Куманово – неоправдано запоставен туристички бисер

Куманово – неоправдано запоставен туристички бисер

Градот на „Батко Ѓорѓија“ е речиси незабележителен на туристичката мапа на Македонија. Освен на поминување, ретко кој го посетува со интенција еден од најинтересните градови во земјава. Најчести се посетителите од Србија и странците што ноќеваат овде на пат кон летувалиштата во Грција. Домашните туристи, освен посетите на локалните ресторани како „Етно село Тимчевски“ и „Визиана“ за еднодневно уживање, како и мегалитската опсерваторија Кокино, тешко дека биле или барем слушнале за локалитетите во близина што би го заинтригирале секој турист. А Куманово и околината имаат и тоа како што да понудат, но се чини промоцијата е на незавидно ниво и нема изгледи дека тоа би се променило во иднина.

Меморијален центар АСНОМ

Речиси неизбежен за посета непосредно пред самиот граничен премин Старац, се наоѓа Меморијалниот центар АСНОМ. Културно-историскиот и спортско-рекреативниот центар во кумановското село Пелинце е посветен на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински.

Центарот се изгради во 2004 година на јубилејот 60 години АСНОМ, на само два километри оддалеченост од историското место, откако македонските делегации со години имаа проблеми при одбележувањето на историскиот ден во манастирот, а особено откако српскиот радикал Воислав Шешељ насилно ги извади спомен-плочите од заседанието на АСНОМ во 1998 година.

Комплексот има површина од 8,5 хектари, а на него се наоѓаат: игралишта, ресторан, амфитеатар за приредби и музеј на АСНОМ во кој се пренесени спомен-плочите од Заседанието на АСНОМ што биле во манастирот Прохор Пчински. Проектант на Меморијалниот центар е архитектот Георги Константиновски. Во музејот се наоѓа копија на собата во манастирот „Прохор Пчински“, во која се одржало Првото заседание на АСНОМ. Тука можат да се видат и знамињата на сојузниците во антифашистичката коалиција на кои се поставени слики на лидерите на земјите-сојузнички во Втората светска војна – Русија, САД и Велика Британија и препознатливиот портрет на Гоце Делчев.

Веднаш до неа е и спомен-собата во која се изложени документите од создавањето на македонската држава. Како најзначајни решенија се прогласувањето на Македонија за федерална држава во нова Демократска Федеративна Југославија, прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик на македонската држава и прогласувањето на 2 август (Илинден) за национален и државен празник. Беше донесена и Декларација со која се гарантира слобода и рамноправност на граѓаните во Македонија без разлика на вера и националност, право на бесплатно образование, право на избор, итн.

На фасадата на музејот се наоѓа монументален мозаик од 140 квадратни метри - Македонија дело на македонски сликар Рубенс Корубин. Мозаикот ја содржи македонската азбука, која е донесена на 3 мај 1945 година на предлог на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета, како и македонски шуми и рисот како ендемски вид.

Река Пчиња.

Река Пчиња.

Пределот околу реката Пчиња

Меморијалниот центар АСНОМ, манастирот Прохор Пчињски на српска страна, испосницата на Прохор Пчињски се наоѓаат во непосредна близина на долината на реката Пчиња. Оваа река речиси по целиот свој тек се одликува со величествена природа, која е магнет за посетителите за време на викендите и во минатото беше редовна пикник-дестинација за Македонците, не само за Илинден, туку и за првомајските празници. Во рамки на Меморијалниот центар, има многубројни летниковци за одмор, а непосредно покрај реката можат да се забележат семејства со деца, рибари, излетници. 

И додека на потегот од Катланово, па сѐ до Куманово, Пчиња е речиси уништена поради многубројните дозволи за експлоатација на минерални суровини и песок од и околу реката, српската држава може да се пофали дека и тоа како, за разлика од нас, знае да го чува природното богатство. Делот непосредно до границата со Македонија или поточно северно од неа, помеѓу планините Козјак и Старац е прогласен за „Предел со особени природни одлики – Долина на Пчиња“. Тоа значи дека реката Пчиња е заштитен појас од втор степен поради своите карактеристики, убавина, клисурести предели, ендемски видови на флора и фауна.

Бислимска Клисура.

Бислимска Клисура.

Бислимска клисура

Еден ваков исклучително привлечен предел по должината на реката Пчиња е Бислимската клисура, која се наоѓа непосредно околу селото Пчиња на потегот кон Куманово. Ако доаѓате од Куманово, ќе стигнете многу брзо, но ако случајно сакате да стигнете дотаму од Скопје преку Горно Коњаре, мошне веројатно е да ви се дупне гума по пат, бидејќи овој патен правец е толку запоставен што важи за еден од најруинираните во земјава. Во никој случај не смее да се дозволи оваа клисура што сѐ повеќе привлекува внимание кај Македонците, особено во последниве неколку години да остане неповрзана со инфраструктура од сите страни.

Инаку клисурата е долга 7 километри, а до неа се пристапува пешки од селото Пчиња. Има јасно обележана патека по течението на реката, каде што на места има спуштање, но и на стрмни места бара искачување по варовничките карпи. По течението на реката Пчиња во Бислимската Клисура, во карпите се забележуваат голем број пештери што се дом за огромен број ендемични видови фауна. Во кањонот се откриени десет пештери, од кои најдолга е пештерата Студен Пештер (90 м). Според уникатниот пештерски накит се издвојува пештерата Лишков Пештер, а најдлабока пропаст е Маркова Куќа со длабочина од 40 м. За големиот број пештери во Бислимската Клисура постојат многу легенди што се пренесуваат од колено на колено меѓу локалното население. Најубав панорамски поглед кон Пчиња и Бислимската Клисура може да се доживее од врвот Кукуљатица. Овој кањон сѐ уште останува тајна за македонските туристи, а најчесто е посетуван од страна на ретките авантуристи.

Црква Свети Ѓорѓи Старо Нагоричане.

Црква Свети Ѓорѓи Старо Нагоричане.

Црква „Свети Ѓорги“ и испосницата на Прохор Пчињски во Старо Нагоричане

Старо Нагоричане е релативно млада општина, но во неа се крие огромен туристички потенцијал, особено од религиозен карактер. 

Црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане зазема едно од најзначајните и највисоките места во историјата на средновековната византиска уметност во Македонија. Од првобитната црква на Роман IV Диоген (1068-1071) од IX век се сочувани само ѕидовите на фасадите од тесани камени блокови, до сводовите и еден сосема мал фрагмент од некогашниот фреско-живопис, на северниот ѕид во наосот, како сведоштво за богатото украсување на старата црква. Денешната црква ја обновил српскиот крал Стефан II (1282-1321) во 1313 година, што се гледа од камениот натпис над задниот влез. 

Испосницата на светецот Прохор Пчињски во Старо Нагоричане се наоѓа во непосредна близина на црквата Св. Ѓорѓи, во централниот дел на селото. Тој овде поминал дури 32 години од својот живот посветувајќи му ги на Бога, без никаков контакт со друг човек и исклучиво во друштво на диви животни.

Изградбата на првобитната црква Св. Ѓорѓи од XI век е поврзана со легендата за Прохор Пчињски, кој живеел во оваа мала пештера. Во близина на селото Старо Нагоричане, византискиот војсководец Роман IV Диоген, кој со својата војска престојувал во овој крај, бил во лов на срни и упаднал во пештерата на Прохор Пчињски. Тој го прекорил да не ја убива срната. При тоа му претскажал дека во иднина ќе стане византиски цар. Роман IV Диоген го послушал испосникот, не ја убил срната, заминал за Константинопол и за кратко време станал византиски цар (1068-1071). Во знак на благодарност кон видовитиот пустиножител, Роман IV подигнал прекрасна трокорабна базилика во непосредна близина на неговата испосница, првата фаза од денешната црква Св. Ѓорѓи.

Костоперска Карпа. | Извор: wikimedia.org

Костоперска Карпа. | Извор: wikimedia.org

Костоперска Карпа

На околу 10 км североисточно од Куманово крај патот за Крива Паланка, среде селото Младо Нагоричане се наоѓа локалитетот Базалтни Плочи и претставува единствен природен феномен од таков вид на Балканот. Овој споменик на природата се состои од 8 конусовидни, на врвот зарамнети возвишенија кои се протегаат меридијански и верижно, во должина од околу 5 км и имаат слична надморска височина од 480-505 м. Истите се остатоци од една вулканска плоча, формирана со излевање на масивна и сунѓереста базалтна лава пред околу 7-8 милиони години. Плочите со својата височина и необичен изглед доминираат над околината и освен природна, имаат и културно-археолошка вредност.

Најистакната од нив е Костоперската Карпа или Жеглиговскиот Камен, висока 80-100 м и со извонредна стратешка положба и видливост. Уште од бакарното време, на самото плато на карпата постоела повеќеслојна населба со континуиран временски и културен живот. Во ова археолошко наоѓалиште најстарите траги и пронајдоци потекнуваат од енеолитот, а откриени се и предмети од железното време. Местото изобилува со фрагменти од квалитетно изработени керамички садови, орудија од камен и коска, ситни наоди од метал, монети и накит, како и со средновековни гробови, а откриено е постоење и на ранохристијанска базилика и бедем. Од посебна важност е и загадочниот подземен објект во карпата, со своите простории, ходници и вертикални отвори за проветрување. На јужната, пострмна и назабена страна, се наоѓаат старите гробишта, поредени скалесто, со поглед кон исток.

Од некогашните 40-тина средновековни цркви, поради кои месноста била нарекувана Мала Света Гора, денес се останати само неколку, цели или наполу урнати. Во подножјето на Костоперската Карпа е црквата Св. Петка од 1682 година, а во околината се Св. Врачи, Св. Никола, Св. Ѓорѓи Победоносец, Св. Архангел и Св. Богородица.

Визианус. | Извор: kumanovonews.mk

Визианус. | Извор: kumanovonews.mk

Визианус

Археолошкиот локалитет се наоѓа на многу поволна позиција, на магистралниот пат од Скопје кон Ќустендил, потоа кон Софија, Бугарија, и токму затоа жално е што Визианус долги години бил запоставен. Тој е на прометно место и помеѓу два многу посетувани ресторани „Етно село“ и „Визиана“, иако мештаните уште одамна знаеле за базилика од ранохристијанскиот период.

Во периодот од 2001 до 2004 година, Визианус го истражувале археолозите Звонимир Николовски и Блаже Ѓорѓиевски и тогаш биле откриени повеќе римски градби и гробови, како и дел од римската градба која што се смета за дел од ранохристијанската базилика долга 35 метри и широка 13 метри, по што претставува една од најголемите цркви во Македонија воопшто. Од спротивната страна на црквата се наоѓаат римски гробови, а непосредно до нив и римски град кој допрва треба да биде откопан и истражен. 

Зебрњак.

Зебрњак.

Зебрњак

На околу 6 километри од Куманово, од десна страна на регионалниот пат кој води до Крива Паланка, низ плодните ниви доминира Спомен костурницата Зебрњак. 

Се работи за триумфално спомен обележје кое е подигнато во слава и чест на загинатите српски војници во текот на Кумановската битка во Првата балканска војна во 1912 година. Се работи за контроверзен споменик бидејќи, според многумина, го глорифицира почетокот на српската власт и окупација над Вардарска Македонија. Споменикот е подигнат во 1937 година на локацијата на самата борба - ридот Зебрњак кај Куманово. Во спомен-костурницата, почиваат посмртни остатоци на 678 загинати српски борци. Спомен обележјето било масивно, кула висока речиси 49 метри што доминирала во просторот околу Куманово. Денеска споменикот е во руинирана состојба, поради тоа што бил срушен од страна на бугарските воени сили во текот на Втората светска војна.

Image
Newsletter