Учебникот по дефиниција претставува основна дидактички дизајнирана наставна алатка, преку кој се стекнуваат знаења и вештини и се формираат трајни вредности. Учебниците имаат развојна и формативна улога, па затоа е неопходно нивните компоненти да бидат хармонични, кохерентни и усогласени. Не може да се зборува за квалитетен образовен процес, а да не се земе предвид еден од основните предуслови за тоа – квалитетот на учебниците. Ако е училиштето еден вид продуцент на идниот човечки капитал на едно општество, место каде што се оформуваат индивидуалната и групната свест од која понатаму ќе зависи развојот на општеството, тогаш е учебникот еден од најнеопходните ресурси во процесот преку кој ќе се создава и ќе се развива тој капитал.
За м-р Јулијана Петровска, која е раководител на библиотеката при Универзитетот за туризам и менаџмент, квалитетното образование е предуслов за секое понатамошно напредување и за севкупниот развој на секој поединец.
„За подобрување на нашиот образовен систем се дискутира со децении наназад, но сепак, квалитетни системски промени досега немало. Сведоци сме на парцијални решенија, главно на ниво на експерименти и на пилоти, на избрзано и неаргументирано внесување наставни програми осудени на неуспех во нашето општество, како и на непостојаност во нивното имплементирање. Тие досегашни решенија наидуваат на различни реакции во зависност од партиски или лични интереси, но речиси сите се согласни дека на нашиот образовен систем му се потребни итни и квалитетни реформи за постигнување на долгорочните цели“, вели м-р Петровска во разговор за Магазинот за туризам и менаџмент.
Учебникарството претставува значаен фактор во развојот на културната и на националната свест и посебност на секој народ, а со тоа и на македонскиот народ.
„Создавањето учебник, покрај другото, претставува вештина што мора постојано да се усовршува, а учебникот мора постојано да се приспособува на степенот на развој на науката за која се пишува, условите во кои се пишува и на потребите на оној за кого е наменет. Пишувањето учебник не е исто што и пишување какво било друго дело. Ова го знаеле и првите наши учебникари од средината на 19 век, почнувајќи од Партенија Зографски и Ѓорѓија Пулевски, Јордан Хаџи Константинов – Џинот и Кузман Шапкарев, како и авторите на посовремените учебници од минатиот и од почетокот на овој век“, вели професорката Петровска и додава дека строгите критериуми за тоа кој може да биде автор или рецензент на учебник, поставеноста на издавачките куќи и односот на надлежните институции, се одлучувачки фактори што влијаат на квалитетот на учебниците.
„Како географ, за пример ќе ги наведам авторите на учебниците по географија за основно и за средно образование. Зарем имаше некој што можеше да најде грешка и забелешка на еден проф. д-р Арслан Селмани, Драги Ставревски, проф. д-р Љубе Миленковски и уште неколкумина други, кои пред да станат познати и докажани учебникари, во својот работен век работеле со ученици од сите нивоа на образованието. Како член на Здружението на професори по географија на Македонија „Проф. д-р Љубе Миленковски“ – Скопје, сакам да го потенцирам значењето на нашиот патрон, кој остави посебна трага во нашето учебникарство. Тој беше одличен методичар и уште поголем практичар, кој настојуваше секогаш теоретските знаења од учебникот да најдат практична примена во наставата. Ако направиме анализа на неговите учебници, ќе дојдеме до заклучок дека наставните содржини во нив како од методско-дидактички, така и од педагошко-психолошки аспект, одговараат во целост на психофизичките способности и на возраста на учениците. Неговите учебници беа едноставни и на многу практичен начин ги прикажуваа причинско-последичните врски, поимите и вештините што треба да ги совлада еден ученик. Со користење на овие учебници доаѓаа до израз способноста и вештините на секој наставник одделно. Затоа, нашето географско здружение со гордост го носи неговото име“, посочува Петровска.
Според професорката, во изминатите две децении сме сведоци на постојано менување на концептите и на нови правила со краток рок.
„Еден период имавме конкурентност во изборот на учебник, што се покажа како лош и мошне коруптивен приод, крајно опортунистички во однос на тоа кој учебник преку кого ќе биде пласиран до учениците. Учебници со неусогласени податоци и со измислени топоними, афери за наместени тендери, лошо отпечатени учебници и слично. Имавме и ситуација кога учебниците за основно образование ги пишуваа универзитетски професори, кои не можеа да се симнат на нивото и возраста на ученикот за кој пишуваат, па учебници беа напишани на јазик што децата не го разбираат, со многу стручни термини и предолги лошо составени реченици. Денес, пак, имаме електронски учебници полни со материјални и со технички грешки, нејасни фрази, а по определени предмети за некои одделенија воопшто и да нема учебници со години. Како резултат на сето ова, гледаме разочарани ученици, летаргични наставници, лути родители и вознемирена јавност. Едноставно кажано, хаосот што владее во учебникарството само го дополнува хаосот во целото образование“, вели професорката.
Во 2019 и во 2020 година, Бирото за развој на образованието, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје спроведе повеќе активности за подобрување на квалитетот на учебниците. Тогаш се пристапи и кон изготвување нова концепција за изработка на учебник, методологија за вреднување учебник и низа други документи. Тоа беа последните активности од низата во изминатиот период што имаа за цел да се подобри квалитетот на учебниците, но резултатите на крај се секогаш исти или дури и полоши.
Според Петровска, состојбата денес е таква што навидум постојат повеќе филтри пред да се пушти еден учебник на печатење, односно постои законодавно-правна рамка за проверка на ракописите.
„Сѐ е некако убаво напишано, но во реалноста се случува нешто сосема друго. Согласно со законот за учебници, секој учебник треба да се изработи според наставниот план и програма за соодветното одделение и предмет, а според Концепцијата за изработка на учебник, на предлог на Бирото за развој на образованието, која на крај ја утврдува министерот за образование. Владината Национална комисија за учебници формира рецензентски комисии за ракописите на учебниците од списокот на избрани рецензенти, а пристигнатите ракописи ги доставуваат до рецензентските комисии и до Бирото за развој на образованието или да Центарот за средно стручно образование. Рецензентската комисија врши стручно вреднување на ракописот согласно со Методологијата за вреднување учебници и доставува стручното вреднување до Педагошката служба во МОН. Бирото за развој на образованието или Центарот за средно стручно образование доставуваат мислење за усогласеноста или за неусогласеноста на ракописите со наставните планови и програми, по што Национална комисија води расправа за стручното вреднување на ракописите од рецензентските комисии и за мислењето од Бирото, и на крај носи одлука за одобрување за употреба на учебник во основното, односно во средното образование, по што учебникот може да се печати“, вели професорката Петровска и посочува дека Националната комисија за учебници е највисокото тело во процесот на разгледување и на одобрување на учебници од почеток до крај.
Библиотеката на Универзитетот за туризам и менаџмент датира уште од 2006 година
Во однос на последните случувања околу учебниците што полни со технички грешки, беа дистрибуирани до учениците, професорката вели дека таквите пропусти се во најмала рака недопустливи и ја отсликуваат реалната состојба во учебникарството.
„Авторите на најкритикуваниот учебник многу невешто се обидоа сите нотирани грешки да ги сведат на технички пропусти, но јасно е дека тие најмалку се технички. Колку за илустрација, ќе ги наведам страниците од учебникот со географски содржини каде што покрај најважното нагледно средство, картата, напишано е дека Северна Македонија на запад се граничи со Бугарија, а на исток со Албанија. Според авторите на учебникот Монт Еверест е висок 29.035 метри, а Мртвото Море се наоѓа на повеќе од 1.400 метри под морското ниво. Ова се едни од низата материјални и суштински грешки во учебникот, чиј издавач е Министерството за образование и наука, а кој најверојатно ќе продолжеше да се користи и понатаму ако не реагираше стручната фела и целата јавност. Ова не се технички грешки, ова не е само немање ориентација во просторот, ова е немање основни знаења од географијата и целосна површност во работата“, вели Петровска.
Според неа, многу е несериозен повикот на Министерството за образование до граѓаните и до здруженијата да пријават грешки во новоотпечатените учебници.
„Секое повлекување на учебник од употреба значи немање никаков учебник на подолг рок, па затоа сите на кои им е наменет, се снаоѓаат како знаат и умеат. Јавна тајна е дека ако не се одобри нов, сите повлечени учебници ќе се користат и понатаму од учениците и од наставниците, што делумно е оправдано ако се заемат предвид нивните потреби. За жал, ценам дека оваа состојба и понатаму ќе продолжи поради запоставувањето на учебникарството како висок приоритет на државните институции одговорни за образованието“, додава таа.
Стандардите за пишување учебници треба да бидат заснован на повеќе барања, и тоа: научни, педагошки и психолошки, дидактичко-методски, етички, јазични, ликовно-графички, технички и други, додека содржината треба да се заснова на научно проверени поставки. Еден современ учебник треба да подлежи на промени и да го следи модерното време, особено кога станува збор за нови релевантни појави и процеси, но колку често и во кој обем е предмет со кој треба да се занимава државата, односно институциите во чија надлежност е учебникарството, тоа е одделно прашање.
„Повеќедецениските реформи на нашиот образовен систем, а кои досега не родија плод, имаат последици и врз креирањето учебници, кои, за жал, не се имуни на политичкото влијание. Сведоци сме дека стручната фела малку се вклучува во сето ова, а промените на власта доведуваат до некозистентност во креирањето здрав образовен систем и здрави реформи. Секоја влада нуди нови и недоволно аргументирани решенија, небаре сѐ почнува од неа. Периодот во кој треба да се поднесе учебникот е прекраток, а тоа е и причината што мал број автори се јавуваат на повиците. Сериозна личност не би се нафатила да пишува учебник за месец-два знаејќи ги стандардите како треба да изгледа еден учебник. Исто толку објективна причина за оваа состојба се и малите хонорари за авторство, додека хонорарите за рецензирање на еден учебник се несигурни и повторно многу ниски“, алармира професорката додавајќи дека учебникарството мора да ги следи технолошкиот напредок, трендовите и иновациите во наставата, но секогаш треба да се имаат предвид условите во општеството и неговата подготвеност односно капацитет да ги апсорбира овие промени.
Библиотеката на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје претставува една од најрепрезентативните и модерно уредени простории во објектот. Создавањето и опремувањето на универзитетската библиотека е поврзано со самите почетоци на Факултетот за туризам во Скопје во далечната 2006 година, а со прераснувањето на овој факултет во Универзитет, таа започна да функционира како современа високообразовна библиотека, со цел да овозможи интелектуална поддршка за сите студиски програми и активности што се реализираат во рамките на Универзитетот.
„Покрај публикации што се во издание на Центарот за издавачка дејност на Универзитетот, библиотеката изобилува со значителен број библиотечни единици од домашни и од странски автори од релевантните области. Ако се следат светските трендови, неминовно се наметнува и потребата од електронско библиотекарство. Денес, составен дел на универзитетската библиотека е Е-библиотеката, каде што потребните информации и литература, сите заинтересирани субјекти може да ги добијат и во електронска форма. Преку нашата библиотечна евиденција и програмата за е-библиотека, точно може да се следи секој корисник и точно да се види колку и што читаат нашите студенти. Бидејќи се работи за интерна универзитетска библиотека, пред сѐ наменета за нашите студенти, тие најмногу користат стручна литература во зависност од студиските програми на кои се запишани. Покрај тоа, има студенти што бараат и дополнителна литература на одредена тема според тоа што во текот на наставниот процес ги заинтересирало. Има и такви на кои омилени жанрови им се психологијата и научната фантастика. Често знаат да побараат дело со тематика што буди убави емоции, потоа поезија, како и книги со историска и со филозофска содржина“, завршува професорката Јулијана Петровска и воедно им препорачува на младите да посветат многу повеќе време на книгата, бидејќи само на тој начин ќе го подобрат начинот на нивното изразување на чувствата и мислите.