Величествена природа, но и градежна офанзива која го загрозува статусот на УНЕСКО. Вака отприлика во една реченица, еден турист може да го опише доживувањето на пределот околу Охридското Езеро, како од македонска, така и од албанската страна. Двете држави имаат уште многу работа како да го направат попривлечен овој реон, без притоа да го загрозат статусот на УНЕСКО. За подетално да ги доловиме атрактивните места по должината на брегот, се упативме на еднодневно патување околу езерото.
Калишта
Струга ја одредивме како стартна станица на патувањето. Бидејќи овој град со богата историја заслужува посебна туристичка анализа, овој пат ќе го прескокнеме. Движејќи се кон граничниот премин со Албанија, манастирскиот комплекс Калишта веднаш се издвои како локација од посебен интерес за секој турист. Тој се наоѓа на самиот брег на езерото веднаш до хотелот „Бисер“. Во комплексот, посебно место има познатиот средновековен манастир посветен на Рождеството на Пресвета Богородица, сместен во пештера над езерото, за кој се знае дека потекнува од XIV век.
Оваа мала црквичка направена во карпа се состои од три монашки ќелии, две на долниот и една на горниот кат. Во секоја од ќелиите се влегува низ мала и тесна врата, а и самите ќелии се едноставни мали соби во кои монасите се изолирале.
Покрај оваа стара пештерска црква, изградени се и две нови цркви со преубави манастирски конаци, кои доминираат над езерската шир.
Црна Богородица од Калишта.
„Црна Богородица“ – симбол на лековитата моќ за паровите без деца
Овде, во овој комплекс, кој се простира во неопислива природна убавина, се организираат бројни свадби и крштевки. Комплексот особено е посетуван од парови кои сѐ уште немаат деца. Тоа е така, поради тоа што веруваат во исцелителната моќ на т.н. „црна икона“. Имено, во стариот пештерски дел, кај ќелиите на монасите е пронајдена единствената ваква икона на која Богородица е прикажана во црна боја. Оваа икона е една од највредните во Македонија и се верува дека има неверојатна лековита моќ.
Во манастирскиот двор се наоѓа чинарот стар 700 години. Tој има централно место во комплексот, посебно е обележан и е идеална локација за краток одмор.
На карпестиот гребен што се издигнува веднаш јужно од селото Калишта и се протега сѐ до селото Радожда, постојат повеќе вакви стари средновековни пештерски цркви од XIV и од XV век со доста вреден и интересен живопис.
Од нив посебно може да се издвои пештерната црква „Свети Атанасиј“, која изгледа како да е срасната во околните карпи. Оваа црква е симбол на средновековното сликарство во Македонија. Сепак, токму поради тоа, заедно со околните цркви и манастири, често е предмет на кражби, а неретко украдените икони се пронаоѓани во соседна Албанија. Некои никогаш не се вратени назад. Двете земји лани потпишаа договор за враќање на 20-тина икони украдени од битолскиот, струшкиот и од дебарскиот крај.
Радожда. | Извор: kajak mk
Радожда
Патот нѐ води кон селото Радожда, кое се наоѓа на дваесетина минути возење од Струга. Познатото рибарско селце последниве неколку години стана симбол на руралниот туризам во земјава. Плени со местоположбата меѓу езерото од една страна и стрмните карпи од друга. До местото кое се наоѓа на надморска височина од 725 метри, се стигнува по нов асфалтиран пат кој поминува низ викенд-населбата Елен Камен. Во Радожда има многу што да се посети. Во селото и во околината има 7 цркви што пленат со својата убавина. Од нив се издвојува пештерската црква „Свети Архангел Михаил“. Можеби ќе се изморите додека стигнете до неа, но затоа, пак, погледот кон езерската шир вреди за направениот напор. Понова знаменитост е крстот висок 22 метри кој се наоѓа на влезот во селото. Овде има и дел од зачуваниот римски пат Вија Игнација. Зачувани се околу стотина метри од поплочениот пат – калдрма што ги поврзувала Рим и Блискиот Исток.
Денес селото е вистинска туристичка атракција и е доста посетено од многу домашни и странски туристи. Има на располагање многу сместувачки капацитети и ресторани. Токму рибарските ресторани на самиот брег му го даваат необичниот шарм на селото. Веднаш до езерото, мирисот на свежа риба ќе ви ги раздразни сетилата, а во ресторанчињата можете да пробате врвни рибни специјалитети и други деликатеси карактеристични за локалната кујна во струшкиот крај.
Не сакаме да го нарушиме впечатокот, но во водата на сред бел ден, видовме рибари кои фрлаа мрежи. Во сезона кога риболовот е забранет, ваквите дејства ја рушат сликата за природниот рај, мир и спокој кои ќе ги доживеете овде.
Пештерските цркви се ретка убавина во реонот на Радожда.
Завршени градежните работи до преминот Ќафасан
Лин е првото селце од другата страна на албанската граница. За да стигнете дотаму, треба да се премине преку Ќафасан. Во текот на изминатава, 2023 година, градежните активности кон граничниот премин беа во полн ек, па слободно може да се каже дека за разлика од порано, кога оваа делница беше кошмар за возачите, сега прерасна во солиден регионален пат што ја поврзува државава со соседна Албанија. Ние го поминавме Ќафасан за неполни 10 минути, што значи дека дури и во август во најголемиот туристички метеж, процедурите се одвиваат брзо и лесно на двете страни од границата.
Завршени градежните работи до преминот Ќафасан
Се преговара за отворање нов граничен премин со Албанија
Инаку, планот е од Струга до границата со Албанија да води модерен автопат, кој треба да го гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Оваа делница ќе се гради последна, бидејќи компанијата треба истовремено да работи на повеќе инфраструктурни проекти низ Македонија. Исто така, властите од двете страни сѐ уште не се договориле дали автопатот ќе води до Ќафасан или, пак, ќе се помести на друга локација. На почетокот од годинава, властите најавија дека преговараат за отворање нов граничен премин, кој би бил лоциран во тунел, со што патот до Албанија би се скратил за 20 км.
„Последната идеја што ја изнесовме и за која потпишавме меморандум пред Нова година со премиерот Рама и со вицепремиерката Белинда Балуку во Албанија, е да го преместиме граничниот премин, односно границата веќе да не биде на Ќафасан поради висината, туку да се спуштиме подолу, во селото Радолишта, поврзувајќи го со селото Кукуш во Албанија, со што патот би се скратил од 15 до 20 км“, рече вицепремиерот Артан Груби.
За разлика од Македонија, која дури за 5 години можеби ќе почне да ја гради делницата до границата, Албанија забрзано гради нов модерен пат од преминот Ќафасан, па сѐ до Елбасан. Засега, тампониран е целиот дел од Елбасан до Либражд, а за таа цел променето е коритото на цела една река. Темпото со кое Албанија инвестира во патната инфраструктура навистина не е за потценување, па додека ние чекаме на финиширање на делницата Кичево-Охрид, западниот сосед ќе ги поправи и прошири патиштата во целиот јужен дел од земјата.
Исто така, ако некогаш и македонските и албанските власти на големо се фалеа дека железнички ќе ги поврзат двете земји токму кај Лин, од тие ветувања засега нема ништо. Во близина на Лин сѐ уште стојат остатоци од пругата што некогаш се користела за транспорт. Од македонска страна се остана на изработка на проектна документација, која предвидуваше изградба на железница од Кичево до границата во должина од 63 километри. Албанија како држава, пак, требаше да доизгради едвај 2,8 километри пруга. Жално што и овој начин на транспорт изостанува да ги поврзува двете земји, што сигурно би го забрзал и протокот на стоки, но и туристичкиот потенцијал и развојот на градовите и селата околу границата.
Лин.
Лин
Само неколку минути возење ве делат од Ќафасан до малото рибарско селце Лин на албанска страна. Кривулестиот, но подновен пат до Лин води низ величествен природен пејзаж кој го отвора видикот кон Охридското Езеро од другата страна на границата. Интересно е што жителите на селцето не ги граделе куќите со поглед кон езерото, туку зад блискиот рид, па така мештаните и немаат некој којзнае каков поглед кон езерското синило. Очигледно е дека просторот е неразвиен бидејќи најатрактивните плацови со потенцијал за изградба на хотели и други сместувачки капацитети се токму тоа – земјоделски површини, од кои најголем дел стојат необработени.
Мирното место „живнува“ како што се приближувате кон езерото. На сретсело се наоѓаат неколку ресторани кои служат риба и други специјалитети. Бидејќи во нашата група имаше и луѓе што го посетиле Лин пред повеќе од 10 години, велат дека напредокот е очигледен. Ако пред една деценија местото било руинирано и запуштено, сега се гледале инвестициите во руралниот туризам. Некои од старите куќи со автентична архитектура се обновени и претворени во апартмани. Други, за жал се оставени на забот на времето. Сѐ уште стојат информативните табли во кои се посочува дека најголем дел од реконструкциите се направени со грантови или заеми од европските фондови. Уличките се обновени и поплочени, тротоарите проодни, а до главните знаменитости ве водат патокази на повеќе јазици.
Токму на сретсело, сретнавме една поголема група холандски и германски туристи кои беа на еднодневна прошетка околу езерото. На прашањето зошто токму оваа тура им е толку интересна за посета, велат:
„Местото е преубаво. Ваков мир и тишина во комбинација со оваа храна е преубаво доживување!“
„Кај нас нема вакво нешто – на улица да се продава домашно приготвена храна, вино или локални пијалаци. Едноставно, забрането е. Овде може и да јадете и да пиете по пристојни цени.“
„Моите деца не знаат како изгледаат домашните животни ако не ги однесеме во зоолошка. Многу им е интересно овде!“
Во Лин има и црква и џамија. Порано овде живеело православно македонско население кое сѐ повеќе го истиснува муслиманското албанско. Патот до црквата „Света Варвара“ е стрмен и навистина тежок за качување, но секако вреди за напорот бидејќи храмот е величествен.
На ридовите над Лин има остатоци и од ранохристијанска византиска црква, која датира од VI век. Црквата е културен споменик на Албанија и е вклучена во списокот на УНЕСКО за заштита на Охридскиот Регион на албанска страна.
Најстара населба во Европа
Едно од најголемите изненадувања токму ова лето во 2023 година е откритието на швајцарските и на албанските археолози на остатоци од најстарото езерско село во Европа. Радиојаглероднaта анализа на локацијата во Охридското Езеро близу Лин покажала дека наколната населба датира, приближно, помеѓу 6000 п.н.е. и 5800 п.н.е., што го прави старo околу 8000 години. За споредба, наколните живеалишта пронајдени близу Трпејца и Пештани датираат од околу 1.500 години п.н.е.
Раководителот на проектот, швајцарскиот професор Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн, вели дека населбите на брегот на Охридското Езеро биле многу постари од тоа што го очекувале, па барајќи дополнителни финансии за нови истражувања, потенцира дека езерската област во Албанија, Грција и во Република Македонија е вториот најважен регион во Европа по алпската област, со околу 1.000 локации кои сè уште не се доволно истражени.
Угостителството во Албанија – чиста единица
Албанија треба уште многу да работи на развој на туризмот и на угостителството. И покрај тоа што забрзано се обновува инфраструктурата, се градат хотели и се отвораат нови ресторани, се чини нивото на услугата во објектите останува на незадоволително ниво. Токму во Лин го доживеавме најлошото угостителско искуство во Албанија. Имено, комплексот „Леза“ во срцето на селцето е нов и модерен објект што вклучува сместувачки капацитети и ресторан на самиот брег. Погледот кон езерото и кон Галичица од спротивната страна е величествен, но впечатокот го уништува потпросечната летна тераса во водите на Охридското Езеро. ‘Рѓосана ограда, мрежа и расфрлани маси и столици без редослед – вака отприлика може да се опише она што ги дочекува гостите на платформата. Тоа ни одблиску не е атрактивно како внимателно креираната внатрешност на ресторанот. Сепак, погледот вреди, па решивме да останеме овде. И покрај напорот и малиот број маси со гости, за услуга мораше да се чека и по 20-тина минути. За да се добие порачката уште речиси 40-тина минути, а оценката за комплетирање и начинот на сервирање е едноставно чиста нула. Сепак, вреди да се напомене дека цените овде беа пристапни за сечиј џеб и „како замрзнати“. Па така, 350 грама пастрмка чини 750 денари, белвица 600 денари, крап 450 денари, бифтек 500 ден, традиционалните готвени јадења 1.000 денари, рибна чорба 150 денари, шопска салата 150 денари, еспресо 35 денари и пивата Корча и нашето Скопско за 75 денари. За волја на вистината, рибата на жар беше превкусна, салатата скромно мала, но солидна, а пивото студено.
Ресторан „Леза“, најлошо искуство на патувањето.
Успешен обид да се „ограбат“ гостите на курсни разлики
Врвот на лошиот однос во угостителството овде, за кој се надеваме дека беше исклучок а не правило во сите ресторани крај брегот, беше наплатата на услугата. Откако ни беше посочено дека може да се плати во денари, пресметавме по среден курс на Банка на Албанија и уредно плативме. Но ништо не можеше да не подготви за брзината со која келнерот и сопственикот ни го попречија излезот со изговор дека сме платиле премалку. Имено, тие пресметале дека треба да се плати уште најмалку 100% од сумата. И покрај бројните докази, пресметки, консултации со други гости, никако не можевме да ги увериме во спротивното. Дури ни беше и кажано дека тоа е така бидејќи првпат доаѓаме таму. Иронично, искоментиравме дека не знаеме дека за тоа треба да се наплати провизија. На крај, за да не ескалираат работите, си плативме дополнително без потреба знаејќи дека сме во право, и со горчина заклучивме дека никогаш повторно нема да се вратиме во местото. Едноставно, во Лин угостителите сакаат да заработат енормно многу од гости што дошле еднаш и никогаш повеќе нема да се вратат. Сите што работат во угостителството знаат дека од ваквиот несериозен пристап кон работата, може само да изгубат, но не и да добијат. Некои гости Македонци, дури искоментираа дека ваквиот случај ги потсетува на Охрид во 90-тите години, кога газдите се надеваа на брза заработка. Во секој случај, ако некогаш одите во Албанија, најубаво е да си купите албански леки во Македонија пред да тргнете на пат за да не бидете „ограбени“ во име на курсните разлики.
П.С. Овде „не постојат“ фискални сметки, туку уште се во игра популарните „парагончиња“.
Шеталиштето во Поградец.
Поградец – најголем албански адут на Охридското Езеро
На патот до најголемиот град на Охридското Езеро од албанска страна, Поградец, може да се застане на многу видиковци што нудат убав поглед кон Галичица. Мора да се пофалат албанските власти дека многу инвестирале во инфраструктурата овде, па по должината на целото крајбрежје има и обележана велосипедска патека осветлена навечер. На потегот од Лин до Поградец нема многу места, но налетавме на многу убави мали хотелчиња и кампови на самиот брег.
Поградец како град има претрпено драстична промена во последниве неколку години. Ако до пред 10 години изгледаше како некој тажен и сиромашен остаток од комунистичкото минато, сега влеговме во разигран и инфраструктурно обновен град, вреден да се нарече уште еден бисер на Охридското Езеро. Обновени фасади, уредени паркиралишта и сообраќајници – ова е сликата за срцето на Поградец. Во самиот центар доминира црквата „Воскресение Христово“, која сведочи дека ова некогаш бил крај со македонско православно население што подлегнало на процес на албанизација. Денеска половина од жителите се христијани, а половина муслимани.
Градска плажа во Поградец.
Инвестициите во Поградец се особено видливи на кејот на езерото. Градот со години личеше на едно огромно градилиште. Километарската песочна плажа наместа има и делови со тиња, но овозможува пристап во водата и за лица во инвалидски колички бидејќи има рампа за таква намена. Опкружена е со модерно шеталиште на кое се продава сѐ и сешто, а во непосредна близина има многубројни симпатично уредени кафулиња и ресторани со прифатливи цени.
На 200 метри над Охридското Езеро, на ридот над градот, со Поградец доминира тврдината од 5. век. Таа не е воопшто зачувана, но нуди исклучителен поглед кон градот под неа.
Забрзано се гради кај Тушемиште. | Извор: tvm
Градбите кај Тушемиште ги налутија охридските еколози
Потегот на краткиот пат од Тушемиште до граница беше полн со дупки и одрони на патот ова лето. Навистина требаше да се внимава како се вози на овој потег. Дали поради тоа или поради немарните возачи, полициските патроли на оваа делница беа честа појава. Сепак, она што најмногу ги налути еколошките здруженија од Македонија, а особено од Охрид, се градежните активности кај Тушемиште. Имено, евидентно е дека присутната градежна механизација работи на отклонување на дрвјата по должината на крајбрежјето со цел да се направи кеј со пристаниште за помали бротчиња. Нејасно е зошто македонските власти упорно негираат дека вакво нешто се случува од другата страна на езерото и дека таква информација добиле токму од нивните колеги од Албанија, кога лично премиерот Еди Рама се пофали на социјалните мрежи токму со овој проект поради кој се нарушува биодиверзитетот длабоко во езерските води. Инаку, УНЕСКО под чија заштита е езерото воведе мораториум за вакви градби од двете страни на езерото.
Еден ден е сосема доволно да се прошета албанската страна од езерото и да се посети сѐ што може да му се понуди на еден турист, но не и македонската страна на потегот од Свети Наум, па сѐ до Струга. Како што денот се приближуваше кон својот крај, решивме предвреме да ја прекинеме турата и наместо во Струга, денот да го завршиме со капење на зајдисонце на воената плажа зад манастирскиот комплекс Свети Наум.
Ова е една од најубавите песочни плажи на Охридското Езеро. До таму треба да се оди исклучиво пешки. Се работи за „скриен бисер“ на езерото и ретко кој турист ја посетува. Откако долго време беше затворена за посетители, ова лето доживеа ренесанса за туристите што знаат како да стигнат до неа. Капењето на зајдисонце овде е посебно доживување за секој посетител.