Пандемијата со Ковид-19, која дојде сосема неочекувано и светот го фати неподготвен, направи голем застој во сите деловни сфери. Образованието, исто како и економијата претрпе големи штети, бидејќи образовните институции, кои никогаш претходно не работеле онлајн се најдоа затечени од новонастанатата ситуација. Стручната фела е согласна дека на образованите институции им биле потребни месеци за да ги постават и да ги усогласат електронските платформи, а дополнително процесот го отежнувал и фактот што била неопходна и обука на професорите, учениците и нивните родители за тоа како да ги користат интернет алатките.
Професорката Александра Стоилковска од Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, вели дека почетокот на онлајн наставата ја одбележале низа проблеми.
„Голем дел од учениците немаа можности за вклучување онлајн бидејќи во семејствата имаа по еден или пак ниту еден компјутер. Во едно семејство со две деца, проблем е да се одлучи кое има предност да го следи часот онлајн, а кое не. Друг проблем кој не можеше веднаш да се премости беше недостатокот на подготвени онлајн часови. Сите материјали требаше да се адаптираат за онлајн примена. По ништо не се разликуваа состојбите во високото образование. Немање платформа, искуство и материјали за онлајн настава, беа дел од проблемите со кои се соочија професорите и студентите. Сето тоа негативно се одрази врз процесот на учење.
Последиците од недоволно усвоените знаења веќе ги чувствуваме и тие тешко можат да се надоместат“, вели Стоилковска и додава дека во УТМС добро се справиле со кризната ситуација бидејќи наставната методологија која ја применува Универзитетот од своето основање користела онлајн алатки.
„Студентите често знаат да го наречат „е-универзитет“. Имено, секој професор своите предавања и останатите потребни материјали, литература итн., ги има поставено на интерната платформа, наменета за нашите студенти. Професорите одамна ги имаат усвоено вештините и практицирано електронските алатки за онлајн предавања. Исто така, студентите знаат да ги користат истите. Токму затоа наставата без проблем беше префрлена од настава со физичко присуство во онлајн настава. Во времето кога МОН ги бараше информациите за подготвеност на универзитетите за онлајн настава, ние веќе работевме онлајн“, вели професорката Александра Стоилковска.
Оваа академска година Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје започна редовна настава со физичко присуство, согласно мерките и протоколите за заштита од Ковид-19, велат од Универзитетот и додаваат дека наставата со физичко присуство дава подобри резултати.
„Електронските алатки за настава на Универзитетот се користат и во наставата со физичко присуство. Методологијата на работа на Универзитетот бара максимална вклученост на студентите на часовите. Тоа секако подобро може да се изведе со физичко присуство“, вели професор Стоилковска.
Според неа, најголемата загуба на УТМС од пандемијата била токму во однос на практичната настава.
„Соработката со бизнис секторот е многу важна за УТМС. Контактите и соработката на Универзитетот со бизнис секторот е многу интензивна. Сепак, за време на пандемијата бизнис секторот не можеше да ги прими нашите студенти на практична настава. За жал, само мал дел од студентите ја имаа таа можност“, заклучува професорката Александра Стоилковска.
Пандемијата, сепак најмногу ги погоди студентите, бидејќи со онлајн наставата не само што делумно им беше ускратено правото на квалитетно образование, туку уште поголем удар врз младите животи беше и неможноста да се социјализараат со своите врсници.
Виктор Темелковски, студент на УТМС
Виктор Темелковски, студент на Универзитетот за туризам и менаџмент, вели во екот на пандемијата, кога наставата по налог на здравствените власти се одржуваше од далечина, најмногу му недостасувале средбите со професорите.
„При одржувањето на наставата ние ги презентираме нашите истражувачки трудови, односно, семинарски работи. Мислам дека сме во голема загуба бидејки не ги надградивме нашите презентерски вештини во тој период. Сепак, со оглед на тоа што оваа година наставата се одвива со физичко присуство сметам дека со малку поголем напор ќе го надокнадиме изгубеното“, вели Темелковски.
Студентите од УТМС не кријат дека Универизтетот и покрај пандемијата им овозможил успешно да се подготват за испитната сесија и тоа преку ефикасна и надградена интерна платформа на која и покрај далечината им се достапни сите предавања на професорите, електронската библиотека и сите потребни информации за предметите.
„Оваа електронска платформа функционираше и пред пандемијата. Затоа немавме проблем да ја надминеме оваа пандемиска криза. Професорите на Универзитетот во секој момент се подготвени да ни помогнат да го совладаме материјалот, без оглед на тоа дали работиме онлајн или на средбите со физичко присуство. Тоа е една од главните карактеристики на Универзитетот“, вели студентот Виктор Темелковски.
Темелковски смета дека единстевена предност на онлајн наставата е тоа што нуди безбедност во време на пандемија, но сепак целосен бенефит од наставата се добива само со физичко присуство.
Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, бурната пандемиска 2020 година ќе ја памети и по еден убав јубилеј – 50 години од почетокот на работата на Факултетот. Деканот, Цветко Андреески, за нашиот Магазин, признава дека, како и сите други образовни институции, така и Факултетот за туризам и угостителство преку ноќ морал да се прилагоди на новите услови со настава на далечина.
Проф. д-р Цветко Андреески, Декан на Факултет за туризам и угостителство - Охрид
„Иако нашиот факултет имаше искуство со таков начин на студирање (Факултетот за туризам и угостителство – Охрид имаше лабораторија за учење на далечина уште од 2013 година), за одреден број на професори тоа беше нов пристап во работата. Со оглед на тоа што универзитетските електронски адреси се администрирани од gmail, логичен беше изборот да ја избереме платформата Google Meet, но и другите пропратни алатки како Google Classroom, Google Contacts, Google Forms и Calendar за да ги синхронизираме сите наши активности, а истовремено студентите да ги имаат сите информации и можност да ги следат часовите според распоредот на наставата. До крајот на летниот семестар во академската 2019/2020 година направивме анкети со студентите за да го испитаме нивното мислење во врска со наставата и проверката на знаењата и врз основа на нивните одговори, активностите ги прилагодивме според барањата на мнозинството. Веќе од следната академска 2020/2021 година, целиот систем на одржување на настава и организирање на колоквиуми и испити беше многу полесен“, вели Андреески.
Иако почетокот со онлајн наставата бил тежок за сите, сепак најмногу тоа го почувствувале професорите кои работат во лабораторија или држат предмети во кои се учи одредена методологија на истражување.
„Таа настава не може и не треба да се учи онлајн. На пример, работа во кујна со студентите на студиската програма Гастрономија е невозможно да се одржува онлајн. Или предмети како математика, статистика и други аналитички предмети многу подобри се учат ако професорот е во реална училница пред студентите. Преку анкетите што претходно беа спомнати, студентите побараа колоквиумите и испитите да се полагаат со физичко присуство. Тоа беше забрането се до јунскиот испитен рок во 2020 година, но почнувајќи од тој испитен рок до денес, сите испити и колоквиуми се одржуваат со физичко присуство, со почитување на протоколите за организирање на такви настани“, вели професорот Андреески и додава дека комуникацијата со студентите е многу важна бидејќи на Факултетот за туризам студираат и студенти од странство и тоа од: Србија, Косово, Русија, Германија, Албанија со кои најголемиот дел од комуникацијата се одвива токму преку онлајн алатките.
„На Факултетот за туризам и угостителство – Охрид наставата се одвива комбинирано. Оние предмети и предметни содржини кои е невозможно да се држат онлајн и предметите кои е подобро да се одржуваат со физичко присуство се одржуваат во просториите на факултетот, а останатите се одржуваат онлајн. Има предмети каде дел од предметот се одржува онлајн, а остатокот со физичко присуство. Сите комбинации се дозволени, се со цел да се обезбеди поквалитетна настава за студентите“, вели Андреески.
Она што е од најголема важност за секој студент да биде успешен во работа по завршување на студиите е токму практичната настава. Таа за студиските програми од областа на туризмот (Туризам, Хотелско-Ресторански менаџмент и Гастрономија) и во услови на пандемија се реализирала без проблеми, па дури и во 2020 година, кога дел од студентите добиле прилика да работат преку летото во угостителските објекти, а дел од нив својата практична настава ја реализирле во ресторантот и кујната на факултетот.
„Проблем се јави кај другите студиски програми како Царина и шпедиција, Осигурување и Менаџмент на услужен сектор. Институции кои работаат во областа на студиските програми што се наведени не сакаа да примаат наши студенти поради неможноста да се испочитуваат протоколите за заштита дадени од Министерството за здравство. Тоа го надополнивме со онлајн настава и настава на факултетот од еминентни стручни лица од пракса кои на овај начин работеа со студентите на теми од пракса. Така на пример, вработени во Царинска управа работеа со наши студенти на примери за пополнување на царински декларации и проверка на истите. Студентите на нашиот факултет имаат можност да следат предавања и од стручни лица од странство за одредени теми од областите што ги изучуваат“, ни рече деканот Цветко Андреески и посочи дека на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, веќе четири години по ред се организира летна школа во соработка со француската организација CIFE, на која студентите имаат можност да следат настава и од професори од странство.
„Сето тоа придонесува да го збогатат своето теоретско и практично знаење од областа, но и да стекнат пријателство со свои колеги од други универзитети“, вели професорот Андреески.