Битола, градот на конзулите, за кој битолчани сметаат дека неправедно е изоставен како главен град на републиката, има и тоа што многу да им понуди на туристите. И покрај тоа што прошетката низ Широк Сокак и центарот е задолжителна активност за посетителите, како и обиколката на потпелистерските села и античкиот локалитет Хераклеја, Битола е многу повеќе од тоа. Еден од омилените градови на Ќемал Ататурк, кој извесно време престојувал во него, местото на процутот на филмската дејност на браќата Манаки, родното место на Стив Наумов, во себе крие многу историски и културолошки тајни што чекаат да бидат откриени од туристите. Сепак, вработените во секторот туризам сметаат дека посетеноста на Битола е разочарувачки мала и дека треба и тоа како да се работи на промоција на атракциите што ги нуди градот под Пелистер.
Манастир – градот на верата
Ретко кој на Битола гледа како на град што ги обединува религиите. Некако Охрид се издвојува како верски центар на државата, па Битола изгледа како запоставена. А не би требало да биде така ако се знае дека стариот турски назив за Битола е токму Манастир. Битола е денешен официјален назив на градот, но истовремено и најстарото име, нешто што е наведено на Битолската плоча од 1015 година на која е спомнат градот, како и според многуте војсководци на царот Самуил и патниците од тоа време. Постојат приказни според кои на десниот кеј на реката Драгор имало 41 црква и исто толку воденици. На левиот кеј на Драгор, пак, имало 29 цркви со исто толку воденици. За време на празниците во минатото, народот од селата од Битолскиот регион се собирал во овие цркви, каде што ги вршел своите верски обреди. Поради тоа што во овој реон имало навистина многу цркви и манастири, градот го добил името Манастир. Има верзија која вели дека градот Битола името Манастир го добил по една огромна црква што се наоѓала над Битола, кај сегашниот мост викан Црн Мост. Во оваа црква можеле да се сместат сите присутни од селското население од Битолското Поле што доаѓале за време на празниците да ги вршат верските обреди. И во народните преданија забележани од Марко Цепенков е запишано дека Битола бил манастирски центар, во кој седумдесет и два светци се славеле во црквите.
Исак Челеби Џамија. | Извор: wikimedia.org
Исак Челеби џамија
Исак Челеби Ибн Иса џамија е изградена во 1506 година. Таа е една од најстарите зачувани џамии во Битола. Наспроти Саат-кулата, и Големиот безистен, оваа џамија чие минаре e високo околу 50 метри, едноставно доминира во просторот. Џамијата била само дел од големиот вакаф на ктиторот, кој освен оваа џамија, имал и медреса, мектеб, 103 дуќани, лозја, 20 воденици и многу други објекти. Целокупниот овој имот требало да биде издржуван од приходите од неговите дуќани во чаршијата, но и од приходите од останатите делови од неговиот имот.
Изградена во техника клоазоне, каде што наизменично се менуваат делкан камен и тула, се добива необичен, но привлечен изглед на овој значаен објект. Самиот влез во објектот всушност претставува влез во двојниот затворен трем на џамијата, кој со својата пространост само ја најавува големината на нејзиниот внатрешен дел.
Играта на боите и формите се отсликува на секој дел од џамијата. Смената на сивоцрната, сината, златната со појаките кобалтносината, темнозелената, темноцрвената боја, ѝ дава своевидна посебност на оваа џамија.
Нејзината специфичност не може да биде комплетна ако не се спомене позлатената левха во форма на диск, подарок од султанот Решад V, кој своевремено ја посетил Битола, а која и денес се чува со исклучително внимание.
Јени-Џамија. | Извор: република.мк
Јени-џамија
За време на турското ропство, се вршела масовна колонизација на турско население од денешна Турција на територија на Македонија. Тоа видно го изменило ликот на градот, во кој почнале да доминираат неколку џамии, кои со своите минариња и висина се истакнувале во градот и пошироко.
Јени-џамија е сместена во строгиот центар на Битола во близина на Саат-кулата од десната страна на реката Драгор. Изградена е од Кади Махмуд Ефенди во 1558-59 година и го добила името Јени, што на турски значи „нова“. Џамијата има квадратна основа, покриена е со купола и веднаш до неа се издигнува минаре со висина од преку 40 метри.
До неодамна, внатрешноста на џамијата беше приспособена да биде уметничка галерија, но со започнувањето на археолошките истражувања, беше откриено дека била изградена врз основата на црквата Св. Ѓорѓи. Со завршувањето на археолошките истражувања, остатоците од црквата Св. Ѓорѓи се конзервирани, пошто е поставена стаклена конструкција за да бидат видливи за посетителите во новоуредениот галериски простор. Дел од овие остатоци се јасно видливи и во уредениот простор од надворешната страна на објектот.
Според една легенда, има сочувани траги од потковиците на коњот на свети Ѓорги кога коњот удрил со задните копита во ѕидот. Ваквата симболика е поврзана со градската христијанска митологија за постоењето на храм посветен на свети Ѓорги на оваа локација.
Денес, овој вреден споменик на османлиската архитектура зафаќа значителна површина од централното градско подрачје, со сочуван шадрван и убав градски парк околу неа.
Католичка црква. | Извор: facebook.gradotnakonzulite
Католичка црква
Битола го добива името конзулски град кога во 19. век голем број држави испратиле свои претставници (амбасадори, конзули, аташеа) токму во овој град, кој станува седиште на Румелискиот Вилает, и како таков, е рангиран за прв град во европскиот дел на Турција. Сите овие луѓе доминантно биле католици, па логично на тоа доаѓа и изградбата на храм што требало да им служи за задоволување на верските потреби.
Основач на католичката парохија во Битола бил Јозеф Лепавек, кој во 1857 година го купил хотелот Локанда на Широк Сокак. Во објектот бил направен мал параклис, каде што на Велигден во1857 година била отслужена првата божествена литургија.
Во 1870 година, на истата локација била изградена нова црква во барокен стил, која била опожарена во 1900 година, а денешниот објект е изграден во неоготски стил во 1909 година. Планот за изградба бил дизајниран од француски архитект, но реализиран од локални мајстори. Камбанаријата на црквата, која била подарок од словенечките верници, била изградена во периодот од 1938 до 1940 година.
Саат-кула. | Извор: marh.mk
Саат-кула
Саат-кулата е еден од најрепрезентативните објекти во градот, кој доминира во строгиот центар на Битола. Постои една легенда поврзана со изградбата на Саат-кулата, а тоа е приказната за 60.000 илјади јајца што турската власт ги собрала од населението за да бидат искористени за нејзината изградба, за да биде поцврста и поотпорна.
Според старите преданија, денешната Саат-кула е изградена во истиот период кога во нејзина непосредна близина се градел и православниот храм Св. Димитрија, во триесеттите години на XIX век, иако постоењето на саат-кула во Битола се споменува уште од XVII век.
Изградена е од масивни камени блокови, а стотина скалила водат до нејзиниот часовник, до нејзиниот врв на приближно 32 метри. Главниот и воедно најдекоративниот дел од Саат-кулата го сочинува делот каде што се поставени бројчаниците, и тоа од сите четири страни по еден.
Во 1962 година, механизмот е обновен, а во 1970 година е поставена и клавијатура за изведба на нови композиции. Оваа Саат-кула е една од вкупно 180 во светот во кои е вграден ваков механизам. Музичките композиции ја прават уште поневообичаена. На секои шест часа се огласува една од вкупно шесте композиции: „Битола, бабам, Битола“, „Билјана платно белеше“...
Широк Сокак. | Извор: flickr
Широк Сокак
Не може да се зборува за Битола, а не и за Широк Сокак. Главното шеталиште на битолчани и битолчанки ги привлекува погледите на минувачите. Ова е најпознатата улица во центарот на Битола, во чии кафулиња се пие првото кафе, но и се останува до доцна во ноќта. Денеска е строго пешачка улица, а некогаш по неа се движеле и автомобили. Низ оваа улица чекореле Ќемал Ататурк, Маршалот Тито, Сулејман Демирел, султанот Решад Петти и др. На Широк Сокак денеска се наоѓаат најголемите продавници, ресторани, театарот со опера, галерии и многу кафулиња и клубови.
Тука се сретнуваат најстарите архитектонски дела и градби на Балканот, кои го красат градот уште од турско време. Типично турски куќи, покрај прекрасните вили, не се реткост во овој дел на градот. Особено овде најмногу се чувствува духот на конзулска Битола. Многубројни куќи во неокласичен, необарокен стил ги красат двете страни на Широк Сокак. Упатените архитекти велат дека и покрај напорите да се обноват старите фасади, овие куќи пропаѓаат и заслужуваат многу посериозно внимание од страна на локалната и на државната власт. Градот треба да го брендира ова наследство и сериозно да се ангажира во заштита на сѐ што е останато од него. Ова треба да се реализира преку соодветни архитектонско-конзерваторски проекти интегрирани со нов урбанистички концепт за развојот на градот.
Стара битолска чаршија. | Извор: Александра Наумовска
Стара битолска чаршија
Старата битолска чаршија на времето била еден од најрепрезентативните локации во Битола, која ги обединувала занаетчиите, мајсторите, златарите, трговците. Денеска многубројните дуќани и интересни кафулиња се обидуваат да ја вратат во живот, но се чини дека таа ни оддалеку не го достигнува својот некогашен сјај.
Како еден од најзначајните занаетчиски центри во Македонија, а и пошироко, во текот на 19. век, во Битола постоеле и се развивале околу 140 занаети или професии. Сите тие биле лоцирани на триесетина различни пазари, во различни улички. Старата битолска чаршија броела над илјада дуќани.
Битола денес е горда на својата стара чаршија како еден од најубавите културно-историски споменици. За жал, времето го направило своето и денес ретко може да се сретнат некои од старите занаети и занаетчии.
Еснафите велат дека прометот во чаршијата е толку опаднат што на дуќанџиите им се исплати да ги преселат продавниците на Широк Сокак и покрај тоа што таму плаќаат кирија и до пет пати поголема отколку во чаршијата.
Неодамна во чаршијата се поставија информативни табли за посетителите и странските туристи со цел да се укаже на културното наследство на чаршијата и да се посочат интересните места за посета. Ова се реализираше во рамките на еден поголем проект во кој учествуваше и Битола – „Знаење, заштита и вреднување на старите урбани јадра во Македонија и во Албанија“.
„За Општина Битола беше дефиниран урбаниот комплекс Старата чаршија со рута на движење за туристите и за жителите со 10 точки на интерес. Трасата на движење, на која се поставуваат информативните табли, ги опфаќа следните локации: Безистен, реката Драгор, Стара чаршија, Ликовна колонија ,Монмартр‘, занаети, чешми, гостилници, џамија Хаџи Махмуд Беј, Зелен пазар и амамот Дебој“, информираше општината.
Безистен. | Извор: bitolainfo
Безистен
Со бројните куполи со кои прилега на тврдина, со трите внатрешни улички и со четирите големи метални порти, тој е еден од најголемите покриени пазари во регионот. Во периодот од изградбата, па сѐ до XIX век, честопати бил доградуван и преградуван со дуќани во кои се продавале текстил и скапоцени ткаенини. Тој воедно претставувал и своевиден трезор каде што во посебни делови се чувале парите од даноците од целиот Румелиски вилает пред да бидат однесени во царската благајна.
Безистенот е изграден во XV век од страна на румелискиот Беглер-бег, големиот везир и познат ктитор Кара Даут-паша Узунчаршили.
Денес Безистенот е уреден како современ продажен простор со многубројни дуќани во кои се продаваат најразлични стоки. Сепак, и покрај сите внатрешни трансформации, надворешниот изглед на Безистенот останал речиси непроменет.
Завод и музеј Битола
Завод и музеј Битола
Објектот во кој денес е сместен НУ „Завод и музеј“ – Битола е еден од најимпозантните во Битола, кој говори за историјата и културата на градот. Познат е и како Старата касарна. Објектот бил изграден во 1848 година со намена да служи како средно воено училиште „Идадие“. Најверојатно е проектиран од цариградски архитекти, а sидан од локалното население како комплексна градба со правоаголна форма и со централен отворен двор – пацио. Објектот е изграден во стилот на смирена неоренесанса.
Заедно со двете огромни касарни (Црвена и Бела, уништени во минатото) овој објект бил поврзан во една целина како дел од сериозно изработен урбанистички концепт карактеристичен за поголеми метрополи. Со објектите како што се: Офицерскиот дом, Военото училиште, Црвената и Белата касарна, Џепането, јужниот дел на градот требало да прерасне во поголем и значаен воен центар во Отоманската империја.
Во периодот од 1896 до 1899 година, тука се школувал и живеел великанот и таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Подоцна, во 1909 година, училиштето е трансформирано во институција од повисок ранг и станува воена академија – Харабие. По балканските војни, до 1974 година објектот имал воена намена, па оттука доаѓа и името „Стара касарна“.
Од 1983 оваа зграда е адаптирана во музеј, кој чува над 100.000 експонати од кои дел се сместени во постојаната музејска поставка.
На музејски простор од околу 700 квадратни метри е сместена репрезентативна музејска поставка која го претставува богатото културното наследство на Пелагонискиот Регион. Почнувајќи од четири фрагменти од долна вилица на мамут стар 10 милиони години, преку артефакти од неолитот, антиката, раното христијанство, Средниот век, балканските и двете светски војни, конзулска, сѐ до модерна Битола.
Музејот Битола е главната точка за посета на туристите, особено оние од Турција. Таткото на модерната турска држава, Мустафа Кемал Ататурк, го завршил своето вишо воено образование овде, токму во воената гимназија во Битола.
Во Музејот има еден посебен издвоен дел – Спомен-соба посветена на животот и делата на Мустафа Кемал Ататурк. Првите музејски поставки во Битолскиот музеј на познатиот државник, таткото на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк, датираат од 1978 година. Тогаш е отворена првата изложба на фотографии, документи и факсимили, кои ги прикажуваа животот и дејноста на големиот реформатор на Турција, кој во 1899 година завршил средно воено училиште (Мектеби аскери идади) сместено во денешната зграда на Битолскиот музеј, Старата битолска касарна.
Во 1994 година, на простор од 40 квадратни метри, со постојните материјали сместени во две соодветни витрини и со спомен-биста на Кемал Ататурк, за прв пат е поставена музејската поставка.
При посетата на Битола, не можете, а да не дознаете за убавата битолчанка Елени Каринте, која според некои кажувања била и голема и неостварена љубов на Мустафа Кемал Ататурк. Нејзината моминска куќа се наоѓа точно на Широк Сокак и е една од локациите што ги посетуваат турските туристи.
Офицерски дом. | Извор: stenton.mk
Офицерски дом
Домот на армијата или Офицерски дом е споменик на културата на Република Македонија. Неговата изградба започнала во 1909 година, но набргу потоа Битола ја зафатиле Балканските војни и Првата светска војна. Објектот бил довршен во 1919 година.
Архитектонскиот израз на објектот е карактеристичен за европската архитектура во овој период, но е надополнет со нагласени ориентални, односно „маварски“ елементи. Појавата на овие елементи во Битола е нормална кога се работи за објекти градени во периодот на турското владеење.
Офицерскиот дом бил користен од турската, српската, бугарската, југословенската и на крај од македонската војска. „Златен период“ на овој објект се шеесеттите до осумдесеттите години на 20. век кога вратата се отворала само за генерали и офицери. Во салата за балови бил донесен и луксузен лустер од скопскиот Офицерски дом, кој беше урнат во земјотресот во 1963 година.
По напуштањето на Офицерскиот дом од страна на АРМ, фасадата била реновирана, но објектот никогаш повторно не бил ставен во функција. Беше употребен за снимање на неколку филмови, во внатрешноста и дворот беа организирани различни манифестации, но нема трајно решение за организација на просторот.
Фотоателје и Кино „Манаки“. | Извор: cineculture online
Фотоателје и Кино Манаки
Родум од влашкото егејско село Вадела близу до градот Гребен, браќата Манаки се првите на Балканот кои десетина години по раѓањето на филмот во светските културни центри, ја набавија филмската камера „Bioscope 300“ и ги снимија првите филмски кадри на Балканот. Тие не се само кинематографии, фотографи, прикажувачи на филмови, тие се своевидни историски архивисти. Првите „живи слики“ на Балканот ја вклучуваат нивната баба Деспина стара 113 години и група жени кои подготвуваат волна за предење. Фотографирани биле востаници и разни чети кои биле вклучени во манифестациите, а и Нијази Бег, водачот на Младотурската револуција.
Најзначајна година за филмскиот опус на браќа Манаки е 1911, кога создале три видео репортажи: посетата на султанот Мехмед V Решад на Солун и на Битола, посетата на романската делегација на Битола и погребот на гревенскиот митрополит Емилијанос.
Во 1904 година, тие купиле дуќан на главата улица Широк Сокак, кој веднаш почнале да го адаптираат во фотографско студио. Тој се наоѓал на местото на денешниот објект на Широк Сокак 102, познат како куќата во која живеел Милтон Манаки.
Во 1921 година, купуваат дворно место на Широк Сокак со намера да изградат киносала и да го основаат киното „Манаки“. Новоизградениот објект на киното „Манаки“ ги овозможувал сите услови за непречена работа. Бил добро опремен со неопходниот инвентар и во киносалата имало вкупно 373 седишта. На почетокот работата се одвивала нормално, но економската криза во 30-тите години на минатиот век си го направила своето и тие западнале во финансиски тешкотии. Во 1939 објектот бил зафатен од пожар, при што изгорел до темел.
Денешното кино „Манаки“ е изградено на приближна локација од некогашното и е нов објект на културата во Битола. По 102 години од првата филмска проекција во кино-бавчата на браќата Манаки, Киното „Манаки“ на Широк Сокак во Битола, на 4 ноември 2023 година започна со редовен филмски репертоар.
Спомен-куќа на Гоце Делчев. | Извор: сдк.мк
Спомен-куќа на Гоце Делчев
Отворањето на овој музеј е иницирано по повод престојот на Гоце Делчев во Битола во 1901 година во овој објект. Главната негова цел при овој престој му беше да се сретне со неговиот сакан другар и соработник Даме Груев, основоположникот на ТМОРО, кој во овој период се наоѓал во Централниот битолскиот затвор.
Музејската поставка содржи две изложбени простории. Во првата има многубројни документи и фотографии на кои се прикажани состојбата и настаните во Битолскиот револуционерен округ. Од многубројните поместени експонати во оваа поставка, значајно место зазема револверот подарен од Гоце Делчев на Михаил Ракиџиев, сопственик на куќата и член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ.
Во оваа поставка е изложен и оригинален експонат од 1905 година (вез од ситни мониста во разни бои со претстава на еленче што пие вода), кое му е посветено и подарено на Михаил Ракиџиев од затворениците што од исти причини се наоѓале со него во Централниот битолски затвор.
Во составот на поставката, во соодветна просторија, поставена е витрина со симболите на револуционерната заклетва на Организацијата, како и оружје од илинденскиот период.
Како составен дел на оваа музејска поставка, во собата во која престојувал Гоце Делчев и во која се одржувале состаноците, задржан е ентериерот со амбиентот во оригинална состојба.
Спомен-куќа на Стив Наумов. | Извор: Република
Спомен куќа на Стив Наумов
По повод Денот на борецот, во 1961 година, отворена е за првпат постојаната музејска поставка, откако објектот е реконструиран и адаптиран за ваква намена.
Презентирани се документи и предмети што го следат животот и делото на херојот од неговото најрано детство (фотографии, документи, предмети тесно поврзани со животот на неговото пошироко семејство), а во втората целина-простор е прикажана неговата револуционерна активност, неговото загинување на 12 септември 1942 година заедно со неговиот соборец и другар народниот херој Мите Богоевски. Историскиот дел завршува со приказ на победата над фашизмот и сето она што за херојот, за неговото име и во негова чест, е напишано и изградено како спомен.
Во третата целина во простор од 18 квадратни метри е уредена гостинска односно приемна соба за свечености и визити, со оригинални и откупени предмети што даваат приказ на средноимотна фамилија од тој период, со еден фонд на врамени фамилијарни фотографии.
Поставена е и макета која тродимензионално и со одредени светлосни ефекти го прикажува нападот на Партизанскиот одред „Даме Груев“ на полициската станица-участок во с. Кажани под раководство на Стеван Наумов-Стив.