На Универзитетот Скопје, свечено почна академската година, а бруцошите го имаа првиот академски час, со што беше одбележан почетокот на наставата за студентите запишани на прв циклус студии во учебната 2023-2024 година.
Амфитеатарот беше полн со студенти што се запознаваа со новите колеги и професори, како и со деканите на факултетите. Им се обрати ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, кој им посака успех во годините што ќе ги поминат на оваа високообразовна институција. Тој им го претстави и својот тим – проректорите, деканите, професорите и административниот кадар на Универзитетот, и од името на сите свои соработници, им посака топло добредојде на новите студенти.
„Трпението го прави човекот помудар. Бидете трпеливи и учете“, истакна ректорот Миленковски на првиот академски час. Тој им порача на студентите дека трпението е тоа што го прави човекот мудар и моќен, затоа што тоа значи владеење со себе во кој било миг што e предизвик, а со тоа и можност за индивидуален раст и развој. Tој ги потсети идните академски граѓани на Македонија дека секоја цивилизација од антиката до денеска се потпира на два клучни столба – образование и здравство, олицетворени во македонскиот културен идентитет во ликовите на светите Климент и Наум, според кои е и именуван амфитеатарот на Универзитетот. На овој начин, целокупниот академски кадар на Универзитетот Скопје секојдневно се потсетува на својата примарна улога – да гради образовани и здрави идни лидери на општествените промени во Македонија.
Обраќање на ректорот Миленковски пред студентите.
Ректорот проф. д-р Аце Миленковски во својот говор зборуваше и за методологијата на студирање по која се издвојува Универзитетот Скопје од другите високообразовни институции во земјата, а која се базира на принципот на мерливост на знаењето. Универзитетот Скопје доследно го спроведува и системот на трансфер на кредит според Болоњската декларација (ЕКТС-систем).
Деканот Граматниковски доделува е-индекс на студентите.
По завршувањето на свечениот академски час, студентите од секој факултет имаа одделни средби со деканите, на кои беа информирани за идните активности во академската 2023-2024 година, примената на дигиталната технологија во процесот на студирање, наставните програми, распоредот на настава, како и за користењето на Е-индекс, Е-студент и Е-библиотека.
Прв академски час на Аграрниот универзитет во Пловдив во присуство на министри, образовни партнери, пријатели и гости.
Ректорот на Универзитет Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, присуствуваше и на првиот академски час како официјален гостин на Аграрниот Универзитет во Пловдив, Бугарија. На свеченоста беа присутни голем број гости, пријатели, образовни партнери од земјата и од странство, министерот за образование на Бугарија, проф. д-р Галин Цоков, министерката за социјална политика на Република Конго, проф. д-р Ирен Мбоку-Кимбаца, како и министерката за земјоделство и стопанство на Република Конго, проф. д-р Розали Матондо.
Ректорот Миленковски официјален гостин на првиот академски час на Аграрниот универзитет во Пловдив.
Свое пригодно обраќање пред присутните гости имаа и ректорот на Аграрниот Универзитет во Пловдив, проф. д-р Христина Јанчева, како и министерот за образование на Бугарија, проф. д-р Галин Цоков.