Будимпешта – градот на светлосните одблесоци над Дунав, на мостовите, дом на унгарските кралеви, на неоготските цркви и неокласичните градби, но и на новата урбана градска култура и бурниот ноќен живот. Унгарската метропола плени со својата богата историја, со тесните улички и со својот космополитски дух карактеристичен за модерна Будимпешта. Секој кој барем еднаш бил овде посакува да се врати повторно. Колку долго некој да престојувал овде, секогаш има некое скриено место кое чека да биде откриено од посетителите. Од старото еврејско маало – сега центар на ноќните журки, преку познатите шопинг-улици во центарот, до луксузните населби на Будим, градот има атракции и за најпребирливите туристи.
Будим или Пешта?
Ретко кој може да одговори на ова прашање. И двата дела кои ги сече водата на Дунав се убави на свој начин, Будим го има својот најголем белег – замокот, додека Пешта е локацијата на еден од најголемите парламенти во Европа и ВО светот, препознатлив симбол на градот.
Замокот Буда (13 век)
На врвот од ридот Буда (Буда во буквален превод значи брдо), на западниот брег на Дунав, се издига древен замок што крие приказни за кралеви, војни и сенки од минатото – замокот Буда. Оттаму се пружа неверојатен поглед на источниот дел (Пешта), кој ги поврзува Синџирниот мост (Széchenyi Chain Bridge), кој е исто така една од атракциите на градот. Овој замок е како огромна тврдина која некогаш била дом на унгарските кралеви. Иако бил разурнат и обновуван многу пати, денеска стои гордо во својот барокен стил и ги шепоти тајните низ камените ѕидови на многубројните туристи кои сакаат да ги слушнат приказните од минатото.
Палатата Буда била првично дом на унгарските кралеви, но одвреме-навреме била и седиште на монархијата на Хабсбуршката Империја. Денес, палатата е историски споменик кој ја одразува богатата историја на Унгарија. Различните делови од палатата прикажуваат како изгледале кралските простории во различни периоди: од барокните сали до модернистичките ентериери. Па така, туристите можат да видат дел од раскошните одаи на кралицата Марија Тереза, кралот Франц Јозеф, средновековниот крал Матијас Корвинус, меморијалниот Музеј на кралицата Елизабета (Сиси), капелите и црквите каде што кралевите се молеле пред најзначајните битки, готската хала, кралските подруми и градини, собите за балови, собата на Тронот, собата за пишување и многу други.
Национална галерија на Унгарија
На едно уметничко патување низ времето може да се најдете за миг, бидејќи Унгарската национална галерија, скриена во величествениот замок Буда, е како временска машина направена од бои, платна и душа. Галеријата е вистинска ризница на унгарската уметност и култура, и тоа од средновековието (поставки од 14-15 век), преку барокот од 17 и 18 век и романтизмот во 19-тиот, па сè до современата уметност. Уметничките дела што овде не треба да се пропуштат се: „Христос пред Пилат“ на Mihály Munkácsy, „Гледачите“ на László Paál, „Старата Унгарија“ на József Rippl-Rónai, делата на кубистот Виктор Вазарели и многу други.
Историски музеј
Во подземните простории на Палатата Буда се наоѓа Историскиот музеј, кој е посветен на историјата на Будимпешта. Тој го опфаќа периодот од неговото основање како римска населба (најпозната како Аквинкум) до денешниот облик како главен град на Унгарија. Музејот ги содржи и археолошките наоѓалишта, реновирани историски простории и слики кои го документираат развојот на Будимпешта како главен град на Унгарија.

Замокот Буда. | Извор: shutterstock
Лавиринтите на замокот Буда и легендата за Дракула
Подземјето на замокот Буда е вистинска приказна за страв и терор. Во мрачните тунели под замокот, низ вековите се чувале затвореници, богатства, политички неистомисленици. Таму има една голема лавиринтска мрежа од катакомби, тунели, скривници, одбранбени структури, подруми за мачење кои кријат многубројни митови и страшни легенди. Едни од најпознатите се оние за грофот Дракула.
Според некои верувања, Влад Цепеш, познат како Дракула, во 15-тиот век бил затвореник на Хабсбуршката Империја и бил држен некое време во подземните лавиринти, далеку од очите на светот, во длабочините на тврдината. Легендите раскажуваат дека Цепеш можеби никогаш не бил сам и дека злосторствата што ги правел во своите подземни ќелии ги носел со себе во мракот. Некои велат дека и самиот замок бил клетва на неговото присуство. Неговото насилничко и зло владеење го оставило својот жиг и невидливи последици. Не само што станал инспирација за легендата за Дракула, туку се говори дека душите на неговите жртви останале затворени во овие катакомби. Една од најинтересните туристички тури во замокот Буда е токму посетата на ходниците во кои бил чуван Дракула.
На ридот Буда се наоѓаат десетици многу интересни градби, помали замоци, како, на пример, замокот Шандор, кој служи како резиденција на претседателот на Унгарија, бројни статуи и фонтани именувани по црковни и политички лидери од минатото, како и статуите на Турул, митската птица заштитник на Унгарија.

Црквата Свети Матијаш. | Извор: shutterstock
Црквата „Св. Матијаш“
Малку останало од скромната средновековна црква каде што кралеви како Матијаш Корвинус и хабсбуршкиот Франц Јосиф биле крунисани за кралеви на Унгарија, откако црквата „Матијаш“ била трансформирана во бујната готска преродбеничка зграда што ја гледаме денес. Највпечатливото нешто во оваа црква е нејзиниот покрив. Изграден е од големи, шарени плочки во форма на цвеќиња, што создава невиден визуелен ефект за посетителите. Секој агол на „Свети Матијаш“ е осветлен од фрески и скулптури кои го прикажуваат културниот напредок на Унгарија.

Рибарскиот бастион. | Извор: shutterstock
Рибарски бастион
Рибарскиот бастион во Будимпешта е едно од најмагичните и најфотографираните места во градот. Чувството што ве обзема на ова место е како наеднаш да сте влегле во некоја средновековна бајка. Не само што изгледа како замок меѓу историјата и фантазијата, туку таму е еден од најубавите погледи на Дунав и Пешта. Овој бастион не бил изграден за воена цел, туку како паметник на милениумскиот настан на Унгарија – 1 000 години постоење на Унгарската држава. На врвот на ридот, „бастионите“ (или седумте кули) ги симболизираат седумте племиња кои го основале Унгарското Кралство. Овде има статуи и фигури кои го слават средновековниот дух на Унгарија. Најпознатата е онаа на Свети Стефан, кралот кој го основал Унгарското Кралство. Речиси и да нема некој кој бил овде, а не направил фотографија под сводовите на Бастионот, со Дунав и Парламентот далеку на хоризонтот. Ова исто така е популарно место за свадбени фотографии, а на првиот свод можат да се забележат стотици катанци со иницијалите на љубовните парови.
Пешта
Пешта е област на контрасти — од величествените историски згради до живописни паркови и модерни трговски улици. Пешта е пулсот во оваа динамична метропола. Пешта не само што освојува со својата архитектура, туку и со својата енергија и животна атмосфера. Старите градби вдолж авенијата „Андраши“, плоштадот „Ворошмарти“ или улицата „Ваци“, сега се претворени во бутици, галерии и ресторани.

Парламентот во Будимпешта. | Извор: shutterstock
Парламентот во Будимпешта (1904 год)
Парламентот е една од најпознатите згради во Европа и претставува вистински архитектонски бисер. Глетката е посебна од бродовите на Дунав, со кои туристите крстарат секоја вечер. Изграден во неоготски стил, Парламентот е толку величествен што оддалеку изгледа како ѝ припаѓа на некоја бајка. Со својата голема фасада, високата купола и неверојатно украсените детали, оваа градба дефинитивно е икона на Пешта. Иако многу од деталите во изградбата се инспирирани од познатите парламентарни згради, како што е Вестминстер во Лондон, унгарскиот Парламент има своја единствена и незаборавна архитектура. Куполата, која има дијаметар од 20 метри, е украсена со фрески, статуи и мозаички детали, кои ги претставуваат историските фигури и настани од историјата на Унгарија. Парламентот особено е величествен навечер, кога е преубаво осветлен. Неговите ходници и сали имаат доживеано многу важни настани што ја обликувале историјата на Унгарија. Во просториите на Парламентот се чува и Светата круна на Унгарија со која се крунисувале сите унгарски кралеви, како и нивната облека, реквизитите, облеката на црковните лица и многу предмети поврзани со крунисувањето.
Црква „Свети Стефан“ (Иштван)
Црквата „Св. Стефан“ е една од најважните и најубавите цркви во Будимпешта, но истовремено и еден од културните и духовни симболи на Унгарија. Сместена во срцето на градот, оваа величествена базилика не само што е важен религиозен центар, туку е и место за одржување културни настани, како и историски споменик кој го раскажува патот на Унгарија од средновековието до денес. Црквата е посветена на св. Стефан, првиот крал на Унгарија, кој ја основал унгарската држава во 1 000 година и ја претворил во христијанска земја. Меѓу најзначајните реликвии што се чуваат во црквата се светиот ракопис на св. Стефан и неговата мумифицирана десна рака.
Архитектурата на црквата е неокласична со елементи на ренесансен барок. Куполата има дијаметар од 20 метри, што ја прави една од најголемите во Европа. Внатрешноста е исклучително богато декорирана, со слики, мозаични панели и златни детали кои ја создаваат мистична атмосфера. Посетителите можат да пристапат до куполата со лифт или ако сакаат да имаат поглед на Будимпешта, треба да се искачат по 364 скалила. Погледот од горе пружа видик на цела метропола.
Еврејскиот кварт
Еврејскиот кварт во Будимпешта е еден од најинтересните и најдинамичните делови на градот, исполнет со историја, култура, уметност и живот. Се наоѓа во срцето на Будимпешта и е дом на многу културни споменици, ресторани, кафулиња и забавни места кои се инспирирани од еврејската традиција. Но, тој истовремено е и сведок на важни историски настани, со посебен акцент на Втората светска војна.
Големата синагога
Најголемата и најпознатата атракција во еврејскиот кварт е Синагогата на улица Дохани – позната како „Голема синагога“. Таа е не само најголема синагога во Унгарија, туку и втора по големина во Европа и трета по големина во светот. Изградена во 1859 година, оваа синагога е архитектонски брилијантен спој на моарска и неоренесансна уметност.
Еврејскиот музеј
Во рамките на синагогата се наоѓа и Еврејскиот музеј, каде што посетителите можат да се запознаат со историјата на еврејската заедница во Унгарија. Овој музеј ја документира не само долготрајната еврејска традиција, туку и ужасите на Холокаустот. Музејот прикажува лични приказни, фотографии и експонати кои раскажуваат за еврејската култура, жртвите и опстанокот на еврејската заедница за време на нацистичката окупација.

Железните чевли. | Извор: shutterstock
Железните чевли на Дунав
Црквата „Св. Стефан“ е една од најважните и најубавите цркви во Будимпешта, но истовремено и еден од културните и духовни симболи на Унгарија. Сместена во срцето на градот, оваа величествена базилика не само што е важен религиозен центар, туку е и место за одржување културни настани, како и историски споменик кој го раскажува патот на Унгарија од средновековието до денес. Црквата е посветена на св. Стефан, првиот крал на Унгарија, кој ја основал унгарската држава во 1 000 година и ја претворил во христијанска земја. Меѓу најзначајните реликвии што се чуваат во црквата се светиот ракопис на св. Стефан и неговата мумифицирана десна рака.
Архитектурата на црквата е неокласична со елементи на ренесансен барок. Куполата има дијаметар од 20 метри, што ја прави една од најголемите во Европа. Внатрешноста е исклучително богато декорирана, со слики, мозаични панели и златни детали кои ја создаваат мистична атмосфера. Посетителите можат да пристапат до куполата со лифт или ако сакаат да имаат поглед на Будимпешта, треба да се искачат по 364 скалила. Погледот од горе пружа видик на цела метропола.
Еврејскиот кварт
Еврејскиот кварт во Будимпешта е еден од најинтересните и најдинамичните делови на градот, исполнет со историја, култура, уметност и живот. Се наоѓа во срцето на Будимпешта и е дом на многу културни споменици, ресторани, кафулиња и забавни места кои се инспирирани од еврејската традиција. Но, тој истовремено е и сведок на важни историски настани, со посебен акцент на Втората светска војна.
Големата синагога
Најголемата и најпознатата атракција во еврејскиот кварт е Синагогата на улица Дохани – позната како „Голема синагога“. Таа е не само најголема синагога во Унгарија, туку и втора по големина во Европа и трета по големина во светот. Изградена во 1859 година, оваа синагога е архитектонски брилијантен спој на моарска и неоренесансна уметност.
Еврејскиот музеј
Во рамките на синагогата се наоѓа и Еврејскиот музеј, каде што посетителите можат да се запознаат со историјата на еврејската заедница во Унгарија. Овој музеј ја документира не само долготрајната еврејска традиција, туку и ужасите на Холокаустот. Музејот прикажува лични приказни, фотографии и експонати кои раскажуваат за еврејската култура, жртвите и опстанокот на еврејската заедница за време на нацистичката окупација.

Руинс бар.
Барови „во урнатини“ (Ruin bars)
Еврејскиот кварт денеска е симбол на уличната уметност и ноќниот живот. Многу уметници се инспирирани од еврејската историја, а уличната уметност, графитите и муралите на ѕидовите на старите згради создаваат уникатен визуелен пејзаж.
Она што е карактеристично за Будимпешта се т.н. барови во урнатини, кои работат до зори. Се работи за стари магацини и згради кои се трансформирани во модерни пивници, привлекувајќи ги туристите во близина на област каде што некогаш имало само распаднати индустриски објекти. Првите вакви барови се формирани пред 25 години, кога неколку претприемачи решиле да ги земат под закуп старите дотраени објекти и да ги претворат во клубови. Но тие не се обични барови во запуштени места. Ентериерот е исто така „отпад“, како мебелот и декорациите да се земени од „старо купувам“.
Внатре ќе најдете ѕидови украсени со графити, тавани обложени со низи од светилки и колку-толку приправен мебел. Секој агол како да раскажува приказна, од винтиџ велосипедите што висат на таванот до ретро телевизорите што трепкаат во аголот.
„Szimpla Kert“ е првиот руин бар во градот. Она што некогаш било напуштена фабрика е трансформирано во раскошен лавиринт од барови, салони и уметнички инсталации. Целиот е обложен со графити, винтиџ мебел, цвеќиња, сепареата се „бањски кади“ и седишта од автомобили, а како маса може да најдете и бубањ од машина за перење. Навистина неверојатно искуство. Исто така, треба да се знае дека при плаќањето, бакшишот е задолжителен и имате избор од три суми (процент) со кои ќе ги наградите келнерите за услугата при плаќањето со картичка.

Плоштадот на хероите. | Извор: shutterstock
Плоштадот на хероите
Плоштадот е посветен на хероите на Унгарија. Во самиот центар на плоштадот стои Споменикот на хероите. Овој споменик е изграден за да се почитуваат седумте основачи на Унгарија од 9-тиот век. На колоната се сместени средновековни и историски фигури, вклучувајќи генерали и кралеви, а на самото место има и статуи на познати личности од унгарската историја, како што се Хуњади Јанош и Лајош I Велики.
Термалните бањи – уникатност и традиција на градот
Будимпешта е позната и како престолнина на бањите. Ова е една нејзина уникатност, која не е карактеристична за другите градови. Ако капењето во топлите води во базен во стар дворец со привлечна архитектура ви звучи примамливо, тогаш морате да ги посетите термалните бањи на Будимпешта. Тие се дел од локалната култура и се дел од локалниот начин на живот. Унгарците ги посетуваат бањите во Будимпешта или за одмор или за лековити цели. За нас, патниците, истражувањето на бањската култура на градот е едно од најдобрите работи што можеме да ги направиме во Будимпешта, бидејќи кај нас е, да речеме, не толку вообичаено еднаш месечно да се оди на бања.
Иако Унгарија е земја без излез на море, Будимпешта се гордее со над 100 топли извори, благодарение на геолошкиот расед покрај реката Дунав. Старите Римјани биле првите што го искористиле максимално подземното богатство на Будимпешта кога го основале Аквинкум, антички римски град во областа Обуда. На археолошкото наоѓалиште Аквинкум и во истоимениот музеј, сè уште можете да ги видите остатоците од старите бањи и предметите кои ги користеле за капење. Во 16-тиот век, Будимпешта станала дел од Отоманската Империја, па, очекувано, Османлиите изградиле повеќе амами, како што се бањите Рудаш и Кирали. Од необарокните бањи „Szechenyi“ до арт нуво Гелертовите бањи, украсните термални бањи во Будимпешта се изградени во различни архитектонски стилови, при што секоја од нив ветува уникатно искуство.

Термална бања Сечењи. | Извор: shutterstock
Спа-забави во бањите „Szechenyi“
Освен посета на спа-комплекс во текот на денот, некои термални бањи во Будимпешта нудат и ноќни забави. Капењето во топлите води на базенот на покривот на бањите Рудас, додека уживате во ноќните погледи, е едно од најубавите искуства во Будимпешта. Сепак, вистинската забава се одржува во најголемиот спа-центар во Будимпешта, бањата „Szechenyi“. Отворен на почетокот на 20-тиот век, необарокниот спа-комплекс „Szechenyi“ е најголемата термална бања во Будимпешта. Има 15 внатрешни и три надворешни базени. Иако повеќето од затворените базени не се толку импресивни, барокниот амбиент на парните надворешни базени ќе ве фасцинира. Има голем базен за страсни пливачи и два базени со топла вода. Едниот од нив има вградено џакузи. Во другиот топол базен има порелаксирана атмосфера. Толку многу што ќе ги видите локалните жители како играат шах во базенот. Дури можете да уживате во пивски спа-центар во комплексот – да лежите во дрвена када и да пиете пиво колку што сакате од чешмата за пиво до вашата када е една од понудените опции.
Бањи „Гелерт“
Вистинскиот белег на бањата „Гелерт“, која се наоѓа во истоимениот хотел, е прекрасниот затворен базен, изграден во стилот арт нуво. На отворено, можете да се забавувате во базенот со бранови, кој е отворен во текот на летото, или да се релаксирате во термалниот базен со сауна. Со своите десет термални базени, комплексот на бањата „Гелерт“ е доволно голем за да поминете неколку часа уживајќи во неговите благодети.
Бањи „Рудаш“
Сместени во подножјето на ридот Гелерт, на страната Буда од градот. Изградени во 16-тиот век од страна на Османлиите, комплексот бањи „Рудаш“ е познат по тоа што во него се наоѓа една од најубавите историски турски бањи во Будимпешта. Делот со турска бања е отворен во различни денови за мажи и за жени. Причината поради која треба да ја посетите термалната бања „Рудаш“ е термалниот базен на покривот што нуди панорамски поглед на Будимпешта и на реката Дунав.
Бањи „Лукач“
Сместени во прекрасен спа-хотел, бањите „Лукач“ некогаш биле спа-центар на локалното население во Будимпешта. Првите што ги користеле неговите топли извори, пред Османлиите, биле Витезите од редот на Свети Јован во 12-тиот век. На ѕидовите пред влезот сè уште можат да се видат мермерни плочи поставени од луѓе кои сакале да ја изразат својата благодарност што биле излекувани во спа-центарот. Најважниот дел од бањите Лукач е еден од неговите надворешни термални базени, сместен во срцето на прекрасен двор. Сепак, не пропуштајте да се нурнете во малите внатрешни базени со единствена атмосфера. Покрај тоа, можете да уживате во пивски спа-центар за позабавно искуство. Влезот е бесплатен ако поседувате Budapest Card.

Гулаш.
10 локални јадења што треба да ги пробате во Будимпешта:
Gulyásleves – супа од гулаш со месо и зеленчук, зачинета со пиперка и други зачини.
Tokaj – слатко унгарско бело вино.
Dobos торта – пандишпан со чоколаден крем од путер и прелиен со карамела.
Gundel палачинка – палачинки полнети со фил од сладок орев и прелиени со сладок чоколаден сос од рум.
Pörkölt – чорба од месо во густ сос зачинет со пиперка.
Halászlé – рибарска супа, традиционална црвена рибна супа зачинета со лута пиперка.
Paprikás – кремаст пилешки паприкаш со црвена зачинета пиперка и чорба од пилешки бут.
Lángos – тесто со павлака, лук и сирење.
Lecsó – чорба од мешан зеленчук.
Локално пиво – „Арани Ашок“, „Сопрони“, „Дрехер“. Има солидни темни лагер-пива.
Будимпешта ја чувствувам како прв, а не втор дом
Будимпешта е еден од оние градови што ти се вовлекуваат под кожа, полека но сигурно. Оние што останале во градот подолго време, дали поради студирање, работа, формирање семејство, без разлика на причината, велат дека по некое време престануваат да ја гледаат како „главен град“ и почнуваат да ја чувствуваат како своја.
Родената новосаѓанка Ержебет Гејзер живее во Будимпешта веќе неколку децении. Вели, не може да се направи споредба помеѓу градот што го затекнала кога првпат дошла поради работа и овој сега, на само неколку месеци пред нејзиното пензионирање. Иако многумина ја доживуваат како туристичка дестинација за викенд, за неа овој космополитски град е дом – со сите негови остри зими, мирисот на печени костени на улиците во есен и летните прошетки покрај Дунав.
„Јас ги сакам црквите. Често одам во Базиликата да запалам свеќа. Сакам многу да шетам. Сакам со сопругот често да патувам со воз. Има добра железничка инфраструктура, па често патуваме. Пријателите ми кажуваат каде има убави места за посета. Главно ја сакам природата“ – вели Ержебет.
Унгарците се малку „потешки“ луѓе за комуникација од Србите, на пример, вели нашата соговорничка. Позатворени се, но навистина семејството им е приоритет и сакаат заедно да поминуваат повеќе време. Сепак, смета дека долгите години поминати овде ја научиле на нивниот карактер и начин како да им се приближи. Денеска има многу пријатели од сите страни на градот и од сите професии.
Храната, пак, според неа е малку различна од балканската. Унгарците користат многу повеќе зачини при готвењето, а особено црвен пипер, кој е еден од кулинарските сувенири без кој не се враќа ниту еден турист. Ержебет вели дека многу повеќе ги посетува локалните ресторани, отколку оние каде што има многу туристи.
„За храната, зависи од пригодата. Вообичаено кога ми доаѓаат гости, сакам да ги однесам во ресторанот ‘Трофеј’. Таму има шведска маса, исклучиво со унгарски специјалитети, па убаво е ако се странци да пробаат од сè по нешто. Исто така, има еден убав традиционален ресторан ‘Гундел’ кај ‘Паркот на хероите’, каде што често одиме. Тој е семеен ресторан, се вика по палачинките ‘гундел’, кои се национален специјалитет“ – вели таа.
Сообраќајот е многу добар, тоа е предност. Убав за живот. Секаде може да се стигне. Позатворени се. Не се за големи држења.
За туристите вели, да, ги има многу. Понекогаш е заморно, особено во лето и особено по работното време кога треба да се врати дома. Будимпешта навистина знае да биде пренатрупана — особено околу Váci utca, Szimpla Kert и сите тие „руин барови“ што локалците одамна ги избегнуваат. Но Ержебет вели, има и нешто убаво во тоа. Градот се менува, пулсира. Туристите те потсетуваат дека живееш во место кое за многу луѓе значи „магично искуство“. А ти го имаш секој ден. На крајот на краиштата, ќе најдеш агол каде што се чувствуваш како дома. И тогаш сфаќаш дека и покрај гужвите, градот те прифатил. И ти него.
