Не за џабе во Македонија се вели: „Каде и да копнеш со лопата, ќе најдеш некој артефакт“. Тоа постојано се случува во последниве неколку децении. Нови археолошки наоѓалишта се наоѓаат постојано, особено при изградбата на крупни инфраструктурни проекти како патишта и пруги. И додека некои допрва треба да се откриваат, други се оставени на забот на времето. Баргала е еден од нив. Иако локалитетот е откриен во минатиот век, се чини никој не решил посериозно да се занимава со негова промоција. Освен како редовна дестинација на населението од Штип, Кочани, Виница и околните места, речиси и не можете да најдете човек од другите краишта на земјата кој некогаш го посетил. Штета. Особено ако се знае дека се простира на огромна површина, а целиот ни одблизу не е целосно истражен од археолозите.
На туристичката мапа во Македонија, остатоците од античките градови со децении се наоѓаат на репертоарот на посетителите. Хераклеја и Стоби се главни водечки локации кои ги посетуваат туристите. Често, на овие места се организираат концерти и разни културни настани како театарски фестивали кои меѓу другото, ги промовираат овие дестинации. Се чини, освен овие две локации, локалните и централните власти како да подзаборавија дека треба да ги уредат, мапираат и да ги организираат и другите потенцијали на македонскиот туризам во овој сегмент. Постои еден цел регион во североисточниот дел од земјава кој изобилува со остатоци од антички и од средновековни градби кои би можеле да бидат интересни за истражување од страна на посетителите. Најголем потенцијал во овој дел има античкиот град Баргала, па токму затоа и подетално ќе го презентираме.
Локација
На нешто повеќе од еден час возење од Скопје и на десетина километри североисточно од градот Штип, во склоп на општината Карбинци и во близина на планината Плачковица, се наоѓа археолошкиот локалитет Баргала. До самото наоѓалиште води асфалтен пат. Ако тргнете од Скопје, многу лесно ќе ја поминете делницата до влезот на Штип, па се продолжува по патот кон Кочани. Проблематично станува по исклучувањето кај Долни Балван кон Таринци и остатокот од патот. Имено, тој е асфалтиран и добар, но е тесен, а не ретко одовде поминува и земјоделска механизација од и кон околните ниви. Постои само една избледена информативна табла на неколку стотина метри од крајната дестинација. На самиот влез пред локалитетот има искршени бехатонски плочки, но позитивно е што постои огромен простор кој може да се искористи за паркирање на возилата.
Од Баргала не се заработува, односно не се слеваат пари во ниту една каса, без разлика дали е општинска или државна. Не постои вработен за да наплатува влезници во локалитетот, иако според големината и значењето, има потенцијал за да се инкасира одредена сума. Буквално секој може да влезе без никаков проблем. Не постои ниту каков било информативен материјал во форма на брошури и каталози за да можат посетителите да прочитаат повеќе детали околу она што е пред нив. За аудиоматеријали на повеќе јазици, како што е тоа во поразвиените држави, не станува ниту збор. Едноставно, локалитетот е оставен на забот на времето.
И покрај тоа што може да се забележи дека постои некаква служба за одржување на објектот, сепак, се чини поради недостигот од каква било заштита по безбедноста, на места има расфрлано отпад, а во пронајдените огромни ќупови поставени во еден дел од археолошкото наоѓалиште, може да се забележи дека несовесни посетители повеќевековните артефакти ги искористиле како корпи за отпад, па тие беа преполни со пластични шишиња, отпушоци од цигари и гуми за џвакање.
Она што навистина недостига за Баргала сериозно да конкурира на археолошката мапа е уредувањето. Високи треви, обраснати ѕидини и несреден простор е она што доминира пред очите на посетителите. Нема никакви информативни табли, ниту, пак, подетални објаснувања за туристите да знаат во што точно гледаат и што претставува тоа што го гледаат. Вообичаено е на локалитетите од овој тип, покрај секој посебен дел да стои табличка со објаснување на македонски и на англиски јазик.
Обиди за заживување на Баргала
Пронајдените остатоци од византискиот град Баргала потекуваат од 4. до 6. век, а за негово постоење се пронајдени написи од 341 година од н. е.
Кон крајот на февруари, на местото на овој антички град почна да се реализира заеднички проект за целосно уредување на локалитетот, негово осветлување и заградување за поголема заштита. Проектот го реализираа Општина Карбинци, каде што припаѓа овој локалитет, и Заводот и Музејот од Штип.
„Преку Центарот за развој на Источниот плански регион, обезбедивме 6 милиони денари за реализација на проектот за електрификација, оградување и за поставување туристичка сигнализација на археолошкиот локалитет Баргала, со што ова мошне значајно археолошко наоѓалиште во Македонија ќе има едно централно место на туристичката мапа и ќе биде достапно за посетителите 24 часа“, вели директорот на Заводот и Музејот Штип, Митко Штерјов.
Средствата се обезбедени од Министерството за локална самоуправа, а со кофинансирање од 10% учествува и Општина Карбинци, која и досега му посветувала внимание на овој локалитет и во целост ги поддржувала досегашните истражувања и сите конзерваторски активности.
Околината на локалитетот Баргала располага и со црковни објекти од подоцнежниот период и целиот комплекс досега е посетуван од голем број делегации и туристи од земјата и од странство. Во амфитеатарот, кој е дел од локалитетот, досега се одржале голем број театарски претстави и други настани од областа на културата.
Од Музејот во Штип најавуваат дека работите околу уредувањето на локалитетот Баргала ќе се одвиваат до крајот на август и не би требало да ја спречат неговата секојдневна функција.
Дел од пронајдените остатоци во Баргала.
Баргала – сведок на доцноантичкото доба во Македонија
Името Баргала е од тракиско потекло, а неговото етимолошко потекло се врзува за реката Брегалница. Баргала е еден од најрепрезентативните доцноантички и ранохристијански градови во Македонија. Изграден е од страна на Римјаните, на кои им служел како воен логор.
Античкиот град Баргала се спомнува во еден натпис од 371 година, пронајден во текот на Втората светска војна, кој претставува спомен-плоча за подигањето на градската порта од страна на Антониј Алипиј, управник на провинцијата. Плочата е најдена во месноста Ханче, на левата страна од реката Брегалница, во атарот на општината Карбинци. Овој археолошки споменик дава податоци за тоа каде се наоѓал градот, како и за проблемите на границата на Македонија со Тракија. Исто така, градот се спомнува во актите на Халкидонскиот собор од 415 година. Кон крајот на IV век, служел како доцноримски воен логор (каструм), кој бил изграден како тврдина на граничниот појас меѓу провинциите Втора Македонија и Средоземна Дакија.
Подоцна, градот бил разурнат, а жителите подигнале нов град крај Козјачка Река во близината на Горни Козјак. По губењето на стратешкото значење, Баргала прераснала во цивилен епископски град. Во V и VI век, а особено во времето на Јустинијан I, градот го достигнал својот врв, но кон крајот на VI век, во неколку наврати, настрадал од аварско-словенските походи кои го треселе Балканот. Градот не бил потполно напуштен, меѓутоа опстојувал како неурбанизирана населба.
Во средниот век се оформила нова населба, чиј белег е црквата „Свети Ѓорги“, изградена кон крајот на втората половина на IX век. Таа се градела од речен камен со варов малтер и доцноантички сполии од Баргала, во времето на покрстувањето на Словените по долината на реката Брегалница. Таа е една од најстарите цркви во Македонија од средновековниот период. Штета што македонското население може често да ја посетува, а речиси никој не слушнал за неа поради недоволните информации и промоција. Околу црквата „Св. Ѓорги“ е откриена некропола која, според наодите, егзистирала почнувајќи од VII век. Во внатрешноста на црквата има гроб за кој не се знае од кога потекнува, дали постоел пред нејзиното подигнување или пак некој покојник е погребан во нејзината внатрешност. Во XIV век црквата е обновена и е извршено живописување по трет пат.
Археолошки локалитет Баргала. | Извор: cooltura mk
Во северозападниот агол на тврдината Баргала е откриен речиси во целост епископиумот на градот, епископска базилика и нејзиниот дворен простор, во кои се наоѓаат крстилница со мозаични површини, a во просторот на бањата сочувани се и делови од мозаик.
Откриени се и цистерна за вода и две бањи – доцноантичка голема и мала бања. Постојат и делови од стопански и станбени објекти.
Епископската базилика е откриена во северозападен дел од градот. Таа била подигната кон крајот на IV век, а била обновена, односно преѕидувана и ремоделирана во V – VI век. Од внатрешноста на базиликата, особено впечатливи се подовите обложени со камени плочи, освен северниот, што бил решен со полихромен мозаик. Како најубав се издвојува подот од презвитариумот, што бил обложен со бели и сиви плочи во opus sectile. Објектот изобилува со богата архитектонско-декоративна пластика, меѓу која, особено се истакнуваат мермерните капители украсени со глави од лавови и лисја од винова лоза, како и неколку парапетни плочи.
Во близина на градските бедеми на Баргала, западно од нив, во 1984 година бил откриен еден старохристијански објект од крајот на IV век. Тоа е трикорабна базилика со под обложен со камени плочи кои биле луксузно орнаментирани. Во северниот дел на градот имало и винарија.
Бавни истражувања
Баргала важи за еден од најважните антички историски локалитети и инспирација за археолозите од Македонија. Првите истражувања на овој локалитет почнале во далечната 1966 година.
Во седумдесеттите години на 20-тиот век, на наоѓалиштето работела југословенско-американска екипа, и токму тогаш е откриена епископската базилика. Подоцна се извршени дополнителни ископувањата на Баргала под раководство на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народниот музеј од Штип.
Досега е истражена само една десетина од целиот реон, за кој се претпоставува дека зафаќа површина од околу 5 хектари.