Студентската практика – прелиминарна обука за вработување

Студентската практика – прелиминарна обука за вработување

Првиот чекор кон започнување на професионална кариера за секој студент е токму практичната настава како дел од студискиот циклус. Студентската практика претставува еден од круцијалните моменти во процесот на студирањето, која треба да го олесни преминот на студентот од пасивен конзумер на информации во активен, свесен и одговорен студент, кој работејќи на практични проблеми, придонесува кон својот индивидуален развој. Најголемиот бенефит од посетување на студентска практика е можноста за учење и за користење на наученото во практиката, односно примена на наученото во реалниот свет.

Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, согласно со Законот за високо образование, во својата редовна студиска програма ја има интергирано практичната настава за сите студенти.

За деканот на Факултетот за туризам, проф. д-р Сашко Граматниковски, невозможно е да се замисли квалитетен производ без инкорпорирање на практичните знаења во подготовката на идните професионалци од областа што ја изучуваат. Знаењето и искуството добиени за време на практиката се витална состојка во ефективноста на наставата, вели Граматниковски во разговор за Магазинот за туризам и менаџмент. Тој додава дека автентичните принципи за учење, кои се интегрирани во наставната програма на УТМС, им овозможуваат на студентите да развијат вештини што ефективно ќе ги користат за време на својот професионален раст и развој.

„Преминот од студирање до вработување со полно работно време може да ве исполни со возбуда, вознемиреност, надеж и амбиции одеднаш. Летната практика е добар начин да се пополни некое време на транзиција со работата што се надевате дека ќе ја работите долгорочно. Може да елиминира одреден притисок за брзо наоѓање постојана работа и да ви помогне да ги примените вештините и знаењата што сте ги стекнале во практична ситуација. Практиката може да ви покаже како една компанија развива лидери наместо само да учи за тоа апстрактно. Можете да набљудувате одлични вештини за управување со времето и да ги забележите оние што сакате да ги имитирате. На крајот ќе стекнете цела низа атрибути за градење доверба што ќе ги примените на вашето идно работно место“, вели професорот Сашко Граматниковски.

Универзитетот за туризам и менаџмент има долгогодишна соработка со голем број фирми од областа на туризмот, кои им нудат можност на студентите од оваа високообразовна институција да добијат практично искуство. Професорите се децидни дека времето поминато на практика не е потрошено време, туку искуство што ги проширува хоризонтите на студентот.

Деканот Граматниковски со студентите од УТМС на „Конференцијата ЕАТ“ во Нови Сад

Деканот Граматниковски со студентите од УТМС на „Конференцијата ЕАТ“ во Нови Сад

„Супервизорите и менторите што ги водат студентите за време на практиката се многу вредна референција за нив во понатамошниот професионален развој. Колку што се студентите попозитивни и повредни, толку е поголема веројатноста дека менаџерите се подготвени да ги препорачаат за отворени позиции. Референциите генерирани од практиката можат во повеќето случаи да бидат пресудни во барањето работа бидејќи истите тие менаџери ги познаваат лично, па може да видат како практикантите придонеле за компанијата. Моето задоволство е огромно кога ќе забележам како практиката на најголемиот дел студенти им дава работно искуство, ги запознава со секојдневните барања и задачи на едно работни место, а без цврста посветеност на таа прецизна патека во кариерата. Тоа им помага да одлучат дали одредени работни места одговараат на нивната личност и нивниот талент и им овозможува да запознаат луѓе што можат да им дадат совети и насоки за понатамошната кариера“, вели професорот Граматниковски.

Тој додава дека по завшрување на практичната настава, кај студентите се забележува поголема ангажираност и посветеност во извршувањето на тековните задачи.

Најчесто практиката е позитивно искуство и за студентите и за компаниите каде што ја извршуваат. Тоа во најголемиот број случаи е генералниот предуслов студентите во иднина да бидат ангажирани на постојана позиција во компанијата. Менаџерите за вработување често ја користат практичната работа како процес на интервју за да одредат кои практиканти би биле погодни за отворени позиции.

„Практиката е еден вид прелиминарна обука за вработување, а одговорните за човечки ресурси и менаџерите ги набљудуваат студентите во различни ситуации за да утврдат дали можеби се вреден додаток во тимот. Најголемата придобивка од практиката е што таа нуди безбеден простор за студентите да добијат вистинско работно искуство. Изборот на кариера се случува на многу млада возраст, а повеќето млади луѓе не се сигурни што сакаат да прават и на што да се посветат. Затоа преку практиката може директно да ја вкусат својата избрана област. Таа исто така им помага да изберат специјалност. Практичната работа може да им помогне да идентификуваат одредена област во својата индустрија или во професијата за која се заинтересирани и да стекнат повеќе знаење, искуство и самодоверба. Секако, една од најважните работи е што го зајакнуваат своето CV, покажуваат дека имаат работно искуство и вештини потребни за определено работно место. Сето тоа, вклучувајќи ги и неизбежните контакти и вмрежувањето со професионалците од соодветно избраната област, ја зголемува нивната пазарна вредност, што им овозможува подобра стартна позиција при вработувањето“, завршува деканот на Факултетот за туризам, проф. д-р Сашко Граматниковски.

Боби Крстевски, студент на УТМС и вработен во скај-барот на хотел „Панорамика“

Боби Крстевски, студент на УТМС и вработен во скај-барот на хотел „Панорамика“

Боби Крстевски е студент во трета година на Факултетот за туризам. Задоволен е од условите што на УТМС, бидејќи како што вели, му нудат несекојдневна можност да посетува практична настава во најдобрите компании од туристичкиот сектор во Македонија.

„По завршување на втората година, имав можност да посетувам летна практика во Малта, каде што работев во еден од најреномираните и најлуксузните ресторани во таа земја. Без практика еден студент не може веднаш да се вработи. Ако ниту еднаш студентот немал можност да посетува практична настава или летна практика во странство, многу е мала веројатноста дека ќе постигне успех во работата. Предуслов за успех на секој студент е токму искористување на можноста што ја нуди Факултетот за туризам да биде дел од тој практичен процес“, вели Крстевски. Тој додава дека во зависност од покажаната иницијатива, студентите имаат можност да учествуваат во неколку програми за професионална практика во текот на студирањето, што може многу позитивно да влијае врз нивното знаење и врз можностите за брзо вработување.

Младите се согласни дека теоретската настава не го задоволува целосно образовниот процес, односно дека студентот нема никаков бенефит ако теоријата не ја искуси во практика.

Бојана Арсовска, студентка на УТМС, извршува практика по социјални медиуми и организација на настани во хотел „Мирор“

Бојана Арсовска, студентка на УТМС, извршува практика по социјални медиуми и организација на настани во хотел „Мирор“

Бојана Арсовска е на прва година студии на Факултетот за меѓународен маркетинг менаџмент при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. По завршувањето на пролетниот семестар, Арсовска е на задолжителна стручна практика во Хотелот Мирор, во секторот за маркетинг.

„Ова е моето прво практично искуство. Главните обврски што ги добивам од претпоставениот ментор за практика во најголем дел се однесуваат на промоција на хотелот на меѓународниот пазар, со ставање акцент на соседните земји. Во рамките на едномесечната практика имав можност да научам како се користи веб-страницата на хотелот како платформа за промоција на услугите во хотелската индустрија. Исто така, менторот обрна големо внимание на социјалните мрежи како средство за промоција. Бидејќи имав предходно познавање за овие работи од мојата теоретска наобразба стекната во текот на студиите, можам слободно да кажам дека совладав добар дел од алатките за промоција на понудата на Хотел Мирор“, вели Арсовска.

Според неа, теоријата и практиката се подеднакво значајни за да биде еден студент подготвен да работи по завршувањето на студиите.

„Бидејќи јас на некој начин уште на почетокот се насочив на маркетинг во туризмот, сметам дека по четирите години студии поткрепени со практика ќе бидам спремна да одговорам на работните обврски во делот на промоција и продажба во хотелската индустрија“, завршува студентката и додава дека практичната настава во траење од еден месец што ѝ ја обезбедил Универзитетот, сосема ги задоволила нејзините очекувања.

Image
Newsletter