Малта – рај во срцето на Средоземното Море

Малта – рај во срцето на Средоземното Море

Малиот архипелаг под Сицилија е сѐ поатрактивна дестинација за странците кои сакаат да работат во некоја од земјите на Европската Унија или трајно да се преселат таму. На секоја улица можете да слушнете да се зборува македонски или српски јазик. Особено во летните месеци, односно во шпицот на сезоната, бројот на нашинци кои се на печалба како сезонски работници достигнуваше и до 10 илјади луѓе. Каков е животот на Малта, зошто е атрактивна за жителите од Балканот и што нуди за туристите, во продолжение.

Македонската емиграција на Малта

Непалци во Македонија, Македонци на Малта – вака отприлика изгледа печалбарската судбина на земјава. Сѐ поголем број наши сограѓани, како и многу други луѓе од различни земји, избираат да одат да работат и да живеат во Малта од различни причини. Малта нуди многу придобивки и можности кои ја прават атрактивна дестинација за емигранти. Минијатурниот архипелаг во срцето на Средоземното Море е една од најбрзорастечките економии во Европската Унија, со стабилен раст на БДП и ниска стапка на невработеност. Ова создава многу работни места во различни сектори, при што доминираат финансиските услуги, туризмот и угостителството, онлајн-игрите, образованието и здравството. Малта има стабилна политичка состојба која привлекува странски инвестиции и создава поволни услови за живот и работа. Се смета дека таму има висок квалитет на живот со добра инфраструктура, здравствени услуги, образование и други јавни услуги. Нивото на безбедност е релативно високо, што ја прави атрактивна за семејства. Освен тоа, со својата медитеранска клима, Малта има топли лета и благи зими, што ја прави пријатно место за живеење. Природните убавини, плажите и историските локалитети се дополнителни придобивки.

Малта е мултикултурна и мултијазична земја со толерантно општество. На Македонците им се допаѓа тоа што земјата нуди богат социјален и културен живот со многу фестивали, настани и активности кои ги збогатуваат искуствата на емигрантите. Освен тоа, Малта е релативно блиску до Македонија, има воспоставен авионски превоз, што го олеснува патувањето и одржувањето на врските со семејството и пријателите. Англискиот е еден од официјалните јазици во Малта, што ја олеснува комуникацијата и интеграцијата за Македонците.

Опаѓа интересот кај Македонците за Малта како место за живот

Нашинците имаат навистина голема заедница на Малта. Преку социјалните мрежи си нудат работа, се препорачуваат кај газдите. Во последно време имаат проблем со подигнување новите пасоши со новото име на државата, па се организираат со што е можно помал трошок да си ги преземат од нашата амбасада во Рим. На Малта може да се сретне бурекџилница, ресторан, фирма за обука за спортови на вода, радио кои ги менаџираат Македонци. Се организираат таканаречени македонски, српски, балкански вечери со жива музика.

Сепак, не е сѐ така розово. Во последниве неколку години опаѓа интересот кај Македонците, Србите и воопшто Балканците да одат да работат и да живеат на Малта. Причината е буквално напливот на Азијати кои го преплавија островот. Тие значително ја намалија цената на трудот, додека во исто време станарината се вивна до небо. Животот на Малта почнува да станува неисплатлив за нашинците. Велат, „ок“ е ако не си толку квалификуван, да можеш да живееш скромно, но да заработиш и да заштедиш, станува сѐ потешко.

Тоа дополнително ја намалува македонската заедница на островите. Според податоците за минатата година, доселениците од Македонија се наоѓаат на 18. место со едвај 1.500 луѓе со работна дозвола. Ако се земе предвид дека има и такви со бугарски пасоши, нивната бројка не надминува 3.000 луѓе. Ова е драстично намалување споредено со предпандемискиот период.

Малта се претвора во „Мала Индија“

Најголема е сега азиската заедница. За само 2 години, бројот на дојденци од азиските држави е за 600% поголем од претходните години. Па така, за 2023 година, најмногу работни дозволи им се издале на работниците од Индија со над 13 илјади издадени работни дозволи.

Ако се собере бројот на балканските граѓани кои живеат на Малта, се доаѓа до бројка од само 11.500 граѓани кои активно живеат и работат во Малта.

Од друга страна, ако се собере вкупниот бројот на Азијати кои живеат на Малта (Индијци , Филипинци, Непалци, Пакистанци и Бангладешани), тој е над 36 илјади. Бројот на ЕУ-граѓани кои живеат во Малта е над 25 илјади. И бројот на ЕУ граѓани е во постојан драстичен пад во последниве две години.

Од групата „Македонска заедница на Малта“ на социјалните мрежи пишуваат дека за падот на бројот на жители од Балканот има повеќе причини. Дел од нив можат да се лоцираат во превисоките ренти за станови. Инфлацијата и големата побарувачка си го направиле своето. Ако во 2025-та можело да се најде пристоен стан за 400 евра, сега сумата е драстично поголема и достигнува 1.000 евра. Најскапи се становите во Слиема и Сан Џулијан. Тоа ги принудува Македонците да бараат работа и сместување на некои „поевтини“ дестинации како Бугиба и Сент Пол на север на главниот остров. Таму се сместени и најголем број од нашите сонародници.

Другите причини треба да се бараат во намалување на платите на работниците со таканаречениот увоз на евтина работна сила од азиските држави. Цената на труд драстично е спуштена и до 4,5 евра саатница за најслабо платените позиции.

„Следно е неуспешноста за реформирање на системот за издавање работни дозволи, каде што без разлика колку години си живеел, ако е работната дозвола прекината и ако не промениш работодавец во рок од 10 дена, мора да ја напуштиш Малта. Поскапувањето на основните продукти за живот, како и инфлацијата која е доста висока, влијаат на вкупниот месечен буџет. Искрено, жално е да се гледа секојдневно како некој од балканските држави заминува во други европски држави, а пред само 2 години имаше процес на доаѓање на балканци на Малта. Се очекува за 2024 година (бројките ќе ги знаеме во јануари 2025 година) бројот на Македонци, но и општо на балканци да се намали уште повеќе за сметка на зголемување на бројот на Азијати“, пишуваат на Фејсбук од групата „Македонска заедница на Малта“.

Туризмот на Малта

Ако не сакате да работите на Малта туку само туристички да го посетите архипелагот, оваа држава има и тоа како што да му понуди на секој посетител. Малта ја нарекуваат и земја на витезите бидејќи има многу историски објекти, цркви, тврдини кои се белег на државата, а се изградени од крстоносците. Додека малтешките острови биле под власта на витешкиот ред Болничари (XV век – крај на XVIII век), Големиот мајстор имал статус на управител на католичката црква и уживал посебни односи со папата.

Валета

Главниот град Валета ќе ве воодушеви со своите импозантни ѕидови, видиковци, палати и згради, како и прекрасната катедрала „Св. Јован“, во која се наоѓа и една од најпознатите слики на Караваџо. Кога шетате низ Валета, имате чувство дека сте дел од средновековниот период – како времето да застанало таму. Големи број тесни улички се појавуваат од сите страни, а секоја од нив ќе ви раскаже по некоја посебна приказна. Овде нема да најдете ниту еден модерен објект. Сѐ е старо. Малта има ригорозни правила за градење нови објекти. Тие мора да бидат во песочна нијанса за да не го нарушуваат уникатниот изглед на старото јадро. Задолжително посетете го Плоштадот на Републиката, градската артерија, како и тврдината Елмо. Во центарот на градот доминира фонтаната Тритон. Многубројните катедрали и тврдини ќе ви го одземат здивот. Токму затоа, градот е целосно под заштита на УНЕСКО. И покрај огромниот број туристи и работници од странство, Валета официјално брои само 7 илјади жители.

Катедрала „Свети Јован“.

Катедрала „Свети Јован“.

Катедрала „Св. Јован“

Катедралата „Св. Јован“ во Валета е една од највпечатливите и историски значајни знаменитости на островот. Tаа била изградена помеѓу 1572 и 1577 година од страна на редот на свети Јован, исто така познат како „Витези-болничари“. Катедралата е посветена на свети Јован Крстител, заштитникот на редот. Надворешноста на катедралата е релативно строга, што ја одразува воената и религиозната природа на витезите. Иако фасадата може да изгледа обична, таа е во барокен стил, кој се карактеризира со својата величественост и детална орнаментика. За разлика од неговата надворешност, внатрешноста на катедралата „Свети Јован“ е раскошно украсена, со употреба на златни листови, сложени резби и живописни фрески.

Едно од најпознатите уметнички дела на катедралата е сликата „Обезглавувањето на Свети Јован Крстител“ од Караваџо. Оваа слика се смета за едно од ремек-делата на Караваџо и е единственото дело што тој го потпишал. Покрај фреските на таванот, уметникот Матија Прети создал и многу слики и скулптури во катедралата. Катедралата исто така содржи збирка таписерии и сребрени артефакти, кои биле подароци од витезите.

Градините се реткост на Малта.

Градините се реткост на Малта.

Градините на горната барака

Се работи за најпознатите и најубавите градини во Валета кои се целосно бесплатни за посетителите. Зошто е акцентот на бесплатни? Затоа што Малта е исклучиво сува земја, каменеста и песочна, нема реки, ниту езера, а солената вода од морето се прочистува за да може да се користи. Колку и да ни нам чудно, зелените површини на Малта се ретки и навистина е тешко да се одржува вегетацијата. Затоа, во најголем број од градините се наплаќа влезница, која чини и до 10 евра. 

Под градините, на долниот степен на бастионот, се наоѓа топовската артилерија, каде што топовите пукаат секојдневно напладне и во 16 часот, традиција која датира од британскиот период.

Градините на горната барака првично биле создадени во 1661 година од италијанските витези од редот на свети Јован како приватна градина за нивен одмор. Градините биле отворени за јавноста на почетокот на 19 век за време на британскиот колонијален период во Малта. Градините се наоѓаат на највисоката точка на градските ѕидини на Валета нудејќи стратешки поглед на пристаништето. Историски гледано, оваа гледна точка обезбедува одлична потрага за какви било поморски закани што се приближуваат.

Мдина. | Извор: Македонска заедница на Малта

Мдина. | Извор: Македонска заедница на Малта

Средновековниот град Мдина

Мдина, позната и како „Стариот град“, е стара престолнина на Малта и е населена уште од античките времиња. Овој град е познат по своите тесни улички, средновековни куќи и величествени палати. 

Мдина е домаќин на околу 1,5 милиони туристи годишно. Својата популарност ја доби во изминатите 10 години, слично како и Дубровник во Хрватска меѓу љубителите на исклучително популарната серија „Игра на тронови“. Поради уникатноста на градот, тој често се користи за снимање филмови во холивудска и боливудска продукција.

Во Мдина не се дозволени автомобили (освен за ограничен број жители, возила за итни случаи, свадбени автомобили и коњи), делумно поради што и го добил прекарот „Тивкиот град“. Градот е необичен спој на норманска и барокна архитектура, со неколку палати, од кои повеќето служат како приватни домови. Во периодот од 2008 до 2016 година била извршена обемна реставрација на градските ѕидини.

Меѓу клучните атракции се вбројуваат катедралата „Свети Павле“, која е главна црква во Мдина и која датира од 17 век, катакомбите на „Свети Павле“, палатата Вилена – импресивна палата која е отворена за јавноста и прикажува историски артефакти, и занданите кои ги кријат најмрачните тајни за заробеништвото на островот.

Катредрала Успение на Пресвета Богородица

Катредрала Успение на Пресвета Богородица

Катедралата во Моста

Една од најистакнатите и најпознатите градби на островот со величествена купола се наѕира високо над градот Моста. Ова неокласично ремек-дело било изградено над црква од 16 век, за што биле потребни 28 години. По завршувањето во 1860 година, старата црква внатре била урната. Посветена на Успението на Пресвета Богородица, зградата е пример на архитектонско украсување, а најзабележителна карактеристика е нејзината прекрасна купола Ротонда. Се вели дека е трета по големина во светот, висока 52 метри. Црквата била речиси уништена во 1942 година кога бомба тешка 200 килограми паднала низ куполата без да експлодира. За чудо, ниту еден од 300-те луѓе кои присуствувале внатре на миса не бил повреден. Бомбата сѐ уште се наоѓа во црквата.

Слиема

Слиема е дефинитивно малтешкиот центар за шопинг, кафулиња и ресторани. Слиема е крајбрежен град кој се наоѓа во непосредна близина на Сан Џулијан. Некогаш дом на аристократијата на Малта – сега главна комерцијална област многу популарна за шопинг, преполна со барови, кафулиња, ресторани и хотели. Слиема го добила своето име од капелата посветена на Богородица од морето (Стела Марис) изградена во 1855 година, која служела како референтна точка за рибарите кои ја населувале областа. Името е поврзано со почетните зборови на молитвата „Hil Mary“, кои на малтешки се „Sliem Għalik Marija“. Иако Слиема е малтешки збор што значи мир или спокојство, во реалноста е најбучното место на островот. Слиема било првото туристичко одморалиште на Малта, а неговото значење сè уште останува. Во денешно време останале само неколку викторијански и арт-нуво куќи, а останатите се заменети со модерни станбени блокови, установи и хотели.

Од една страна, гребенот Слиема нуди спектакуларни погледи кон Валета, а од другата страна, има неверојатен поглед на отворено море. Шеталиштето кое се протега на неколку километри е идеално за долги прошетки или трчање, додека многубројните клупи обезбедуваат место за релаксација и дружење на локалното население во топлите летни вечери. Крајбрежјето на Слиема, исто така, може да се пофали со Градината на независноста, комплетирана со детско игралиште, како и две утврдувања: кулата Де Редин изградена во 17 век за да ги заштити островите од морски напади, и уште една кула што ја изградиле Британците во неоготски стил во 1880-тите.

Рибарското селце Марсакслок

Ова е мало, традиционално рибарско село во југоисточниот регион на Малта. Има пристаниште и е туристичка атракција позната по пејзажите, рибарите и историјата. На самиот морски брег, секоја недела се одржува голем рибен пазар, иако риба може да се купи секој ден.

Традиционалните луци (чамци со посебна аеродинамика обоени во традиционални колоритни бои) и други поголеми и помодерни пловила се заштитен знак и белег на селцето.

Во близина се наоѓа „Базенот на св. Петар“ – популарно карпесто место за пливање, а туристите главно го посетуваат заедно со уште една голема туристичка атракција – Сината пештера која завршува длабоко во морето.

Археолошки локалитети

Хипогеум Хал-Сафлиени 

Се работи за подземен некрополис кој датира од 3600-2500 п.н.е. и е еден од најзначајните археолошки локалитети на Малта. Скриен длабоко под земја, невидлив за минувачите, овие мистични праисториски гробишта биле откриени дури во 1902 година. Навистина надреално и по големина и по раскош, неговата сложена врежана мрежа од сали, одаи и премини покрива површина не помала од 500 метри.

Овде се откриени многубројни амајлии, парчиња керамика, резби од животни и најпознатата статуа на легната дебела дама, денес изложена во Националниот музеј на Малта. Навистина величествен во секој поглед, посетата на оваа спектакуларно зачувана локација на светското наследство на УНЕСКО, секако, не треба да се пропушти. Имајте предвид дека за посета на ова место треба да резервирате билети преку интернет неколку недели порано.

Храмовите Џигантија

Мегалитски храмови на островот Гозо датираат од 3.600 до 3.200 години п.н.е. Опкружени се со огромен камен ѕид чија заоблена форма укажува на формата на самата земја. Сепак, не е сосема јасно каков тип религиозни обреди се случувале овде. На местото биле пронајдени камени огништа и животински остатоци, како и дупки на подот, кои силно укажуваат на жртвување животни.

Археолошкиор парк Хаџар Ким и Мнајдра

Хаџар Ким може да се пофали со единствена главна зграда со надворешни карактеристики и врати. Нејзиниот централен премин е поплочен со камени плочи, кој води до комори со земјени подови. Во зградата се изложени оригинални резби со низок релјеф. Во Хаџар Ким, комора ја означува летната краткоденица, со сончева светлина што создава проекција во облик на полумесечина низ дупка во зори.

Мнајдра има поголемо опсерваторско значење слично на македонското Кокино. Јужната зграда во Мнајдра се усогласува со пролетните и есенските рамноденица (21 март и 23 септември), а сончевата светлина директно влегува во централната врата. За време на летната краткодневица (22 јуни), сонцето осветлува мегалит на левата страна, а за време на зимската краткодневица (22 декември), истиот ефект се појавува на десната страна. 

Во Малта има 10-тина храмови уште од најстари времиња, од кои голем дел служеле како мегалитски опсерватории на овој простор и се доказ за населеноста на островите далеку во минатото (докази до 5.000 години п.н.е.).

Црвената кула.

Црвената кула.

Црвената кула

Малта има многу кули-светилници, остатоци од некогашните тврдини, но се чини Црвената кула или кулата „Света Агата“ е најпопуларна меѓу нив. 

Изградена како дел од системот на караули поставени од велемајсторите, Црвената кула била изградена во текот на две години, од 1647 до 1649 година, за време на магистерството на велемајсторот Ласкарис, како најоддалечено утврдување од Валета. Служела како медиум за комуникација помеѓу главниот град и Гозо. Пораките можеле да се репродуцираат од една до друга кула од Гозо до Валета и обратно. Била опремена со топови и залихи за да издржи 40-дневна опсада. Посетата на оваа прекрасна кула секако не треба да се пропушти, не само поради нејзиниот историски контекст, туку и поради прекрасниот поглед од 360 степени од покривот на кулата. Сепак, таа често се реставрира во последниве 20 години, па често е и затворена за јавноста.

Забавен парк „Попај“. | Извор: vcmsmaltarentals.com

Забавен парк „Попај“. | Извор: vcmsmaltarentals.com

Забавниот парк „Попај“

Овој тематски парк е изграден како филмски сет за филмот „Попај“ од 1980 година и е популарна атракција за семејства со деца. Содржи разни игри за најмалите, воден парк и уникатни остатоци и реплики на објектите што се користеле во филмот. Влезот се наплаќа 15 евра, а метежот, очекувано е најголем во викендите.

Островот Комино

Островот Комино е мало островче кое се наоѓа меѓу островот Малта и островот Гозо. Најчесто туристите го посетуваат заедно со Гозо или, пак, се одлучуваат за евтини полудневни тури. Имајте предвид дека на Малта е многу жешко, а на овој остров речиси и да нема вегетација, па нема сенка на патот.

Сината лагуна. | Извор: malta-giude.net

Сината лагуна. | Извор: malta-giude.net

Пливајте во Сината лагуна

Овде најчесто се доаѓа за да се посети популарната Сина лагуна, идиличен рај познат по пејзажите во бројни филмови и популарен поради бистрата тиркизна вода. Сепак, овде има толку многу туристи што ако не го посетите во раните утрински часови, можеби нема да најдете место за да поставите пешкир и чадор. Од бродот до Комино веќе најверојатно ќе ги видите кристално чистите води на Сината лагуна. Таа се наоѓа на карпест дел од крајбрежјето на Комино. Водата е многу плитка и пријатно топла.

Смирете се во заливот Сан Никлав

Заливот Сан Никлав е дом на хотелот Комино. Ова е прекрасен залив со бистри води, совршен за бегство од толпата во Сината лагуна. Тука има и продавница за опрема за нуркање за оние кои сакаат да го истражат повеќе подводниот свет.

Пливајте во заливот Санта Марија и истражете ги пештерите

Ова е совршен мал залив. Има мала плажа и бар. Ќе видите дека чамците застануваат тука и луѓето скокаат веднаш. Пештерите, пак, најдобро се гледаат од водата. Некои од нив се целосно под вода, па се достапни само при нуркање. Другите се над водата и можете да влезете во нив со чамец.

Островот Гозо

До Гозо се стигнува со траект од Малта, а патувањето трае 40-тина минути. На самиот остров има регуларен автобуски превоз, а исто така сообраќа и популарниот „Hop on, hop off“, кој го има и на главниот остров. Ова е можеби и најдобриот начин за да го разгледате Гозо.

Цитадела.

Цитадела.

Цитаделата

Ова неверојатно место датира 1.500 година пред нашата ера. Се наоѓа високо на врвот на еден рид и доминира над островот. Одовде има една од најубавите глетки, но подгответе се бидејќи дува ветер цело време.

Катедралата Успение

Ова е едно од најфотогеничните места во Цитаделата. Ова е прекрасна катедрала со огромен двор. Одлично место за фотографии ќе најдете ако ја следите патеката до другата страна на дворот, што ќе ви овозможи целосен поглед на катедралата. Да се талка низ цитаделата е едно од најубавите искуства овде, а особено ако по долгата прошетка седнете на ручек во некоја од летните тераси на врвот на прастарите градби од каде што се шири величествен поглед на Цитаделата и на целиот град Викторија.

Плоштад околу базиликата „Свети Ѓорѓи“

По посетата на Цитаделата, упатете се назад кон центарот на Викторија за да го разгледате. Базиликата „Свети Ѓорѓи“ е опкружена со прекрасни кафулиња и ресторани кои ве мамат да запрете за да се освежите. Во близина ќе го најдете и музејот Ил-Хагар Гозо, ако сè уште не ви е доста од историјата во Цитаделата.

Пештерата Ил-Микста

Главна одлика на Гозо е неговата природа. Оваа пештера е поставена високо во карпите над заливот Рамла. Може да се пофали со неверојатен поглед на целиот залив и дефинитивно вреди да се посети. Недостатоци се што нема знаци до пештерата, но лесно се стигнува до неа.

Долината Гасри

Ова е огромна карпеста клисура каде што водата тече од морето. На крајот на оваа река има мала плажа. Восхитувајте се одозгора, или упатете се надолу да уживате.

Солената долина

Ова e река која тече во внатрешноста на импресивна карпеста формација. Исто така познато место како другиот „Азурен прозорец“ на Малта.

Солените полиња

Брегот на Гозо е покриен со т.н. солени садови. Тие се сместени веднаш до рабовите на карпите дозволувајќи им на брановите да се срушат над карпите и да ја таложат солената вода право во тавите за сол. Ова не е единственото место каде што можете да видите тави за сол. Можете да ги видите и во заливот Двејра и во заливот Гујни.

Заливот Двејра

Совршено место за зајдисонце! Заливот Двејра е прекрасен залив за да се опуштите и да гледате како заоѓа сонцето. И покрај тоа што не постои класична плажа, ова е популарно место за капење. За оние кои не се толку храбри да скокнат во морето овде, има мало внатрешно море веднаш зад заливот Двејра. Одовде има тунел од 65 метри низ карпите кој оди сè до морето. Во близина се наоѓаат и остатоците од некогаш едно од најпопуларните атракции на Малта – Азурниот прозорец, кој во страшно невреме беше уништен во 2017-та година.

Плажата Јаболково око.

Плажата Јаболково око.

Плажи

Од сите работи што можете да ги видите и доживеете на Малта, плажите се најслаба алка. Ако сте турист што сака да се излежува, Малта не е дестинација за вас. Едноставно, има малку плажи, а најголем дел од нив се карпести. Сепак, водата е една од најчистите на Медитеранот, а ова се најпопуларните 5 плажи.

Плажата Мелиеха е најголемата песочна плажа на Малта, идеална за семејства и за љубители на водни спортови.

Златната е популарна плажа со златен песок и прекрасни залези.

Убавата плажа е сместена во приморскиот град Бирзебуга, а е позната по бистрата азурна вода и спектакуларниот поглед

Плажата Јаболково око е веднаш до популарната Златна плажа, со истиот прекрасен изглед и мек песок. Јаболковото око е потивок избор далеку од метежот.

Црвената плажа е најдолгата плажа во Малта препознатлива по песокот во боја на теракота .

Гастрономија

Од сите работи на Малта, една од најслабите алки е гастрономијата. Бидејќи е земја што зависи од увоз на храна, овде ништо не може да се одгледува. Туристите се скептици околу локалната кујна, која ретко кој ја преферира. Малтешката кујна е мешавина од медитерански вкусови, со влијанија од италијанската, арапската и британската кујна. Некои од традиционалните јадења вклучуваат:

Фтири – малтешки леб со маслинки, домати и други состојки.

Пастици – едно од најпознатите печива на Малта. Тоа се мали печива полнети со сирење или грашок.

Пивото Циск – локално пиво со сладок вкус.

Малтешката кујна е позната и по специјалитетите кои вклучуваат разни видови тестенини комбинирани со месо од зајак.

Image
Newsletter