што ќе ги трансформира индустриите, туку и ќе го преобразува нашиот секојдневен живот. Денес вештачката интелигенција е веќе тука, анализира огромни количини податоци, препознава шеми, па дури и ги надминува човечките перформанси во задачи како дијагностицирање болести, возење со автомобили, управување со авиони, управување со големи системи итн… Во суштина, вештачката интелигенција е за учење на машините да ја имитираат нашата – човечката интелигенција. Размислете како гласовниот асистент на вашиот телефон ги учи вашите перформанси или како алгоритмите за препораки на платформите за стриминг се подобри, што и вам би можело да ви се допадне во одреден момент. Ова се само мали примери. Во здравството вештачката интелигенција ги револуционираше дијагностиката и третманите на болните. Алгоритмите за машинското учење можат да ги анализираат медицинските слики со неверојатна точност. Во финансиите, пак, алгоритмите за вештачка интелигенција управуваат со инвестициите и откриваат измами во реално време, правејќи ги трансакциите многу побрзи и многу побезбедни.

Од суштинско значење е да ја користиме оваа технологија внимателно и да овозможиме таа да биде во корист на општеството како целина и да се занимава со прашања како што се лојалноста, транспарентноста и одговорноста. Вештачката интелигенција има неверојатни ветувања, но од нас зависи дали ќе ги насочиме во насока што ќе го прави светот подобро место за живеење или која ќе ја направи нашата татковина, нашата земја, нашата Македонија, многу подобро место за живеење од моментов. Без разлика дали се работи за медицина, бизнис, образование или во секојдневниот живот, знам дека светот каков што е, нè искушува со примамливоста на она што може да се нарече удобно размислување, навика на умот, кој чесно нè убедува во вредноста на нашите претпоставки“, изјави Миленковски.

 

Студентите беа поттикнати од ректорот Миленковски да останат мотивирани, да вложуваат во сопственото усовршување и да покажат проактивност во своите идни професионални и академски предизвици. Ректорот им порача на студентите никогаш да не се откажуваат од самите себе и да имаат трпение.

„Драги мои дипломци и магистри, вие ќе ѝ служите на нашата татковина. Ако чувствувате дека другите луѓе се откажуваат од вас, внимавајте, ако чувствувате дека другите луѓе се откажуваат од вас – вие никогаш не откажувајте се од себе. Знаете зошто? Затоа што ако се откажете од себе, тоа е исто како да сте се откажале од вашата земја, од својата родна грутка, од нашата татковина Македонија. Приказната на нашата татковина не е за луѓе кои се повлекуваат кога работите стануваат тешки. Внимавајте, луѓето понекогаш ме прашуваат – ‘Ректоре, кој вас ве инспирира секојдневно да работите толку многу?’ Велам, тивките херои, оние кои се овде, вашите родители, нашите предци, вашите асистенти, вашите декани. Лесно е да се откажете како што многумина се откажаа, а се откажуваат секојдневно и од своите огништа. Многу е потешко да издржите, да останете цврсто на своето место затоа што, уште една народна поговорка вели: ‘Каменот тежи на своето место’. Вие тежите овде, вашето знаење е валоризирано тука, во вашата татковина, и ве замолувам останете тука, во татковината. Без разлика дали започнувате бизнис или се кандидирате за некоја раководна позиција, запомнете дека правењето на вашиот жиг или печат на светот е тешка работа, а за тоа е потребна жестока борба и многу трпение. А што означува трпението, е видете – трпението е мудрост, моќ. Трпението е нешто што го прави човекот мудар. Трпението ни е потребно за себе, но и за сопствениот раст и развој. Трпението ни е потребно и за нашите односи кон другите луѓе. Трпението ни е потребно и за чекорење низ нашите животи, нашите животни случувања, низ кризи и разни состојби. Трпението ни е потребно за прифаќање на нашите загуби и порази во животот, без кои не може ниеден од нас. Трпението ни е потребно и за приспособување на новонастанатите состојби во животот. Трпението ни е неопходно, трпението е за сите животни процеси, едноставно сè во нашите животи е процес, а големите работи, почитувани дипломци и магистри, не доаѓаат набрзина, за нив се потребни макотрпна работа, жестока борба и долго трпение. Ете, токму затоа мене, на вашите родители, на сите гости, вам, нам ни требаше трпение да ги издржите овие четири години. Да ги издржите искушенијата, да ги положите сите испити, да ги одбраните дипломските и магистерските трудови. За тоа ви благодарам и ви честитам што истрпевте сè и денеска сте тука заедно со нас“, кажа Миленковски.

Дел од перформансот на балетот „Мојот универзитет“.

Дел од перформансот на балетот „Мојот универзитет“.

Во говорот беше подвлечено дека Универзитетот „Скопје“ континуирано го унапредува квалитетот на наставата, преку модерни образовни програми, применливи методологии кои ги подготвуваат студентите за реалните потреби на пазарот на труд. Миленковски им порача на присутните да не се потценува македонското високо образование, затоа што тоа во другите држави не е поразлично од нашето. Ги охрабри студентите да ја искористат секоја шанса за успех.

 „Доколку сакате да ја промените оваа земја на подобро, подобро да учествувате на пазарот на трудот, бидејќи заедно вие може да ни помогнете нам, како што ние ви помогнавме вам да дојдете до овие свечени моменти. Заедно можеме да ја модернизираме нашата инфраструктура, да инвестираме во подобрување на образованието, на образовните процеси, а зошто да не ги направиме факултетите ширум нашата држава подостапни за секого? Замислете, се расправам, се докажувам еве веќе 19 години по ред, што значи проодноста на факултетите и македонските универзитети. Просекот на проодноста на секој универзитет е 33 до 36%, тоа значи дека од 100 запишани во просек само 30 можат да завршат – зошто е тоа така? Па некои професори ќе кажат – е, па, не го бива секого за факултет. Јас не се сложувам со тоа, секое ваше дете, наше дете, младинец од Македонија треба и заслужува да заврши факултет што тој ќе го избере, и нема разговори во четири очи и нема уцени. Знаете колкава е проодноста на Харвард – 98%. Што значи проодност? Во првата година од запишани 100 студенти, завршуваат 98; кај нас од запишани 100, завршуваат 34. Зарем ние сме необразована нација, со низок капацитет, зарем сме глупави луѓе? Не, никако не смееме тоа да го помислиме, затоа сега мора вие, кои сте нашата иднина, да ни помогнете да ги направиме, не само нашиот универзитет и нашите факултети, на достап на раката на секој млад човек. Замислете, денес имате во Словенија пет и пол илјади Македонци коишто студираат, па мислите ли дека словенечките универзитети се појаки, помоќни од нас? Не. Гарантирам со двете раце и со моето срце, со моите очи и со моето битие дека не е точно тоа. А колку има во Благоевград и во другите држави? Колку само ние самите си го потценуваме сопственото –  сопствените земја, општество, татковина, образование. Ние мораме да го направиме тоа час поскоро, а вие сте тие кои доаѓате и од утре натаму ќе станете видни професори, доктори, инженери, економисти, некои од вас ќе одат во политиката... Помогнете ѝ на оваа земја да исчекори напред и да не бидеме назад толку многу – помогнете ѝ, ве замолувам. Замислете, во далечната ’89-та година бев на кус престој во Канада, мојот братучед Дејвид Миленковски студираше онлајн, а кај нас тоа уште не е можно, и јас не можам, не сакам да се помирам дека кај нас не е можно да се студира онлајн, а пред 60 години тоа го правеа многу држави во светот како САД, Канада и Австралија,. Затоа денес сакам да ви порачам – не чекајте можности, создавајте ги, искористете ги сите шанси, бидете Дарко Панчев, како што Дарко Панчев ја користеше секоја шанса и можност да даде гол, користете ја секоја шанса да го постигнете вашиот успех, не пропуштајте ги приликите и шансите. На крајот на денот, околностите на вашиот живот, како изгледате и од каде доаѓате, колку пари имате, што се случува дома, не е изговор за запоставување на вашата професија“, изјави Миленковски.

Ева Танушевска, најдобар додипломец на Универзитетот Скопје

Ева Танушевска, најдобар додипломец на Универзитетот Скопје

Ректорот изрази благодарност до родителите и до наставниот кадар, кои со својата поддршка и соработка значително придонесуваат за развојот на младите генерации.

„Вашите семејства и професорите, направивме сè што можеме за да бидеме сигурни дека го имате и сигурни сме дека го имате потребното образование за да одговорите на сите овие прашања. Јас работам напорно за да ги поправам сегашните студенти, вашите колеги, да им ги дадам книгите во печатена или во електронска форма, опремата, компјутерите, да им пренесеме знаење, но мора и вие да го завршите вашиот дел. Затоа очекувам да сте сериозни понатаму во вашиот живот и во вашата идна професија, очекувам да вложите максимални напори во сè што правите, очекувам одлични работи од секого од вас, затоа не дозволувајте вашето семејство, вашата земја, да ве испушта од вид. Направете нè сите нас горди. Знам дека можете да го сторите тоа.

Драги дипломци и постдипломци, направете ги горди овде присутните ваши родители и наши гости вечерва, знам дека тоа можете да го направите онака трпеливо со знаење, како што ги постигнавте и успесите до ден-денес. Вие, мои дипломци и магистри, сте архитекти на иднината на вашите семејства, на нашата татковина и на нашата иднина. Ви благодарам за вашите постигнати успеси, ви благодарам и вам, почитувани родители, ви благодарам на сите, Бог да ве благослови, дипломци, роднини, родители, нашата татковина Р. Македонија“, кажа, на крај, Миленковски.

 Клучниот дел од свеченоста беше формалното доделување дипломи на студентите кои ги завршија своите студии на прв и на втор циклус. Дополнително, на најистакнатите дипломци им беа врачени посебни признанија за академски постигнувања, со што беа истакнати вредноста на трудот, упорноста и извонредните резултати во текот на студирањето. Со овој чин симболично беше одбележан преминот од образовниот процес кон нови поглавја и одговорности во професионалниот живот.

Гордана Бадаровски, надобар магистрант на Универзитетот Скопје

Гордана Бадаровски, надобар магистрант на Универзитетот Скопје

Свечената промоција заврши со порака на оптимизам и поддршка за новопромовираните дипломци. Универзитетот „Скопје“ со години гради силна академска заедница и продолжува да создава кадар подготвен за современите предизвици во туризмот, менаџментот, деловната администрација и сродните области.

Настанот уште еднаш покажа дека успехот се гради преку знаење, труд и визија, а новата генерација дипломци е подготвена да даде свој придонес во развојот на општеството и економијата.

Image
Newsletter