Дојран се враќа на голема врата на туристичката мапа

Дојран

Жешкото сонце, мирисот на маслинките, слатките смокви, остатоците од фронтот – синонимите за Дојран се многубројни, исто како и причините за посета на ова мало туристичко место на крајниот југоисток од државата. Пред половина век беше рај за туристите, не само од југоистокот туку и од цела држава. Остана со години да пропаѓа, сѐ додека не го достигна дното. Сепак, последниве 10-тина години, се чини доживува преродба, па сѐ повеќе Македонци се заинтересирани не само да летуваат во Дојран, туку и да си купат викендички за да уживаат подолго. Полека, но сигурно, Дојран се враќа на голема врата на туристичката мапа.

Околу 100.000 туристи е дострелот што Дојран може да го постигне на туристички план во последните неколку години. Тоа е солидна бројка ако се знае дека најмалото природно езеро во земјава со години беше запоставено. Сепак, се чини дека топлата вода, медитеранската клима и реновираните плажи ги вратија гостите на југоистокот од земјава. Ако беше пред дваесетина години полузапуштено, сега Дојран слободно може да се опише како спој од две модерни населби, со средени плажи, уредени паркови, патеки, релативно чисто место, едно од ретките со многубројни корпи за отпадоци. Во Дојран функционираат 40-тина хотели и одморалишта, 600 приватни капацитети, 300 викендици, неколку казина. Понуда има за сите, од најмали до најстари. Гостите се задоволни од тоа како се уредени плажите.

„Со години со цело семејство доаѓаме овде. Топло е и евтино. Водата е плитка, па децата уживаат.“

„Гледам има корпи за отпадоци на секој чекор. Многу убаво е средено.“

„Одамна не сме биле овде. Сосема поинаку изгледа гратчето. Има многу апартмани и соби за издавање. Порано немаше толку избор“, велат туристите.

Градоначалникот Анго Ангов - оптимист за развојот на туризмот во Дојран

Градоначалникот Анго Ангов - оптимист за развојот на туризмот во Дојран

Најголемиот метеж од туристи се создава за време на Д-фестивалот, кој се одржува повеќе од една деценија и во втората половина од август, кога цветаат алгите, па многу семејства, претежно оние со мали деца со респираторни проблеми го посетуваат Дојран, исто како и оние што мака мачат со реума, кои се мачкаат со лековитата кал од езерото. Стартот на јули беше одбележан со Д-фестивалот, кој траеше три дена и кој внесе нова енергија во градот по пауза од две години. Средината на месецот беше одбележан со фестивалот „Мандра“, главно ориентиран кон балканските изведувачи. Локалните власти се согласуваат дека токму организирањето поголеми културни настани ги собира гостите во Дојран.

„И за време на короната имавме доста посетеност бидејќи беа затворени границите. Оваа година рано почнаа фестивалите, почнувајќи од Д-фест, го имавме фестивалот Мандра, имаме Рок-фестивал, имаме доста збиднувања што се случуваат во Дојран. Самите настани влечат многу народ, особено Д-фестот, бидејќи трае веќе 12 години. Д-фестот го полни не само Дојран, туку цел регион, привлекува голем број посетители, доаѓаат светски ѕвезди. Мандра е балкански фестивал, за таква публика е. Секој си има посебна публика. Најголем број туристи има во јули и во август, но радува тоа што почнуваат да доаѓаат гости во сите годишни времиња. Преполн е Дојран, особено за викендите. Се инвестира во сместувачки капацитети. Во моментов се градат 13 згради, односно апартмани за сместување, така што се зголемува бројот на сместувачки капацитети, се реконструираат стари хотели, има некое економско заживување, што е добро за туризмот“, вели градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

Релативно евтина гастрономска дестинација

Релативно евтина гастрономска дестинација

Дојран – евтина дестинација

Сепак, се чини дека зголемениот број туристи и растечката инфлација ги „зачини“ цените во угостителските објекти. Во угостителските објекти покрај кејот на езерото, цените се зголемени, но и покрај тоа Дојран останува да важи за релативно евтина дестинација споредено со другите туристички места покрај природните езера. Така, кафето сѐ уште чини 60 денари, шопска салата чини 150 денари, пиво „скопско“ – 100 денари, цезар-салата – 200 денари, пилешки прсти – 180 денари, рибна чорба – 150 денари, крап – 400 денари, сом – 500 денари, црвеноперка – 250 денари, чипс од крап – 350 денари, итн.

Инвестицискиот потенцијал останува слабо искористен

Не само што сакаат да летуваат, туку многу семејства од Скопје и од другите градови одлучуваат да купат или да изградат викендички во Дојран, а не ретки се и оние кои покрај езерото гледаат голем потенцијал за идните инвестиции. Од општината велат дека за големи компании што сакаат да градат хотели имаат парцели, но проблем биле помалите наменети за домување. Урбанистичкиот план за Стар Дојран не бил ставен во функција 7-8 години, потврдува првиот човек на општината. Вели дека бавно течеле процедурите особено затоа што дел од Дојран е заштитено подрачје, а бирократијата само ги одолговлекувала работите. Бара законски измени за да може овие ДУП-ови побрзо да се донесат, па општините да може да инкасираат повеќе пари од градење, односно од комуналии.

„Треба да се скратат роковите за добивање одговор од институциите, а не кога ќе се достави урбанистичкиот план, само нови забелешки да се доставуваат, кога се веќе претходните исправени. Мора да има пократки рокови за носење, а самите институции да бидат поспремни за одговор кога има пропусти. Мора да се разгледа ова, бидејќи предуслов за развој на која било општина е носењето на тие планови. Ние имаме неколку активни ДУП-ови. Успеавме да направиме неколку продажби. Ги имаме сега и ингеренциите за продажба на градежно земјиште. Досега имаме реализирано 3 продажби и инкасирано милион евра од продажба на парцелите. Дојран стана многу атрактивен за купување градежно земјиште, па и цената се зголеми од 10 на 100 евра“, вели Ангов.
Најголем дел од инвестициите на општината се направени со пари од европските фондови. Локалната власт успеала да реновира повеќе стари објекти од историска важност како Саат кулата и Турската бања токму на овој начин, а истовремено да ги врати старите долгови и да го зголеми општинскиот буџет. Сепак, еден крупен проект чека на реализација – санација на колекторскиот систем и нова пречистителна станица, проект што треба да добие и владина поддршка. Градот често има проблем со водата. Затоа се работи на нови бушотини за да се обезбедат нови количини вода што ќе ги задоволат потребите на старите жители, но и на новите, бидејќи се градат многу објекти.

Плажата во Николич - една од најубавите на езерото

Плажата во Николич - една од најубавите на езерото

Дојран – старо-нова камп дестинација?

Освен Стар и Нов Дојран, каде што забрзано се гради и се развива туризмот, како и Мрдаја на самата граница со Грција, која останува доста атрактивна за инвеститорите, се чини дека остатокот од езерото е запоставен. Ретко кој од помладата генерација знае дека најубавата плажа на Дојранското Езеро се наоѓа токму отспротива, на другиот крај на езерото, исто така на грчката граница. За постарите, пред 50-тина години, автокампот „Ачикот“, кој се наоѓал на ова место, бил симбол на младешките лудории. По неколку години, откако имаше малку успешни обиди оваа плажа да добие модерен лик, ова лето таа е повторно оставена пуста. Останати се неколку лежалки, остатоци од минатогодишниот „Николич бич бар“, додека е шанкот целосно запуштен. Селото Николиќ е на пристојна оддалеченост, па оние што сакаат да поминат едно попладне на оваа плажа, мора да се снабдат со сите неопходни продукти во двете продавници што функционираат во селото. Патот е посебна приказна, нема асфалт, само набиена земја во должина од околу два километри. Градоначалникот Ангов признава дека има бројни пропусти што треба да се надминат. Инфраструктурата е приоритет, но тој сака ова место повторно да стане атрактивна камп-дестинација.

„Во Николиќ нема пат, нема водовод до објектите, струја. Следно што планираме е урбанизација на тој дел. На времето, најпопуларен камп бил ‚Ачикот', а сега планираме токму на тој дел од плажата во Николиќ да направиме автокампови, на тој дел да ги префрлиме луѓето што се заинтересирани за таков вид туризам. Тоа е веќе во фаза на изработка. Планираме да се пријават компании што ќе сакаат да ја завршат таа постапка. Мислам дека од следната година ќе бидеме подготвени да го ставиме под концесија и да биде во употреба тој урбанистички план. Еден од приоритетите ни е тоа, така ќе го рашириме туризмот не само во Стар Дојран, туку и од другата страна на езерото“, вели Ангов.

Црквата Св. Илија - еден од симболите на Стар Дојран

Црквата Св. Илија - еден од симболите на Стар Дојран

Многу историја собрана на мал простор

Дојран е познат по топлата вода и вкусната храна, но плажите не се единствениот адут за привлекување туристи. Оние што сакаат поактивен туризам, може да се искачат на блиската планина по која се протегал фронтот во Првата Светска Војна. Главните точки на интерес се обележани, а од местото се протега целосен величествен поглед на Дојранската Долина.

Ретко кој знае дека градот бил евакуиран, а потоа и целосно разурнат за време на борбите меѓу Силите на оската и Антантата. Од тогашните 18.000, сега градот има 3.000 жители. Во тоа време е разурната и црквата Св. Илија, која се наоѓа покрај самиот пат во Стар Дојран. Денеска е целосно реновирана и служи дури и за организирање концерти во рамките на Д-фестивалот. Познати музичари, меѓу кои и Влатко Стефановски и Ману Чао, имале настапи во самата црква, чии простории ги опишале како место со навистина добра акустика. Освен црквата, пред околу 6 месеци заврши и реконструкцијата на Саат кулата и Турскиот амам, релативно непознати објекти во Дојран, кои се наоѓаат во близина на црквата. Со пари од европските фондови, Саат кулата изградена во далечната 1372 година и уништена во Балканските војни го доби првичниот автентичен изглед и висина. На Градската бања се извршени конзерваторски и реставраторски работи, расчистување на локацијата и поплочување на патеки до локалитетите. Локалната власт е свесна дека овие историски места, заедно со линијата на фронтот се интересни, а релативно непознати за јавноста, па планира да формира јавно претпријатие што треба да се грижи за објектите.

„Ние како општина пред неколку месеци донесовме одлука да формираме ново јавно претпријатие што ќе се грижи за организирање тури, за ставање во употреба на музејот, турската бања, на фронтовската линија, што ќе биде доста атрактивно за туристите. Ова јавно претпријатие ќе си има посебно вработени луѓе што ќе бидат туристички оператори, ќе ги одржуваат самите објекти и сл. Ќе помагаат во организација на настани и во создавање нови содржини, кои треба да привлечат нови туристи“, вели градоначалникот.

Поради близината на граничниот премин, многубројни туристи (најчесто Срби) на одење или на враќање од Грција, остануваат по неколку дена во Дојран. За да се привлечат што е можно повеќе луѓе да го посетат овој регион, градоначалниците од околните општини, заедно со угостителските објекти и со сместувачките капацитети имаат иницијатива да изработат заедничка понуда во делот на туризмот, која би била наменета за промоција на странскиот пазар. Таргети се пред сѐ српскиот и бугарскиот пазар. Намерата е да се збогати туристичката понуда со повеќе содржини што би им биле интересни за посета на странците.

Водостојот на езерото во моментов е над нултата кота

Водостојот на езерото во моментов е над нултата кота

Водата на езерото на соодветна висина и со добар квалитет

Дојранското Езеро пред еколошка катастрофа. Ваков аларм стигна пред околу два месеца, откако се дозна дека поради заштеди на струја, хидросистемот „Ѓавато“ што преку пумпи го одржува езерото, не го полни со свежа вода веќе три месеци. Дека до крајот на летото, нивото на Дојранското Езеро може да се намали и за еден метар ако итно не бидат вклучени пумпите што носат вода, предупредија советниците од опозицијата во општината.

„На крајот на летово, може да ни се случи катастрофа. Најголем проблем ќе биде во летните месеци, кога има најмногу испарување на водата и кога населението ги наводнува посевите. Во тој период, ако нема дотур на свежа вода, мислам дека дефинитивно ќе се наруши биодиверзитетот на Дојран, кој на граѓаните им е на прво место“, рече Кирил Крапчев, советник во Општина Дојран.

И од Кабинетот на градоначалникот и од Министерство за животна средина надлежно да го одржува хидросистемот „Ѓавато“, смируваат дека опасност од еколошка катастрофа нема. Системот не морал да впумпува вода во текот на целата година ако е водостојот на езерото добар.

„Буџетот на Министерството е неоправдано оптоварен со енормно високи сметки за електрична енергија, кои од 4 милиони денари месечно, од октомври во минатата година, се зголемија на повеќе од 20 милиони денари. Нема место за вознемиреност, а во случај на евентуално намалување на нивото на езерото, Владата ќе ја разгледа можноста за повторно приклучување на системот“, соопштија од Министерството за животна средина.

Засега податоците се добри. Редовните контроли покажуваат дека водостојот на Дојранското Езеро е за два метри повисок од „нултата кота“. Температурата на водата е 23 степени на средината на јули.

Image
Newsletter