Македонија го празнува Илинден – светлиот духовен и национален празник на Македонците

Македонија го празнува Илинден – светлиот духовен и национален празник на Македонците

Денот на Свети Илија – Илинден, претставува голем православен празник и значаен македонски национален празник. Се празнува на 2 август, а по стар стил на 20 јули. Македонскиот народ ја обзнанил македонската борба за слобода во 20. век на два Илиндени, во 1903 и во 1944 година. Со децении Илинден се празнува преку традиција во која се зачувани духовни, револуционерни и фолклорни мотиви од колективната свест на Македонците. Освен Илинденското востание во 1903 и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, и пред нашата ера е забележана воена победа на Македонците, токму на 2 август. Во 338 година пред нашата ера, војската на Кралството Македонија, предводена од Филип Втори Македонски, во Херонеја ги победила здружените војски на Теба и на Атина.

Свети Илија - стара фреска од Овче Поле

Свети Илија - стара фреска од Овче Поле

Свети Илија е еден од најголемите пророци во историјата, кој живеел во 9. век пред нашата ера. Според Откровението на Свети Јован Богослов, Свети Илија ќе се појави уште еднаш – пред крајот на светот. Македонската народна традиција зачувала верување дека Свети Илија е клучар на небото, што е директно поврзано со житието на пророкот и е зачувано како спомен во народни песни и преданија. Одамна Македонците го сметале Илинден за тежок празник на кој не се работи и со кој се поврзани народни верувања и обичаи. Марко Цепенков забележал предание за борбата на Свети Илија со ламјата, кога ја бркал со кочијата за да престанат грмотевиците. Спространов запишал верувања во кои исто така е запаметена борба со ламјата, а Шапкарев оставил записи за еснафските празнувања на Илинден. Предание од гевгелискиот крај го прикажува Свети Илија со боздоган, во охридско се правеле тркала од неисушени ќерамиди за да наликувале на колесницата на Свети Илија со цел да се повика дожд за бериќет, во кумановско и овчеполско на Илинден не се работи поради страв од громови, а низ цела Македонија Свети Илија е познат и како громовник. Песни и верувања за Свети Илија се запишани и во Зборникот на Миладиновци, и во народното творештво запишано од преродбениците од крајот на 19. век од скоро сите краишта на Македонија.

Неговите карактеристики во народните преданија наликуваат на скандинавскиот Тор, словенскиот Перун и античкиот Ѕеус. Овој голем пророк е споменат и во Талмудот и Куранот. Во христијанската религија, за Свети Илија пишува во Стариот завет од Библијата. Во Македонија постојат многу стари цркви посветени на Свети Илија, а неговото вознесување на небото и давање на наметката на одбраниот наследник Елисеј е претставено и на повеќе икони и фрески во македонските цркви.

Митинг на Илинденската организација во Софија

Митинг на Илинденската организација во Софија

Пред 120 години, на ден Илинден било кренато востанието на Македонскиот народ, познато како Илинденско востание, за време на кое била создадена 10-дневната Крушевска Република, првата република на Балканскиот Полуостров. Илинденското востание претставува наследник на организираните востанија на македонскиот народ во втората половина на 19. век, како Македонското востание (познато како Кресненско), Разловечкото востание, Брсјачката буна, активностите на анархистите познати како Гемиџии, и други буни и востанија на непокорните Македонци. Од оваа временска дистанца, вреди да се погледне кон ставот за востание на големиот револуционер Гоце Делчев, кој не го дочекал востанието, кон судбината на Никола Карев и неговото семејство, кон судбините на Груев и Сарафов, кон резултатите од жртвата на Питу Гули и многуте знајни и незнајни јунаци, но и кон последиците од востанието, бидејќи по 1903-тата, се случил еден од најголемите терори во историјата на Македонија како одмазда поради кренатото востание. Сепак, јунаштвото и свеста на Македонците од крајот на 19. и почетокот на 20. век има важна улога во развојот на настаните во овој дел на Европа. Илинденското востание и Крушевската Република, 120 години подоцна, со саможртвата на Македонците од 1903-та се слават како еден од најсветлите спомени од богатата историја на Македонија и на македонскиот народ. 

Обраќање на Панко Брашнаров

Обраќање на Панко Брашнаров

41 година по Илинденското востание, во манастирот Свети Прохор Пчински се одржало Првото заседание на АСНОМ – Првото антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија. Заседанието било отворено со изведување на „Изгреј зора на слободата“ и говор на сведокот на двата Илиндени, највозрасниот делегат, Панко Брашнаров. Од неговиот говор, зачуван во целост, јасно се чита свеста на Македонците кои живееле во првата половина на 20-от век:

„Во овој момент, во ова историско место Св. Отец Прохор Пчински и на овој историски ден – Илинден, кога објавувам дека е отворено првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, душава ми е преполна со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар до Места и до Бистрица, заплискувајќи ја целата македонска земја, сакајќи од македонскиот народ да го измијат десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата Држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.

Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни херои, кои што паднаа и ги посеаја коските по цела Македонија, им станува полесна и тие во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, ја гледаат идеалната дружба на старите илинденци – на Гоце Делчев и на денешните илинденци - младата македонска војска, и поставените темели за остварувањето на идеалот, на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија. Во знак на почит кон паднатите јунаци, ве поканувам да им ја изразиме со едноминутно молчење нашата вечна, бескрајна благодарност. Вечна слава на паднатите херои за слободата на Македонија!“

Членовите на Президиумот на АСНОМ

Членовите на Президиумот на АСНОМ

На првото заседание на АСНОМ бил избран и Президиумот, на чело со Претседателот Методија Андонов-Ченто и неговите заменици Панко Брашнаров и Емануел Чучков. 

Денес, во првата половина од втората деценија на 21 век, го празнуваме денот на Свети Илија и споменот за македонската борба за слобода во 1903 и во 1945 година. Современата Македонска држава Република Македонија одржува настани на Мечкин Камен во Крушево и во Пелинце, каде што се наоѓа Меморијалниот центар на АСНОМ, изграден откако започнале проблеми со прославувањето во манастирот Свети Прохор Пчински, кој денес е во границите на Србија. 

Вреди да се спомене дека за време на Втората светска војна, во тек на неколку години, повеќе големи акции биле изведени токму на Илинден. 

Подвигот на комитите од 1903 година се слави преку традиционалниот Илинденски коњанички марш и планинарските пешачења од Скопје до Крушево.

Извор: fokus.mk

Извор: fokus.mk

На 2 август 1923 година, под покровителство на Организацијата предводена од Тодор Александров, ковчежето со моштите на Гоце Делчев било изнесено од домот на Михаил Чаков во црквата Света Недела во Софија на 10-дневно поклонение, по што биле изложени во канцеларијата на Македонското братство „Илинден“, од каде што во 1946 година биле пренесени во дворот на црквата Свети Спас во Скопје. 

20 јули и 2 август се поврзани и со еден од најголемите настани во светската историја кои се случиле во Македонија – според историчарите, на 20 јули 356 година пред нашата ера се родил синот на Филип и Олимпија – Александар Македонски. 

Низ цела Македонија се наоѓаат и многу стари камени крстови каде што народот и ден денес се собира на Илинден.

За многу години, Македонци! 

Oд житието на Светиот Пророк Илија (извор: МПЦ-ОА)

...пред да се вознесе го зеде Елисеј и го одреди за наследник во пророчката служба; со својата наметка го пресече Јордан; и најпосле беше земен на небото во огнени кочии со огнени коњи. На Тавор заедно со Мојсеј Му се јави на Господ Исус Христос. Пред крајот на светот Илија повторно ќе се јави за да ја сотре силата на Антихристот (Откр. 11).

Тропар: Ангел во тело, темел на пророците, втор претеча на Христовото пришествие, славниот Илија, кој одозгора му испрати благодат на Елисеја, болести да лекува, лепрозни да очистува. Затоа и на оние што го почитуваат им дава исцеленија.

Кондак: Пророче и предвидувачу на великите дела на нашиот Бог, Илија со големо име, кој со твојот збор ги задржа водоносните облаци, моли Го за нас единствениот Човекољубец.

Делегација на УТМС во Крушево

Смрт или слобода за Македонија

Смрт или слобода за Македонија

 Со „Илинденски марш“ 2023

Со „Илинденски марш“ 2023

 Положување на цвеќе на споменикот Крипта

Положување на цвеќе на споменикот Крипта

Поклон пред 40. паднати Илинденци во месноста Слива

Поклон пред 40. паднати Илинденци во месноста Слива

Image
Newsletter