ИТ-секторот доживеа вистински бум во последната деценија, а студиите по информатички науки се најатрактивни помеѓу матурантите што се на прагот да ја изберат својата идна професија. Факултетот за информатика при Универзитетот за туризам и менаџмент буди најголем интерес за упис кај идните студенти, вели проф. д-р Јана Илиева, генерален секретар и профрсорка на УТМС. Според неа, сите струки што се изучуваат на овој Универзитет се дизајнирани да бидат привлечни за студентите, да им обезбедат професии што се перспективни на пазарот на трудот и кои може да им донесат лесно и брзо вработување, можности за професионален развој и градење кариера во животот, но сепак – најголем интерес кај младите има за студиите по информатика.
„Оваа струка доживеа бум во последните неколку децении, следејќи го рапидниот раст и пробивот на информатичката технологија во речиси секоја пора од нашиот живот. Замислете, нашите дедовци и баби живееле во време во кое се појавија првите телевизори, радија и аналогни телефони, оние со апарат и слушалка прикачена на него со еден извиткан кабел. Денеска децата растат со паметни уреди околу себе – таблети, паметни телефони, LCD-телевизори. Растат во еден глобален комуникациски простор пристапен за речиси секого преку интернетот. Тешко е да се замисли денешниот живот без ИТ-технологијата. Токму овој брз раст и пробив на информатиката ја создаде и огромната потреба од соодветен кадар на пазарот на трудот. Денеска, ИТ-инженерите се барани, добро платени, работат во домашни и во странски компании што им нудат различни дополнителни погодности, од кои можеби најинтересни се можноста за работа на далечина и флексибилното работно време“, вели професорката Илиева.
Универзитетот за туризам и менаџмент ги отвори вратите за упис на нови академски граѓани. Конкурсот стартуваше кон крајот на април, а конечната листа на запишаните студенти ќе биде објавена кон крајот на септември.
„Во кој било работен ден додека трае Конкурсот, идните бруцоши може да нѐ посетат, да нѐ запознаат и да дознаат нешто повеќе за студиските програми што ги нудат нашите факултети, како и за начинот на студирање кај нас. Може и да ги разгледаат просториите во кои ќе го поминуваат најголемиот дел од своето време во неколкуте следни години, како и целосно да ги почувствуваат духот и енергијата на Универзитетот. Нашиот тим веќе ги посети општинските средни училишта во речиси сите поголеми градови во Македонија, се сретна со матурантите и преку разговор и дружба со нив, се обиде да им ги доближи студиските програми и студентскиот живот на нашите факултети идните бруцоши. Со оглед на тоа дека при овие посети доделивме и голем број стипендии до кои ќе може да се дојде преку општините, топло им препорачувам на средношколците што размислуваат за упис кај нас да побрзаат, да го направат својот избор и да си го пронајдат своето место меѓу најдобрите, на еден од нашите шест факултета“, вели професорката Јана Илиева.
За да се стане академски граѓанин, потребна е волја за учење и посветеност за да се надминат сите предизвици. Учењето подразбира присутност на часовите, читање, креативност и критичко проценување на информациите и состојбите, практична работа, испити. Но, истовремено, студирањето е извор на многу среќни моменти од дружењата со колегите и со професорите, но пред сѐ од задоволството што го носи секој надминат предизвик и секој постигнат успех во животот.
Според позитивните законски прописи што важат во државата, право на упис во високообразовна институција имаат лица што завршиле најмалку средно образование.
„Тие, се рангираат според општиот успех постигнат по сите предмети во текот на средното образование, како и според бодовите од матурата или од завршниот испит. Ако завршил студентот средно образование пред воведувањето на матурата, се рангира исклучиво според општиот среден успех што го постигнал во текот на образованието. Освен завршеното средно образование и успехот, завршеното средно образование на кандитатот треба да биде соодветно или сродно на областа на студиската програма на која се пријавува. Кои училишта се соодветни за една студиска програма е наведено во самата програма“, вели професорката Илиева и додава дека УТМС е уникатен и се издвојува по тоа што нивните студиски програми се главно посветени на туризмот и на менаџментот – две области што се меѓу најбрзорастечките индустрии на светско ниво и во кои се предвидуваат најголем број новоотворени работни места во иднина.
Нашите студиски програми се практични, нудат не само теориско знаење, туку и можности тоа знаење да се претвори во конкретно работно искуство преку практична работа во државата, но и во странство. Целта на професорскиот кадар на Универзитетот е да го мотивираат и да го поддржат процесот на активно учење на студентите, во кој самите студенти се поттикнуваат да преземаат одговорност за крајните резултати што ќе ги постигнат во процесот. Со други зборови, ги охрабруваме овие млади луѓе да бидат љубопитни, самоинцијативни, претприемачи по дух, да станат едни од оние што ќе ги засукаат ракави и ќе работат вредно за да го реализираат својот животен сон, придонесувајќи притоа и кон општото добро на пошироката заедница и на општеството во целост.
„Нашите студиски програми се практични, нудат не само теориско знаење, туку и можности тоа знаење да се преточи во конкретно работно искуство преку практична работа во државата, но и во странство. Целта на професорскиот кадар на универзитетот е да мотивираат и да го поддржат процесот на активно учење на студентите, во кој самите студенти се поттикнуваат да преземаат одговорност за крајните резултати од учењето што ќе ги постигнат во процесот. Со други зборови, ги охрабруваме овие млади луѓе да бидат љубопитни, самоинцијативни, претприемачи по дух, да станат едни од оние што ќе ги засукаат ракави и ќе работат вредно за да го реализираат својот животен сон, придонесувајќи притоа и кон општото добро на пошироката заедница и на општеството во целост. Имаме развиено напреден дигитален систем на оценување што ја минимизира субјективноста на професорот, практична работа што е целосно интегрирана во наставата и професори што се пред сѐ ментори достапни за консултации во секое време. Светогледот на студентите го прошируваме со многубројните истакнати визитинг предавачи и професори од Македонија, но и од светот, на теми што се актуелни и релевантни за нашите студиски програми“, вели професорката Јана Илиева и додава дека дипломите на УТМС се меѓународно признаени, а студиските програми имаат диплома за кавлитет во високото обрзаование од Светската туристичка организација, специјална агенција на Обединетите нации посветена на туризмот. Универзитетот за туризам и менаџмент е 76-тиот универзитет во светот што добил ваква диплома, а единствен во Македонија, што самото по себе зборува за квалитетот на образованието што го нуди.
Овој Универзитет посебен фокус става на практичната настава, а студентите на УТМС, по завршувањето на факултетот многу често се вработуваат во компаниите во кои ја изведувале практичната настава додека студирале.
Според професорката Илиева, секој работодавец сака да вработи кадар на кој ќе може да се потпре.
„Практичната работа нуди можност и за работодавците и за студентите да се запознаат едни со други, да проценат заемно дали одговара работното место на потенцијалите на студентот и на неговите амбиции, дали ќе се вклопи идниот вработен во организациската култура на компанијата и слично. Процесот нуди можност и студентот да се приспособи на определено работно место, но и компанијата да го обликува работното место според потенцијалите на идниот вработен. При тоа, студентот развива и практични технички вештини што се неопходни да ја заврши работата, но и таканаречени меки вештини за да функционира продуктивно во еден поширок тим како што е една компанија. Денеска е многу важно, освен да сте компетентни да си ја вршите работата, и да знаете да комуницирате со своите колеги на продуктивен начин, да знаете да се справите со конфликти на работното место, да развиете определена флексибилност кон работните задачи, да сакате да преземете поголеми одговорности и сл. Сето ова многу тешко се учи во училница, а многу полесно преку една практична работа. Работодавецот што вложил во студентот додека изведувал практична настава, секако дека ќе сака да го вработи по студиите ако овие вложувања вродиле со плод“, вели таа.
Студиските програми и методологијата на работа на високообразовните институции мора да ги мотивираат и активно да ги инволвираат студентите во образовниот процес. Студиите не треба да се формален процес, туку процес и на растење и созревање на студентите и како личности и како професионалци. Токму овие стандарди се длабоко интегрирани во работата на Универзитетот за туризам и менаџмент. Според професорката Илиева, за поквалитетно високо образование во земјава важни се неколку работи:
„Прво, неопходно е да се подобрат темелите врз кои се потпира високотo образование, а тоа се основното и средното образование. Ниту една високообразовна институција нема да може да стори многу ако студентите што доаѓаат немаат солидни основи и развиени работни навики стекнати во претходните степени на образование. Второ, високото образование не може и не треба да биде цел само по себе, туку мора да биде приспособено на развојните потреби на едно општество. Оттаму, студиските програми мора да бидат приспособени на потребите на пазарот на трудот и да ‚произведуваат кадри' што лесно и брзо можат да се вклопат во деловните процеси на компаниите“, заклучува професорката Јана Илиева.
Годинава над 10.000 студенти ќе може да се запишат на УКИМ
На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, годинава за упис на студенти во прв циклус на студии, отворени се вкупно 10.918 слободни места. Близу половина, или 5.306 се за редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет и плаќаат 200 евра партиципација, 4.522 се за редовни студенти со школарина од 400 евра, а 1.090 места се за упис на вонредни студенти.
Исто како и минатата година, најмногу студенти годинава ќе прими Природно-математичкиот факултет - 1.275, по што следува Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ со 1.125, па Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство со 1.080, Правниот факултет со 1.055 итн.
Првиот рок за пријавување на кандидати што се рангираат само според успехот од средното образование е на 30 и 31 август, вториот на 15 и 16 септември, а третиот на 28 септември. По објавувањата на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 12 и 13 септември, на 26 септември и на 30 септември, соодветно според рокот на пријавување.
Првиот рок за пријавување на кандидатите кои се рангираат според успехот од средното образование и според проверката на знаењата и умеењата е на 25 и 26 август, додека проверката на знаењата е на 30 август. Вториот рок за овие кандидати е на 14 и 15 септември, а проверката на знаењата на 16 септември. Третиот рок е на 28 септември. По објавувањето на прелиминарните и конечните листи, запишувањата на кандидатите ќе бидат на 12 и 13 септември, на 26 септември и на 30 септември, соодветно според рокот на пријавување.
На Државниот универзитет во Тетово пријавувањето на кандидатите во првиот уписен рок почна кон крајот на јуни, а ќе трае до 3 септември. На ДУТ има место за 3.778 студенти.
Искуството од претходните години покажало дека најголем интерес за студии помеѓу матурантите има за Факултетот за информатички науки, потоа следат традиционалните струки како право, економија итн.