Берово – Швајцарија на Балканот

Берово – Швајцарија на Балканот

Берово – едно од првите места во Македонија каде што изгрева сонцето наутро на исток, доживува сѐ поголем туристички пробив како кај домашните, така и кај странските туристи. Токму странците, пред сѐ Бугарите, најмногу поради близината на граничната линија, се најбројни во градот и во околината. Ако предничеа Охрид и Скопје до пред десетина години во привлекувањето гости од сите краишта на државата и пошироко, сега и Берово се вбројува меѓу најсилните „играчи“ на туристичката мапа. Од врвни хотелски комплекси до мали приватни викендички за издавање – околината на Берово станува сѐ попосетена од година во година. Најисточниот град во земјава што се наоѓа на околу 900 метри надморска височина е вистинска воздушна бања што има многу да им понуди на посетителите.

Има ли можност беровскиот регион да прерасне во „Мала Швајцарија“ на Балканот? Секако дека да, но неопходно е многу да се работи на нови сместувачки капацитети, инфраструктура, нови ДУП-ови, инвестиции во туристичкиот и во угостителскиот сектор. Потенцијалите се огромни, но само делумно искористени. Таканаречените „бели дробови“ на Малешевијата се добар избор за летување, зимување, наесен, напролет – едноставно во сите годишни времиња. Климата е поостра, што е идеално во жешките летни денови да „се изгубите“ и да се разладите некаде на планина. Во студените летни ноќи може да ви треба и потопла облека и во најтоплите месеци. Сето она што Берово, како туристичко место, може да го понуди, едноставно треба да се види, да се доживее и да се почувствува. Ако сакате вистински одмор и релаксација далеку од градската врева, во прекрасна и во недопрена природа, чист планински воздух и богата гастрономска сцена, тогаш повелете во Берово. Местото е рај за очите и за душата и мелем за белите дробови. Поради чистиот и свеж незагаден воздух, областа околу Беровското Езеро со децении наназад важи за најпосетуваните, особено за најмалите. Вистинска штета е што во последниве години го нема џагорот од детското одморалиште, кое со години во минатото ги збираше на екскурзии и на настава во природа децата од училиштата од целата држава. Неуспешната продажба на детските одморалишта во регионот ќе ја оставиме настрана, но навистина боде очи глетката на урнисаните објекти, пропаднати и обраснати со трева, во околината на езерото и на месноста Суви Лаки, односно на поранешните детски одморалишта „Малешево“ и „Суви Лаки“.

Беровското Езеро не е помалку убаво од езерото Комо во Италија или од Женевското и од Циришкото Езеро во Швајцарија, а Малешевијата не заостанува по недопрената природа, пред сѐ густата борова, дабова и букова шума, па нормално се поставува прашањето дали може Македонија да добие една поширока и поатрактивна крајезерска туристичка дестинација по примерот на развиените држави. Општините од Малешевијата да инкасираат повеќе од туристичка такса од посетителите, а населението да добие повеќе можности за работа во градовите и во селата во овој регион, кој предничи по масовното иселување.

Хотел Aurora Resort & Spa

Хотел Aurora Resort & Spa | извор: Aurora Resort

30.000 туристи секоја година го посетуваат Берово

Засега, според официјалните податоци, Берово секоја година пречекува од 20.000 до 30.000 посетители што преноќуваат и има голем број категоризирани објекти, од кои во општинската каса се инкасираат, просечно за последните 3 години, по 800.000,00 денари. Поголемиот дел од капацитетите се викендички, а Берово располага и со 3 хотелски комплекса. Два се наоѓаат во туристичката населба крај Беровското Езеро, „Аурора ресорт и спа“ и „ВИП хотел“, а еден во градот, хотелот „Манастир“. Сите тие нудат вкусна храна, квалитетно сместување и беспрекорна услуга.

Во последниве десетина години, евидентен е напредокот – нови сместувачки капацитети „никнуваат“ како печурки по дожд, па Берово и околината може да угостат поголем број туристи. Во оваа општина има три туристички населби. Туристичката населба Беровско Езеро од која имате директен поглед кон езерото и која се наоѓа на 6 километри од градот по патот кон граничниот премин Клепало. Туристичката населба Абланица оддалечена 2 километри од градот распространета на двете страни од реката Брегалница содржи најмногу и најатрактивни археолошки локалитети во општината. Таму може да се посети црквата „Св. Петка“ со фрескопис и иконостас изработени од локални уметници. Во моментот во Абланица се изградени над 150 викендици. Абланица е поврзана и со туристичката населба Равна Река во Општината Пехчево, со пешачка патека во должина од 4 километри, преку која минува и пешачката патека Берово – Абланица – Беровско Езеро. Туристичката населба Суви Лаки на 25 километри од Берово на патот кон Струмица, е урбанизирана во 1978 година, содржи 500 викендици, а има можност за изградба на уште стотина викенд-куќи и деловни објекти. Не смее да се занемари и самиот град Берово. Туристичките населби Беровско Езеро и Суви Лаки се урбанизирани, имаат детални урбанистички планови, па заинтересираните инвеститори добиваат дозволи за градба, најчесто на викенд-куќи, кои ги користат за сопствени потреби, но и за издавање. Од кабинетот на градоначалникот Звонко Пекевски велат дека туристичката населба Абланица е во процес на подготовка на документација за изработка на урбанистички план, па во најскоро време се очекува и таа да се прошири со нови атрактивни објекти за сместување. Градската власт уверува дека упорно работи на проекти што се од интерес за граѓаните, но и за подобрување на имиџот на Берово како туристичка дестинација.

„Општина Берово постојано инвестира и вложува, особено во делот на комуналната инфраструктура, по приоритети истакнати од граѓаните, секако според можностите во буџетот. Вложувањата во двете туристички населби, најчесто се сведуваат на подобрување на комуналната инфраструктура и хигиена, како и на урбанизација и подобрување на условите за рекреативен туризам“, вели првиот човек на градот Берово, Звонко Пекевски.

Музеј на град Берово

Музеј на град Берово

Музеј на градот Берово

Сите се согласни дека секоја туристичка посета на Берово треба да започне од центарот на градот или поточно од Музејот на Берово. Градот што ги слави достигнувањата на предците од регионот – Дедо Иљо Малешевски, Димитар Поп Георгиев Беровски и Никола Русински – создал музеј што ги одбележува најзначајните моменти од историјата на овој предел. Можеби најголем дел од населението во Македонија не е запознаено со поставките на музејот, но тоа не е случај со учениците од сите градови и села во земјава.

„Музејот на градот Берово е доста посетен музеј, каде што најчести гости се групи деца од училишна возраст, како и разни други групи домашни и странски туристи. Заедно со двата дела на етнолошката и на историската поставка, претставува местото каде што би требало да го почнете запознавањето со Берово. Сместен е во прекрасна зграда во самиот центар на градот, која е реконструирана во духот на оригиналната архитектура од крајот на 19. век, за која беровчани се сентиментално врзани, бидејќи е една од препознатливите елементи на градот. Исто така, значајно е што во неа било отворено првото народно училиште, а бил формиран и првиот народно-ослободителен одред за Берово. Во Музејот на градот Берово се одржуваат културно-уметнички манифестации: концерти на камерни оркестри и изложби на уметнички дела“, велат од Општина Берово.

Од историските поставки во музејот се издвојуваат документите и предметите од времето на Дедо Иљо Малешевски, Никола Петров Русински, Димитар Поп Георгиев Беровски, Разловечкото востание, развојот на Малешевијата помеѓу двете Светски војни и развојот на Малешевијата по Втората светска војна. Во музејот можат да се најдат и антички и средновековни монети, кои зборуваат за економскиот развој и трговските односи на Малешевијата, како и за постоење на римска цивилизација во оваа област. Етнолошката поставка содржи реконструкција на малешевска соба, малешевска носија, малешевски накити, грнчарско производство, музички инструменти и реконструкција на малешевска ковачница.

Кампување на Беровско Езеро | извор: Ана Јаневска

Кампување на Беровско Езеро | извор: Ана Јаневска

Мир и тишина, но и можности за спортска рекреација

Потегот околу Беровското Езеро, поточно шумата околу езерото им нуди бројни можности на туристите. Езерото им овозможува на љубителите на спортскиот риболов услови за рекреација. Изобилува со разновидни риби, меѓу кои и пастрмката, крапот, кленот, мрената, карасот. Голем е бројот на посетители, претежно од Холандија и од другите земји од Бенелукс, како и од скандинавските држави, кои се воодушевени од убавините што ги нудат Малешевските Планини. Она што особено ги изненадува домашните туристи, а е интересно и за странците е „колибарењето“. Се работи за целосно доживување што гостите може да го искусат во селата – да се запознаат со начинот на кој некогаш живееле нашите предци. Тие помагаат во одгледувањето на стоката, правењето сирење, собирањето сено за зима. Недопрената природа, пак, дава многу можности, па се повеќе туристички агенции нудат тури за странците низ планините што вклучуваат берење диви малини и капини, шумски јагоди, различни видови печурки, лековити билки, чаеви. Планината овозможува и занимавање со повеќе спортови: планинарење, офроуд-кампинг, возење четирицикли и џипови, планински велосипедизам. Најбројни се инвестициите токму во планинскиот велосипедизам. Пред неколку години, преку „Проектот за локална и за регионална конкурентност“ поддржан од Светската банка и од ЕУ, беа набавени 25 велосипеди за деца и за возрасни и соодветна опрема за планински велосипедизам, беа обучени водичи за спроведување велосипедски тури во планина, набавена гоу-про камера за креирање промотивни видеа и слики, изработен промотивен материјал, како и веб-страница преку која сите заинтересирани може да се информираат за услугите и за понудите и која обезбедува насоки за индивидуално користење на велосипедските патеки. Патеките се добро обележани, со поставени маркери, патокази и мапи. Туристичките агенции, но и поголемите хотелски комплекси како „Аурора ресорт и спа“ и „Манастир“ организираат тури со изнајмени велосипеди и кајаци, посета на овчарска фарма, јавање коњи, посета на винарија и дегустација на вина. Во склоп на „Аурора ресорт и спа“ функционира и мини зоолошка градина.

Малешевски производи | извор: Општина Берово

Малешевски производи | извор: Општина Берово

Гастрономијата – еден од главните адути на малешевскиот регион

Надалеку се прочуени специјалитетите по кои Малешевијата е позната на полето на гастрономијата. Квалитетниот планински боров мед, беровското сирење, белиот компир, киселото млеко, клиси со праз, буламач, леб печен во фурна на дрва, качамак со ребра – ова се само дел од деликатесите што предизвикуваат вистинско гурманско уживање. Во најголем дел од угостителските објекти во Берово, доминира традиционалната храна направена по рецептите на бабите и на прабабите од малешевскиот крај. Производителите на традиционални гастрономски специјалитети, Општината ги промовира најчесто преку Саемот на локални производи „Малешевијата на дланка“, кој традиционално се одржува секоја година на крајот на месец август.

„Во централното градско подрачје, се наоѓа туристички информативен центар, каде што можат да се купат сувенири и ракотворби, а и да се најдат летоци и брошури за богатата туристичка и гастрономска понуда. Во летниот период, во непосредна близина на пунктот, по барање на производителите, општината одобрува користење на јавната површина за поставување штандови, каде што можете да ги најдете нивните локални производи“, велат од Општина Берово.

Културните настани промотери на туризмот | извор: Општина Берово

Културните настани промотери на туризмот | извор: Општина Берово

Културните манифестации го „развиваат“ туризмот во градот

Организацијата на културни настани придонесува беровчани,но и жителите од околината и заинтересираните туристи, да се соберат во градот и помасовно да ја посетуваат и околината. Фестивалот „Етно плоштад“ е најголема манифестација и подвижен музеј на она најубавото, исконското, непроценливо, фолклорно богатство. Убаво дополнување на настанот дава и Саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, кој се одржува во склоп на фестивалот, а каде што може да се најдат ракотворби, сувенири и резби изработени на традиционален начин. Особено интересна е и традиционалната прослава за одбележување на големиот христијански празник Велигден, за избор на најубаво и најцврсто јајце – „качор“ на беровскиот плоштад, како и 1.000 години старата традиција на карневалот „Ратевски бамбурци“, каде што облечените под страшни маски против злите души, со црни прсти против страшни болести, со силен екoт против лошотиите, го истеруваат злото од Малешевијата, за подобро утре, за поздрава и поплодна година.

„Поголеми манифестации се исто така и традиционалната прослава за празникот Илинден, Владимирски илинденски средби, која во овој период од годината, ги враќа жителите од с. Владимирово во родното место, од сите страни. Постојано работиме на унапредување на културниот туризам, има различни културни манифестации и фестивали на отворено, со поддршка на Општината, а кои најчесто ги организираат здруженија на граѓани“, велат од Општина Берово.

Граничниот премин „Клепало“ чека подобри денови

Еден од клучните проекти што е итен и неопходен за влез на повеќе туристи, пред сѐ од Бугарија, е отворањето на граничниот премин Клепало. Со години ветуван од секоја власт, ниту една не успеа да ги израдува беровчани и да го отвори преминот. Поголемиот проблем е на бугарска страна бидејќи Бугарија нема изградено пат до границата со Македонија. Шестата мешовита комисија меѓу двете држави интензивно работи на проектот, но барем засега сѐ е останато само на најави. Од наша страна, преку Програмата за прекугранична соработка INTEREG IPA Бугарија – Македонија, која има компонента за стратешко финансирање проекти од национален интерес во пограничниот регион, предвидени се средства за реконструкција на инфраструктурата на граничниот премин „Клепало“.

Image
Newsletter