Да се живее и работи надвор од Македонија – Дубаи, магичниот и енергичен град

Да се живее и работи надвор од Македонија – Дубаи, магичниот и енергичен град

Некогаш мало рибарско село што живеело од риболов, денес е синоним за луксуз. Дубаи, најголемиот град во Обединетите Арапски Емирати, се наоѓа на раскрсницата на Европа, Блискиот Исток и Африка, сместен на брегот на Персискиот Залив. Тој е еден од седумте емирати и втор по големина.

Благодарение на откритието на нафта во 1966 година, кое било клучен момент на пресврт, целата заработка била вложена во изградбата и во развојот на градот. Дубаи е еден од градовите со највисока стапка на развој – дневно се градат и до 500 згради.

Главните приходи доаѓаат од туризмот, воздухопловството, недвижниот имот и од финансиските услуги. Дубаи го привлече вниманието на светот поради своите облакодери и високи згради, особено поради највисоката зграда во светот – Бурџ Калифа. Но, Дубаи е познат и како Град на Златото бидејќи голем дел од економијата се заснова на занаети поврзани со злато.

Туризмот е важен дел од стратегијата на владата за одржување на приливот на странски пари. Привлекувањето туристи главно се заснова на шопинг и посета на различни антички и модерни атракции. Дубаи е седмиот најпосетен град во светот со капацитет да пречека и до 20 милиони туристи.

Епитетот „главен трговски град на Блискиот Исток“ е заслужен поради повеќе од 70 трговски центри, вклучително и најголемиот трговски центар во светот – „Дубаи мол“. Од септември 2013 година, потокот Дубаи е предложен како светско културно наследство на УНЕСКО. Во градот се наоѓаат и многу бутици и продавници за накит.

Најголемиот град во Обединетите Арапски Емирати беше рангиран на 44-то место меѓу најдобрите финансиски светски градови во 2007 година. Во 2012 година, Дубаи се најде на 27-мото место на листата на најбогати градови во светот според паритетот на куповната моќ. Тој е и меѓународен финансиски центар, рангиран на 37-мото место меѓу глобалните финансиски градови и прв во Блискиот Исток.

Дубаи е дом на неколку вештачки острови, од кои повеќето биле создадени помеѓу 2000 и 2010 година. Палма Џумеира е најмалиот од трите планирани острови наречени Палмини Острови, кои се протегаат во Персискиот Залив. Дубајската градина е најголемата цветна градина во светот.

Податоците покажуваат дека околу седум илјади Македонци живеат и работат во Емиратите, од кои пет илјади се во Дубаи. Еден од нив е Доминик Илиев, дипломиран студент на Универзитетот Скопје, кој одлучил знаењето стекнато за време на своето образование да го искористи во еден од најмагичните градови во светот – градот полн со можности, Дубаи. Во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент открива дека, дури и на место каде што професионалноста мора да биде беспрекорна, тој за кратко време успева да се истакне и да добие многубројни пофалби од туристи од целиот свет.

Илиев: „Бев успешен во својата работа, веднаш по третиот месец потпишав официјални документи, а веќе на шест месеци главниот менаџер на „ФНБ“ ми понуди промоција за Капетан Келнер.“ | Извор: Shutterstock- arabianbusiness

Илиев: „Бев успешен во својата работа, веднаш по третиот месец потпишав официјални документи, а веќе на шест месеци главниот менаџер на „ФНБ“ ми понуди промоција за Капетан Келнер.“ | Извор: Shutterstock- arabianbusiness

Колку време живеете во Дубаи и што беше пресудно за преселба во Емиратите?

Помина година и половина откако се преселив во Дубаи. Отсекогаш ми беше желба да живеам во голем и луксузен град. Долго го посакував Њујорк, меѓутоа Дубаи дојде како прва станица. Животот е непредвидлив, исто како и мојата животна енергија. Затоа секогаш сум подготвен за нови авантури и предизвици – тие се мојот водич во животот. Животот во Дубаи е многу брз, а тоа е доказ дека сум на вистинското место.

Секој почеток е тежок. Како почна вашата професионална кариера и на која позиција работите во моментов?

Во Дубаи почнав како келнер. Во тој момент приоритет ми беше да дојдам и да го доживеам Дубаи со полни гради. Кариерата ми беше на втор план, па така го прифатив првиот повик што го добив. Почетоците беа тешки и сурови. И денес се справувам со слични предизвици, но полесно. Уживам во музиката, модата, уметноста. Креативен сум, гласен и бунтовен. Поради мојот карактер, често сум неприфатен од околината – без поддршка и заштита. Но, не ме демотивираше ситуацијата во која се наоѓав бидејќи имав цел и знаев зошто сум дојден. Тоа ми помогна за кратко време да бидам препознаен и да постигнам големи успеси – секако, со многу труд и работа.

Започнав како помошник-келнер, а веќе третиот ден ми доделија секција за гости. За една недела, менаџерот на ресторанот ме повика до него среде состанок и побара аплауз од сите за мене и замојата работа бидејќи сум добил најмногу комплименти. За еден месец, менаџерот на „Рум дајнинг“ ме повика во својот тим. Иако мојот тогашен менаџер не беше среќен со тоа, ја прифатив понудата.

Според правилата во Дубаи, сите почетници се на тест-период од три до шест месеци. Но, по третиот месец потпишав официјален договор. Веќе по шест месеци, главниот менаџер на „Еф-енд-би“ ми понуди промоција во капетан-келнер, но тоа не можеше да се реализира бидејќи е потребно минимум една година искуство за таква промоција. Во февруари 2024, добив сертификат од „Трип адвајзер“ за најпрепознатлив келнер со најмногу позитивни коментари. Подоцна бев и номиниран за „Дијамант за месецот“. Исто така, работев два месеци како домаќин во ресторанот, а подоцна го заменував и капетан-келнерот. Се трудам да ја искористам секоја можност, а таму каде што нема место – го создавам сам.

Илиев: „Бев номиниран за „Дијамант за месецот.“ | Извор: factmagazines

Илиев: „Бев номиниран за „Дијамант за месецот.“ | Извор: factmagazines

Што ви недостига од Македонија?

Ми недостига семејатвото. семејните ручеци, колачите на баба ми. Ми недостигаат моите пријатели. Ми недостига топлината – ние сме слободен, пријателски и топол народ. Овде е премногу жешко, но сепак ми недостига топлината на луѓето.

Која е најважната лекција што ја научивте во изминатите години?
Да го живеам животот слободно и без каење. Без граници, храбро. Учам и практикувам да бидам присутен и благодарен за секој момент. Времето во Дубаи тече пребрзо, а животот е прекраток.

Зошто е Дубаи најпосакуваната дестинација?

Поради добриот маркетинг – да не звучи погрешно. Секој знае нешто за Дубаи и има одредени очекувања. Но Дубаи е направен така што секое очекување се исполнува, и тој маркетинг продолжува – од човек на човек. Тој е разновиден од секој аспект па има по нешто за сите вкусови, потреби, сетила – за секого, а никогаш доста. Јас лично – не можам да се заситам.

Што им препорачувате на Македонците што сакаат да отпатуваат таму?
Дојдете и уверете се. Дубаи е едно од оние места што мора да се посетат барем еднаш во животот.

Илиев: „За сите има по нешто, а никогаш доста. Јас лично не можам да се заситам.“ | Извор: timeoutdubai

Илиев: „За сите има по нешто, а никогаш доста. Јас лично не можам да се заситам.“ | Извор: timeoutdubai

Од економски аспект, Дубаи навистина доживеа економски бум. Што можеме да примениме во нашата земја од тамошните практики?

Секое место е различно и автентично. Најдобро е да го најдеме она по што сме препознатливи и најдобри – и да го негуваме тоа. Така е и со примерот на Абу Даби. Таму најмногу се тргува со нафта и гас, а Дубаи е направен за туризам. Туризмот како најголем извор на профит тука е усовршен. Секој гостин се чувствува посебно и задоволено, дури и пред да побара нешто.

Кој е вашиот сон?

Тешко прашање, без конкретен одговор. Не сите ја имаат среќата да се пронајдат себеси, но и не мора секогаш да е сериозно, нели? Сакам да бидам сакан. Само љубовта може да го промени светот, а секоја промена почнува од нас. Сакам да направам разлика, да ги кренам стандардите и храбро да оставам печат. Да ги налутам боговите, да бидам немирен, бунтовен, гласен – и да се изборам за сè што сакам и сè што е правилно. Да се забавувам и да изгледам убаво додека го правам тоа. Имам многу планови, многу места што сакам да ги посетам и многу храна што сакам да ја пробам. Дубаи е само една станица на моето патување. Нека тоа биде мојот сон.

Image
Newsletter