Додека трае пандемиската криза, ограничените можности за патување „натераа“ многу Македонци одново да посакаат да ја запознаат татковината. Наместо на плажите во Грција, турите за викенд низ европските метрополи или шопингот во соседството, се чини дека повторно им се вративме на корените, кон љубопитноста да научиме и да видиме повеќе од сопствените природни убавини, историски локации, уникатна архитектура. Едно од гратчињата што пленат со својата автентичност и допадливост е – секако – Крушево, идилично место од кое со сигурност ќе се вратите наполенти со позитивна енергија.
Билјана Проеска
Речиси и да не постои некое помало гратче во Македонија што има толку потенцијал да биде посетено од туристите преку целата година како што е Крушево. Сместено на падините на Бушова Планина, Крушево е највисокиот град на Балканот и првиот етноград во Европа. Сепак, ова магично место што изобилува со историја, недопрена природа, зеленило и со атрактивни стари куќи е празно повеќе од половина година. Освен поголемото внимание што го добива градот лете околу празникот Илинден и во зима поради скијачката сезона, во месеците помеѓу, особено во работните денови, тишината низ крушевските улици ќе ве совлада. Младите се одамна иселени во потрага по подобар живот во околните градови и во Скопје, а инвестиции речиси и да нема. На градот под итно му треба рестарт и добро инфраструктурно планирање за да може туристичката понуда да биде комплетна и одржлива на долг рок. За почеток, Крушево е добро поврзанo со патишта до другите градови, но тие се во лоша состојба. Иако се направија напори за санирање на делниците од Кривогаштани и Демир Хисар, градежните активности се одвиваат бавно. Речиси сите што одат кон градот го користат патниот правец од Прилеп. Само едната сообраќајна лента од регионалниот пат тешко дека може да го издржи напливот од возила лете кога има најголем метеж. Патот, пак, од Крушево до Демир Хисар е посебна приказна. Со години жителите од двата града и од околните места се жалеа дека делницата е полна со дупки и дека не може да се извозат ниту 100 метри без да се застане. Властите направија напори за реконструкција, но само половични. Населението сѐ уште се жали, а надлежните уверуваат дека во 2022-та конечно правците од Кривогаштани и Демир Хисар ќе бидат санирани. Градот внатре се чини добро уреден. Сепак, зиме кога наносите од снег се најголеми, локалните власти често потфрлуваат. Така, скијачите и другите туристи негодуваат поради неисчистените улици и несобраниот смет. Билјана Проеска, крушевчанка и кандидат за градоначалник на последните локални избори, вели дека одржувањето на инфраструктурата мора да биде во фокусот.
Спомен - куќата на Тоше Проески
„Единствена должност на властите беше да се чистат улиците, да биде проодно и безбедно за туристите, но се соочивме со нивната немоќ или неспособност. Крушево беше заглавено во снег и непроодно. Дополнителен проблем е паркингот, кој за жал го има со ограничен број паркинг места, па туристите се наоѓаат во ситуации кога треба да пешачат и по 2 километри од местото на оставање на возилото до сместувачкиот капацитет“, вели Проеска.
Кога ќе прашате некој локален жител по што е препознатлив неговиот град, сите како од пушка одговараат дека се гордеат со богатата историја, со илинденско Крушево, но и со музичката попѕвезда Тоше Проески. Без разлика каде престојувате, каде јадете, во кој објект ќе влезете или кого ќе сретнете по крушевските сокаци, секаде ќе наидете на некого што го познавал и кој со задоволство непрекинато може да ви раскажува за часовите поминати со Тоше и одново да ги прераскажува анегдотите и доживувањата со него. Неговите обожаватели организираат маратони, мото и велосипедски тури од местото на загинувањето до неговиот роден град речиси секоја година од 2007-та до денес, најчесто околу деновите на неговата смрт, но и за неговиот роденден. Затоа не случајно убедливо најпосетен во целата држава е музејот што му е посветен нему, Спомен-куќата на Тоше Проески. За 10 години, дури 700 илјади посетители стапнале во Спомен-куќата, каде што ќе ве пречекаат негови лични предмети од детството, преку тие од школските денови во Крушево и во Битола, па сѐ до предемти поврзани со неговата богата музичка кариера. Таму се витрината во која е изложена неговата прва акустична гитара од најраното детство, неговиот велосипед и мотор, моторџиската облека, одбојкарскиот дрес со број 9, патиките, дипломатскиот пасош како Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, позлатената икона купена на аџилак во Ерусалим, уметнички слики, лични фотографии, па дури и неговата собна гарнитура. Особен впечаток оставаат двете восочни фигури во природна големина изработени во Киевската школа за восочни фигури во Украина. Триста и педесет изложени и уште толку неизложени експонати во депото на музејот ја заокружуваат животната приказна на нашиот најпознат пејач.
Спомен - куќата на Тоше Проески
За разлика од Спомен-куќата на Тоше, другите музеи во Крушево тонат во заборав. Иако на прва ќе си речете дека е градот познат токму по богатата историја, па очекувано е акцентот да го стави токму на музејскиот туризам, тоа ни оддалеку не е така. НУ „Историски музеј“ – Крушево е установа што се грижи за музеите во градот. Новопоставениот в.д. директор Тома Тана вели дека годишно едвај две илјади посетители стапнуваат во музеите. Најпосетувани се споменикот „Македониум“ и галеријата „Никола Мартиноски“ зашто во моментов останатите објекти не се во функција поради реновирање и реконструкции. Не е тајна дека се неопходни инвестиции за обнова, како на нивната внатрешност, така и на фасадите. Од продажба на билети не може ниту да се помисли да се покријат барем дел од трошоците бидејќи се цените прениски. Поединечните карти се движат од 20 до 60 денари, а групните влезници од 40 денари за домашни до 120 денари за странски туристи. Токму затоа финансиите за одржување и обнова на музеите се оставени на милост и немилост на централната власт. Сепак, нешто веќе почнало да се реновира.
„Дел од музејските објекти се во прилично лоша состојба поради староста и поради нивната обемна површина, но дел редовно се одржуваат преку голем број реставраторски и инвестициски проекти поддржани од страна на Министерство за култура. Потребна е поголема финансиска поддршка за обнова на музеите и за кадровски засилувања бидејќи има голем број музејски објекти“, вели Тана.
Туристите најчесто се жалат дека дел од музеите не работат секој ден, па немаат можност да ги посетат. Голем дел од нив не се информирани дека неколку музеи не работат во моментов. Директорот уверува дека работното време е секој ден од 08:30 до 16:30 часот, вклучувајќи ги и саботата и неделата, а посетителите за секој објект може да се информират во инфоцентарот на Гумење.
Македониум
Убедливо најпосетуван во оваа група е споменикот Илинден или „Македониум“, кој доминира над градот, уникатно архитектонско дело што претставува најпрепознатливо обележје на Крушево. Таму се и посмртните останки на познатиот револуционер и прв претседател на Крушевската Република, Никола Карев. Комплексот, инаку идејно решение на архитектката Искра Грабул, вајарот Симон Грабул и сликарот Борко Лазевски, почнува со плато на кое се претставени раскинати пранги, продолжува преку хронологијата на значајните настани и личности од илинденскиот период, сѐ до атрактивниот мозаичен амфитеатар, куполата, витражите и релјефите што го симболизираат стремежот за слобода на македонскиот народ.
Друг препознатлив објект отворен за јавноста е галеријата „Никола Мартиноски“, сместена во стара куќа со автентична крушевска архитектура, позната по изложените 62 ликовни дела на познатиот македонски сликар. Куќата избрана од самиот Мартиноски додека бил жив е изградена во 1832 година, а убедливо најпознатиот експонат што е изложен во неа е уметничкото дело „Доилка“ на сликарот од 1967 година. Делото наречено уште и „македонска Мона Лиза“, во 1972 година било изложено во познатиот париски музеј Лувр.
За жал, останатите музеи се привремено затворени, па посетителите немаат можност да влезат во Музејот на НОВ, во кој се сместени експонати од партизанскиот период, а во кој доминира фреската-мурал на Борко Лазески, која го претставува текот на војната.
Во Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република се сместени оригинални оружја, карти, мапи и фотографии од споменатиот период.
Еден од најатрактивните музеи е – секако – Леарницата. Таму може да се видат уникатни оружја од илинденскиот период, пушки од француско, австриско и од американско потекло, заробени пушки од Турците, стари пиштоли „кремењачи“, како и пушката „Штаер Малихер“ на Никола Карев.
„Оловните зрна се исто така уникатни. Во леарницата тајно се носело олово што се собирало по куќите, потоа тие оловни предмети се топеле во посебни садови, и од растопеното олово се правеле зрната за муниција. Тие и ден-денес им се на увид на посетителите“, раскажува директорот Тома Тана.
Панорама од Крушево
Младите од Крушево забрзано се иселуваат со децении наназад. Во градот и во околината, освен помалите поврзани со туристичко-угостителската понуда, речиси и да нема нова инвестиција што би ги натерала младите да останат овде и да придонесат кон обнова на родниот крај. Немањето понуди за работа очигледно си го зема данокот во Крушево. Иако голем дел од кадарот е ангажиран во угостителството, сезоната трае прекратко за да може вработените да бидат пријавени нормално на полно работно време, а газдите мака мачат да ги одржат капацитетите во живот преку целата година. Сите се сложуваат дека е неопходна понуда што ќе трае 4 годишни времиња, особено во делот на спортските и на културните активности.
Кога е во прашање спортот, Крушево стана видно препознатливо место на мапата на авантуристичкиот туризам. Гратчето се вбројува меѓу најдобрите места во светот за вљубениците во параглајдингот поради географската положба, надморската височина и поволните климатски услови. Очекувано најголема е посетеноста лете, кога се организираат куповите и натпреварите во параглајдинг, а сѐ повеќе се зголемува и бројот на туристи што сакаат да пробаат параглајдинг во тандем, поттикнати од адреналинска љубопитност да ја почусвтвуваат магијата на летањето со параглајдер.
Стерули Ѓоргиески е еден од сертифицираните тандем-пилоти за параглајдинг. По долги години учење, усовршување и професионална надградба, вели конечно го остварил долгогодишниот сон. Со помош на своите блиски пријатели, само пред неколку недели го креираше Параглајдинг Крушево. Иако се засега присутни само на социјалните мрежи, иницијативата наидува на одобрување не само од локалното население туку и од поддржувачи целата земја. На стартот на иницајативата, кон крајот на зимата, временските услови не дозволувале официјален почеток на сезоната, но сега веќе се организираат летови, па на лето во Параглајдинг Крушево очекуваат голем број заинтересирани туристи. Ѓоргиески вели дека иако се чини лесно, за некој да стане сертифициран тандем-пилот за параглајдинг освен желба, треба и многу работа. Патот за добивање лиценца е долг дури 3 години. Почнува со тренинзи на рамен терен, преку полагање тестови, па сѐ до достигнување на бројката од 200 до 300 реализирани летови.
Параглајдерство над Крушево
„Се лета исклучиво со висококвалитетна опрема, која секако влијае на безбедноста. Знам дека голем дел од заинтересираните се соочуваат со страв, но од досегашното искуство, во моментот кога сте веќе над градот и Пелагонија, чувствувате една слобода и безгрижност како светот да е ваш, па целосно го заборавате стравот. Секој што е заинтересиран за лет секако добива соодветни насоки, но кога сме веќе во лет, најубаво е да ѝ се препуштите на слободата и да уживате во погледот, останато е моја работа. Безгрижноста, слободата и погледот на околината од една друга перспектива го прават летот со параглајдер незаборавен. Секако, тука е и адреналинот, кој, би рекол, носи во друга димензија. За љубителите на адреналин нудиме и лет во термика, кој е подолг, но вклучува и определени различни движења во воздух за разлика од другиот, порелаксирачки лет. Она што го гарантираме на крај е незаборавно искуство што се памети цел живот“, вели Ѓоргиески.
Сепак, за да се охрабрат што повеќе луѓе да го искусат летањето со параглајдер, неопходни се и инвестиции во добра инфраструктура, проширување и организирање нови полетувалишта, како и уредување простор за паркинг за посетителите.
„Иако се работи веќе на подобрување на полетувалиштето и на уредување на околината, сепак градот треба да ја подобри целокупната туристичка понуда. Најголема пречка останува да биде лошата пристапност до градот од клучни локации како што се Охрид и Скопје. Потребно е да се придобијата повеќе квалитетни превозници за да се реши транспортот, кој влијае врз заинтересираноста не само на странските туку и на домашните туристи. Потоа е потребно да се овозможи туристите подобро да се информираат и да се снајдат во градот, преку поставување инфотабли и мапи што ќе им помогнат не само да стигнат до полетувалиштето туку и да ги запознаат нашата богата култура и историја. На крајот, сите заедно мора да се погрижиме да имаме чиста околина, за нас и за нашата природа“, вели Стерули.
Пешачка патека во околината на Крушево
И локалните жители и посетителите се сложни кога велат дека Крушево може да стане авантуристички рај – да се уредат пешачките патеки, да се инвестира во планински велосипедизам, да се обезбедат повеќе локации за летање со параглајдер, змејарството е исто така во подем – можностите се огромни. Сепак, инвестициите се најчесто поврзани со вложувањата на приватниот сектор, многу повеќе отколу со тие на локалните власти.
Една таква позитивна приказна е поврзана со функционирањето на скијачкиот центар Станич. Така, покрај можноста да се спуштате по благите скијачки патеки погодни за почетници, може да изнајмите електрични санки и четириколи, да резервирате скијање со инструктор, да се напиете кафе или да пробате од храната во ресторанот Алто. Веднаш на скијачките терените се наоѓа и ресторанот „Шапе“, сместен во дрвена планинска куќичка, а во чаршијата во Крушево веќе со децении функционира првиот ресторан „Шапе“ отворен далечната 1982 година. Уникатната угостителска приказна на „Шапе“ нуди надалеку прочуено гастрономско искуство, што слободно може да се каже дека е голем пропуст да отидете во Крушево, а да не го посетите овој ресторан.
Големата надморска височина и климатските услови неминовно упатуваат на планови за проширување и изградба на скијачки центри во Крушево и околината. Еден таков проект е оној на Агенцијата за странски инвестиции, која лани во ноември најави дека ќе бара инвеститор за милионска изградба на целосно нов скијачки центар на Бушова Планина. Билјана Проеска коментира дека овој проект треба да се заврши час поскоро.
Крушевско езеро
„Таков објект ќе нуди вработувања, економски развој, ќе напредува угостителската струка (келнер, готвач, хотелско-туристички техничар) во средното училиште во Крушево, ќе се зголеми бројот на ученици што ќе се запишуваат, бидејќи ќе постои гаранција за вработување. Исто така, во Крушево веќе 10 години има дисперзирани студии од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, па кадрите што излегуваат оттаму ќе можат максимално да се вложат во унапредувањето на туристичката понуда. Ние се молиме за повеќе инвеститори и што повеќе луксузни хотели, спа-центри, подолги скијачки стази, поголеми полетувалишта за параглајдери, туристички објекти на Мечкин Камен, но и хотелски објекти околу езерото, каде што се наоѓа викенд-зоната“, вели Проеска.
Вложувања се неопходни и во збогатување на гастрономската понуда, особено во руралните области. Чистата почва и воздух нудат можности за одгледување органски производи и преработки како слатка и џемови од крушевските малини, сливи, шумски јагоди, капини и шипинки. На пазарот има квалитетно овчо и козјо сирење, мед и млеч, а во рестораните автентични јадења како крушевски колбас, крушевска пита, питулици со лук,чомлек, ширден, крушевско јагне во фурна и слично.
Посетата на скијачкиот центар, музеите, спомениците, разните културни настани, уникатното гастрономско искуство, летањето со параглајдер, велосипедизмот, пешачењето и јавањето коњи околу Крушевското Езеро, сето тоа го прави градот атрактивен за посетителите во текот на целата година. Престојот во Крушево е незаборавно доживување за сите сетила – едноставно чист воздух, храна и одмор на едно место.