Од идеја до реализација која се раскажува не само во земјава, туку и во светски рамки. Универзитетот „Скопје“ веќе 20 години создава успешна приказна која постојано се надоградува низ годините. За период од две децении Универзитетот се етаблира како еден од најдобрите и најпрестижните во земјава со строго утврдени правила и највисоки стандарди, кои ги задоволуваат и најпребирливите во однос на високото образование. Денес, слободно може да се каже дека ако студираш на Универзитетот „Скопје“, ќе ви бидат отворени многу врати, како на македонскиот, така и на пазарот на трудот во светски рамки.
Дваесет години Универзитетот „Скопје“ работи со визија, знаење и посветеност. За овој долг период се изградија генерации професионалци, лидери и претприемачи. Затоа, нескромно може да се каже дека Универзитетот „Скопје“ со гордост одбележува значаен јубилеј – исполнет со раст, развој и континуирано унапредување на високото образование во Македонија.
Основан со јасна цел да понуди современо, практично и пазарно ориентирано образование, Универзитетот од самиот почеток се позиционира како институција што ги следи светските трендови во областа на туризмот, менаџментот, маркетингот, финансиите и бизнис-администрацијата. Во време кога туризмот и менаџментот стануваат клучни двигатели на економскиот развој, Универзитетот создаде академска средина што ги поврзува теоријата и практиката, знаењето и реалниот сектор, амбицијата и успехот.
Во изминатите две децении, низ амфитеатрите и предавалните поминаа илјадници студенти кои денес се успешни менаџери, директори, претприемачи, консултанти и експерти во земјата и надвор од неа. Тие се најголемата потврда за квалитетот и вредноста на образованието што го нуди Универзитетот. Нивните успеси се дел од приказната за 20-годишната традиција изградена врз труд, знаење и постојано надоградување.
Како почна приказната
Тивко, но со силни чекори и желби за подобрување на високообразовниот процес, во 2006 година се отвори првиот приватен Факултет за туризам. Измешани чувства, но со силен ентузијазам да се изгради една патека на нови можности за градење висококвалификуван кадар. Со првата генерација се одржа првиот академски час. Потоа се нижеа успеси. Акредитација на Факултетот за туризам, посета на меѓународни саеми, награди, симпозиуми, конгреси и промоција на првата генерација дипломирани студенти на Факултетот за туризам, каде што присуствуваа 140 дипломирани туризмолози и околу 500 гости и членови на потесните семејства на дипломците.
Во годините што следеа, Факултетот за туризам прерасна во Универзитет за туризам и менаџмент со добивањето акредитација во 2008 година. Во рамките на Универзитетот за туризам и менџмент за релативно кратко време беа акредитирани шест нови факултети. Денес успешно работат:
- Факултетот за туризам
- Економскиот факултет
- Факултетот за менаџмент на човечки ресурси
- Факултетот за меѓународен маркетинг и менаџмент
- Факултетот за информатика
- Институтот за национална географија
- Институтот за бизнис и менаџмент
На Универзитетот се изведуваат постдипломски студии на сите факултети, со почетоци во 2009 година.

Од октомври 2010 година Универзитетот Скопје стана член на Светската туристичка организација во Обединетите Нации.
УТМС стана член на Светската туристичка организација при Обединетите нации
Уште една потврда на светско ниво за квалитетот и вредноста на Универзитетот e приемот во Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO), официјално потврден на 89. сесија на Извршниот комитет на оваа организација, во октомври 2010, на островот Киш во Иран. Со тоа, УТМС стана еден од елитните универзитети во Европа кои се членки на оваа најпрестижна организација од областа на туризмот.
Светската туристичка организација е специјализирана агенција на Обединетите нации и водечка меѓународна организација чија главна заложба е промовирањето на развојот на туризмот. Универзитетот потоа беше и успешен организатор на првиот Саем за туризам Скопје. Па, успесите следеа еден по друг. Во посета на Универзитетот по првпат дојдоа високи претставници на Светската туристичка организација, а оваа високообразовна институција беше прогласена за Супербренд во Република Македонија за 2013/2014 година. Признание кое преставува уште една потврда за квалитетот што УТМС го гради и негува.
Дваесет години посветеност
Да се биде дел од Универзитетот „Скопје“ не е само можност, желба или одлука. Да се биде дел од овој универзитет е привилегија. Привилегија за оние што знаат да го одберат најдоброто. Привилегија за оние што сакаат да успеат во својот живот. Привилегија за оние што сакаат да изградат кариера на цврсти основи.
Универзитетот „Скопје“ низ годините континуирано инвестира во современи наставни програми усогласени со европските и светските стандарди, во квалитетен академски кадар и во модерни услови за студирање. Преку практична настава, студиски посети, соработка со компании, институции и организации, студентите добиваат реално искуство уште за време на студиите. Токму таа поврзаност со бизнис-заедницата претставува една од најголемите предности и препознатливи карактеристики на Универзитетот.
Меѓународната соработка е исто така значаен сегмент од развојот во овие дваесет години. Преку партнерства, проекти и академски размени, Универзитетот ја отвори вратата кон светот, овозможувајќи им на студентите и на професорите да бидат дел од глобалните образовни текови и иновации.
Но, зад сите достигнувања стои една силна вредност – посветеноста кон студентите. Универзитетот не е само образовна институција, туку заедница што ги поттикнува младите луѓе да размислуваат критички, да бидат креативни, да преземаат иницијатива и да веруваат во сопствениот потенцијал. Тука се создаваат не само дипломирани студенти, туку и самоуверени личности подготвени да се соочат со предизвиците на современиот свет.

Карлес: „Наставниот кадар е еден од клучните столбови на која било програма.“
Доказ за напорната работа – Универзитетот „Скопје“ прогласен меѓу 100-те најдобри факултети за туризам во светот
По извршената евалуација, меѓународен ревизор за квалитет во високото образование ангажиран во Обединетите нации, проф. д-р Антонио Карлес од Валенсија, порача дека Универзитетот „Скопје“ е меѓу 100-те најдобри факултети за туризам во светот.
„Да се постигне бараниот квалитет не е воопшто лесно. Мора навистина да задоволувате многу компетенции како програма за туризам. Ова е сертификат што претставува висок квалитет во образованието во областа на туризмот на универзитетските програми, особено во додипломските, постдипломските. Аспектите што се евалуираат се поврзани со различни области од програмите, како, на пример, поврзаноста со индустријата, областа на студентите, содржината односно курикулумот на програмите, како и професорите. Наставниот кадар е еден од клучните столбови на која било програма, па затоа темелно го разгледуваме овој аспект. Понатаму, се разбира, контролата на квалитетот на програмите и на организацијата, тоа исто така се евалуира“, објаснува професорот од Валенсија ангажиран во Обединетите нации како ревизор за квалитет во високото образование, објавено во октомври минатата година.
Дваесет години континуирана работа, академска посветеност и градење образовни вредности. Не е лесен ниту еден пат, па ни овој, истакна д-р Љупчо Миленковски во однос на 20 години постоење на Универзитетот „Скопје“
УТМС низ годините се разви во препознатлива институција која создава кадар подготвен за реалните предизвици и придонесува за напредокот на општеството.
Ова јубилејно одбележување е потврда за довербата, трудот и успехот што се граделе чекор по чекор. Со јасна визија и одговорност продолжуваме кон нови цели и уште поголеми резултати.

Миленковски: „Мора да студираме и да работиме по европски и светски стандарди.“
„Не е лесен ниту еден пат, па и правиот пат, затоа што во текот на овие две децении нашиот Универзитет, од неговото започнување, од основањето на Факултетот за туризам, па за кратко станавме Универзитет, ете, низ годините поминуваа генерации и генерации студенти, се менуваше и кадарот додека не се подобривме и не станавме тоа што сме денес. Секако дека во скора иднина би го зголемиле континуитетот на работењето на нашиот Универзитет. Се гледа во пракса, праксата кај нас е на прво место. Со многу труд нашиот Универзитет стигна до ова место каде што е и денеска. Како што почнавме во 2006 година со Факултетот за туризам, прво него ќе го споменам, затоа што нашиот Универзитет е препознаен по тој Факултет, потоа имаме Факултет за меѓународен маркетинг и менаџмент, имаме Економски факултет, имаме Факултет за информатика. Секој факултет е подеднакво важен, сите факултети си имаат некакво влијание и придонес. Така што без да издвојувам некои од факултетите, би кажал дека Факултетот за туризам и Факултетот за меѓународен маркетинг и менаџмент се во една тесна трка, каде што години наназад покажавме дека Факултетот за туризам станува многу престижен. Туризмот во нашата земја се развива и студентите имаат потреба од овој факултет, исто така и Факултетот за меѓународен маркетинг и менаџмент, затоа што сметам дека денес сè е маркетинг, тоа на студентите им помага да се запознаат повеќе со маркетингот, а за нас секој студент е важен“, истакна д-р Љупчо Миленковски од Универзитетот „Скопје“ по повод 20 години од основањето на институцијата.
Универзитетот не запира овде и сега. Изминативе 20 успешни години се мотив за следните 20 години да работат уште подобро, поуспешно и во чекор со најмодерните достигнувања во областа на високото образование.
„Овие успешни години се мотив за студентите, мотив и за нас, вработените, зашто далеку стигнавме, избрзавме да станеме универзитет. Во следните 20 години би го поврзал Универзитетот со овој модерен свет што денес се нарекува дигитален свет, каде што нашата образовна институција работи во комплетно дигитално време за студентите да можат полесно да студираат. Така што, во наредните 20 години со оваа брзина со која се развива електронското време, сигурно би биле помодерни и уште би биле со висок ранг на универзитети зашто не само што јас, како дел од Универзитетот ‘Скопје’, можам да наведам многу причини зошто е најдобар, со мене ќе се согласат многумина дека сме најдобри затоа што сме најмодерни, ја имаме најдобрата студиска програма, а тоа можат да го проверат студентите и нивните родители. Мора да студираме и да работиме по европски и светски стандарди“, изјави Миленковски.
И алумните на Универзитетот „Скопје“ порачаа дека со гордост ги носат знаењата, вредностите и пријателствата стекнати на нашиот Универзитет.
„Универзитетот беше темел на нашиот личен и професионален развој, а денес остануваме поврзани, подготвени да придонесеме и да ги поддржиме идните генерации студенти – порака што го крунисува нашето дваестгодишно постоење“, потенцираа тие.
Дваесетгодишниот јубилеј е симбол на стабилност, традиција и успех, но и на нов почеток. Со јасна стратегија, иновативен пристап и визија за иднината, Универзитетот продолжува да се развива, да ги проширува своите програми и да вложува во квалитетот на високото образование.
Со истата енергија и ентузијазам, Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје продолжува да ја гради иднината – создавајќи генерации што ќе управуваат, ќе развиваат и ќе инспирираат.
