Белград, динамичен и раздвижен град. Tоа е впечатокот што се создава додека „трчате“ од Теразија кон Зелениот венец. Хаотичен, додека со автомобилот панично влегувате во кружниот сквер Славија. Современ и модерен додека стоите на ескалаторите на Ушче или Делта сити. Ова е краток опис на секојдневието на Белград. Но, ако одвоите еден час или ако сте турист кој дошол да го запознае овој град, ќе сретнете едно поинакво лице и еден нестварен свет, преполн со културни и со историски знаменитости, места на коишто се одвивала историјата и настани коишто ги промениле Европа и светот. Убави фасади, необични градби, како и убави и насмеани лица на белграѓани, коишто важат за добри и љубезни домаќини. Белград е еден од најстарите градови во Европа. Величествен град на модерниот дух и време, со историја и традиција што опфаќа седум илјади години. Првите жители на Белград биле оние од времето на праисториската Винча, 4.800 години пред новата ера. Станал главен град на Србија во 1405 година. Во текот на својата долга историја, тој бил уриван и изгорен до темел дури 60 пати и секогаш, како феникс, се издигнувал од пепелта уште поубав и повеличествен. Оттаму и доаѓаат сите оние маски и лица на Белград, кои тешко се препознаваат на сликите и разгледниците од минатото.
Водени од желбата да поминат што повеќе време надвор, белграѓани многу сериозно ја сфаќаат културата на пиење кафе на Калемегдан, „зеленото историско срце на Белград“, на улицата „Кнез Михаилова“ како главна артерија на градот, која постојано зоврива од живот, во Дорќол како едно од најстарите и најатрактивните квартови, во Скадарлија и во живописниот Земун. Низ Белград можете да се шетате со денови и да го истражувате градот, а проблем да ви биде само немањето доволно време и евентуално, силниот и студен северен ветер. Колку и да правите план за шетање, секогаш на крајот само делумно успевате да го остварите. За почеток, можете да направите обиколка на Славија и околината. Во централниот, зелен дел на кружниот тек е поставена бистата на Димитрије Туцовиќ, истакнат социјалист, по кој долго време, до почетокот на овој век, плоштадот го носел името. На Славија, поточно, помеѓу улиците на Крал Милан и Немањина, се наоѓа новата зграда на Народната банка на Србија. Модерна зграда во стакло, која многумина ја сметаат за една од архитектонските знаменитости на Белград. Тука е и еден од попознатите белградски хотели, Хотел Славија. Плоштадот е една од најважните сообраќајни раскрсници во Белград, па метежите се неизбежни. Од Славија во различни правци се нудат: улицата „Немањина“ – кон главната железничка станица, улицата „Делиградска“ – кон Клиничкиот центар на Србија, „Булеварот на ослободувањето“ – кон Автокоманда, улицата „Светосавска“ – кон Храмот на Свети Сава, улица „Мекензиева“ – кон Чубура, улица „Белградска“ – кон Булеварот на Крал Александар и Ташмајдан, како и улицата „Крал Милан“ – кон Теразије. По должината на „Немањина“, долга околу 1 км, има неколку помали паркови, меѓу кои „Мањеж“ и Финансискиот парк.
По должината на „Немањина“ се сместени значајни државни институции.
Препознатлива е по тоа што во неа главно се сместени објекти на значајни државни институции, како и голем број деловни објекти. Зградата на Владата на Србија е монументален објект изграден во периодот од 1926 до 1928 година. Третиот кат бил дограден во 1938 година, а сите работи биле извршени според проектите на познатиот архитект Николај Краснов, руски емигрант чии грандиозни дела оставиле силен впечаток на денешниот изглед на српската престолнина. Инаку, оваа зграда е едно од најрепрезентативните дела на белградската архитектура помеѓу двете светски војни. Тоа што ја надоградува „Немањина“ се руинираните воени згради, тешко оштетени за време на НАТО бомбардирањето на Белград во 1999 година. Глетката е навистина страшна.
Велат дека улицата „Крал Милан“ од Славија е најубавата. Преку неа може да се стигне до епицентарот на градските случувања. Кога човек парадира по улицата „Крал Милан“, едноставно не може да го фати сопствениот поглед и да го фокусира своето внимание на една точка. Многу глетки се наредени една по друга и предизвикуваат чувство на восхит кај секој намерен и ненамерен посетител. Оваа улица често ги менувала имињата во својата историја, но нејзините монументални градби останале таму.
Познатата „Београѓанка“, еден од најголемите симболи на денешен Белград, е изградена во 1974 година според плановите на архитектот Бранко Пешиќ. Била првиот солитер во центарот и во времето на нејзината изградба била највисоката зграда во градот. Палатата е висока 101 метар, се состои од 24 ката и подземен простор, во којшто се наоѓа трговскиот центар Меркатор. Една од најубавите градби, вистински архитектонски бисер на Белград и Србија, несомнено е Стариот дворец. Изграден е во периодот од 1881 до 1884 година за Милан Обреновиќ, првиот српски крал по османлиското владеење, во годините кога Србија од кнежевство прераснала во кралство. Овој репрезентативен објект се одликува со препознатливи ренесансни елементи во својата декорација. Меѓутоа, како резултат на големите оштетувања на палатата за време на Првата и на Втората светска војна, нејзиниот изглед денес е нешто поразличен од оригиналот. Тука е и Андриќевиот венец, прекрасно уредена зелена површина и пешачка зона, посветена на познатиот српски нобеловец Иво Андриќ, кој некогаш имал свој стан на оваа улица. Во тој стан, денес се наоѓа Музејот на Иво Андриќ. Во улицата „Крал Милан“ има уште многу знаменитости, како што е зградата на Југословенскиот драмски театар или зградата во која е сместен Студентскиот културен центар.
Стариот дворец, архитектонски бисер на Белград и на Србија. | Извор: wikipedia
Шетајќи низ Белград, сместен на сливот на Сава и на Дунав, можете комотно да го изгубите чувството за време и да не знаете кога и како поминале неколку часа. И секогаш се враќате на познатата улица „Кнез Михаилова“. Или во вечерните часови, на сплавовите на двете реки. Градот постојано се развива. Проектот „Белград на вода“ е потврда за тоа. Високи згради со модерен дизајн и комплекс во кој се сместени објекти за различни потреби, им го прават животот на станарите совршен. Но, тоа има и цена. Двособен стан чини 245.000 евра плус и ДДВ.
Станбен комплекс „Белград на вода“. | Извор: failedarchitecture.com
Иван Блажевиќ, бизнисмен. Син на покојниот светски познат хирург-ортопед Урош Блажевиќ, кој потекнува од Македонија.
Сместен на сливот на Сава и на Дунав, Белград, живиот главен град на Србија, пулсира со историја, култура и непогрешлива енергија што одекнува на секој чекор. Како некој кој имал доволно среќа да се роди во овој град, јас сум исклучително горд на мозаикот од искуства што Белград им го нуди на своите жители и посетители.
Животот во Белград е единствен спој на традиција и на модерност. Градскиот пејзаж е спој на архитектонски стилови, од историскиот шарм на Стариот град до современите дизајни кои се препознатливи белези на градот. Град на контрасти, спој на древни тврдини и елегантни облакодери, дава слика на престолнина која го прифаќа своето минато додека самоуверено чекори во иднината. За младите, Белград е игралиште на можности. Ноќниот живот на градот е легендарен, поради што ја добил и титулата „Балканска престолнина на забавата“. Од самрак до зори, улиците оживуваат во ритмот на музиката којашто допира од еклектичните барови, клубови и сплавови на брегот на реката. Боемскиот кварт Скадарлија, со својата калдрма и жива атмосфера е рај за оние кои бараат уметничка инспирација и вкус на богатото културно наследство. Белград е културен котел каде што истокот се среќава со западот. Бројни музеи, галерии и театри придонесуваат за наративот на богатиот културен идентитет на Србија. Реновираниот Народен музеј, во кој има огромна колекција на артефакти и Музејот на современата уметност, кој прикажува современи ремек-дела, даваат увид во уметничката еволуција на нацијата.
Тврдината „Калемегдан“. | Извор: beogradskatvrdjava.co.rs
Белградската филхармонија и Народниот театар се културни бастиони кои ја маѓепсуваат публиката со извонредни изведби.
Многубројните градски кафеани, традиционални српски, сега веќе култни места на Белград, се средишта каде што се собираат стари и млади, староседелци и туристи, за да споделат приказни и да уживаат во топлината на заедницата и надалеку познатите балкански специјалитети.
За неговата историска важност сведочат главните туристички атракции на Белград. Една од неговите најпознати знаменитости е улицата „Кнез Михаилова“, раздвижена пешачка улица со шармантни кафулиња, продавници и историски згради. Именувана по српскиот кнез Михајло Обреновиќ, улицата служи како живо средиште за шопинг, забава и дружење, што ја прави задолжително место за посета и за локалното население и за туристите.
Покрај улицата „Кнез Михаилова“ се наоѓа прекрасната тврдина Калемегдан, древна цитадела со историја која датира уште од келтските времиња. Стратешки позиционирана на сливот на реката Сава и Дунав, Калемегдан бил сведок на бројни цивилизации. Секоја од нив оставила неизбришлива трага врз архитектурата, културата и идентитетот на градот, создавајќи единствен спој кој го одразува неговото разновидно наследство.
Незаобиколен е и монументалниот Храм на Свети Сава, една од најголемите православни цркви во светот, величествено ремек-дело кое доминира на хоризонтот и ги кани аџиите и туристите да ѝ се восхитуваат на неговата величественост.
Белград гледа и кон иднината. Проектот „Белград на вода“, најмодерниот проект во овој дел од Европа, беше трансформативна сила, која го преобликува лицето на градот и воведе нова ера на модерниот урбан живот. Широко распространет по должината на реката Сава, „Белград на вода“ воведе современа архитектура, луксузни резиденции и комерцијални простори, незабележително испреплетувајќи се со постојните знаменитости. Шеталиштето покрај брегот стана популарна дестинација за лежерни прошетки, нудејќи прекрасен поглед на реката и на градот зад неа.
Белград е град кој ги плени со духот и младите и старите. Неговиот динамичен спој на историја, култура и модерност создава мозаик од искуства коишто го прават навистина единствено место за восхит. Како што продолжува да се развива градот, прифаќајќи ги промените и зачувувајќи ги своите корени, Белград останува светилник на различностите и на отпорноста во срцето на Балканот.
Елена Петковска-Ѓорѓиевска, менаџер за комуникации, Европски фонд за Балкан, Македонка која со својот сопруг и двете деца живее во Белград повеќе од една деценија.
Од оваа временска дистанција и помината километража, можам да кажам дека веќе го доживувам како свој дом. Тоа чувство дека сум на познат терен и опкружена со слични културни обрасци и начин на живеење беше присутно од самиот почеток, затоа што сепак не се работеше за преселба во некоја од земјите во Европа, Америка или, пак, далечната Австралија, туку миграција во соседството, во главниот град на нашиот сосед Србија. Белград сепак не е Скопје, не само според популацијата, туку и стратешки. Тоа е град-метропола, седиште на многу интернационални и регионални компании, мултикултурен центар, голема раскрсница и привлечна туристичка дестинација, па затоа и динамиката и ритамот во кој пулсира е различен. Милионска врвулица од луѓе, огромен градски метеж, голема концентрација на разни настани случувања, богата понуда на разни културни, гастрономски и спортски манифестации. Белград има многу лица, добри и лоши страни, но, сепак, и понатаму важи за град со душа, традиција и углед кој опстојува и покрај многуте промени што му се случуваат секојдневно.
Панорама на Белград. | Извор: dailysabah.com
Во Белград се чувствувам добредојдено, прифатено и интегрирано во мера која сосема ми одговара, затоа што потполна интеграција не ни очекував ниту посакував. Дојдов тука на зрела возраст, како изградена личност и со значајно работно искуство зад себе, така што не сакав да се вклопам по секоја цена и да правам отстапки од мојот личен и професионален интегритет. Дома зборуваме македонски, а со колегите и пријателите зборувам опуштено, на српски со акцент. Некогаш кога ќе се запознам со некого во продавница, на некој настан или во некое друштво, се случува да не ме препознаат дека сум Македонка, па обично сум Русинка, Словенка или Бугарка. Кога ќе слушнат дека сум од Македонија, секогаш реагираат позитивно и имаат приказни за роднини и пријатели од кај нас, коментари за убавината на Охрид или, пак, за деновите помината во војска во некој од нашите градови. Фактот дека некогаш сме биле дел од Југославија и сеќавањата на тогашниот соживот играат важна улога, но мислам дека генерално се работи за отворена средина во која живеат и работат луѓе од целиот свет. Белград има свој шмек, но за мене лично посебноста е во тоа што е град кој живее на две реки – Дунав и Сава. Таа близина до водата му дава посебна убавина, а тука е парк-оазата и вештачкото езеро Ада Циганлија, кое исто така се вклопува во тој мој зелено-син филтер преку кој го гледам градот кој инаку може да биде и сив, и шарен, и стар и модерен, во зависност од окото на набљудувачот. Водата е таа главна вена низ која циркулираат и ноќниот живот, туристичките разгледувања и гастрономијата. Сплавовите, рестораните на вода, малите бротчиња, големите крузери, симпатичните стари рибарски чамци и ултра модерните глисери се само една од додадените вредности на Белград, кој неслучајно е една од најпосетените дестинации во Европа.