Повеќе од 1.000 Македонци живеат во Катар. Заработуваат од 1.000 до 5.000 американски долари месечно. Големо влијание врз нивниот приход има образованието, струката и фактот дали се вработени во катарска фирма или светски бренд.
Ако сте дојдени само за работа, животот во Доха, Катар, може да ви биде убав, ова е најчеста изјава на странците кои живеат и работат во земјата која лежи на нафта и гас. Според стручњаците – најбогата во светот.
Животот во текот на посетата на Доха како турист, исто така може да ви биде многу убав.
Воздишки ви крадат новоизградените прекрасни спортски сали, оддалечени од центарот на градот околу 30 км, како и спортските терени специјално изградени за Светското фудбалско првенство. Тие се уште една потврда дека присуствувате на светскиот фестивал на ракометот и на фудбалот, но и на луксузот. Видливо е дека Катарците го сакаат спортот и дека многу вложуваат во него. Новиот Емир Тамин Бин Хамад Ал – Тани цврсто е решен од својата земја да направи кралство во кое секој би посакал да дојде. Посебно е заинтересиран за промоција преку спортските настани.
Музеј на исламска уметност. | Извор: dezeen.com
Облакодери никнуваат како печурки
Луѓето кои биле во катарската престолнина само пред две години, забележуваат дека сега е уште поубава, збогатена со нови зданија.
Доха наликува на едно големо градилиште: се градат облакодери, хотели, деловни згради, универзитети, за кои се задолжени светски архитекти, како Минг Пеи, Жан Нувел или Арата Изосаки.
„Зданијата се во класична европска архитектура. Поточно сѐ е измешано. Нашите клиенти сѐ поретко бараат градби во арапски стил. Некои од нив сакаат само фасадите на куќите да бидат со арапски мотиви. Покомерцијалните објекти се прават со модерна архитектура“, вели еден архитект од Италија, кој нагласува дека е задоволен од заработувачката бидејќи работи за светски бренд од својата област.
Но, каков и да е вкусот на Катарците, тоа што го гледате шетајќи низ Доха, на моменти ви го одзема здивот. Имате чувство дека облакодерите се спојуваат со небото. Деловните центри и широките улици, објектите за негување на културата, сето тоа е вистински рај за очите. Каде и да одите, се среќавате со луксуз.
Катарската жена е почитувана и привилегирана. | Извор: la-parisienne
Жената е почитувана и привилегирана
Во овој период нацијата многу пари вложува во културата. Најскапата слика на светот „Играчите на карти“ од Пол Сезан, владејачката фамилија ја купи за 250 милиони долари, и таа ќе се најде во еден од 17-те музеи што моментално се градат.
Веќе е отворен Музејот на исламската уметност. Импозантно здание со равни линии и со песочни тонови, во кој има колекции на теписи и на керамички предмети.
Катар не е едноставна држава и има многу правила и прописи. Во неа живеат луѓе од различни националности. Превладуваат тие од азискиот дел и од околните земји кои го зборуваат арапскиот јазик.
Припадниците на азиската популација се најзастапени бидејќи на економскиот пазар се класираат како евтина работна сила. Во земјите од каде што доаѓа има голем процент на невработеност и затоа прифаќаат да работат за пониска плата. Следната категорија се луѓето од арапските земји, како Либан, Египет, Јордан. Тие се котираат на повисоко ниво поради едукацијата и јазикот. Во таа категорија спаѓаат и луѓето од европските држави. Катар има генерално повисоки плати од регионот и пошироко. Статусот и работната позиција влијаат врз месечните примања. Колку заработуваат Македонците, зависи од позицијата која ја држат во компанијата. Поевтино котираат на пазарот, споредено со Германија, Швајцарија, Франција. Но, од друга гледна точка, во Катар секој може да си најде свое катче. Таа е една од најсигурните држави во поглед на криминалот од секој аспект.
Пале Тренева на работен ангажман.
Пале Тренева дошла во Катар пред 12 години. Работата како шминкерка ја споила со една од сестрите на Емирот од Катар и станала нејзин личен соработник.
„Тие се свесни за својот статус и позиција која ја имаат тука во општеството. Но, свесни се и за лажно додворливите луѓе помеѓу нив, кои понекогаш се дури нападни во желбата за дружба со нив. Јас имав сосема спротивен пристап од горенаведеното, па можеби тоа беше пресудно да ја стекнам нејзината доверба. Буквално сум инволвирана во сѐ. Од правење персонален онлајн шопинг до замисла, планирање и реализација на патувања, забави, приеми. Од придружба на пријателски ручек до наоѓање фирми за изградба на куќи и следење на целата реализација до нејзиното завршување“, вели Тренева, за која ниту едно секојдневие не е исто.
„Еден ден може да биде поминат во кревет пред ТВ, наредниот да се почне со патување до некоја соседна држава. Доколку има голема забава или свадба во склоп на семејството, целиот ден, па и недела се планира според потребите на настанот. Најголема заблуда е дека овде жените се заробенички на мажите, дека живеат затворени во златни кафези и дека се машини за раѓање деца. Поради мојата работа сум опкружена со многу катарски жени, кои се највисоко едуцирани по европски универзитети, кои се бизнис-жени, кои попладневното кафе можат да го презакажат и за пет минути да стане шопинг во Турција или сафари во пустината без да бараат дозвола од мажите. Исто така, владеат предрасуди дека не се почитуваат други религии освен исламот или дека се врши притисок за конвертирање, што е тотална небулоза. Постојат дискотеки, барови, кафулиња и секој може да си го пронајде стилот на живот кој му одговара“, додава Тренева.
Душица Тренева на работен ангажман во Париз.
Во Катар живеат повеќе од 1.000 Македонци. Една од нив е и познатата македонска актерка Душица Тренева. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек за актерска игра. Студирала и новинарство и односи со јавноста, работела како волонтер во Универзитетското радио, била одличен студент во класата на професорката Зоја Бузалковска и асистентот Александар Степанулески.
„Кога ќе ти ја навредат интелигенцијата, креваш рачна, а јас си го спакував и куферот и заминав од Македонија. Катар некако ме одбра мене. Пандемијата и раѓањето на мојата внука, заедно со стравот дека нема да можам да ја гледам како расте, беа пресудни за преселбата. Речиси две години сум овде и имав среќа да почнам веднаш да работам поради сестра ми Пале. Го имам истиот ангажман во кралското семејство како и сестра ми. Задолжена генерално околу патувањата, со еден збор – организација“, вели Душица и појаснува дека нејзината работа е стресна и напорна со секојдневен предизвик, без работно време.
„Еден ден можеби состанокот ќе ми трае 15 минути, а веќе утредента имам авионска карта за настан во Париз. Кога присуствуваме на светски настани, многу често сме во ист хотел со познати личности. И покрај големиот стрес околу обврските, посебно е чувството да појадуваш на неколку метри од Џони Деп. Дојде за снимање на емисија во еден од музеите, имаше премногу обезбедување. Навистина е возбудливо кога знаеш дека тој е во твоја близина неколку дена. Во Париз се возев во лифт со членовите на „Ред хот чили пеперс“. Не им побарав да се фотографираме зашто бев окупирана со состанокот кој следуваше. Но, имав среќа да ги сретнам вторпат во лифтот, да помуабетиме и да го овековечиме тој миг со фотографија. По втор пат бев на исто место со Деп во Будимпешта, на Формула 1. Се надевам дека од „трета мајка“ ќе украдам и фотографија. Беше премногу возбудливо да се доживее целата атмосфера од фановите кои ноќеваа пред хотелот за време на настанот. Громогласно ги поздравуваа учесниците по секоја трка. Навистина е убаво одблизу да го видиш сјајот во очите на Хамилтон“, посочува актерката.
Пале и Душица на Светското првенство во Фудбал во Доха.
Тренева имала голема привилегија да присуствува на голем дел од натпреварите на Светското фудбалско првенство, кое кон крајот на минатата година се одржа во Катар.
„Организацијата и менаџментот беа навистина на високо ниво, имаше многу настани, фестивали, концерти, јавен бесплатен превоз. Стереотипите за Катар се срушија на светско ниво, и за тоа ми е особено драго. Луѓето сфатија дека има правила за почитување на нивната култура, а дека тоа е правопропорционално всушност со степенот на либералноста овде. И да, алкохол можеш да пиеш, во сите хотели наоколу. Катар е една од најбезбедните држави во светот. И што е најважно од сѐ, мислам дека луѓето сфатија дека покриеното лице на жената не значи светлосни години наназад“, заклучува актерката.
Викенд од четврток до сабота
Во Катар се работи девет часа дневно, со пауза од еден час. Викендот почнува во четврток и трае до сабота. Недела е работен ден.
По улиците речиси и да нема луѓе. Или се во автомобил или во хотел. За викендите најчесто одат во Катара, центарот на уметноста. Во овој дел се сместени многу објекти, ресторани, а има и плажи. Ако сте првпат во овој дел од градот, ќе ви го препорачаат нивниот традиционален специјалитет карак и чапати.
Ноќниот живот се одвива во клубовите на хотелите со пет ѕвезди. Само таму се служи и алкохол.
Во Катар живеат 2 милони луѓе, од кои само 200.000 се Катарци. Емирот се обидува да ги мотивира Катарците да го зголемат својот наталитет, со тоа што на секое новороденче државата му дава одредена сум пари како бонус.
Пари во Катар има многу. Но, има и посиромашен дел. На далечина од еден километар можете да се соочите и со сјај и со обичен живот. Доволно е само да го посетите стариот дел или пазарот „Сук вакиф“. Тоа е вистински лавиринт од продавнички со индиска и со кинеска гардероба, зачини, билки, бедуински килими, по поволни цени.
Катарците живеат во куќи, а странците во станови. За изнајмување двособен стан од 60-70 м² се плаќа од 2.000 до 2.200 американски долари. Ако сте вработени во фирма од светски бренд, таа цена според договорот ја плаќа вашиот газда, како и останатите трошоци. Ако се храните претежно во ресторан, трошоците за храна се околу 1.000 американски долари. Ако готвите дома, може да се спуштат и до 500 американски долари во месецот.
Трговски центар Вилаџо. | Извор: expedia co
Катарците ги намалија ригорозните закони. Од неодамна, странците може да купат и стан во Доха. Цените се зголемени и еден стан од 60 квадрати чини 150.000 евра.
Ручек за двајца во просечен ресторан чини до 50 долари, а во луксузен – до 300 долари.
Цените на облеката се слични на нашите, се разбира, ако не станува збор за светски брендови, кои кај нас ги нема. Нив можете да ги најдете во големите молови, како Вилаџио, кој во внатрешноста е совршена копија на Венеција. Главна атракција е водениот канал, кој поминува низ целиот центар и по кој се вози со гондоли. За ова задоволство се наплаќа 3 долари.
Остров Перл. | Извор: qlevents.qa
Вештачкиот остров Перл е дестинација која е задолжителна за туристите поради својот раскош. Таму се сместени марината, брендираните продавници, јахтите на богаташите.
Возниот парк на Катарците. | Извор: welcomeqatar.com
Секој Катарец има куќа и автомобил
Катарците ги извршуваат само најдобрите работи. Останатото е работна сила од целиот свет.
Секој Катарец има куќа и автомобил. Низ широките улици може да се сретнат само мерцедес, порше, тојота, ферари, ламборџини, лексус. Бидејќи нема градски автобуси ниту метро, секојдневно се случува хаос во сообраќајот.
Мажите носат бела традиционална облека. Жените абаја и фереџе. Љубезни се.
Засега на странците не им дозволуваат да земат катарско државјанство.
Кога Катарец ќе реши да гради куќа, дозвола добива за еден ден, а половина од вложените пари му ги враќа државата. Здравственото и пензиското осигурување, како и школувањето на Катарците им ги плаќа државата. Не се плаќа данок, и затоа има многу странци кои работно се ангажирани во оваа земја. Нова интенција во оваа земја е да се подигне интелектуалниот и едукативниот развој.
Крајниот впечаток е дека за своите Доха е рај, а за странците просек. Но, доволно висок за да го напуштат огништето и да се вгнездат во најбогатата земја на светот.