Кучково- природа и чист воздух, Златно буре бренд за вкусна традиционална македонска храна

Кучково- природа и чист воздух, Златно буре бренд за вкусна традиционална македонска храна

Природа и чист воздух зачинети со вкусна традиционална храна. Ова за голем број граѓани е поим за добро поминат викенд, слободен ден или празник. Да се ужива максимално во благодетите на животот и за момент да се заборави на секојдневните обврски. Изборот каде да се оди во Македонија е голем, на исток, запад, север или југ – на сите страни од земјава има разноразни угостителски објекти, за секаков вкус и за сечиј џеб. Потребно е само желба, слободно време и пари. Во изминативе години, многу угостители инвестираат во таканаречени етноресторани, каде што се служи традиционална македонска храна. Вакви концепти се сѐ повеќе атрактивни, не само за странските туристи што се насладуваат на нашата храна, туку и за домашните гости кои сѐ повеќе поради брзиот начин на живот, ретко подготвуваат традиционална храна, за која треба умешност, енергија и време.

Затоа, задоволството е големо кога ќе седнете во еден ваков ресторан и ќе пробате овчо сирење од бачило, пинџур, домашно подготвена пита и други специјалитети. Честопати посетителите бараат локација што не е далеку од градската средина, а е во природа. Едно од таквите места е селото Кучково, оддалечено само 16 километри од центарот на Скопје. Таму се наоѓа „Златно буре“, етноресторан што се протега на 6000 м2 и е изграден во традиционален македонски стил. Дојдовме и разговараме со сопственикот Здравко Добревски, кој пред неколку години инвестирал во својата идеја за етноресторан и покрај предизвиците со кои се соочува, како лошата инфраструктура, проблемите со електричната енергија и константниот недостиг од работа сила.

„Во Македонија нема море, има три езера, единствена опција за туризам ни е ваков етнотуризам, да ги видат луѓето убавините на Македонија. Мислам дека има перспектива. Многу луѓе сакаат да излезат надвор од градската средина на чист воздух. Тука видов некоја перспектива и затоа се решив да инвестирам во ваков вид туризам. Кучково е близу до Скопје, само 16 км сме оддалечени од центарот, воздухот е чист, на надморска височина сме од 500 до 700 метри, не е загадено, а близу до главниот град, така што на луѓето им е лесно да дојдат овде, да јадат убава храна и да дишат чист воздух. Граѓаните овде може да дојдат најмногу да ја почувствуваат природата, имаме добра и квалитетна храна и мислам дека сме најголем капацитет во близината на Скопје од овој тип ресторани. За време на викендите и празниците имаме голема посетеност, имаме капацитет да примиме околу 600 гости, плус задниот дел од ресторанот, каде што организираме прослави, свадби, журки, настани“, раскажува сопственикот.

„Златно буре“ располага со капацитет од повеќе од 600 гости.

„Златно буре“ располага со капацитет од повеќе од 600 гости.

„Во Кучково има манастир, Свети Ѓоргија од 13 век, луѓето доаѓаат да го посетат, има други цркви и манастири, има и крст во Кучково, не е голем колку тој на Водно, но е исто така автентичен. Ова всушност е завршетокот на Шар Планина. На овој дел има убава природа, има водопади на 3,5 километри од крстот, има патека за велосипеди и пешаци. Во план е да се организираат тури со коњи, има убави патеки што не се многу напорни. Сакаме да влеземе на мапата на туристите што го посетуваат Скопје, да дојдат да го посетат и Кучково, со тура до манастирот, до водопадите, ама за тоа треба време и добра подготовка за реализација“, вели Добревски.

Граѓаните имаат желба барем еднаш во неделата да си дозволат да посетат некој ресторан. Но, секако, за тоа се потребни и финансии, кои во последно време сѐ помалку ги има поради скапиот живот и нискиот стандард на граѓаните. Тоа директно го чувствуваат и угостителите, кои велат дека клиентите седат во ресторани, но нарачуваат сѐ помалку храна.

Комплексот во Кучково подеднакво атрактивен и за домашните и за странските посетители.

Комплексот во Кучково подеднакво атрактивен и за домашните и за странските посетители.

„Тешко, не можеме адекватно да ги зголемиме цените колку што се покачуваат производите затоа што стандардот на луѓето остана ист. Ако ги коригираме цените, нема да може никој да си дозволи да доаѓа во ресторан. Ние сме голем капацитет и мора да имаме прифатливи цени за да го исполниме објектот. Многу тешко време за бизнис и работа, но назад нема и мора да се работи. Инфлацијата си го прави своето, сите енергенси поскапеа, некои двојно, а платите на луѓето им останаа исти“, вели Добревски.

Освен гости од земјава, комплексот во Кучково го посетуваат и странски туристи, кои, пак, за нашата храна велат дека никаде не пробале нешто повкусно, вели сопственикот на „Златно Буре“.

„Ние како етноресторан, се трудиме да имаме јадења што се препознатливи како македонски, традиционални, наши јадења. Имаме неколку такви специјалитети, како чорба „Златно буре“, тоа е стар македонски рецепт со димени ребра, па имаме тава „Златно буре“, традиционално македонско јадење, потоа шарската плескавица е препознатлива, пастрмајлијата – тоа е нешто што го има само во Македонија, не се прави ниту во Србија, Албанија, Грција, Бугарија, туку се прави само кај нас. Имаме печка на дрва каде што ги спремаме тие пастрмајлии или гравче-тавче, пинџури, макала, салати што останале како традиционални македонски. Секогаш кога доаѓаат странци, сакаат да пробаат нешто што е наше, што го нема на друго место, а тоа на пример е овчото сирење, ние го купуваме од бачило од Дебарско, квалитетот е со години ист. Сите сакаат да ја вкусат нашата храна, странците многу се воодушевуваат од вкусот на традицијата, дури велат дека никаде не пробале нешто повкусно и мислам дека се искрени“, раскажува Добревски.

„Златно буре“ е изграден во традиционален македонски стил.

„Златно буре“ е изграден во традиционален македонски стил.

За да се задоволни гостите, услугата мора да биде комплетна, а тоа, пак, вклучува и доволен број персонал. Тоа во моментов е рак-рана на сите што работат во угостителскиот сектор, вели Добревски и потенцира дека во решавањето на овој проблем треба да се вклучи и државата, затоа што според него, увозот на работна сила од трети земји не е решение.

„Имаме огромен недостиг, посебно годинава не можевме да го исполниме капацитетот на ресторанот затоа што немавме келнери и готвачи. Недостига работна сила и тоа е проблем што не можеме да го решиме. Не можеме да даваме плати како во Хрватска или во Италија, каде што одат нашите келнери, и немаме решение за тоа. Дневниците се зголемени, ама луѓе за работа во угостителството нема. Имаме закажано на пример свадби, настани, па работиме и ние самите. За викенд, на пример, ни требаат 15 келнери, никогаш сме немале толку, а настаните си ги закажал. И на крај, на пример, за 2 Август и јас бев келнер, и цел простор го изработивме со седум келнери. Не можеме да даваме плата како во Хрватска, оти таму, на пример, на една маса сметката е 2000 евра, а плус келнерите се платени и кога не работат во текот на зимата. Ние немаме никаква заштита од државата, едноставно, нема да дојде три дена на работа и треба да го одјавиш. Чисто добра волја на работникот е дали ќе биде лојален. Не е решение да се увезуваат од Пакистан, подобро е да се задржат сопствените луѓе“, констатира Добревски.

„Златно буре“ поседува мини детски парк, но истовремено е и гостопримлив за домашни миленици.

„Златно буре“ поседува мини детски парк, но истовремено е и гостопримлив за домашни миленици.

И секако, овие инвестиции би биле комплетни ако не мора да разговараме за проблемите со кои се соочуваат не само сопствениците на вакви објекти, туку и граѓаните од ова место. Тие проблеми секако ни се добро познати – лошата патна инфраструктура, проблеми со електричната енергија, како и водоводната мрежа.

„Најголем проблем овде во комплексот е струјата. Местово се гради и се проширува, се прават викендици, а ниту мрежата ниту станиците не се адекватни во однос на побарувачката. Кога се присутни луѓето во селото, напонот паѓа и до 170 волти. Се доведуваме до ситуација фрижидерите да работат, а да не ладат, фритезата работи, ама не може да постигне температура, нема доволно напон. Тоа се работи што не можеме ние самите да ги решиме и да ги направиме. Тоа се големи инвестиции, тоа би требало да е работа на државата, општината, ЕВН, а оттаму немаме никаква поддршка. Има водоводна мрежа, ама горе во селото. Ние не сме на тој водовод, далеку сме, па имаме сопствени бунари и базенот го полниме од бунарите. Одвод нема, со јами работиме. Значи струја, вода, одвод, пат – ништо од тоа не е докрај решено. Тие инфраструктурни работи што се фактички работа на државата треба да се решат. Од власта не сме разговарале со никого, никој не дошол ниту да не праша, со локалната власт сме разговарале, колку што им дозволуваат финансиите, толку можат да направат.

Ваквите инвеститори како Добревски велат дека воопшто не се каат затоа што ги вложиле своите пари во овој бизнис, оти се оптимисти дека има можности за развој. Но, истовремено, потенцираат дека државата е таа што треба да обезбеди услови за да продолжат и други да инвестираат.

„Според мене, Кучково е перспективно, има многу можности, многу работи што може да се направат. Државата треба да обезбеди услови за да продолжи некој да инвестира во местово, само тоа треба да се направи. На пример, Швајцарија е мала држава, ама цела година има летен туризам, скијање, термални води. Наместо во Македонија, ние оставаме пари во Банско и во разни скијачки центри. Никој не се заинтересирал да направи нешто во Скопје, а има многу можности, но потребни се стратегија и проекти. Јас секогаш сум оптимист и се надевам на подобри времиња, се бориме. Јас си ги сакам државата и народот“, вели Добревски.

Добревски не застанува тука со својата инвестиција. Вели дека има уште идеи што сака да ги реализира во иднина. Во својот план за развој предвидува изградба на нови бунгалови, размислува и за изградба на адреналински и аквапарк, како и организирање тури со коњи. Дека местото е атрактивно за посета, зборува и фактот дека во еден ден, комплексот го посетиле дури 2000 гости.

Image
Newsletter