Потребен е нов закон за високото образование!

Проф. д-р Зоран Ивановски, проректор за наука и развој на Универзитетот за туризам и менаџмент

На Македонија ѝ е потребен нов Закон за високото образование што ќе се темели на економската реалност и кој ќе креира можности за интегрирање на високообразовните институции на глобалниот пазар, алармира стручната фела.

Професорот Зоран Ивановски, проректор за наука и развој на Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, смета дека новиот закон мора да обезбеди целосно изедначување на статусот на студентите на приватните со оние на јавните универзитети, што со досегашното решение не беше случај. Ивановски вели оти последниот Закон за високо образование бил донесен без транспарентна јавна дебата, иако дел од академската јавност имала сериозни забелешки на предлог-текстот на законот.

„Посебно би истакнал дека дури и на Комисиската расправа во Собранието, академската јавност поднесуваше предлози и амандмани на текстот, но тие очигледно не се вклопуваа со партиските интереси, така што речиси ниту еден од предлозите не беше земен предвид и не беше вграден во законот. Кај академската јавност остана впечатокот дека партиските интереси беа ставени над академските“, вели тој.

Според професорот Ивановски, актуелниот Закон е правен повеќе за потребите на јавните високо-образовни институции, со цел да ги ограничи или да ги прераспредели определени овластувања и надлежност помеѓу органите на Универзитетите и на факултетите, како и да го ограничи времетраењето на функциите.

Професорот Ивановски истакнува дека и покрај дводецениската присутност на приватното високо образование во Македонија, речиси воопшто не биле земени предвид потребите и интересите на овој дел од системот, особено околу можностите да се намалат финансиските обврски на приватните универзитети.

„Сепак, според мене, претходниот Закон за високо образование не ги акцентираше економската реалност и големината на капацитетот на сите високообразовни институции, кој повеќекратно ги надминува бројките на завршените матуранти, кои згора на сѐ и секоја година се намалуваат. Економската реалност е дека образованието претставува дејност што може да генерира сериозен девизен прилив за домашната економија, со привлекување странски студенти, односно капацитетите, особено на приватните универзитети се такви што со коректно законско решение може релативно брзо да постигнат ефекти како приватните клиники во земјата, кои редовно привлекуваат корисници на своите услуги од странство, а особено од земјите од окружувањето. Имено, потребно е создавање клима и услови за интегрирање на високообразовните институции од земјата на глобалниот пазар, што не беше нотирано и овозможено со тековниот закон. Тука пред сѐ мислам на потребата за внесување на можноста за онлајн високо образование, како и на олеснување на процедурите за нострификација на странските образовни квалификации во Законот, со што се креира можност домашните институции да конкурираат на глобалниот светски пазар на високото образование“, вели професорот Ивановски.

Тековниот Закон, нотира професорот, релативно ниско ги детерминирал критериумите за избор на наставно-научен кадар на факултетите, со тоа што не прави дистинкција околу квалитетот на објавените научни трудови и трудови објавени на научни конференции, а со тоа, вели, се губи мотивот кај професорскиот кадар да публикува во реномирани научни списанија.

Пандемијата покажа дека иднината на образованието е на платформите што овозможуваат масовно студирање, како и студирање на далечина, со што целиот свет станува пазар и за домашните универзитети. Интеграцијата на земјата во евро-атлантските структури дополнително влијае македонските високообразовни институции да станат попривлечни за студентите од помалку развиените земји од светот.

„Стекнатото искуство на Универзитетите на тој план треба да се надградува и да се поддржи од страна на државата, за креирање на попрепознатлив бренд на македонско високо образование. Оттука, според мене, како приоритет се наметнува позиционирањето на онлајн студирањето како рамноправен начин на студирање, но и олеснувањето на процедурата за признавање на странските образовни квалификации, со цел полесен и побрз упис на заинтересираните студенти од странство“, изјави професорот Ивановски за Магазинот за туризам и менаџмент.

Лошиот квалитет на образованието се должи, пред сѐ, на грешките што се направени во периодот кога државата се одлучи за отворање нови универзитети и дисперзирани единици речиси во секое место во нашата земја, што создаде нелојална и непазарна конкуренција меѓу универзитетите и факултетите во земјата, смета професорот Ивановски.

„Не е проблем што државата сега гради сопствени капацитети за надворешна евалуација, но би ги истакнал примерите од некои земји, пример, Полска, Чешка и др., кои ги стимулираат и ги финансираат Универзитетите да прават странски акредитации, но и надворешни евалуации. На тој начин, универзитетите се стекнуваат со добри странски практики во високото образование, но и се вмрежуваат со најквалитетните универзитети. Според мене, ова е најлесниот пат за подобрување на квалитетот на нашето високо образование“, додава тој.

Студирањето во странство секогаш е опција за домашните студенти, но ако ги привлечеме странските универзитети во земјата и ако ги направиме домашните институции поквалитетни, паралелно со посакуваните реформи во земјата, одливот на студенти во странство ќе се намали, вели стручната фела. Во тој контекст, професорот Ивановски смета дека е потребно олеснување на процедурите за акредитација на програми за заедничка диплома и на странски студиски програми што би се реализирале на домашните универзитети, при што атрактивните странски студиски програми би станале подостапни за нашите студенти без да мораат да студираат надвор од земјата.

„Светските реномирани рангирања јасно го покажуваат нашето место споредено со високото образование на развиените европски земји, како и на образованието од САД. Многу поени на таа листа произлегуваат од обемот на објавени трудови во реномираните научни списанија, од квалитетот на научно-истражувачката работа, соработката со индустријата, како и од бројот на странските студенти. Ако не ги направи државата потребните чекори да стимулира објавување на такви трудови и на научно-истражувачки проекти, како и да создаде поволен амбиент за привлекување на странските студенти, тешко може да се очекуваат промени на тој план. Од друга страна, капацитетите на индустријата сѐ уште се ограничени за апсорбирање и за стимулирање на научно-истражувачката и на апликативната дејност на универзитетите, што сепак нѐ наведува на заклучок дека клучот за решавање на напластените проблеми во образованието е во државата“, вели професорот од Универзитетот за туризам и менаџмент, Зоран Ивановски.

Image
Newsletter