Ретко кој знае дека древната мегалитска опсерваторија Кокино заедно со локалитетот Цоцев Камен, кратовско, е едно од местата на Балканот што се доказ дека нашите претци од овој регион уште одамна ги познавале тајните на небото. Несомнено, по своето значење Кокино се издвојува од другите. Од откривањето пред 20 години, бројните археолошки експедиции дојдоа до откритија дека овој локалитет служел не само како мегалитска опсерваторија, туку и како светилиште посветено на култот кон Големата Мајка и кон Богот на Сонцето.
Како е откриено значењето на Кокино?
Пред точно 21 година, во пошироката јавност осамна веста дека некаде во кумановско постои место од исклучително значење, кое може да ги одгатне знаењата на древните народи на овие подрачја. Кокино беше откриено случајно од македонски археолози, за времетраење на сосема поинакво археолошко ископување, во близина на селото Стрновац, по што следуваа археолошки операции на Музејот на Куманово. Археолозите и астрономите открија дека се работи за древна мегалитска опсерваторија, создадена под влијание на природните сили. Сместена на неовулкански рид, на надморска височина од 1030 м, со должина од околу 90 м и ширина од 50 м, под планинскиот врв Татиќев Камен, во атарот на селото Кокино, кумановско, се наоѓа локалитетот што претставува културно наследство од исклучително значење, единствено од ваков вид во Македонија. Локалитетот се состои од повеќе шилести карпи создадени со стврднување на истечена лава од активен вулкански кратер, каде што се создале процепи. Утврдено е дека староста на Кокино е 4 илјади години, односно дека датира од 1800 година п.н.е, односно од раното бронзено време.
Сега веќе починатиот Ѓоре Ценев, физичар што целиот својот работен век ѝ го посвети на астрономијата и кој заедно со кумановскиот Музеј (екипа предводена од Јовица Станковски) ја објави „Археоастрономска анализа на мегалитската опсерваторија Кокино и другите локалитети во Република Македонија“, се смета дека ги одгатна тајните на Кокино. Тој докажа постоење на древна астрономска опсерваторија во која бил изработуван лунарен календар. Истражувањата презентирани пред научниот свет доведоа до тоа неколку години подоцна вселенската агенција НАСА да го стави локалитетот „Кокино“ на четврто место на листата на најстарите опсерватории во светот, веднаш по познатите опсерватории на локалитетите Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Велика Британија и Ангкор Ват од Камбоџа. Денеска „Кокино“ како една од најпознатите древни опсерватории во светот, привлекува голем број туристи.
Кокино како мегалитска опсерваторија
Еден од најинтересните денови за посета на Кокино е првиот ден од летото или најдолгиот ден во годината, кој на локалитетот традиционално се одбележува со пречекување на изгрејсонцето. Тогаш таму се собираат вљубеници во природата, кои уживаат во убавините, а во рани зори го пречекуваат Сонцето да помине низ маркерот на праисториското обележје изградено во бронзеното доба. Оваа традиција е присутна веќе 20-тина години, уште од откривањето на опсерваторијата.
Времето и ерозијата на Кокино направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето. Седумте камени маркери во минатото ги означувале местата за изгревање на Сонцето и на Месечината. И тоа во периодите на кусодневица, рамнодневица и долгодневица, како и нивните отклони. Сонцето, всушност, само на рамнодневиците – на 21 март и на 21 септември – изгрева точно на исток и заоѓа точно на запад. Потоа, постепено има отклонување кое изнесува до 45 степени. Набљудувањето на движењето на небеските тела помагало да се прават календари, кои служеле за организирање на земјоделските и н на сточарските активности, како и за одредување на деновите за изведување на ритуалните племенски обреди врзани со култот на плодноста, на светиот брак меѓу Мајката Земја и Сонцето. Местата на изгревање што се опфаќаат со природните маркери на мегалитните стени во Кокино укажуваат дека изгревањата на исто место на Сонцето се повторуваат на 18,6 години. Тоа значи дека праисториските жители правеле лунарен календар со циклус од 19 години, што е врвно цивилизациско остварување. Опсерваторијата е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. Најновите астрономски истражувања покажале дека од ова место освен позициите на Сонцето и на Месечината, биле набљудувани и ѕвездата Алдебаран и групата Плејади. Постојат индикации дека од Кокино можеле да се предвидат сончевите и месечевите затемнувања. Се смета дека опсерваторијата била во употреба над 1200 години.
Кокино | извор: Kokino Makedonien Sternenwarte
Кокино како светилиште
Со оглед на тоа што на Кокино не биле пронајдени основи на куќи и слично, археолозите се прашувале дали е ова наоѓалиште поинакво од другите. Археологот Јовица Станковски од кумановскиот музеј претпоставил дека карпестиот рид над селото Кокино претставувал светилиште, односно света планина или свет врв. Светилиштето веројатно било со регионален карактер, можеби и култен центар, со извонредна видливост во радиус од околу 30 км. Ова откритие силно одекнало во балканските археолошки кругови, пред сѐ, поради фактот што дотогаш, сосема малку се знаело за верувањата на луѓето од бронзеното време на овие простори.
Извршените испитувања и пронајдените артефакти (керамички чинии, амфороидни садови, камени секири) покажале дека Кокино има карактеристика на светилиште во кое се вршеле разни ритуални обреди. Целиот простор бил опкружен со ѕид широк 1,20 метри, чија функција била да се обележи светото место, како и да се оддели од другиот простор каде што не се вршеле обредни церемонии.
Истражувањата во археологијата во последните неколку години открија траги од населба од железното време (7 век п.н.е.), подигната на јужната падина на ридот. Пронајдени се и рачни мелници за житарки, пирамидални тегови, прешлени за вретена, калапи за лиење на бронзени предмети, камени секири и др. Во малите процепи биле ставани и мали керамички фигурини, кои најчесто претставувале делови од човечко тело и од тела на домашни животни. На локалитетот се пронајдени околу 100 обредни јами.
Археоастрономите веруваат дека главната улога на т.н. тронови на Кокино била да се извршат ритуали на поврзување на Богот Сонце со неговиот претставник поврзан на земјата. Еден од троновите има посебен маркер исечен на врвот и е поставен на највисоката точка на локацијата. Ова е местото каде што се мисли дека седел владетелот. Маркерот на престолот бил исечен со голема прецизност за да се обезбеди дека во ритуалните денови сончевите зраци ќе поминуваат токму таму каде што седи најмоќниот член на заедницата. Многу е веројатно дека таквите церемонии се совпаѓале со крајот на жетвата, обезбедувајќи мир и просперитет за годината што доаѓа. Дваесет рачни брусилки пронајдени во основата на ритуалниот знак ја поддржуваат оваа теорија.
Мапа на Кокино
Кокино како туристичка дестинација
Откако пред 17 години, НАСА го издвои Кокино како 4. најстара светска опсерваторија и прва на Балканот, очекувано заинтересираноста на туристите да го зацртаат локалитетот на својата мапа на посети се зголеми. Се чини државата не беше подготвена за ненадејниот интерес. И покрај тоа што владите и локалната власт во Куманово вложија значителни средства во дополнителни истражувања и туристичко збогатување на околината, тоа се само почетни чекори за она што има огромен потенцијал за туризам во североисточниот дел од земјата.
Да почнеме од почеток. Патот до Кокино. За некој што не поседува возило, автобускиот превоз до Кокино би можел да биде вистински предизвик. Автобуските линии од Куманово до Кокино се навистина ретки, ги има само неколку во текот на денот. Патот е тесен и стигнува до место каде што може да се паркира, по што посетителот треба да пешачи односно да се искачи до локалитетот. Капацитетот на т.н. паркинг дефинитивно не е доволен. Ако се следат препораките, пред сѐ на странските туристи, сите коментираат дека локалитетот е прекрасен, но дека е навистина неопходно да се направат повеќе инвестиции за доуредување на околината на локалитетот.
„Има малку информации на информативната табла во подножјето на ридот, а јажињата што ги обиколуваа ,троновите' се тргнати за да се спречи оштетување? Нема логика!“
„Патот до Кокино е малку напорен и не е толку добар, затоа погрижете се да имате мапа или GPS или нешто со себе за секој случај. Исто така, кога ќе пристигнете таму со автомобил, има место за паркирање, па можете лесно и безбедно да го паркирате автомобилот. Сосема вреди да се посети!“
„Лошата вест е дека дестинацијата е тешко да се најде. Патната сигнализација не е најдобра, а локацијата е далеку од населена област. Кокино го најдовме со помош на локалните жители. Таму можевме да најдеме само еден вандализиран знак што го објаснува значењето на локацијата, па моравме да ги споиме деловите од знакот за да го прочитаме. Патеката е означена со дрвени столпчиња, а се споменуваат и четири области срамнети со земја од градителите, но ништо не е јасно обележано. Изгубено е исклучително многу од образовната вредност на локалитетот.“
Ова се само дел од коментарите на посетителите на интернет-страницата „Trip Advisor“.
На прсти се бројат туристичките агенции што нудат организирани тури до Кокино и околината. Центарот за научни истражувања и промовија на културата „Хаемус“ е еден позитивен пример што обезбедува вистинско доживување на Кокино, како за возрасните, така и за децата. Центарот повремено организира авантуристички тури за најмладите, во кои тие преку разни „клучеви“ и одгатнување загатки треба да го најдат скриеното богатство на локацијата, па така преку игра и да научат за значењето на Кокино.
Регуларните туристички агенции го нудат Кокино како дел од кружните тури за странските туристи, додека за домашните повремено има еднодневни екскурзии. Македонските граѓани најчесто самоиницијативно го посетуваат локалитетот во своја сопствена режија и превоз. Исто така, и покрај напорите да се едуцира кадарот, на прсти се бројат туристичките водичи што знаат доволно за да го презентираат Кокино детално на вистинскиот начин. Ова е многу важно, бидејќи ако некој сам појде на дестинацијата, може да се изгуби во мноштвото камени структури без притоа да знае што всушност гледа и што значи тоа.
Кокино – културно наследство
Ретко кој знае дека во североисточниот дел од Македонија не е само Кокино дестинацијата што главно служела за набљудување на небото и за организирање свети ритуали за жртвување, односно славење на култот на Големата Мајка и на Богот на сонцето. Интензивните теренски анализи резултирале со откривање мрежа од 10 светилишта на планинските врвови во кумановско-кратовскиот регион, покрај реките Пчиња и Крива Река, кои се материјални докази дека пред 40 века на тие простори имало организиран живот. Светилиштата кои служеле како помошни околу Кокино ги вбројуваат Враница, Вујевска Карпа, Зебрњак и Ругинце, кои се наоѓаат во општината Старо Нагоричане, Јеленец на територијата на Куманово, Џаница и Бигљан во општина Кратово, светилиштето наречено Спас во општина Ранковце и Клепало во Крива Паланка. За локални светилишта се сметаат Брешко и Стрезовце во Старо Нагоричане, додека и Трескавец се води на составената листа како кандидат за регионално светилиште.
Астрономот Ценев, кој раководел со истражувањата на теренот во Североисточна Македонија, своевремено рекол дека цивилизацијата што го изградила Кокино постоела во 18, 19 и 20 век пред нашата ера. Тој сметал дека луѓето што го изградиле и кои ги користеле локалитетот и сите други светилишта, постоеле во тоа време и на оваа територија. Тој зборувал за т.н. Кокино-култура што го одликувала тој народ, а бидејќи немало други такви траги на Балканот, Македонија е прва на овие простори.