Уште еден предизвик пред кој се исправени овогодинешните матуранти – каде да го продолжат високото обрзование и како да го направат правилниот избор на факултет?
Уште еден предизвик пред кој се исправени овогодинешните матуранти – каде да го продолжат високото образование и како да го направат правилниот избор на факултет?
За средношколците ова беше турбулентна година, неизвесна до самиот крај. Одложениот старт на второто полугодие поради пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 и штрајкот на наставниците, ја наруши воспоставената рамнотежа во текот на наставата. Сепак, и покрај сите предизвици, матурантите се на чекор да станат академски граѓани и да продолжат да ја градат својата професионална кариера.
Но, како да се направи вистинскиот избор при упис на универзитет? Прашање кое не е ни малку лесно. За проф. д-р Мијалче Ѓоргиевски, проректор за настава при Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, она што е клучно при изборот на студиите е да се следат сопствените афинитети и да се избере струка што студентот во иднина ќе мора сериозно да ја сака и на која ќе може да ѝ се посвети.
И додека уписите на државните универзитети ги чекаат резултатите од матурските испити, УТМС веќе ги отвори вратите за ран упис на идните академски граѓани. Во минатата година овој Универзитет ја возобнови акредитацијата, па од оваа академска година функционира како целина од три факултети и два институти.
„На Економскиот факултет имаме три студиски програми: првата е финансии, бизнис и осигурување, втората е менаџмент на човечки ресурси и третата програма е меѓународен маркетинг и менаџмент. Исто така, имаме и Факултет за туризам и Факултет за информатички технологии, а воедно имаме и два научни институти – Научен институт за менаџмент и Научен институт за национална географија“, вели проректорот за настава, проф. д-р Мијалче Ѓоргиевски.
Она што го издвојува Универзитетот за туризам и менаџмент од останатите приватни високообразовни институции е специфичниот и уникатен пристап кон одржувањето на наставата, каде што главен акцент се става на присуството на часовите.
„Наставата е поделена на 15 седмици, колку што трае еден семестар. Секој професор материјата по еден предмет ја дели на осум тематски единици. Првите три теми се изучуваат во период од три седмици, по што следува една седмица за повторување на материјалот. Петтата седмица се полага колоквиум, тест со заокружување кој трае 15 минути. Тестот веднаш оди на скенер, а студентот резултатот од колоквиумите го добива за две минути. Потоа циклусот се повторува, во следните три седмици се учат следните три тематски единици, по што следува една седмица за повторување на материјалот и втор колоквиум. По третиот колоквиум во тринаесеттата седмица од семестарот, се прави сондажа на поените. Сепак, без разлика колку поени собрал, студентот мора да оди на завршен испит, по што се формира крајната оценка. Студентот на прв циклус треба да има минимум 40 поени за да може да пристапи кон завршниот испит, каде што се добиваат максимум 30 поени“, вели проректорот Ѓоргиевски. Тој додава дека ваквата методологијава за оценување е прифатена и од универзитетот во Риека, а се применува и во земји-членки на ЕУ, но и на универзитети во САД.
Студентите од УТМС на консултации кај проф. д-р Мијалче Ѓоргиевски и д-р Ангела Миленковска Климоска
За да може еден студент да пристапи кон полагање на колоквиумите и на завршниот испит по секој предмет, мора да биде редовен на настава, во спротивно скенерот нема да му ги почита резултатите од полагањето. Редовноста на предавањата е појдовна основа за оформување на крајната оценка, тука се добиваат два поени, а за активност на наставата се добиваат четири поени.
Она што е карактеристично за студиите на УТМС е тоа што секој студент е обврзан да направи семинарска работа и презентација по секој поединечен предмет. Или во превод, тоа би биле 30 семинарски и 30 презентации во текот на трите студиски години.
„Преку семинарските на 15-тина страници го вежба пишувањето, а преку јавното презентирање ние гледаме какво е неговото изразување. Во реалниот сектор во било кое време може како вработен да добиете задача да напишете кратко, концизно сиже. Утре, секој од нашите студенти некаде ќе работи. Дали ќе биде тоа туристичка или маркетинг агенција, тој ќе мора да продава некој производ или услуга. Ќе мора да презентира, затоа ние ги вежбам за тоа, да бидат подготвени да одговорат на задачата. По триесет презентации пред колегите и професорите, нашите студенти се подготвени да излезат на пазарот на трудот и стекнатото знаење да го применат во практика“, вели професорот Ѓоргиевски.
УТМС се грижи сите студенти во текот на академската година да добијат најмалку 30 дена стручна практична работа. Тоа е и законска обврска за Универзитетот. Практиката, пак, се одбива во реномирани компании со кои УТМС има потпишано договори за соработка.
„Имаме голем број студенти што одат и по повеќе месеци на практична работа, но на наше големо задоволство има и студенти што веќе во трета година добиваат редовно вработување во компаниите каде оделе на практична работа додека студирале кај нас. Студентите од Економскиот факултет одат на практична работа во ‚Халк банка‘, во осигурителни компании, студентите што се на отсек маркетинг имаат практика во агенции за маркетинг, тие од човечки ресурси практиката ја извршуваат во компании во кои има сектор за човечки ресурси... Студентите по туризам практична работа најчесто имаат во хотели, за информатичарите да не зборуваме, за нив секогаш има голем број можности. Не може еден студент без практична работа да заврши, на пример, да речеме економски факултет, па потоа да се запише на курс за сметководство. Тоа е илузија. Нашите студенти споделуваат искуства дека на нивната практична настава во компаниите учат како на шалтер да пополнат налог, како се поднесува барање за кредит или за картичка. Така почнува сѐ. Четири години по најмалку еден месец практична работа, и се стекнува искуство. Па тогаш и компаниите, наместо да бараат да вработат некој нов, за нив непознат работник, нашите студенти што оделе со години на практична работа, автоматски ги ставаат во системот за потенцијални вработени“, вели професорот, и додава дека во недостиг на работна сила, дел од компаниите ја плаќаа практичната работа само за да привлечат студенти.
Она што го прави Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје поинаков од останатите факултети е фактот што 90% од професорскиот кадар е дојден од реалниот сектор и одлично ги познава потребите на пазарот на трудот.
„Кога ќе имате професор што е спој од двата сектора, практичар, човек од реалниот сектор со надградба со сите оние титули што се потребни за професор на еден факултет, тоа е најдобрата добитна комбинација“, вели професорот Ѓоргиевски. Тој нагласува дека индивидуалниот пристап кон студентите и 24-часовната достапност на професорите за помош и консултација, го прават овој Универзитет привлечен за студирање.
За сета помош и поддршка на располагање им се и посебно назначени ментори. Сите студиски програми на УТМС нудат можност за креирање сопствен бизнис преку јакнење на претприемачкиот дух кај студентите.
„Менторот е во постојана комуникација со студентите. Дали некој студент подолго време отсуствува од настава или има тешкотии да ја совлада материјата, не смееме да го оставиме студентот сам на себе. Улогата на менторот е да комуницира со студентите, да ги следи нивните резултати. За секоја година, за секоја студиска програма, има посебен ментор“, вели проректорот за настава.
Уписите на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје се веќе во тек. Заинтересираните матуранти можат со само еден клик на вебстраницата на Универзитетот да се информираат околу потребните документи и да прочитаат повеќе детали за наставната програма што се нуди на трите факултети и на двата института при Универзитетот.